На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), започна процесот на консултации за изработка на нов етички кодекс за новинарите и медиумите. Новиот кодекс ќе ја замени постоечката верзија од 2001 година, со цел да ги одрази современите предизвици и потреби на новинарската и медиумската заедница.Како поддршка на процесот изработени се два важни документа, кои обезбедуваат аналитичка основа и насоки за модернизација на етичките стандарди во новинарството.Првиот, насловен, „Темелна ревизија на актуелните практики за етика во новинарството,“ ги анализира постојните предизвици и клучни слабости на постојниот кодекс, особено во делот на справување со дезинформации, говор на омраза и употреба на вештачката интелигенција, и нуди препораки околу зајакнување на транспарентноста, воведување на насоки за известување за ранливи групи и засилување на стандардите за проверка на фактите. Документот е достапен на македонски (линк) и албански јазик (линк).
Вториот со наслов, „Од глобални искуства до локални стандарди: Етички предизвици и решенија во новинарството,“ нуди споредбена анализа на глобалните етички практики и предизвиците со кои се соочени медиумските саморегулаторни тела на земјите од Европа. Преку искуствата на етичките совети од повеќе европски земји, публикацијата укажува на предизвиците и предлозите за нивно решавања како и насоки за подобрување во сферата на уредувачката независност, транспарентноста во финансирањето и справување со манипулативни медиумски практики. Особено внимание е посветено на етичките дилеми поврзани со употребата на новите технологии и алгоритмите, како и на потребата од заштита на малолетниците во медиумските содржини. Документот е достапен на следниот линк.Консултациите остануваат отворени за сите медиумски професионалци, со цел да се создаде кодекс што ќе биде репрезентативен за сите сегменти на општеството. Процесот кој започна во текот на втората половина на 2024 година, ќе продолжи во пролетните месеци во наредната година, со покана за активно вклучување на сите заинтересирани страни и поединци кои се подготвени да дадат вреден придонес во изработка на нов квалитетен етички кодекс кој ќе одговори на современите предизвици и ќе ја зајакне довербата на јавноста во медиумите. Првата нацрт-верзија на документот ќе биде исто така објавена со цел сите заинтересирани да споделат коментари и размислувања.
Изработката на новиот етички кодекс се реализира во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Новости
Млади активисти, истражувачи и новинари од земјите од Западен Балкан и Турција имаа средба во Истанбул во периодот од 29-31 октомври по повод првата „Регионална академија за идни лидери на промени во врска со медиумска писменост и медиумски активизам“. Настанот беше посветен на воспоставување врски и еманципирање на учесниците со цел подобрување на медиумската писменост и на медиумскиот активизам во нивните заедници.
Пишува: Хилма Ункиќ
Во текот на два и пол дена, вкупно 29 млади луѓе и претставници на граѓански организации од медиуми од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, С. Македонија и Турција се собраа на едно место за да разменат искуства и мислења во врска со слободата на изразување и медиумскиот пејзаж во своите земји. Сите тие пристигнаа во Турција за да разговараат за заедничките предизвици со кои се соочуваат медиумските професионалци во регионот и да согледаат на кој начин младите луѓе можат да придонесат за зајакнување на медиумската писменост и во давањето поддршка на слободното и квалитетно новинарство.
Една од нив беше и Христина Цветинчанин-Кнежевиќ, социолог, истражувач и експерт за родови прашања и медиуми од Србија. Христина ја има основано Инстаграм страницата „Феминизам из теретане“ која има за цел промовирање на феминистичкото зајакнување и таа вели дека би сакала да ги искористи врските и знаењето стекнато на Академијата за да основа свој медиум.
Фото: Христина Цветичанин-Кнежевиќ
„Сфатив дека едно од главните прашања во Србија е недостатокот на безбеден простор за информирање на луѓето во врска со ситуацијата во делот на права на жените и тоа на начин кој е достапен за секого, со користење на обичен јазик и решавање на секојдневните прашања“, вели Христина која исто така е член на групата Новинари против насилство врз жените и соработува со Elle, BIRN, Media Diversity Institute, Mašina и со други како слободен новинар.
Покрај својата желба да креира платформа за квалитетно информирање на феминистички теми, таа исто така се надева и дека ќе формира медиум кој на младите новинарки ќе им ја понуди поддршката што ѝ недостигаше неа на почетокот на нејзината кариера.
