Активизам

Freepik  Young People Using Smart Phone  14180

Кој ги информира младите – медиумите или инфлуенсерите?

Инфлуенсерите, кои најчесто немаат никаков медиумски бекграунд, сè почесто стануваат примарен извор за информации за голем дел од младите во земјава. Младите неретко им веруваат без воопшто да го знаат вистинскиот идентитет на тој што ја креира содржината. Што можат медиумските организации да научат од нивната стратегија? Пишува: Александар Манасиев Дали знаете кој и каде ги информира младите за најновите случувања во земјата и во светот? Дали се тоа медиумските организации во кои се вработени професионални новинари или, пак, инфлуенсерите, кои најчесто немаат медиумски бекграунд? Факт е дека во денешно време ретко или речиси никогаш нема да видите млади како читаат весник, слушаат вести на радио или се информираат за најновите случувања преку телевизискиот екран. Наместо тоа, ќе видите дека најголем дел од нив постојано се на мобилните телефони и како платформи за информирање ги користат социјалните медиуми – Јутјуб, Инстаграм и Тикток. Доколку не верувате, тогаш направете еден мал тест. Одете во некое основно или средно училиште и прашајте ги младите за нивните навики на информирање. Неспорно е дека речиси сите како платформи ги користат социјалните медиуми, но поважното прашање е кој ги информира. Овде ќе наидете на уште поголемо изненадување, а тоа е дека огромен процент од младите следат инфлуенсери, наместо да се информираат преку медиумите што имаат организиран начин на прибирање на информациите, нивна аналитичка обработка и проверка пред да ја дистрибуираат содржината до публиката. Но, пред да навлеземе подлабоко во целата тема, да ги провериме фактите поврзани со информирањето на младите. Низа истражувања покажуваат дека младите навистина преферираат да следат вести преку социјалните медиуми. Истражувањето на Делоит за дигиталните трендови во 2024 година, објавено во декември годинава, покажува дека мнозинството млади (54 %) на возраст од 18 до 24 години преферираат социјални медиуми наместо ТВ (33 %) како извор на вести. Е, сега, за она поважното – дали ги следат вестите што ги објавуваат медиумските организации или, пак, се информираат од инфлуенсери? Ова истражување покажува дека инфлуенсерите како извор на вести се највлијателни токму кај најмладиот дел од публиката. Дури 17 % од младите на возраст од 18 до 24 години одговориле дека се информираат преку инфлуенсери. Кај публиката на возраст од 25 до 34 години инфлуенсерите се извор на вести во 7 %, а кај другите овој процент е незначителен. Важно е да се напомене дека ова истражување е правено во поразвиени земји од Европа, каде што влијанието на традиционалните и онлајн медиуми и нивната застапеност на социјалните мрежи како и довербата во нив се поголеми. Истражувањето на Делоит покажува и дека публиката има одредено ниво на медиумска писменост и критички размислува и ги проверува информациите. Најчестиот метод за идентификација на лажни вести, според ова истражување, е пребарување информации од повеќе извори (28 %), проследено со внимателна проверка на други канали за дистрибуција на вести (25 %) и потврдување на изворот на информациите (23 %). Најмладите опфатени со ова истражување се оние на возраст од 18 до 24 години. Ако влијанието на инфлуенсерите е големо кај оваа категорија од публиката, може само да се претпостави колкаво е влијанието кај публиката на возраст од 14 до 17 години. Веројатно далеку поголемо. Уште едно истражување потврдува дека инфлуенсерите се влијателни во сферата на информирање на јавноста. Истражувачкиот центар „Пју“ неодамна откри дека еден од петмина жители на САД (20 %) се информираат токму преку информациите што ги објавуваат инфлуенсери. Многу е поголемо влијанието кај анкетираните под 30 години (37 %), што значи дека четворица од 10 жители на САД на возраст до 30 години се информираат преку инфлуенсери. Најчестите платформи што ги користат инфлуенсерите за споделување вести се Х каде што 85 % од нив имаат профили, Инстаграм каде што половина од нив имаат профили и Јутјуб каде што 44 % од нив имаат профили. Она што е интересно е дека повеќето (77 %) немаат никаква поврзаност и не работеле во медиумска организација.  Повеќето од анкетираните во ова истражување (65 %), кои се информираат од инфлуенсерите, рекле дека тие им помогнале подобро да ги разберат актуелните настани и граѓанските прашања. Е, сега да се вратиме на навиките на младите во Македонија во контекст на тоа каде и од кого се информираат. Ако направите мини анкета помеѓу основците во повисоките одделенија, осмо и деветто и помеѓу средношколците, ќе забележите дека голем дел од нив се информираат преку социјалните мрежи и тоа токму од инфлуенсерите. Иако нема направено систематско истражување за навиките на младата публика во земјава, сепак забележливо е дека инфлуенсерите, кои најчесто немаат никаков медиумски бекграунд, сè почесто стануваат примарен извор за информации за голем дел од младите во земјава. Младите неретко спомнуваат имиња на инфлуенсери од Србија како извор на информации – Муџа, Стубери и слично. Тие имаат огромна публика што брои и по неколку милиони следбеници. Младите неретко им веруваат на овие инфлуенсери, некогаш и без воопшто да го знаат вистинскиот идентитет на тој што ја креира содржината. Таков е примерот со инфлуенсерот од Македонија што се потпишува како Роберто Навали. Голем дел од основците и средношколците го споменуваат како извор на информации што го следат. Неговиот вистински идентитет, за пошироката публика, е непознат. Неговиот импакт не е за потценување со оглед на фактот дека само на Инстаграм има повеќе од 200.000 следбеници, многу повеќе од поголемите медиумски куќи во земјава. Покрај примарниот канал има и посебен канал наменет само за вести – Роберто Навали News на кој, како што пишува, се споделуваат вести од земјава, регионот и од светот. И додека медиумските организации се борат да дојдат до младата публика, инфлуенсерите како Роберто Навали веќе ја имаат освоено, односно се попопуларни како канали за следење вести отколку мејнстрим медиумите. Токму традиционалните медиуми можат да научат од инфлуенсерите како се пакува содржината за различните платформи со цел да ја придобијат помладата публика.   И сега ќе се прашате зошто е важно кој и каде ги информира младите за најновите случувања од земјата и во светот? Овие прашања се од круцијална важност со цел младите на возраст од 14-17 години да бидат соодветно информирани за вестите од веродостојни извори. Тие се во период кога ги развиваат вештините за критичко размислување и го обликуваат своето разбирање за светот. Пристапот до веродостојни информации им помага да ги разликуваат фактите од фикцијата, да се справат со предизвиците какви што се дезинформациите и да изградат балансирани ставови за општествените прашања. Соодветно информираните млади имаат поголема веројатност активно да се вклучат во креирање позитивни промени во нивните заедници, да развијат медиумска писменост и да носат одговорни одлуки што ќе влијаат врз нивната, но и врз иднината на нивните најблиски. Дополнително, веродостојните информации ги штитат од штетна содржина и им даваат знаење што подоцна ќе им помогне активно да учествуваат во светот што брзо се менува. Од друга страна, фактот дека инфлуенсерите полесно и поефикасно ја придобиваат младата публика треба да биде поука и за медиумските организации во земјава, но и за новинарските здруженија. Копи-пејст новинарството, сензационализмот и честото кршење на етичките норми се само дел од причините за намалената доверба во информациите што ги креираат медиумските организации. Сето тоа создава простор за инфлуенсерите да се наметнат како извор на информации и да освојат добар дел од публиката. Но, ова не е без проблеми. Што ако некој инфлуенсер нанесе сериозна штета во заедницата со своето информирање односно дезинформирање на јавноста? Што кога тој инфлуенсер не е потпишан со вистинското име и презиме за разлика од новинарите што својата содржина ја потпишуваат и ги наведуваат изворите на информации. И додека новинарите и медиумите се одговорни пред публиката и преку процесот на саморегулација подложат на морална санкција, доколку го прекршат Кодексот на новинарите, овие инфлуенсери и креатори на дигитална содржина засега не подложат на никаква одговорност. Токму во овој дел навреме треба да се вклучат и професионалните новинарски здруженија и да ги опфатат овие креатори на дигитална содржина со процесот на саморегулација. Овие самостојни креатори на содржина се факт што нема да исчезне. Тие имаат голема публика што постојано расте, а со тоа расте и нивното влијание. Токму затоа во светот постои жешка дебата за нивно регулирање односно ставање во одредена рамка. Од клучно значење е да се најде соодветна рамнотежа помеѓу заштитата на јавноста и јавниот интерес и почитувањето на слободата на говорот. Сепак, важно е да се напомене дека сите инфлуенсери не се исти. Некои се професионални и одговорно ја информираат јавноста, додека за други приоритет се забавата и личната добивка, на сметка на одговорното информирање. Саморегулацијата преку новинарските здруженија може да биде начинот преку кој ќе се промовираат одговорното и етичко однесување кај инфлуенсерите во информирањето на јавноста. Сепак, за целосно справување со овој проблем, потребно е и континуирано јакнење на медиумската писменост кај публиката, особено кај помладите генерации, кои се поподложни на влијанието на социјалните медиуми. Ова подразбира развој на вештини за препознавање лажни вести, проверка на извори и критичка анализа на содржините.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Cb Story 5

Падот на натстрешницата на станицата во Нови Сад ја урна и професионалноста на медиумите

