МИМ учествуваше на европската конференција за дигитална и медиумска писменост во Брисел

Се чита за 1 мин.

Зошто е важно медиумската писменост да биде застапена во сите нивоа на образованието и што прават државите за нејзино интегрирање во различни сфери од општеството, беше една од темите на дискусија на тридневната конференција „Медиумската писменост е важна: европска конференција за дигитална и медиумска писменост“ која се одржа во Брисел од 27 февруари до 1 март 2024. Конференцијата беше организирана под покровителство на белгиското претседателство со Советот на Европската Унија, со цел да понуди заедничка платформа за споделување знаење, поттикнување дијалог и акција за унапредување на дигиталната и медиумската писменост низ различни сектори и контексти.

mil conf 3Како дел од конференцијата се одржа и панел-сесијата „Децата се добро: позитивни практики во основното образование“, на која претставничката од Македонскиот институт за медиуми, Весна Никодиноска, го презентираше моделот на вклучување на медиумската писменост на сите образовни нивоа во државава, што е дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Беа претставени Рамката за медиумска писменост во основното образование, процесот на спроведување обуки на над 10.000 наставници, како и развивањето ресурси за поддршка на наставата, што се реализираат во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. 

mil conf 4

Во рамки на тридневниот настан, околу 400 експерти од областа на медиумската писменост дискутираа за актуелните трендови, проекти и предизвици на европско и пошироко ниво. Меѓу другото се зборуваше и за тоа какви обуки и ресурси им се потребни на наставниците и на учениците за вклучување во активности поврзани со медиумската писменост, за заканата од дезинформациите за децата и за општествата и за стратегиите што државите ги спроведуваат за справување со нив.

mil conf 2

На настанот учествуваа истакнати авторитети од областа на медиумската писменост, како Патрик Верние (CSEM / IAME - Belgium), Брајан О’Нил  (Technological University Dublin), Рене Хобс (Media Education Lab, University of Rhode Island - USA), Берт Пиетерс (Mediawijs / EDMO BELUX - Belgium), Соња Ливингстон (London School of Economics/EDMO), Дивина Фрау-Маис (Sorbonne Nouvelle University, UNESCO Chair Savoir Devenir - France) кои ја посочија важноста на образованието за медиумската писменост, а презентираа и ефективни практики и стратегии што можат да им помогнат на граѓаните да се справуваат со предизвиците во медиумско-информациската сфера.