„Тоа би бил простор каде што може да се научи новинарскиот занает без да се биде искористуван од истиот тој занает, што значи да се биде платен за работата, а сето тоа да се води според феминистичките вредности“.
Бојан Лазаревски, младински активист, писател и истражувач од С. Македонија, верува дека врските што ги воспоставил во Истанбул ќе бидат корисни за неговата идна работа.
„Со оглед на тоа што на овој настан се присутни учесници од сите земји од Западен Балкан плус Турција, голема придобивка за иднината е токму вмрежувањето. Сега имам контакти од секоја земја кон кои можам да се обратам и потенцијално да соработувам во иднина, или, ако имам, да поставам конкретни прашања за тоа каква е ситуацијата во некоја од овие земји“.
Суштинската улога на младите во одбраната на слободата на изразување
Регионалната академија во Истанбул беше организирана во рамките на регионалниот проект Нашите медиуми кој се фокусира на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, медиумските професионалци, младите активисти и граѓаните со цел подобрување на разбирањето за трендовите и предизвиците во однос на слободата на медиумите и интегритетот на медиумите во земјите од Западен Балкан и Турција.
Маида Муминовиќ, извршен директор на „Mediacentar Sarajevo", организација која го води овој проект, објаснува дека преку Академијата, партнерските организации сакаат да воспостават сојузници во својата борба за слободни и независни медиуми кај луѓето од сите сфери на животот и надвор од круговите за кои обично алармираат граѓанските организации, и нивно вклучување во активностите поврзани со слободата на изразување.
„Она што нашите учесници го споделуваат е интересот за иднината на слободни медиуми, иднината на слободата на изразување и тие се отворени да биде добро информирани застапници за нашето основно право да размислуваме и да зборуваме слободно. Учесници на Академијата се млади професионалци кои потекнуваат од различни образовни и професионални средини. Тука со нас имаме новинари, но и политичари, едукативни работници, активисти, инфлуенсери“.
Граѓанското општество, а особено младите, имаат суштинска улога во одбраната на слободата на изразување во општествата кои се стремат кон демократија, смета Дуња Мијатовиќ, експерт за човекови права. Мијатовиќ, која беше клучниот говорник на Академијата, ги објаснува различните начини на кои младите можат да се залагаат за подобро медиумско опкружување:
„Тие можат да потенцираат случаи на цензура, ограничувања и други форми на потиснување на слободата на изразување. Користејќи ги дигиталните платформи и преку организирање ненасилни протести, тие можат да ја подигнат локалната и глобалната свест за релевантните прашања и да негуваат солидарност за движењето кое има за цел слобода на изразувањето. Младите можат да креираат безбедни простори за отворени дискусии, како онлајн така и офлајн“.
Потребно е да се земе предвид скептицизмот кон традиционалните медиуми
Бојан, кој има долгогодишно искуство со младинска работа и со граѓански организации преку волонтирање и практикантска работа, смета дека медиумските граѓански организации во регионот треба да бидат свесни за новите трендови кај новите генерации.
„Кај помладата генерација се појавуваат нови предизвици и перспективи кои треба да ги следиме и внимателно да ги земаме предвид. Ако се фокусираме само на традиционалните медиуми, нашиот пристап може да стане застарен“, вели Бојан.
Фото: Мијатовиќ беше клучниот говорник на Академијата
Дополнително на тоа, смета Мијатовиќ, на традиционалните медиуми вообичаено им недостасуваат интерактивни елементи кои им овозможуваат на гледачите да коментираат, споделуваат и директно да се вклучат во содржината, кои се клучни карактеристики на платформите како TikTok, YouTube и Instagram.
„Понатаму, помладите генерации честопати гледаат на најпопуларните медиуми со скептицизам, и велат дека кај нив постои загриженост за пристрасност и влијанието од корпоративните или политички интереси. Младите исто така сметаат дека традиционалните медиуми честопати не успеваат точно да ги одразат нивните различни перспективи, идентитети и искуства“.
Идни лидери на промени: Следни чекори
По организирањето на настанот во Истанбул, учесниците ќе продолжат да се запознаваат со концептите на медиумска етика, предизвиците на медиумската регулатива, родовите и медиумите, влијанието на технолошкиот развој врз слободата на изразување и иднината на медиумите.