Дел од српските и македонските медиуми не ги испочитуваа професионалните новинарски стандарди при известувањето за падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Трагедијата се случи на 1 ноември годинава, а со неа се продлабочи известувањето преполно со сензационализам и непочитување на приватноста на жртвите, некритичко пренесување на пропаганда, ненаведување на изворите на информации, плагијаторство и непроверување на содржината на објавите од социјалните мрежи. Пишуваат: Бојан Блажевски и Сања Џорџевиќ Заедно со падот на настрешницата, нарушен е и угледот и професионалноста на некои медиумски куќи во двете земји. Во Србија, некои редакции не пропуштија да ја стават својата работа во тесните политички интереси на властите пред јавниот интерес. Македонските медиуми не се посветија доволно на професионално известување од местото на настанот, туку воглавно пренесуваа вести од српските медиуми. „На почетокот беа присутни конфузија и недостаток на информации. Во моментот кога дознав за падот на настрешницата бев во Белград, така што колешките и колегите веќе делумно ја организираа работата и известувањето за овој случај, додека јас се обидував да помогнам колку што можам од Белград“, раскажува уредникот на порталот Радио 021 Зоран Штрика за тој 1 ноември. „Тоа беше вонредна состојба, останавме во редакцијата до полноќ и го следевме сето она што се случува. Се вртеа многу информации. Добивавме различни податоци од изворите, па известувавме за она што претходно сме го провериле, свесни дека тоа е исклучително чувствителен момент“, додава тој. За известувањето за овој настан, новосадскиот портал направи посебна рубрика. Од минута во минута објавуваа проверени вести. „Поважно ни беше тоа што го објавуваме да биде точно, отколку да бидеме први, бидејќи не постои никаква сатисфакција во известувањето за вакви трагедии, особено да се известува за тоа дека некој настрадал“, вели овој уредник. Редакцијата на Радио 021 ја истражувала реконструкцијата на железничката станица и пред падот на натстрешницата, но не добиле никакви одговори од надлежните власти. Во неа од 2021 година се вложени 65 милиони евра, од кои во самата зграда се издвоиле 16 милиони евра. Проектот за реконструкција го изработиле српската филијала на компанијата China Railway Design Corporation и Сообраќајниот институт ЦИП од Србија. Изведувач на проектот бил кинескиот конзорциум China Railway International Co.Ltd и China Communication Construction Company Ltd. Објавувањето на документите за проектот за реконструкција започна дури по трагедијата. Кога фактите не се светост, а лагата го гради дискурсот Уште една трагедија повторно докажа дека во фиоките на одредени редакции во Србија нема етички кодекси. Поединечни медиуми, кои покриваат голем дел од публиката, повторно паднаа на тестот за професионализам, кршејќи ги принципите на вистинито известување, независност од влијание, почитување на приватноста и достоинството на жртвите од трагедијата и нивните семејства. За новинарите и новинарките на „Радио 021“ и овој пат императив беше посебното новинарско внимание и почитување на професионалните стандарди, а укажувањето на грешките на одговорните беше незаменлива должност. „Ние бевме водени од човечноста. Бевме свесни дека оваа трагедија ги погодува најмногу жртвите, нивните семејства, пријателите, како и фактот дека го погодува целиот град. Секој еден можеше да биде под натстрешницата“, вели Штрика. Одредени македонски медиуми покажаа значителна нечувствителност во првите часови по несреќата. Неколку македонски интернет портали вечерта на 1 ноември и на 2 ноември објавија дека бројот на загинати се искачил на 16, иако српското Министерство за внатрешни работи (МВП) уште вечерта на 1 ноември веќе објави дека конечниот број на жртви е 14 загинати и тројца тешко повредени лица. Дополнително загрижува фактот што неточните податоци за бројот на жртвите во тие текстови до денес не се коригирани и сè уште се достапни на јавноста. *Железничката станица во Нови Сад пред и по падот на натстрешницата; Автори на фотографии: Бојан Блажевски и Сања Џорџевиќ. Иако бројот на македонските медиуми кои ја направиле оваа грешка е занемарлив, нивната несериозност во проверката на точноста на информациите е директно кршење на членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија. Истиот член од Кодексот на новинарите и новинарките на Србија го прекршија и српските и македонските медиуми кои набрзина побрзаа да објават дека конкретната настрешница не била предмет на реконструкција. Медиумите некритички ја пренесоа првичната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој веќе на 1 ноември изјави дека натстрешницата не била реконструирана цели 60 години. И покрај јасните докази дека се работело на натстрешницата, како и дека самата железничка станица била официјално отворена дури два пати, тврдењето дека овој дел од зградата не бил предмет на градежни работи 60 години, послужи како обид да се контролира штетата на имиџот на власта на Александар Вучиќ. Уште пред изјавата на претседателот Вучиќ, само дваесетина минути по несреќата, некои српски таблоидни медиуми објавија дека е во прашање „стариот дел од зградата“ кој не бил реновиран од неговата изградба. Изјавата на Вучиќ, како и онаа на други министри од српската влада, која следеше веднаш по трагедијата, неколку интернет портали, телевизии и весници во Македонија некритички ја пренесоа како засебна вест. Веднаш по падот на настрешницата, српските власти започнаа со медиумски кризен менаџмент за да спречат политичка штета од трагедијата. Па така, во првите денови во медиумите кои се под нивна контрола најпрво се обидоа да создадат пробен дискурс за бројните причини поради кои не била реконструирана натстрешницата на станицата. Но, како што минуваа деновите по трагедијата, во кои се редеа експертски изјави и медиумски истражувања за причините за трагедијата, а барањето за одговорност кај српската јавност растеше, така српските власти се свртеа кон нова тактика - нападот е најдобра одбрана. Повеќето медиуми во Македонија, со исклучок на државната новинска агенција МИА, немаа свои дописници или известувачи од Србија за да подготват збирни дневни извештаи за трагедијата. Но, тоа не ги ослободува медиумите од обврската да користат повеќе извори на информации, од различни медиумски куќи кои известуваат за настанот од различен агол. Ова ги сведе македонските медиуми на обични преведувачи на информации од српски јазик. Непрофесионалниот пристап е особено видлив кај поголемиот дел од интернет порталите, кои наместо збирни извештаи за трагедијата, објавуваа десетици кратки вести од настанот, една по друга. Андон Мајхошев, професор по новинарска етика на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, смета дека ваквиот тип на известување произлегува од брзањето за објавување на нови информации, со цел да се зголеми читаноста и да се привлече вниманието на јавноста. Тој додава дека не може да се исклучи можноста за новинарска мрзеливост, што се одразува во отсуството на наведувањето извори, недоволното истражување или внесување на нови моменти за темата. „Регистрираните медиуми, нашиот јавен сервис и другите медиуми кои имаат национална концесија, печатените медиуми, повеќе се држеа до Етичкиот кодекс на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ)“, вели професорот Мајхошев за начинот на кој македонските медиуми известуваа за падот на натстрешницата. Најпроблематичен аспект од известувањето на српските портали беше објавувањето на снимките од надзорните камери, на кои се гледа моментот на колапсот на натстрешницата. Во „Радио 021“ немаа дилема дали читателите треба да ја видат таа снимка. „Во моментот кога се појави снимката не знаевме колку луѓе има под натстрешницата, колку се загинати, а колку се повредени. Со објавување на видеото ќе истрауматизиравме голем број луѓе, а тоа не сакавме да го направиме“, објаснува Зоран Штрика. За членката на српскиот Совет за печат Тамара Скроза, споделувањето на таквото видео е грубо кршење на новинарската етика. Тоа не смеело да се случи. „Објавувањето на снимките претставува вознемирување на семејствата на жртвите и на јавноста. Тоа претставува прекршување на правото на достоинство на жртвите. Тука нема никаков јавен интерес“, вели Скроза. Ова видео за прв пат се појави на социјалните мрежи. Новиот Кодекс, како и Упатството за примена на Кодексот во онлајн опкружувањето, предвидуваат содржината од профилот да може да се пренесе со дозвола на авторот. Сепак, Скроза истакнува дека снимките кои сведочат за нечија смрт не смеат да се објават во медиумите. *Дури и медиумите кои не ја носат титулата таблоиди ја споделија снимката. Инстаграм ја означи содржината како непримерна. Снимка од екранот направена на 17 декември 2024 година од Сања Џорџевиќ. И македонските медиуми паднаа на испитот за користење на релевантни извори. Одредени интернет портали се фокусираа на употребата на содржини објавени на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм) како главен или еден од изворите на информации, во обид да создадат сензационалистички наслови или поинаква содржина. Десетици македонски медиуми го објавија видеото од падот на натстрешницата со наслови од типот: „Вознемирувачко: видео од моментот кога се урна настрешницата“, „Вознемирувачко видео“, „Вознемирувачко: се појави ново видео“ или „Ново видео од друг агол“. Иако Инстаграм во меѓувреме ги отстрани ваквите видеа, текстовите со такви наслови сè уште се достапни на многу портали. Исто така, во македонските медиуми ретко можеше да се најде медиумска содржина, во која се наведува изворот (медиум) или авторот на визуелната содржина (фотограф, снимател) што се пренесува. Професорот Мајхошев појаснува дека Етичкиот кодекс на ЗНМ бара наведување на изворите на информации, а како посебен проблем го наведува плагијаторството. Доколку новинарите не се присутни на местото на настанот, се поставува прашањето како да се бориме против лажните вести, кои медиумите (не)свесно ги пренесуваат. „Затоа е многу важно да се проверат информациите од неколку независни извори, вклучително и идеолошки различните“, вели Андон Мајхошев. Огнен Јанески, претседател на Советот на честа при ЗНМ, смета дека преземањето содржини од социјалните мрежи без нивна проверка, верификација и дополнително истражување е сериозно прекршување на новинарскиот кодекс. „Тоа ја поткопува довербата на јавноста и професионалниот интегритет на медиумите“, објаснува тој. Здружението на новинарите на Македонија, заедно со Советот за етика во медиумите и Македонскиот институт за медиуми, во моментов работат на ажурирање на Кодексот на новинарите, со цел да се обезбедат јасни етички стандарди кои ќе одговараат на новите форми на медиумско известување. Ширење сензационализам и нарушување на приватноста на жртвите „Фотографии на жртвите во Нови Сад! Тони бетон паднаа на нив: сестри со ќебе, момче и девојка...