Фото: Учесници на Академијата
„Напролет ќе направиме посети во редакциите и организациите кои имаат развиено напредни практики на полето на мобилизирање на заедниците во насока на слобода на изразувањето, и ова е нешто што со нетрпение го очекуваме. Целиот процес е осмислен така да ги охрабри учесниците да покренуваат свои иницијативи во врска со слободата на изразување кои ќе настојуваме да бидат поддржани преку нашиот проект Our Media, заклучува Муминовиќ.
Финансирано од Европската Унија
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.
Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Надворешното влијание не е нов феномен. Низ историјата луѓето и нациите секогаш влијаеле едни на други — без разлика дали тоа било преку војна, преку сојузи или преку трговија. Со глобализацијата и брзиот напредок на комуникациските технологии, природата на влијанијата стана посложена. Исто така, важно е да се забележи дека надворешното влијание не мора да биде инхерентно негативно. Сепак, во денешното опкружување, ова влијание станува сè помалку транспарентно – често е проследено со дезинформации покриени во тајност и често се извршува преку сомнителни зделки зад затворени врати.
Во демократските општества кадешто постоење на информирано јавно донесување одлуки е од витално значење, клучно е е надворешните влијанија да останат отворени за контрола. Медиумите играат значајна улога во овој процес со испрашување, анализа и информирање на јавноста за овие влијанија.
Апликацијата ‘Пакет алатки за транспарентност’ или Transparency Toolkit што беше развиена од Медиацентар од Сараево во соработка со лондонскиот Albany Associates и регионалните партнери е дизајнирана со цел да помогне во овие напори.
Оваа апликација има за цел да ги поддржи новинарите и другите истражувачи во регионот на Западен Балкан со тоа што им обезбедува еден насочен и рационализиран пристап кон нивната работа. Специјално е наменета за новинари кои работат на случаи за странски влијанија во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. Пакетот алатки нуди пет прилагодени курсеви за корисниците во секоја од овие земји, достапни и на официјалниот јазик на секоја од државите и на англиски јазик.
Првенствено, Пакетот алатки дава основни информации за присуството на Русија, на Народна Република Кина, на Иран, на Турција и на Заливските земји во регионот. Тоа опфаќа податоци за видовите на присуство, за институциите и за организациите преку коишто работат, за соработката меѓу државите, за инвестициите и за слични активности.
Посебно внимание се посветува на областите коишто се идентификувани како особено релевантни за новинарите или кадешто присуството на овие земји е најчесто - како што е влијанието врз информациската средина и економијата. Ова опфаќа увид и студии на случај за странски директни инвестиции, за јавни набавки и многу повеќе. Во таа насока, многу од деталите, како што се описите на процесите за јавни набавки во одредени земји и релевантната законодавна рамка, можат да им послужат на новинарите и истражувачите за различни теми, а не само за странски влијанија.
Покрај општите информации, Пакетот алатки вклучува неколку студии на случај за овие области, повикувајќи се на релевантни медиуми и други извори. Покрај тоа, апликацијата обезбедува обемни упатства за истражувачко новинарство, со практични упатства за користење на различни алатки за проверка на факти и разузнавачки информации од отворени извори (РИОИ). Овие упатства ја опфаќаат примената на законите во поглед на слободата на информирање, методите на истражувачкото новинарство и стратегиите за борба против дезинформациите, вклучително и употребата на специфични алатки - повторно, и ова е вредна содржина надвор од темата за странско влијание.
За крај, она што е критично важно за новинарите, апликацијата нуди листа на релевантни извори и контакти, поттикнувајќи вмрежување меѓу оние страни коишто се посветени на промовирање потранспарентни општества.
Покрај Медиацентар Сараево, апликацијата беше развивана и од регионални партнерски организации: Новосадската школа за новинарство, Црногорскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми и Албанскиот институт за медиуми.
Пакетот алатки е достапен за преземање и користење и на десктоп и на паметни телефони:
https://onelink.to/sjx845
Потребно е интегрирање на медиумската писменост во образованието со фокус на критичкото размислување
Како се одвива воведувањето на медиумската писменост во наставните програми во основното образование и какви активности ќе се спроведуваат во средното образование беа некои од темите на конференцијата „Медиумската писменост во образованието“, што ја организираа Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Во процесот на вклучување на медиумската писменост во формалното образование, МИМ и ИРЕКС изминатите три години соработуваат со образовните институции. Како резултат на ова, медиумската писменост во 2021 година стана дел од наставните програми од I-IX одделение, а над 8.000 наставници од сите училишта во државата беа обучени како да ги организираат часовите од ова подрачје во наставната програма.
На конференцијата зборуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска која посочи дека „образованието за медиумска писменост им овозможува на учениците самостојно да носат одлуки и судови базирани на факти. „Учениците стекнуваат вештини критички да ги анализираат содржините што ги добиваат од различни извори, да ги разбираат соодветно на контекстот, да ги поврзуваат со други информации и да бидат во состојба да го проценат нивниот квалитет“, истакна таа. Според неа, важно е да се поттикнуваат активности за натамошно подобрување на образовниот систем во сферата на медиумската писменост.
Претставничката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл, се осврна на дезинформациите како закана што може да ја наруши довербата во институциите и демократските вредности. „Младите кои се медиумски писмени имаат потенцијал да бидат поангажирани, емпатични и одговорни граѓани. Да продолжиме да го поддржуваме развојот на овие важни вештини и да им помогнеме на младите позитивно да влијаат врз нивните заедници и врз иднината на државата, порача Дајбл.
Претставници од БРО, ДИЦ и МИМ ги презентираa досегашните активности спроведени во основното образование. Ајше Ајрулаи од БРО посочи дека учениците на часовите по медиумска писменост развиваат критичко размислување, комуникациски и дигитални вештини и учат како одговорно да ги користат медиумските содржини. Таа нагласи дека е потребно континуирано зајакнување на знаењата и вештините на наставниците, како и подготовка на ресурси за реализација на часовите. Претставничката од МИМ, Весна Никодиноска, додаде дека за наставниците се подготвуваат прирачници за медиумска писменост што треба да им помогнат ефикасно да ги организираат часовите. Таа информираше дека со поддршка од Проектот се основани 80 медиумски клубови, каде учениците можат учат за новинарството и создаваат медиумски производи.
Бети Ламева од Државниот испитен центар ги презентираше наодите од државните тестирања на ученици од III и V одделение, кои укажуваат на тоа дека учениците треба да научат да ги разликуваат, разбираат и вреднуваат медиумските содржини, но и да креираат медиумски пораки. „Треба да ги поттикнеме учениците критички да размислуваат, да решаваат проблеми, да применуваат знаења во реални ситуации“, додаде Ламева.
Истражувањето на нивото на медиумска писменост кај средношколците од I и II година гo претстави директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски. Според наодите, учениците користеле умерено ниво на критичко размислување, при што многумина можеле да идентификуваат дезинформации, но немале вештини да го потврдат потеклото на онлајн содржината; биле умешни при користењето дигитални уреди, но имале ограничено разбирање за приватноста и безбедноста на податоците. „Потребно е потемелно интегрирање на медиумската писменост во образовниот систем, со фокус на практични вештини и критичко размислување, обука на наставниците, како и спроведување кампањи за подигање на свеста“, истакна Трајчевски.
За следните чекори околу вклучување на медиумската писменост во средното образование зборуваше Дејан Докузовски, директор на проектот „Младите размислуваат“. Тој истакна дека со ова, медиумската писменост ќе биде вклучена во сите нивоа од формалното образование, имајќи предвид дека на осум факултети веќе се развиваат модули или изборни предмети од оваа област преку активностите што ги спроведуваат ИРЕКС и Институтот за комуникациски студии.
Оваа конференција е дел од глобалната манифестација на УНЕСКО Денови на медиумската писменост што годинава се организира под мотото „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.
Кое е значењето на медиумската писменост во промовирање на демократијата и што значи сеопфатен пристап при имплементација на овој концепт, беше темата на која претставничката на Македонскиот институт за медиуми, Весна Никодиноска зборуваше на меѓународната конференција „Медиумите и демократијата: алатки и опции за зајакнување на демократијата преку медиумски ангажман“, што се одржа на 11 септември во Берн, Швајцарија. Настанот се организираше по повод Меѓународниот ден на демократијата од страна на Полит-Форум Берн и Швајцарската фондација за демократија.
Никодиноска го објасни моделот на вклучување на медиумската писменост во формалното образование во државава, што претставува дел од активностите во проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Еден од заклучоците беше дека е потребен сеопфатен пристап што ги вклучува институциите, училиштата и факултетите, медиумите, граѓанските организации, регулаторните и саморегулаторните механизми. На овој начин се унапредува свесноста и медиумската писменост на граѓаните, кои имаат знаење и вештини да учествуваат во демократските процеси.