“, „Луѓето плачеа под урнатините, а потоа завладеа тишина“, или „Сведок на несреќата во Нови Сад ги опиша страшните сцени“, се само дел од насловите кои претставуваа дополнителен притисок врз вознемирената јавност. И во Србија и во Македонија, во деновите по падот на натстрешницата, дел од медиумите се фокусираа на ширење сензационалистички содржини и во повеќе наврати ја нарушија приватноста на жртвите, не почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди и со тоа ја продлабочија болката и тагата на семејствата. Врв на непрофесионалност, па дури и на дегутантност, беа деталните репортажи од погребите на жртвите. Во Кодексот на новинарите и новинарките на Србија, кој стапи на сила пред неколку дена, е додадено дека од погреби не се известува, освен во случај на високо позиционирани јавни личности. За разлика од Србија, каде таблоидите и одредени интернет портали се појавија како главни создавачи на сензационалистички информации и текстови кои ја нарушуваат приватноста на жртвите, во Македонија ваквата содржина се пренесуваше исклучиво преку интернет порталите, кои некритички ги преведуваа ваквите текстови на македонски јазик од српските колеги и се поставија во улога на трансмитери. Па така, во македонските медиуми се појавија реченици од типот: „Според некои информации, таа кобниот петок го довикувала своето бебе под урнатините“ и „му рекла дека го сака и дека ќерката го чека дома“. Цитирани се и изјави на луѓе блиски до роднини на починатите: „Не можат да се помират со загубата“. Откако им беше кажано дека ги изгубиле двата ангела, им беа ставени седативи и интравенски апчиња...“. Се појави и неименувана девојка, која наводно се спасила од падот на нагстрешницата: „Преживеав и отидов подоцна да му се помолам на Бога во манастир и да му се заблагодарам што сум жива...“ Исто така, повеќето медиуми во Македонија го открија името и презимето на македонскиот државјанин кој загина при падот на натстрешницата. Десетина медиуми отидоа чекор подалеку со пренесување на објави од социјалните мрежи, од именувани или неименувани профили, во кои се открива дел од приватниот живот на починатиот. Наведени се причините поради кои од Македонија се преселил во странство, а објавена е и неговата фотографија. Наместо да се наведе изворот, напишана е нејасна формулација: „една од објавите на Фејсбук“, „се споменува во Фејсбук објава“, „според некои информации“. И не беше таков пристапот во известувањето само за македонскиот државјанин, туку и за другите жртви на трагедијата. Во анализата на известувањето на македонските медиуми што се направи за оваа сторија, се пронајдоа текстови со детални описи на однесувањето на жртвите веднаш по трагедијата, емотивни изјави на преживеани и изјави на роднини на починатите. Особено на македонските портали се појавија наслови од типот: „Траор и лелек по сестричките“, „Под урнатините го довикувала детето“, „Почивајте во мир ангели“, „Момчето на починатата кошаркарка го повторува само ова “, „Тинејџерка преживеала, па отишла во манастир“ и слично. Наташа Доковска од организацијата „Новинари за човекови права“, која работи на подобрување на состојбата на детските права во Македонија, вели дека новинарите треба да избегнуваат сензационализам во известувањето и да го заштитат достоинството и приватноста на поединците. Ова особено важи за жртвите и нивните семејства. Таа потенцира дека со ваквиот начин на известување се прекршуваат членовите 7 и 8 од Етичкиот кодекс на новинарите, а најмногу кога децата се жртви. Доковска додава дека новинарите треба да го заштитат идентитетот на жртвите, да не користат чувствителен јазик и да се одговорни кон јавниот интерес. „Известувањето треба да биде фактичко, без сензационализам и емотивна манипулација“, нагласува Доковска, додавајќи дека фокусот на новинарите треба да бидат причините за трагедијата и можностите за нејзино спречување. „Овие принципи ги гарантираат правата на децата и го спречуваат непотребното поттикнување на емоционален стрес кај семејствата и јавноста, како и секундарната виктимизација на жртвата и нејзиното семејство“, заклучува Наташа Доковска. Огнен Јанески од Здружението на новинари на Македонија додава дека новинарите треба да ги почитуваат личната болка и жалост, а известувањето мора да биде ослободено од сензационализам. „Со објавувањето вакви содржини, се нарушува приватноста и достоинството на загинатите и нивните семејства, што е во спротивност со етичките стандарди на професионалното новинарство“, додава тој. Катерина Наумова, професорка на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, објаснува дека непочитувањето на правата и слободите на поединецот и злоупотребата на моќта на медиумите може да предизвика емоционална отапеност, недоверба и одбивност кон медиумите, како и некритичност во толкувањето на информациите. „За жал, речникот што се користи во медиумите, обемот и изборот на информациите, често ја влошуваат првичната состојба на страв и вознемиреност, до степен на паника, и укажуваат на недоволна сензитивност кај дел од медиумските работници“, вели Наумова. Каја Дамњановиќ, професорка по психологија на Филозофскиот факултет во Белград, нагласува дека медиумите треба да известуваат за вакви трауматични настани на пристоен начин - како кога на сосед, пријател или член на семејството треба да му кажат тешка вест. „Во таква ситуација, дали навистина ќе одите и на ожалостената личност ќе му покажете фотографија од гробиштата, ќе нагласите дека вие немате врска со тоа, дека никој не е виновен и ќе набројувате кои се оние што немаат врска со тоа“, прашува Дамњановиќ. *Извор на фотографија: Pexels, автор: Skylar Kang: https://www.pexels.com/photo/expressive-woman-screaming-on-a-dark-room-6045593/. За да се надмине ваквиот начин на известување, Катерина Наумова предлага да се развијат протоколи за известување за конкретни теми, во кои јасно ќе се дефинираат целите, пристапот, терминологијата и потребните компетенции на медиумските работници, а сето тоа во соработка меѓу новинарите и институциите и експертите. Одделението за психологија при Филозофскиот факултет во Белград уште во 2023 година има објавено „Психолошки насоки за медиумско известување по кризни настани“, додека Здружението на новинарите на Македонија за време на појавата на епидемијата во 2020 година публикуваше „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“. Сепак, нашата анализа покажува дека ваквите публикации ретко допираат до оние за кои се најмногу наменети - прекршителите на професионалните новинарски стандарди. Каја Дамњановиќ, која учествуваше во развојот на насоките за известување по кризни настани, вели дека фактите и обезбедувањето на контекст им помагаат на луѓето да го разберат искуството низ кое минуваат. Но, само во случај, доколку целта на медиумите е благосостојба на општеството. „Ако целта на медиумите е да ја вознемируваат јавноста, тогаш добра формула е замаглување на фактите, сензационализам, т.е. нагласување на суштински неважни, но атрактивни, па дури и бизарни ситници, како и занемарување на рационалните прашања за причините“, објаснува таа. Таа додава дека на тој начин се развива општа несигурност во општеството, што во психологијата се нарекува непријателска информациска средина. Непријателска средина е онаа во која важни информации или делови од нив се замолчувани, маскирани, прикриени, во кои има премногу неважни и периферни квазиинформации чија цел е да ги вознемири луѓето доволно за да развијат тенденција да бараат бизарни информации. „Во таква средина ни е многу тешко да се снајдеме и нашето мислење, кое во нормално опкружување би можело да ни помогне да ги решиме проблемите, е под притисок да направиме многу повеќе грешки во расудувањето. Прашањето за квалитетот на нашето мислење зависи од загадувањето на еколошката нишка во која се наоѓа“, објаснува Дамњановиќ. Негативна кампања против „предавниците“ Таблоидите и провладините медиуми во Србија ретко прашуваат зошто и кој е одговорен за падот на натстрешницата. Тамара Скроза смета дека ова се клучни прашања на кои треба секојдневно да инсистираат сите медиуми. Таа посочува на член од новинарскиот кодекс, во кој се вели дека „премолчувањето на фактите кои можат значително да влијаат на ставот на јавноста за некој настан е еднакво на намерно искривување или лиферување невистини“. „Молкот во овој момент е строго забранет“, истакнува Скроза. Премолчувањето има долгорочни негативни последици за општеството. Пропуштањето да се инсистира на одговорност ги наведе политичарите да мислат дека можат да се извлечат од сè без последици, за што сведочи и непостоењето епилог на бројни афери. Инсистирањето на одговорност ќе им покаже на носителите на одлуки дека има санкции за нивните неправилности, што би довело до намалување на бројот и обемот на неправилности во иднина. „Се работи за демократијата, опстанокот на државата, општеството, но и елементарната физичка безбедност на секој од нас. Оние компании кои работеа на реконструкција на железничката станица во Нови Сад, работеле и на други проекти. Ние сè уште не знаеме уште колку настрешници има и под која ќе завршиме ние“, вели Скроза. Поради тоа, на овие одговори инсистираат студентите и студентките од цела Србија, кои веќе неколку недели ги држат своите факултети под блокади. Нивните барања се јасни: целосно објаснување за причините за падот на натстрешницата, оставки и одговорност на поединци и институции. *Извор на фотографија: SergioOren, via Wikimedia Commons, https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Krvave_su_vam_ruke.jpg За разлика од сличностите кај македонските и српските медиуми во делот на објавите на сензационалистички наслови и нарушувањата на приватноста на жртвите, како и користењето на постови од социјалните мрежи без проверка на информациите, распространувањето на црната кампања против „предавниците“ на Србија беше пропагандистички материјал дистрибуиран првенствено во српските медиуми. Многу мал дел од овој непрофесионализам ги прејде границите на македонскиот медиумски простор. Освен два до три интернет-портали во Македонија, ваквата црна кампања против оние кои бараат одговорност не беше пресликана во македонските медиуми. Инаку, етичкиот Кодекс на новинари на Македонија во членот 14 бара новинарите да обезбедат професионална дистанца од политичките субјекти. Без да се контекстуализира темата, да се додадат дополнителни извори, спротивставени гледишта и да се вклучи историјатот на настанот, во помал дел од македонските медиуми некритички се пренесоа и пропагандистичките содржини од провладините српски медиуми за штрајкот со глад и нарушеното здравје на поранешниот српски министер за градежништво Горан Весиќ. Тој беше приведен на крајот на ноември по падот на натстрешницата за сомнеж дека предизвикал тешко дело против општата сигурност. Она што загрижува е што македонската јавност не можеше да го дознае изворот на ваквите информации. На прашањето за тоа каква е опасноста од префрлање на туѓа државна пропаганда во македонскиот медиумски простор, Огнен Јанески вели дека проверката на преземените информации и критичкиот пристап кон изворите треба да бидат внимателно направени. Исто така, медиумите треба да вложат напори за да дадат аналитички пристап кон темата и да се создаваат оригинални новинарски содржини. „Уредничката независност е клучна за спречување на ширење на странски пропагандни наративи во македонскиот медиумски простор“, дециден е Јанески. Тој посочува дека при падот на натстрешницата во Нови Сад не е првпат да се случи некритичко преземање на содржини од српските медиуми. „Едукацијата на новинарите за препознавање дезинформации и зајакнување на нивните истражувачки капацитети е неопходна за да се одржи интегритетот на медиумското известување“, заклучува Огнен Јанески.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.
Ma Cov 1

Што предвидуваат ЧетЏПТ, Џемини и Клод за новинарството во 2025 година?

Бидејќи новинарството е динамична професија што постојано се менува, се обидовме да откриеме кои ќе бидат трендовите во медиумската индустрија за 2025 година, но наместо самите да истражуваме, потешката задача им ја дадовме на четботите ЧетЏПТ (ChatGPT), Џемини (Gemini) и Клод (Claude). Пишува: Александар Манасиев Овој текст не е напишан од вештачка интелигенција, но алатките за ВИ дефинитивно беа вклучени во неговото креирање. Бидејќи новинарството е динамична професија што постојано се менува, под влијание на технологијата и променливите навики на публиката, се обидовме да откриеме кои ќе бидат трендовите во медиумската индустрија за 2025 година. Но наместо самите да истражуваме, потешката задача им ја дадовме на четботите ЧетЏПТ (ChatGPT), Џемини (Gemini) и Клод (Claude). Ги прашавме: Кои ќе бидат трендовите во новинарството во 2025 година? Брзината на дадените одговори беше речиси иста, но содржината помалку или повеќе се разликуваше. ЧетЏПТ својот одговор го спакува во седум главни трендови што се очекува да ја обликуваат индустријата: интеграција на вештачка интелигенција (ВИ), подем на новинари инфлуенсери, дополнителен пад на влијанието на печатените медиуми, пораст на таканаречените медиумски пустини, еволуција на интерактивно и партиципативно новинарство, предизвици за слободата на печатот, економски притисоци и иновации во бизнис-моделите. Иако дел од она што ЧетЏПТ го наведе не е ништо ново, на пример предизвиците за слободата на печатот и економските притисоци, сепак дел од „предвидувањата“ се доста важни за дополнително појаснување.  „Конвергенцијата на новинарството и социјалните медиуми доведе до појава на таканаречени новинари инфлуенсери, кои користат платформи како Тикток, Инстаграм и Јутјуб за директно да се вклучат со публиката. Овој тренд ја одразува промената кон персонализирана испорака на вести, каде што одредени новинари градат свои брендови и негуваат интерактивни односи со својата публика“, вели ЧетЏПТ и додава дека ова ги замаглува границите помеѓу традиционалното новинарство и инфлуенсерите поставувајќи предизвици за новинарскиот интегритет и објективноста. Како извори на информациите за ова предвидување ЧетЏПТ ги наведе „Тајмс“, „Ројтерс“, „Фајненшл тајмс“, „Асошиетед прес“ и „Википедија“. Следен го тестиравме Џемини на Гугл. Овој четбот беше „поскржав“ во предвидувањата за новинарството и ни даде кус список од 10 тренда, меѓу кои се: редакции што ќе се потпираат на ВИ, пораст на содржина креирана од вештачка интелигенција, пораст на новинарство засновано на податоци и визуализација на тие податоци, зголемено користење на виртуелната и на проширената реалност и зголемено користење на 360-видеа. Понатаму, според Џемини, ќе има пораст на влијанието на социјалните медиуми како платформи за информирање на јавноста и пораст на користењето содржина креирана од публиката (User-Generated Content). Како последни, но не и најмалку важни, се зајакнувањето на важноста за верификација на информациите како и потребата од зголемена транспарентност и отчетност на медиумските работници. Трет и последен четбот што го прашавме за трендовите во новинарството за следната година беше Клод. Го користевме нормалниот начин на одговор и добивме прилично долг список на предвидувања. Како и во претходните случаи, на врвот на списокот е влијанието на ВИ во медиумската сфера. За ова Клод предвидува дека новинарите ќе користат алатки за истражување и за проверка на факти засновани на вештачка интелигенција, зголемено користење на ВИ за автоматско генерирање содржини поврзани со рутински информации, напредна анализа на податоци и препознавање модели за да се идентификуваат трендовите и персонализиранo менаџирање на вестите за одредени читатели. Следната година, според Клод, ќе има зголемен фокус на мултимедија и интерактивно раскажување приказни со зголемено користење видео и аудио содржина, интерактивни визуализации на податоци, проширена и виртуелна реалност и зголемено користење видеосодржини во кратка форма оптимизирани за мобилни и социјални платформи. Клод има и конкретни предвидувања во однос на развојот на претплатничките модели. Смета дека медиумските организации ќе ги усовршат своите стратегии за генерирање приходи преку микропретплатнички модели, таргетирање одредени сегменти на публиката и преку медиумски платформи поддржани од заедницата. Понатаму смета дека блокчејн-технологијата ќе го трансформира начинот на коj се верификуваат информациите и ќе овозможи децентрализирано новинарство. На крајот Клод предвидува дека ќе се подобри начинот на кој се известува за ВИ, ќе има построги упатства за употреба на вештачката интелигенција во новинарството и зајакнати мерки за заштита на податоците. Трите четботи дадоа различни одговори за трендовите во новинарството, но во голема мера предвидувањата се однесуваат на исти промени во индустријата, пред сè под влијание на технологијата. Одговорите беа јасни и прецизни, за разлика од одговорите на прашањето дали сметаат дека 2025 година ќе биде добра година за новинарството. На ова прашање Клод одговори: „2025 година ќе биде предизвик за новинарството, но исто така нуди значителен потенцијал новинарството повторно да се реобмисли, да ги искористи новите технологии и повторно да се поврзе со публиката преку поавтентични, иновативни пристапи за известување“. Според ЧетЏПТ, перспективите се измешани, но влеваат надеж. „2025 година би можела да биде пресвртна за новинарството. Доколку медиумските организации продолжат да иновираат, да ги диверзифицираат своите модели на приходи и да се придржуваат до етичките стандарди, индустријата би можела да ја зајакне својата улога во информирањето на јавноста. Сепак, надминувањето на економските, на политичките и на технолошките предизвици ќе бара координирани напори од новинарите, медиумските организации и од публиката. Иако перспективите се измешани, отпорноста и приспособливоста на новинарството даваат надеж за посветла иднина.“ Сличен е и одговорот на Џемини, кој ја потенцира важноста од приспособувањето на медиумските организации.  „На крајот на краиштата, успехот на новинарството во 2025 година ќе зависи од тоа колку добро новинарите и медиумските организации ќе се приспособат на овие предизвици и можности. Со прифаќањето на иновациите, давањето приоритет на точноста и градењето доверба кај публиката, новинарството може да продолжи да игра витална улога во општеството.“ ЧетЏПТ, Клод и Џемини одлично си ја завршија работата и помогнаа во креирањето на овој текст, но пред да им се заблагодариме, им дадовме задача да креираат илустрации за овие предвидувања. Резултатите не беа најдобри, но им оставаме можност да се подобрат наредната година.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Dezinf Cover

Ни фали посериозен пристап за да умее секој млад човек да препознае дезинформација, секоја обука и работилница е добредојдена

Учениците главно се информираат за она што нив ги интересира и чувствувам како да се оттргнати од секојдневието на нашето општество – вели Тони Аврамов, професор по македонски јазик и раководител на Медиумскиот клуб „Јоска“ при УЦ „Јосиф Јосифовски-Свештарот“. Младите се изложени на голема количина информации, особено преку социјалните мрежи, а тоа ги прави подложни на дезинформации. Многу од нив не се секогаш свесни за тоа кои информации се точни, а кои не. Некои се потпираат на доверливи извори, какви што се официјалните вести и платформите што ги сметаат за веродостојни, додека други лесно се манипулираат со сензационалистички наслови или лажни вести. Постои и тренд на површно „кликнување“ на информации без длабоко проверување на изворите, вели Магдалена Сарагинова, професорка по македонски јазик во гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес. Таа е една од наставниците што работат на медиумските клубови во своите училишта и се посебно посветени на медиумската писменост кај младите. Нивен проект беше првонаграден на последниот конкурс за најдобар медиумски производ на МИМ. Младите немаат доволно интерес за подетално истражување Желбата за проверка на информации зависи од неколку фактори, вклучувајќи ги образованието, дигиталната писменост и свесноста за ризиците од дезинформациите. Некаде младите може да бидат мотивирани да проверуваат факти, особено ако информациите се поврзани со теми што ги засегаат лично, какви што се политика или здравје. Сепак, многумина можеби немаат доволно време или интерес за детално истражување и често се потпираат на тоа што веќе го гледаат на платформите на кои се активни, додава Сарагинова. Таа нагласува дека како и за возрасните, така и за младите многу е важна социјалната одговорност, односно да се свесни за влијанието што го имаат кога споделуваат информации, но и да се воздржат од ширење дезинформации. Магдалена Сарагинова, професорка во СОУ „Кочо Рацин“, Велес Најдобриот начин да се самозаштитат е да развијат критичко мислење и дигитална писменост. Тие треба да научат како да препознаат неверодостојни извори и да ги проверуваат информациите пред да ги споделат. Неопходно е да се научат основните техники за проверка на факти, какви што се проверка на авторитетот на изворот, користење повеќе независни извори и анализирање на контекстот – вели Сарагинова. Младите што попосветено се вклучени во осознавањето на медиумската писменост, дали преку секции, клубови и слично, имаат стекнати и навики да ги проверуваат дезинформациите. Тие се согласуваат дека воведувањето предмет за медиумска писменост во образованието може да помогне во подобро разбирање на медиумите и полесно препознавање дезинформации, но тоа ќе ги направи и поодговорни граѓани. Во кус разговор со ученици од медиумскиот клуб од Велес, тие ни споделија дека се обидуваат да се потпрат на доверливи извори и проверени информации од реномирани организации и експерти (Јана Пљокова, трета година). За Василка Карталова, четврта година средно, важно е одредена содржина да се потврди и од релевантни институции како министерствата. Социјалните медиуми Инстаграм и Фејсбук се главниот извор за информирање на младите. Никола Ничовски, пак, ја користи и вештачката интелигенција за да се информира, смета дека така добива најбрзи и најточни информации. Да, проверувам информации од повеќе извори за да бидам сигурен дека се точни. Најчесто користам реномирани вести, го проверувам датумот на објавата, ги споредувам информациите со официјални извори и внимавам на тоа кој ја објавил информацијата – вели тој. За средношколката Леа Јанева, при допир со сомнителна информација, младите треба да ја проверуваат на повеќе веб-страници и платформи. Според Јаков Ѓоргоски, кој учи во втора година, воведувањето предмет за медиумска писменост, ќе придонесе за критичко развивање кај младите. Секоја средба, секоја работилница е добредојдена Тони Аврамов, професор по македонски јазик во УЦ „Јосиф Јосифовски-Свештарот“, смета дека како и возрасните така и учениците се навикнаа информациите да ги примаат преку веб-страниците и социјалните мрежи. Со своите ученици тој работи на оваа тема на препознавањето лажна вест како основна лекција. Тој укажува на сè позачестената појава, односно на фактот дека младите како да не се заинтересирани да читаат, а многу повеќе се фокусирани на гледање фотографии или куси видеа. Тони Аврамов, професор во УЦ „Јосиф Јосифовски-Свештарот“, Гевгелија Учениците главно се информираат за она што нив ги интересира и чувствувам како да се оттргнати од секојдневието на нашето општество. Нивниот свет е сосема поразличен од оној на возрасните, но сепак она што тие го ‘консумираат’ како вест и информација, многу добро знаат дали е вистинито или не, и што е најважно, користат повеќе извори за да ја потврдат вистинитоста на информацијата. Засегнати од нивните интереси, речиси секогаш ги проверуваат информациите. Користат алатки, но и знаат дека вистинската информација е потпишана од новинар или знаат да видат дали изворот има импресум, дали фотографијата е лажна, монтирана (фотошопирана). Од една страна сум презадоволен од нив и нивното познавање, но од друга страна жалам што малку ‘копаат’ по информации што нудат едукативни содржини – вели Аврамов. Тој посочува дека едукативните работилници за медиумската писменост и повеќе од возможното им ги отвора видиците да внимаваат што читаат и што користат. Светот се менува, тие ги следат современите текови, а од друга страна, мораме и ние возрасните. Секоја средба, обука или работилница е од корист не само за нив, туку и за сите нас. Едно е сигурно и потребно – насоки како да се креираат содржини со добра содржина, добри практики... – објаснува Аврамов. Младите луѓе за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако само 7,8 % се сигурни дека споделиле дезинформација, а повеќе од половина (51 %) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Ова се податоци од анкета што ја спроведе Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје. freepik.com, AI generated photo Испитаниците се изјасниле дека знаат каде да пријават дезинформација ако таа се појави на социјалните мрежи, но само 34,3 % одговориле дека пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Анкетниот прашалник бил спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени). Младите луѓе најчесто пристапуваат до онлајн вестите користејќи ги социјалните медиуми Инстаграм, Фејсбук и Јутјуб, а за случувањата кај нас и во светот се информираат и од семејството и пријателите, од генераторите на вести и од експертите со свои јавни профили. Дека поголем дел од информациите што ги споделуваат онлајн порталите се вистинити сметаат само 20,6 % од младите, а уште помал процент испитаници (13,4 %) се изјаснија дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити. Тие почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест, се вели од заклучоците на анкетата. Автор: Сребра Ѓорѓијевска    Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
Ohrid Naodi 4