Во рамки на конференцијата, водечки експерти и практичари од различни земји зборуваа за улогата на медиумите во промовирањето на демократијата и споделија добри практики од четири области: улогата на јавните сервиси во демократизацијата на општеството; ефективни стратегии за користење на социјалните медиуми за поддршка на демократизацијата; дефинирање на медиумска писменост и истражување на сеопфатни пристапи, како и влијанието на медиумите врз изборите и гласањето на глобално ниво, особено во изборната 2024 година.
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавува повик за основање медиумски клубови (секции) во основните и средните училишта во државава. Оваа активност се реализира како дел од активностите на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Опис на активностите
Медиумските клубови треба да вклучуваат едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Медиумските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од октомври 2024 година до крајот на мај 2025 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат прирачник за работа на училишните медиумски клубови, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на медиумските клубови.
Програмата ќе ги опфати следните теми:
Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика)
Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју)
Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини)
Дезинформации и проверка на информациите
Нови медиуми
Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи.
На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на медиумските клубови од основните и од средните училишта.
Услови за аплицирање
На повикот може да аплицираат средни и основни училишта кои не добиле поддршка преку проектот „Младите размислуваат“ во текот на минатата школска година. Апликацијата треба да ја поднесе наставникот кој ќе раководи со медиумскиот клуб, заедно со одобрување од училиштето (потпис и печат од раководството на училиштето). Апликацијата треба да содржи:
Информации за училиштето и наставникот;
Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате медиумски клуб во вашето училиште;
Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области.
Рокот за аплицирање е до 20.09.2024 (петок) до 23:59 часот.
Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на е-адресата: konkursi@mim.org.mk со назнака: Апликација за медиумски клуб – Име на училиштето.
На повикот ќе бидат избрани петнаесет средни и петнаесет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање на медиумски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 30 септември (понеделник) 2024 година. За успешно функционирање на медиумски клубови, МИМ ќе организира обука за наставниците-координатори кои ќе раководат со нив.
За сите дополнителни информации и прашања, може да го контактирате Дениз Мемеди, програмски раководител во МИМ, на следната е-адреса: dmemedi@mim.org.mk.
Повикот на албански јазик може да го прочитате на следниот линк - АЛБ (shqip)
Македонскиот институт за медиуми и партнерските организации од проектот „Нашите медиуми“ објавуваат Повик за едногодишна Регионална академија за идни лидери на промени во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам.
Седум медиумски организации од Западен Балкан и Турција подготвија едукативна програма за млади, која треба да им помогне и да ги поттикне да се вклучат во активности поврзани со активизам за слободата на медиумите, со цел поефикасно спротивставување на поларизацијата.
Целта на оваа програма е да создаде сојузници меѓу младите, кои се грижат за иднината на слободните медиуми и за иднината на слободата на изразувањето, и кои сакаат да бидат добро информирани граѓани што ќе се залагаат за промовирање и заштита на основното право на слобода на изразување.
Доколку сте млад активист, претставник на граѓанска организација или движење, активен или иден политичар, новинар, член на академската заедница, влијателен на социјалните медиуми или просветен работник, и сакате да го искористите вашиот глас и влијание за да помогнете во унапредување на медиумските слободи, можете да аплицирате за учество во академијата за идни лидери на промени!
Преку учество на академијата ќе стекнете сеопфатен увид во медиумската средина во вашата земја и во регионот на Западен Балкан и Турција. Ќе дознаете што подразбира медиумското опкружување на денешницата, со кои предизвици се соочуваат медиумите и новинарите и што е потребно за нивно надминување. Ќе имате можност да научите повеќе за трендовите во медиумската и во информациската писменост и на кој начин медиумски писмените граѓани придонесуваат кон унапредување на демократијата и владеењето на правото.
Програмата ќе почне со тродневна обука (камп) во Истанбул, што ќе се одржи од 28 до 31 октомври 2024 година, а во продолжение ќе вклучи и серија онлајн работилници и сесии. Преку програмата ќе имате можност да бидете дел од студиска посета во земја од Европската Унија, и од прва рака да научите за трендовите и предизвиците во областа на медиумите и слободата на изразување со кои медиумските професионалци, експертите и законодавците очекуваат да се соочат во иднина. Преку програмата ќе добиете увид во темите и во областите во кои треба да се работи за да го подготвиме регионот во пресрет на очекуваните трендови. Програмата ќе ве охрабри и ќе ве поддржи при осмислување и реализација на вашите иницијативи насочени кон унапредување на медиумските слободи во земјата.
Академијата ќе почне во октомври 2024 година, а програмата ќе трае 12 месеци.
Учеството во програмата е бесплатно, а сите трошоци ќе бидат покриени од проектните партнери, благодарение на поддршката од Европската Унија во спроведувањето на проектот.
Предност при изборот на учесници ќе имаат високомотивирани поединци, кои учеството на академијата го гледаат како можност за надградба на своето знаење за предизвиците поврзани со медиумските слободи и кои сакаат да придонесат кон нивна заштита и унапредување преку користењето на сопствените платформи на влијание и работа.
Прочитајте повеќе и дознајте како да аплицирате.
Повеќе за Регионалната академија
Регионалната академија има за цел да поттикне група млади луѓе, идни лидери на промени, да ги развијат вештините и способностите за вклучување во медиумски активизам, и да дејствуваат во насока на надминување на разликите и подобро разбирање на областа во која работат.
Оваа програма ќе вклучи 21 учесник, млади луѓе со различни интереси, професии и преокупации, кои се посветени, пред сè, на медиумскиот активизам, но и на други различни области од јавната сфера, а на кои им е потребна медиумска и дигитална писменост во секојдневната работа.
Целта на академијата е да ги обучи младите луѓе, како индивидуалци и како група, на поинаков, иновативен и креативен начин да ги подобрат своите вештини и да научат нови методи и техники на медиумски активизам. На овој начин тие ќе бидат подготвени стекнатото знаење и вештини веднаш да ги применат во секојдневната практика на локално и на регионално ниво, во јавното застапување, при креирање кампањи и почнување иницијативи насочени кон подобрување на состојбата во медиумите во целиот регион.
Програма на Регионалната академија
Академијата ќе опфати повеќе теми – од општи прашања за медиумската индустрија, до конкретни предизвици со кои се соочува слободата на печатот и независното новинарство во регионот. Учесниците ќе го проучуваат развојот на медиумската сфера, истражувајќи ги трендовите во индустријата, законодавството и политиките, со фокус на тоа како овие фактори се поврзани со остварувањето на основните човекови права и колку се усогласени со европските стандарди. Специфичните теми ќе вклучуваат медиумска регулација и саморегулација, улогата на медиумите во различни заедници склони кон конфликти, како и безбедносните предизвици со кои се соочуваат новинарите, вклучително и директни закани од политичките и од економските елити. Академијата, исто така, ќе опфати разни облици на пропаганда, манипулации и продукција на лажни вести од медиумите под контрола на владејачките политички и економски сили.
Програмата ќе ја водат медиумски експерти и експерти за застапување, за кампањи и за стратегиски комуникации, преку симулирање ефективен јавен ангажман и посочување тактики за подигање на свеста за справување со овие проблеми. Со подготовка на следната генерација медиумски активисти со добро разбирање на проблемите и практични вештини за спроведување промени, целта на академијата е да поддржи група лидери способни да ја бранат слободата на медиумите и плурализмот во своите заедници.
За кого е наменета академијата?
Оваа едногодишна програма е наменета за група млади активисти на возраст од 21 до 35 години, кои може да бидат членови на политички партии/движења, претставници на граѓански групи, новинари, влијателни поединци на социјалните медиуми и студенти.
Во текот на една година, 3 (тројца) претставници од Северна Македонија заедно со учесниците од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и од Турција, ќе работат на развивање вештини и способности неопходни за медиумски активизам насочен кон намалување на општествената поларизација.
За учество на академијата, кандидатите мора одлично да го познаваат англискиот јазик (говорен и пишан), бидејќи тој ќе биде работен јазик на целата програма.
Со поддржување на оваа разновидна група млади активисти, академијата има за цел да развива моќна мрежа на лидери во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам. Со стекнатото теоретско знаење и практични вештини, учесниците ќе бидат подготвени да ги бранат основните слободи, да се спротивстават на дезинформациите и да го заштитат медиумскиот плурализам во своите земји и во целиот регион.
Што вклучува програмата на академијата?
Регионалната академија вклучува сеопфатна образовна програма, организирана во четири клучни формати:
Тридневна интензивна обука во Истанбул, Турција, 28-31 октомври 2024 година
Три онлајн последователни предавања/работилници, ноември 2024 - јануари 2025 година
Една тематска студиска посета на земјите членки на ЕУ во април или во мај 2025 година
Дизајн и имплементација на една иницијатива во областа на нивниот ангажман – со финансиска поддршка од 600 евра бруто по учесник.