За епохалното археолошко откритие во Корошишта (и кога од шумата не ги гледаш дрвјата)

Големото археолошко откритие на архајската некропола од 6 век пред новата ера во струшкото село Корошишта поттикна многу страсти кај пошироката јавност. Поттикна возбуда за наука и истражувања, за соработка на многу нивоа, помеѓу ресори, институции, колеги, со жителите на Корошишта и на Волино. За жал, поттикна и многу ниски страсти. Пишува: Весна Ивановска-Илиевска Архајскиот гроб исполнет со златни, сребрени и бронзени предмети, слични на гробовите со златни маски од Требенишката некропола, археолозите го открија пред околу еден месец во селото Корошишта, недалеку од Требеништа. Истражувањата ги спроведе Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на археологот д-р Перо Арџанлиев, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид и Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга. Откритието е епохално, затоа што во изминатите 100 години „Требенишките кнезови“ само неколкупати си го покажале лицето. Првпат во 1918 година кога бугарски војници случајно ги нашле гробниците во кои биле депонирани и првите две златни маски и многу други предмети. Во време на бугарска јурисдикција, предметите веднаш биле однесени во Софија каде што се наоѓаат и денес. Од 1930 до 1934 година, кога Македонија била под српска јурисдикција, српскиот археолог Никола Вулиќ пронашол уште две маски (со други придружни богати предмети), кои веднаш биле однесени во Белград. Веќе во поновата историја, кога Македонија имала своја државност, откриени се гробовите на Дебој, па на Горна Порта во 2002 година кога беа пронајдени златна маска и ракавица, наоди што денес ù припаѓаат на Македонија. Последно е откритието во Корошишта. Археолошките предмети се од посебно значење и ни отвораат мал прозорец во животот во Охридско-струшкиот Регион пред 27 века. Истражувачите велат дека според гробните наоди, ова било високо организирана социјална елита. Арџанлиев, кој подолго време научно се занимава со Требенишките некрополи и со големците што почивале таму, вели дека за нив е пишувано многу. Нарекувани се со различни епитети, кои означуваат одредена моќ: базилеи, кнезови, елита, воини и сл. Според гробните прилози, сиве овие епитети им прилегаат. Но, дециден е Арџанлиев, околу нивното потекло т.е. на која племенска заедница им припаѓаат, археолошката наука сè уште не може со сигурност да одговори. Сепак, за поширокиот историски контекст науката потврдува дека вакви т.н. елити се јавуваат на еден поширок простор на Централен Балкан во една иста хронолошка рамка – од крајот на 6 век пр.н.е. и почетокот на 5 век пр.н.е. Ова раздобје во науката е познато како доцноархајски период, кога одеднаш се појавува феномен на богати погребувања, во кои најкарактеристичен белег е појавата на посмртни златни маски. Такви погребувања се откриени на некрополите на Требеништа, Петилеп-Беранци, Синдос, Халкидики, Охрид, Архонтико и Ајани. Ова се потврдени факти верифицирани од светската наука. За Корошишта е важно да се каже дека археолошките истражувања не се случија одеднаш. Во 2020 година додека Шефит Шемшедини си вршел земјоделски работи во нивата, открил бронзен шлем што го предал во Заводот и музеј Охрид. Дури во 2023 година Арџанлиев добил согласност од денешниот сопственик на нивата Букури Шемшедини да вршат археолошки истражувања на локацијата. Уште една година траеле подготовките за да се стигне до археолошкото откритие. Зошто се битни овие информации? За да има увид јавноста дека во археолошката наука нештата не се случуваат преку ноќ, особено за вакви, епохални откритија. Им претходат многу анализи, истражувања во канцеларија пред археолозите да излезат на терен. А го носат префиксот епохални, затоа што се јавуваат исклучително ретко. Веста за нашето последно откритие не ја пренесоа само македонските медиуми, туку и во регионот. Од моите скромни теренски искуства на археолошки ископувања како студент по археологија кон крајот на 90-тите години, ми остана длабоко врежано во сеќавањето дека археолозите не сакаат многу новинари. Не дека имаат нешто против оваа професија, туку не им веруваат. Секогаш стравуваат дека ќе ги извртат фактите за сметка на ексклузивноста, за подобро да ја продадат приказната. Дека „грнето злато“ секогаш ќе биде поважно од научниот контекст сочуван во слоевите земја. Жал ми е што како професионален новинар, многупати досега сум констатирала дека имале право. Откритието во Корошишта не донесе само радост. Дамка оставија прашањата обоени со национализам, зошто се користи терминот „македонска археологија“, со инсинуации дека се однесува на етничкиот елемент, а не на државноста. Колегите новинари ја заборавија најважната работа – да им оддадат почит на Шефит и Букури Шемшедини, сопственици на нивата каде што е пронајдено големото откритие. Тие се Албанци по националност и од селото Корошишта демонстрираа граѓанска свест, цивилизациски вредности од највисока категорија, многу повисока од која било политичка определба или медиумска уредувачка политика. Многу поважно беше прашањето како државата ќе ги награди за нивната големина? Ова прашање никој не го постави. Археолозите многу прецизно ја објаснија терминологијата „македонска археологија“, дека се однесува на географската одредница за државата во која денес, во наше време се случуваат нештата. Како што терминот „грчка археологија“ денес се користи во Грција, „бугарска археологија“ во Бугарија, „албанска археологија“ во Албанија итн. Лично ми е нејасно зошто новинари од редакции на албански јазик во Македонија покажуваат значителен интерес за археологијата исклучиво за наоди што по секоја цена се етикетираат како „илирски“ или „дардански“ без научен доказ. Зошто никогаш ексклузивна вест не биле цивилизациите од неолитот, претходниците на сите племиња што подоцна се развиле на овие територии? Проблемите во македонското културно наследство не се од етничка природа. За жал. Тие се многу потешки, системски. За неколку години ќе снема професори на Институтот за историја на уметност и археологија, студентите се бројат на прсти, конзерваторите исто така, музеите и заводите за заштита на културното наследство кубурат со кадар, археолози со докторати си заминуваат од земјава затоа што никој не ги вработува, нема краткорочна и долгорочна стратегија за културното наследство. Ова се темите што треба да ги загрижат новинарите. Македонци или Албанци. Или која било друга националност. Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Vm 1

Дезинформациите – закана за македонската демократија, институциите со нова Стратегија и акциски план ќе стекнуваат „имунитет“ за нив

Еден од главните предизвици на демократијата и алатка што се користи за манипулација на граѓаните. Вака експремиерот Зоран Заев ги опиша дезинформациите на прес-конференцијата што ја одржа на крајот на јули во 2019 година. Од говорницата во медија центарот на Владата, која тој ја предводеше во тој период, најави акциски план за справување со дезинформациите, како и две стратегии – едната за транспарентност, а другата за медиумска писменост. ВМРО-ДПМНЕ во својство на опозиција ги оцени овие најави како обид за медиумска цензура и обвини дека Заев самиот е синоним за лаги и дезинформации. Неполна година подоцна, дезинформациите на глобално ниво, не одминувајќи го и македонското општество, добија нов тек. Ковид-пандемијата значеше своевиден почеток на настаните што ги интензивираа дезинформациите, ги исправија новинарите пред нови предизвици и ја наметнаа потребата од зголемена транспарентност кај институциите. Тие, пак, во борбата против дезинформациите како пример сега ќе треба да ја земат новата Стратегија за транспарентност, но и новиот Акциски план за одговорно, отчетно и транспарентно работење. Дезинформациите за работата на институциите ги прават граѓаните несигурни На овие два документа веќе работи актуелната Влада, од каде што во писмена изјава информираат дека е формирана работна група, која се очекува дека ќе ги унапреди состојбите што треба да бидат дел од Стратегијата и од Акцискиот план. А нарушената доверба во институциите е токму една од најштетните последици од дезинформациите што може да ја поткопаат демократијата во земјата. Ова е ставот на комуникологот што го контактиравме, проф. д-р Сеад Џигал, кој посочува дека на овој начин може да се предизвика збунетост и несигурност кај граѓаните. „На подолгорочен план дезинформациите имаат некои подлабински ефекти како што е недовербата не само во институциите, политичките претставници, туку и во комерцијалниот сектор. Понатаму, може да се јави недоверба во медиумите и генерално можеби кон другите групи што се дел од општеството“, смета нашиот соговорник. Новите медиуми како „ветер во грб“ за теориите на заговор Тој вели дека глобалните случувања ги засилиле дезинформациите и во македонскиот медиумски простор, што потврдува дека новите медиуми иако ја олеснија комуникацијата, станаа алатка за ширење теории на заговор и невистини. „Лесниот пристап до информациските и комуникациските технологии направи секој од нас потенцијално да биде некаков вид информатор што споделува или креира информации. Во таа смисла, лесно е да се креираат, но и да се дистрибуираат информации, особено оние што се дезинформации“, нагласува Џигал. Според универзитетскиот професор, кризата во новинарството дополнително го олеснила нивното ширење. „Значи, кризата во новинарството исто така придонесе да имаме лесно создавање и ширење дезинформации. Новинарите и медиумите беа клучен филтер што ги собира и ги филтрира информациите. Секако дека медиумите треба да ги заштитат граѓаните и публиката генерално од дезинформации“, вели Џигал потенцирајќи дека преку новите медиуми луѓето шират свои теории на заговор, непроверени и непотврдени информации. „Сега е полесно луѓето да се поврзат меѓу себе на интернет, да создаваат одредени групи не само на интернет туку и пошироко. Како група имаат одредено влијание во општеството. Тој момент на лесно поврзување на луѓе што не се компетентни и стручни, влијае врз убедувањето дека некои дезинформации се можни. Во еден таков случај може да помислиме дека, ете, кога толку луѓе веруваат, можеби има нешто во тоа“, истакнува Џигал. Самите институции исто така не се имуни на дезинформациите, па се шират шпекулации и за нивното работење – потврдуваат од службата за односи со јавност во Владата. – Со овој глобален феномен и предизвик се соочува и оваа Влада, која има за цел намалување на шпекулациите преку точно и навремено информирање на јавноста за конкретни одлуки и решенија. Дезинформациите негативно влијаат и врз демократскиот амбиент во државата – заклучуваат оттаму во писмениот одговор. Неселективното информирање и кадровската екипираност – механизми за справување со дезинформациите Но, универзитетскиот професор Џигал вели дека повеќето институции допрва треба да работат на подобрување на капацитетите за информирање. „Немаат сите институции портпароли, доволно организирани одделенија за односи со јавност. Во таа смисла, потребно е да се вложи малку повеќе и во човечки ресурси и во поврзаноста и соработката со медиумите. Тогаш кога станува збор за сензитивни политички теми, тие одбиваат или селективно информираат. Треба да се подобрат работите, како материјално така и човечки, но и во смисла на обуки, едукација и подобрување на довербата. Ако дознаеме некоја вест што е контроверзна, тогаш секогаш да бидеме упатени и да веруваме на она што го објавуваат институциите. Тоа е клучно во борбата против дезинформациите“, смета Џигал. Според него, борбата против дезинформациите е сестрана и ним не може да им се спротивстави само системот или само поединците што се изложени на овие штетни влијанија. „Една од главните стратегии за спречување некакво влијание на дезинформациите е токму тоа – кога ќе се јави некоја дезинформација, да не се остави да има подлабински и поширок ефект, односно секогаш да има валидна информација што ќе се спротивстави, ќе негира или ќе опонира на штетното влијание на дезинформациите. Институциите треба да бидат подготвени не само во смисла на собирање информации, туку во смисла на вмреженост и во секторот на медиуми, и во секторот на извори на информации, соработка со медиумите. Потребна е сериозна работа и организиран пристап, кој по ситуација на ширење дезинформации, ќе реагира како што треба“, порачува проф. д-р Џигал. На кадровската екипираност на институциите како една алка во синџирот на борбата против дезинформациите, укажуваат и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Од ова тело порачуваат дека токму со транспарентност институциите може да го стеснат просторот за ширење дезинформации. – Зголемувањето на институционалната транспарентност е логичниот чекор што може да се преземе за намалување на влијанието на дезинформациите – велат од АВМУ. Економски, профитерски, политички... какви се интересите на изворите на дезинформации? Од Агенцијата сметаат дека борбата против дезинформациите е дотолку комплексна што самото наше законодавство треба да се усогласи со европското. Во овој контекст потребно е усогласување на националното медиумско законодавство со европските прописи, стандарди и препораки (Актот за дигитални услуги, Актот за слобода на медиумите во Европа (EMFA), корегулаторните и саморегулаторните акти поврзани со дезинформациите, препораките од Советот на Европа); донесување стратегија за медиумска писменост на национално ниво; соодветна кадровска екипираност на институциите за пласирање и достапност на информации до медиумите и до граѓаните – додаваат од регулаторното тело за медиуми. Од Агенцијата се на став дека изворите на дезинформациите се најразлични и најчесто се мотивирани од економски, профитерски или од политички интереси. Меѓутоа, како што велат оттаму, се случувало да станува збор и за ненамерно ширење, од незнаење или брзање во објавување на веста, поради што извор на дезинформации можат да бидат и државни институции, политички партии, медиуми, новинари. АВМУ нема директна надлежност да врши надзор за разоткривање дезинформации и манипулации, но како што нагласуваат, постојано ги повикуваат медиумите да известуваат професионално обезбедувајќи ѝ на јавноста точни, навремени и објективни информации. Ова особено беше значајно за време на пандемијата со коронавирусот, велат од Агенцијата во писмениот одговор. Од ова тело додаваат дека иако нема конкретни правила, искуството покажува дека дезинформациите најмногу се шират при одржување важни настани или во време на значајни општествени случувања. Важните општествени случувања ги подгреваат штетните наративи Ваков впечаток, всушност, има и Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите (СЕММ). Таа вели дека освен ковид-пандемијата, и политичките избори кај нас, па и воените конфликти што влијаеја врз глобалното општество, ја засилија „војната со (дез)информациите“. Според неа, целта во ваквите случаи е да се предизвика сомнеж, недоверба во системите, во институциите, како и да се разниша единството во одредени општествени слоеви. Понатаму, да се доведат во прашање партнерствата, особено на меѓународен план, да се сменат насоките за пријателства во светот, да се промени односот кон меѓународни договори и решенија. „Пропагандните центри, во оваа војна, ги жртвуваат од личното здравје на граѓаните до колективниот мир и напредок на општествата“, смета Георгиевска. Таа истакнува дека стратегии имало и ќе има, но поважна е практиката за да се остварат очекувањата на познавачите дека Владата ќе исполни сѐ од списокот на заложби за зајакнување на националниот штит против дезинформациите. „Владата треба да се погрижи за што поголема транспарентност за работата на сите сегменти на јавната администрација, но и за што поголема достапност на информациите од јавен карактер, за новинарите, а со тоа и за јавноста. Треба да овозможи услови за слобода на говор и непречена работа на медиумите, без заткулисните сојузи и финансиски зделки со политичко-бизнис блиските сопственици и уредници на медиумите. Но, за почеток, би сугерирала да се погрижат да проработат телефоните и мејловите на државните институции и да има кој да одговори од другата страна на повиците од новинарите и од граѓаните“, забележува нашата соговорничка. Георгиевска споделува и дека