Селекција на кандидатите
Комисијата за избор ќе одбере по 3 (тројца) учесници од секоја земја за учество во едногодишната програма. Ќе бидат избрани вкупно 21 кандидат од сите 7 земји.
Апликациите ќе се оценуваат врз основа на следниве критериуми:
Кандидатите треба да бидат млади на возраст помеѓу 21 и 35 години
Да бидат активни и ангажирани во своите заедници
Да имаат искуство со активизам
Да иницирале проекти што имале општествено влијание
Да учествувале/работеле на јавно застапување и кампањи
Да покажат јасна заинтересираност за стекнување нови знаења и вештини за медиумска писменост и медиумски активизам
Да покажат мултикултурна чувствителност и разбирање на различни гледишта
Да бидат посветени на активно учество во сите фази од програмата
При формирањето на групата учесници, особено внимание ќе се посвети на обезбедување родова застапеност.
Како да аплицирате?
Апликантите треба да ја пополнат апликацијата на Google form најдоцна до 25 август 2024 година.
Регионалната академија се спроведува во рамките на проектот „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог“ од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана иБианет (Турција), а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, годинава е посветен на работата на новинарите и на слободата на изразување во контекст на глобалната криза со животната средина.
Новинарите и медиумите имаат суштинска улога при подигнување на свесноста за кризата со животната средина, климатските промени и загадениот воздух, како и со разорните последици од овие појави. Само со активна вклученост на новинарите може да се крене видливоста и да се потенцира важноста на овие теми, кои се поврзани со основните човекови права и со демократските вредности во едно општество.
Темите поврзани со животната средина се од суштинско значење во нашата земја, со оглед на фактот што државава е една од најзагадените во светот. И покрај тоа, овие прашања не се доволно застапени во медиумите и постои потреба од проактивен пристап и известување од страна на новинарите и на медиумите. Нема доволна заинтересираност за обработка на овие теми во континуитет и тие не се третираат со еднаква важност како политичките прашања.
Новинарите се соочуваат со предизвици поради затвореноста на институциите кога бараат информации, како и со недостиг од податоци и релевантни истражувања на овие теми. Нетранспарентноста на институциите остава простор за ширење дезинформации и погрешни информации, вклучително и за состојбата со животната средина. На тој начин се манипулира со граѓаните, се спречува аргументирана јавна дебата и се попречуваат напорите за решавање на овие проблеми.
Македонскиот институт за медиуми спроведува различни активности во кои се вклучени новинарите, медиумите, институциите, училиштата и пошироката јавност во насока на кревање на јавната свест и нудење решенија за проблемите. Оваа година беа организирани обуки за новинари за подобро известување во врска со климатските промени, а како резултат на тоа беа продуцирани различни новинарски стории што се однесуваат на енормната загаденост на воздухот во државава, последиците врз здравјето на граѓаните и врз непосредната животна околина. МИМ во континуитет организира предавања за новинари и други целни групи, на кои домашни и меѓународни експерти разменуваат позитивни и практични искуства поврзани со овие теми.
Институтот се придружува кон глобалното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите инициран од УНЕСКО, и апелира до новинарите, медиумите, институциите, граѓанското општество и граѓаните заеднички да се посветат на овие важни теми со цел да се изнајдат механизми за справување со предизвиците.
Честит 3 Мај на сите новинари и медиумски работници!
Македонскиот институт за медиуми во изминатиот период го објави повикот за доставување предлог-проекти: “Поддршка на граѓанските организации за медиумска и информациска писменост и медиумски активизам” и спроведе процедура за избор на најдобри предлог-проекти.
На повикот, што се спроведува во рамки на регионалниот проектот „Нашите медиуми“, целосни предлог-проекти доставија вкупно 41 организација. По комплетирање на административната проверка на апликациите, стручна жири-комисија спроведе постапка за квалитативно оценување на предлог-проектите коишто успешно ја минаа административната проверка.
Врз основа на оценките од жири-комисијата, Управниот одбор на проектот донесе одлука да поддржи 3 предлог-проекти коишто беа најдобро оценети.
Граѓанските организации и предлог-проектите коишто ќе бидат поддржани преку оваа грант-програма може да ги погледнете во прилог:
Грантисти650.62 KB