СЕММ како координатор на Мрежата против говор на омраза во медиумите и во онлајн просторот, речиси цела година очекува владини претставници да пристапат кон потпишување на Меморандумот за  соработка. „Со ова би се официјализирало дејствувањето на оваа мрежа, составена од претставници на државни институции, комисии, агенции и граѓански организации, но досега немаме одговор за тој чин. А ширењето говор на омраза може да е еднакво штетно за општеството и за демократските процеси, колку и ширењето дезинформации“, порачува Георгиевска. Улогата на медиумите во справувањето со дезинформациите Токму Советот неодамна промовираше и Прирачник со насоки и практики за проверка на факти, давајќи свој придонес во јакнењето на свеста и на капацитетите на медиумите кога станува збор за борбата против дезинформациите. Оттука, Георгиевска ја објасни медиумската улога во сеопфатниот пристап за справување со дезинформациите. „Медиумите се првиот филтер низ кој, во зависност од кредибилитетот и одговорноста на новинарите и на уредниците што работат таму – или ќе поминат или ќе бидат сопрени дезинформациите. Фокус на новинарите треба да бидат реалните случувања во животот на заедницата, објаснети едуцирано, транспарентно и аргументирано, наместо теории на заговор ширени од сомнителни центри, дома и во светот. Медиумите имаат и едукативна улога – континуирано да информираат и да им укажуваат на граѓаните како самите да се заштитат од манипулативни содржини на социјалните мрежи, на пример“, додава извршната директорка на СЕММ. Исто како и професорот Џигал, и таа нагласува дека социјалните мрежи и дигиталните платформи воопшто, им овозможуваат на многубројни актери да внесуваат сомнеж и да ја поткопуваат довербата на населението во домашните и во европските институции кон чии демократски вредности е насочено и нашето општество.„Пропагандните центри во регионот и во светот работат на секое ниво. Да, точно е дека и владите се предмет на манипулативни и злонамерни информации. Верувам дека со транспарентно работење и вклученост на сите релевантни чинители, со видлива а не само декларативна европеизација, властите ќе можат да ја подобрат во моментов прилично разнишаната доверба од јавноста“, заклучува Георгиевска. А како, всушност, изгледа во практика изложеноста на институциите на дезинформации? Не случајно, одговори побаравме од Министерството за одбрана, кое во согласност со Индексот на активна транспарентност е лидер на табелата во споредба со сите институции на централно и на локално ниво пет години по ред, од кои последните четири (вклучувајќи ја и 2024 година) со 100-процентна исполнетост на критериумите. Искуството на оваа институција само го потврдува она што го посочуваат и нашите други извори, а тоа е влијанието на глобалните случувања, меѓу кои и воениот конфликт меѓу Русија и Украина како и нападот на Израел врз Газа. Министерството било и е изложено на дезинформации од секаков вид, но реакцијата на овие дезинформации е нераскинливо поврзана со нивниот потенцијал да предизвикаат штета на одбранбениот систем. Во изминатиот период, во контекст на руската агресија врз Украина, имало обиди за ширење дезинформации во контекст на употребата на опремата што е донирана на Украина, но тие биле со мала пробивност ако се земат предвид каналите за ширење на овие дезинформации – ни одговорија од Министерството за одбрана. Тимот за односи со јавноста при ова министерство тврди дека одбранбениот систем се соочува со обиди за ширење дезинформации во континуитет. Меѓу примерите за нив, се вбројуваат и активностите на Криволак: Во изминатите години имало повеќе примери за такви обиди – од „активностите на ‘Криволак’ имаат штетно влијание врз животната средина“ и „користење муниција со осиромашен ураниум на ‘Криволак’“ до „употреба на ист тип бомбардери за време на армиска вежба како оние што се користеле за напад на СР Југославија“. Тие првенствено биле т.н. „тригер“ за одбранбениот систем да воведе мерки со кои фактички ќе се одговори на овие дезинформации. Од Министерството објаснија и како одговориле на ваквите наративи: На пример, во однос на наводите за „загадување на животната средина предизвикано од активностите на македонската и на сојузничките армии на „Криволак“, во соработка со академска лабораторија, дел од државен универзитет, воведено е мерење на загадувањето за време на големи армиски вежби и со емпириски докази е потврдено дека станува збор за целосна дезинформација. Поучено од овие обиди за дезинформирање на јавноста, Министерството во понатамошниот период е поподготвено да одговори на овие и на слични обиди за дезинформирање – се вели во одговорот од секторот за односи со јавноста. Дефиницијата на НАТО вметната во Политиката за стратегиски комуникации на МО Со оглед на фактот, пак, дека нашата држава веќе е членка на Алијансата, ресорот Одбрана во својата Политика за стратегиски комуникации ја има вметнато дефиницијата за ‘дезинформациите’ на НАТО, бидејќи токму нивното дефинирање е столбот на кој се темели системот за справување со нив. Но, кои се другите механизми со кои Министерството за одбрана дејствува на ова поле? Оттаму ни одговорија дека е донесен Концепт за развој на систем за справување со дезинформации што се темели на три функции – превентивна, проактивна и реактивна. Секоја од нив е поставена во неколку организациски единици во Министерството. Имено, проактивната и реактивната функција се дел од активностите и задачите на Секторот за информации и комуникации. Во доменот на проактивноста, Министерството е насочено кон предвремено детектирање можни дезинформации („pre-debunking“) и нивно пресретнување со зголемена визибилност и пошироко информирање на клучните публики за теми од интерес на одбраната. Реактивниот столб опфаќа развој на интерен систем за брзо информирање („rapid alert system“) при детектирана дезинформација и подготовка на соодветен одговор во согласност со семафор-правилото (црвено-жолто-зелено) кое го утврдува нивото на штетност. Превентивната функција што вклучува и развој на општествената отпорност е дел од задачите на Секторот – Регионален центар за односи со јавноста, кој истовремено е и Партнерски центар за обука на НАТО, во фаза на добивање на НАТО-акредитација во согласност со сите НАТО-стандарди за еден центар за обука. Во овој центар е развиена и обука за справување со дезинформации, која првенствено е насочена кон владините комуникатори, велат од Министерството. Истовремено, како што информира тимот за односи со јавноста, целиот систем е детално опишан и утврден во Упатството за односи со јавноста, кое е интерен документ. Дополнително, во Министерството постои и Правилник за транспарентност во работењето на МО. Дефиницијата на НАТО говори дека дезинформациите се „намерно креирани лажни или манипулирани информации, кои имаат за цел да ја измамат односно да ја доведат во заблуда клучната публика“. Познавачите што ги контактираше МИМ се едногласни – дека тие се еден вид хибридна закана, која има свое влијание врз безбедноста на секое општество, вклучувајќи го и македонското. Дезинформациите им го нарушуваат кредибилитетот на институциите изложувајќи ги на намалена доверба од граѓаните на кои треба да им ги испорачаат своите услуги. Нивната штетност оди дотаму што може да поттикнат сомнеж во општиот напредок, да создадат поделби по разни основи во општеството – велат нашите извори. Според нив, дезинформациите сеат песимизам, недоверба и отуѓеност, го дезориентираат како поединецот така и заедницата. Ова во практика би значело дека барајќи аргументи во потрага по вистината, обичниот граѓанин лесно би можел да наседне на сензационализам и шокантност во отсуство на релевантни и точни информации. Ова, пак, само уште повеќе ја нагласува важноста на медиумската писменост. Таа во земјава, според легислативата, особено е промовирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која од 2017 година континуирано презема активности во оваа насока заедно со Мрежата за медиумска писменост. Ова е особено изразено во рамките на Деновите на медиумска писменост, каде што во изминатите шест години се реализирани многубројни работилници, панел-дискусии, интерактивни предавања, обуки, вебинари, посети на медиуми, преведени се публикации, спроведени се кампањи преку каналот на мрежата на Јутјуб, Фејсбук, Твитер и Инстаграм профилите и низа други активности поврзани со справувањето со дезинформациите и препознавањето лажни вести. Последните Денови на медиумска писменост 2024 беа целосно посветени на препознавањето и на справувањето со дезинформациите, особено во ерата на вештачката интелигенција, велат од Агенцијата. Од Агенцијата нагласуваат дека работат и на едуцирање и на сопствениот кадар: „Па, така, фокусот на феноменот на дезинформациите и на мерките за справување беше ставен во рамките на твининг проектот, кој регулаторот го реализира со германскиот партнер IRZ. Веќе беше одржана работилница на аспекти од оваа тема“. Со цел граѓаните да развијат поголема медиумска, но и дигитална писменост, на располагање наскоро ќе им биде Водичот за дезинформации на чие креирање работи АВМУ во моментот. Овој документ што треба да биде плод на соработката со германскиот партнер, ќе биде готов на почетокот на идната година. Со ова, граѓаните во земјава ќе добијат практични совети за тоа како да ги препознаат дезинформациите, како важен сегмент од намалувањето на нивното ширење. Врз основа на овој документ, ќе биде подготвена и спроведена и кампања за подигнување на свеста за препознавање на дезинформациите, најавуваат од АВМУ. Автор: Вања Мицевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
M T N 1

Четири начини како медиумските работници може да го користат NotebookLM

Алатката NotebookLM на Гугл функционира како ваш колега новинар, кој инстантно се претвора во експерт за документите што сте му дале да ги прегледа. Овој ресурс може да го забрза вашето новинарско истражување, да ве доведе до пофокусирана тема, да ви отвори нови перспективи за темата или, пак, целото истражување да го претвори во интерактивен разговор во поткаст формат. Пишува: Александар Манасиев Стотици бесплатни алатки секојдневно се појавуваат на пазарот за кои креаторите тврдат дека ќе го револуционизираат начинот на кој ги извршувате секојдневните работи. Овие алатки, барем декларативно, имаат за цел да ви ја олеснат работата, да автоматизираат голем дел од работите што досега рачно сте ги правеле или, едноставно кажано, да ви заштедат време и пари. Со развојот на ВИ (вештачката интелигенција) зачести и појавата на алатки што ветуваат кули и градови, но најголем дел од нив или се неприменливи за медиумските работници или, пак, се скапи за користење. Во крајна линија, најголем дел од оние што работат во медиумскиот бизнис немаат ниту време ниту енергија да ги следат и да ги испробаат сите нови алатки што се појавуваат на пазарот. Токму затоа најголем дел од нив остануваат неискористени и незабележани од крајните корисници. Но, одвреме-навреме се појавуваат и алатки што едноставно имаат потенцијал сериозно да ја променат „играта“ и да станат моќен ресурс во рацете на новинарите и на медиумските работници. Таква е алатката NotebookLM на Гугл, за која може да се каже дека е импресивна и дека може да има низа примени во медиумскиот бизнис, сега или во блиска иднина. Но, што е NotebookLM? Едноставно кажано, станува збор за алатка што ќе ви помогне да пронајдете смисла во комплексните информации. Вие ја „храните“ со документи, а алатката инстантно се претвора во експерт за содржината што сте ја понудиле на менито. И тоа е само една од можностите.  Иако е во експериментална фаза, несомнено е дека оваа или некоја следна понапредна верзија на овој ресурс ќе биде ваш незаменлив партнер во работата. Она што е важно со оваа ВИ-алатка е дека вие ја имате контролата над овој ресурс односно документите што ги давате на увид не се достапни за други корисници и со нив не се тренира вештачката интелигенција. „Вашите лични податоци не се користат за обука на NotebookLM, така што сите приватни или чувствителни информации што ги имате во вашите извори ќе останат приватни, освен ако не изберете да ги споделите со соработниците“, велат од Гугл. Лошата страна е што иако овој ресурс е достапен во 180 земји и региони, засега Македонија не е дел од нив. Но, со оглед на брзата експанзија по иницијалното пуштање во САД, се очекува дека наскоро ќе биде достапен и во земјава. Сепак, доколку користите VPN (виртуелна приватна мрежа) можете да ги заобиколите овие географски рестрикции и да ја користите алатката без ограничувања. Алатката може да ја користат и овие што живеат или се на привремена работа надвор од Македонија и вакви позитивни искуства веќе се споделуваат на социјалните мрежи. NotebookLM дефинитивно е во фаза на раст и развој и со брзо темпо се претвора во корисна алатка за многу повеќе профили на луѓе отколку само за оние што работат на полињата на едукација и истражување. Во продолжение следуваат четири начини на кои медиумските работници може да ја искористат оваа моќна алатка на Гугл. Длабинска анализа на документи Новинарите што работат на истражувачки приказни и анализи, неретко треба да прегледаат стотици или илјадници документи со цел да ја „ископаат“ приказната. За ова се потребни многу време и енергија, некогаш недели или месеци работа. Ако голем дел од новинарите имаат доволно енергија, доволно време нема речиси никој. Токму тука во игра влегува новата алатка на Гугл. NotebookLM овозможува да ги прикачите сите документи што се дел од вашето истражување (ПДФ, Гугл докс формат, слајдови, веб-страници итн.) од различни извори на платформата и за кусо време ќе може да „фати“ забелешки поврзани со документите, да донесе комплексни заклучоци, да ги анализира на безброј начини и да ги претвори во поедноставна форма или во аудиоформат. Овој ресурс функционира како ваш колега новинар, кој инстантно станува експерт за овие извори/документи што сте му ги понудиле. Можете да комуницирате во врска со документите што сте му дале да ги прегледа, да поставувате прашања итн. Целиот процес може да го забрза вашето истражување, може да ве доведе до пофокусирана тема за истражување или, пак, да ви отвори нови перспективи. На сличен начин досега новинарите го користеа Четџипити (ChatGPT), но разликата во новата алатка на Гугл е што целосно се фокусира на информациите со кои ќе го нахраните и во своите одговори воопшто не излегува од рамката што му ја давате односно се избегнуваат таканаречените халуцинации. Она што е важно е дека кога NotebookLM ќе донесе заклучоци или ќе ви понуди цитат, изворот на тие информации се токму документите што сте му ги дале на увид. Рамката ја одредувате вие самите и NotebookLM не излегува од неа. Генерирање идеи Утринските редакциски колегиуми се местото каде што најчесто новинарите ги генерираат идеите за приказните. Но, голем број медиуми немаат практика за брејнсторминг на идеи на колегиум или, пак, едноставно немаат со кого тоа да го направат бидејќи станува збор за човек-медиум. Без разлика дали сте фриленс новинар или, пак, дел од некоја редакција, NotebookLM може да ви биде партнер во генерирање идеи за вашите приказни или, пак, да ви понуди решенија. Доволно е само да ја „нахраните“ алатката со документи во текстуален формат, презентации, јутјуб-линкови, линкови од веб-страници и други извори што ги користите во вашето истражување. Потоа ќе го оставите NotebookLM  да ви помогне во кои насоки може да се одвива вашата приказна, да пронајде различни агли на приказната или да ви помогне да креирате приказна во продолженија. Секако авторот на приказната треба да сте вие, а не вештачката интелигенција. Претворете ги документите во поткаст Поткастите, како самостоен продукт или како екстензија на вашето новинарско истражување, во последно време се честа форма на раскажување приказни.  Без разлика дали се во видео или само во аудиоформат, поткастите имаат своја верна публика што постојано е во пораст. NotebookLM ви овозможува да креирате поткаст само врз основа на вашите документи. Оваа функција може да го претвори вашето комплексно новинарско истражување или анализа во интерактивна дискусија во форма на поткаст генерирана од вештачката интелигенција. Ова е особено применливо за редакции што досега не креирале ваков формат, редакции што „кубурат“ со луѓе или едноставно немаат ниту време ниту знаење како да креираат поткаст. Но, оваа можност на NotebookLM може да ја користите и додека истражувате одредена тема, а немате време за читање илјадници документи. Замислете дека цел извештај од околу стотина страници на Државниот завод за ревизија може да се претвори во петминутен поткаст што ќе го слушате додека возите велосипед до вашата редакција. Игор Војноски, кој живее во Австрија, неодамна сподели дека го претворил извештајот на Европската комисија за Македонија во ваков интерактивен разговор. Епилогот е разговор за кој нема да можете да препознаете дека е генериран со ВИ. Оваа можност на NotebookLM има огромен потенцијал за примена во иднина, со што ќе се даде поголема интерактивност на пишаниот формат. Голем број автори на книги веќе го користат овој ресурс за да креираат аудиоверзија на своите книги што наликува на разговор помеѓу две лица, секако генериран од ВИ. Анализа на јутјуб-видеа и на аудиофајлови Покрај можноста за анализа на документи во различен текстуален формат, NotebookLM ви овозможува како извор да додадете и линкови од видеа од Јутјуб или фајлови во аудиоформат. Со додавање одредено интервју од Јутјуб што трае еден час, вие може за кусо време да добиете белешки поврзани со тоа интервју, да се изведат најзначајните поенти и заклучоци. Истото важи и за аудиофајловите. Замислете дека ваш колега правел интервју со претседателска на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кое трае половина час. Доколку го вметнете аудио- или видеофајлот во овој ресурс на Гугл, вие за кусо време ќе може да ги извлечете најважните поенти без да го преслушате целиот аудио- или видеофајл. Алатката ќе ви ги даде и тајм-кодовите на таа изјава, така што ќе можете и самите да ја проверите веродостојноста пред да ја објавите. Несомнено е дека NotebookLM нуди низа корисни можности за медиумските работници како за приватни така и за професионални цели. Овие алатки во блиска иднина ќе бидат помоќни, побрзи и попаметни. Медиумските работници не треба да стравуваат дека ВИ-алатките ќе им го земат работното место. Напротив, на нив треба да се гледа како на нужен ресурс, а не како на неминовна закана.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Vlaho   Lokalitetot Vlaho Pred Negovoto Ostetuvanje

Наука: Како археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија ја возбуди јавноста во Србија

Полемиката отвори низа интересни прашања. Како науката да се избори за своето место и зошто широките народни маси одбираат повеќе да веруваат на тоа што не е потврдено со факти. Особено кога е поттикната од национални и етноцентрични побуди Пишува: Весна Ивановска-Илиевска Археолошкиот локалитет Влахо кај селото Живојно во Пелагонија, едно од наоѓалиштата каде што научниците докажаа дека најрано се појавиле неолитските населби во Европа, деновиве стана интересен за социјалните мрежи во Србија. Научниот труд на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер, верифициран и објавен во реномираното светско археолошко списание „Documenta Praehistoric“, отвори полемика откако информацијата ја пренесе српскиот специјализиран портал sveoarheologiji.com. Повеќемина читатели ја нападнаа сопственичката на порталот, научната новинарка Маја Миљевиќ-Ѓајиќ, и самата магистер по археологија, дека со објавување на информацијата, ја понижува српската култура, алудирајќи на тоа дека населбата Лепенски Вир на Дунав е најстарата откриена европска култура. Полемиката отвори низа интересни прашања. Како науката да се избори за своето место и зошто широките народни маси одбираат повеќе да веруваат на тоа што не е потврдено со факти. Особено кога е поттикната од национални и етноцентрични побуди? Д-р Гоце Наумов е археолог и повеќе години активно го истражува Влахо, преку Центарот за истражување на предисторијата. Наумов е дел од Ајнштајновиот центар во Берлин каде што со грант од Ајнштајновата фондација ги моделира јагленородните дати од неолитските локалитети во Пелагонија, но и воопшто од Македонија. Тоа го прави во соработка со Агате Рајнгрубер, една од врвните европски познавачи на предисториската хронологија, која заедно со Лоренс Тисен пред десетина години го направиле најопсежниот апсолутен хронолошки преглед на датите од Југоисточна Европа и од Анадолија. Гоце Наумов Со неа работевме на изработката на хронолошки секвенци од повеќе локалитети и преку Бејзовото моделирање добивме одличен преглед за сите архитектонски и стратиграфски етапи на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Македонија, како и за Мавропиги, Паљамбела и Ревенија во Грција. Користевме единствено дати од семиња, говеда и кози/овци, бидејќи се најреферентни и најпрецизни, за разлика од оние добиени од јаглен/дрво, луѓе и свињи, кои поради повеќе природни фактори може да осцилираат и неосновано да покажат многу порани години – објаснува Наумов. Доказ: Првите земјоделски заедници се формирани во географска Македонија Нивните хронолошки модели покажале дека датите на првите земјоделски заедници од географска Македонија посочуваат на порано населување на овој простор отколку што порано се претпоставувало. Според Наумов, ова сознание е познато и афирмирано и од грчки археолози. Ние уште повеќе го зацврстивме со неколку нови дати и хронолошки модели. Од друга страна, во археологијата оправдано прифатен е моделот на најрано населување на првите земјоделски заедници во Тесалија и на Пелопонез, но новите ревидирани хронологии покажуваат дека овие датирања се претежно засновани на дати добиени од јаглен/дрво и луѓе што можат да бидат многу нерелевантни и далеку понепрецизни од оние добиени од семиња, говеда или овци. Со идните истражувања во Тесалија и на Пелопонез може да се добијат уште постари дати засновани на овие видови и веќе востановениот модел на населување на Европа уште повеќе да се аргументира. Во науката ваквите ревидирања и корекции на толкувањата, вклучително и оние хронолошките, се сосема вообичаени и многу корисни – вели Наумов. Маја Миљевиќ-ЃајиќИскуствата на Маја Миљевиќ-Ѓајиќ велат дека поединците, за жал, често ги отфрлаат или се сомневаат во научните докази и наоди, дури и кога тие се широко прифатени и поддржани од мнозинството експерти во областа. Конкретно, за реакциите што се однесуваат на локалитетот Влахо, таа посочува неколку клучни фактори: недоволното разбирање на научните методи и докази, односно недоволната едукација, погрешна литература во рацете на луѓе со големо влијание врз масите во време на современи технологии и брз пренос на информации. Интернетот овозможи брзо ширење лажни информации преку социјалните мрежи, каналите на Јутјуб и другите онлајн платформи. Интернетот користи алгоритам што на своите корисници од сите страни им ги „наметнува“ содржините што претходно ги гледале. Постојано им се појавуваат и неизбежно е да се кликне на нив. Промовирањето на псевдонауката од познати личности (пејачи, спортисти) ѝ нанесува огромна штета на науката. Медиумскиот простор на националните телевизии (во Србија) има сè помалку културна содржина и често се отстапува на „истражувачи“ со сомнителни звања и дипломи. Затоа научниците и едукаторите треба да препознаат каде грешат и да го приспособат својот пристап кон јавноста. Да бидат поприсутни во јавноста, како и на социјалните мрежи и на другите платформи каде што има претежно млади луѓе. Неопходно е што повеќе да се промовира науката и критичкото мислење и да се вклучи јавноста – објаснува таа. Влахо – еден од четирите најрани неолитски локалитети, но има и постари Во научниот труд Наумов и Рајнгрубер го користат терминот географска Македонија бидејќи во студијата се вклучени повеќе неолитски локалитети од територии на денешните современи држави. Освен Влахо, кој се наоѓа во Пелагонија и е датиран околу 6.400 година пр.н.е., вклучени се и локалитетите Мавропиги, Ревенија и Паљамбела, кои се наоѓаат во Грција и се датирани дури и порано од Влахо, околу 6.500 година пр.н.е. Според Наумов, тоа е сосема логично бидејќи одреден демографски бран на рани земјоделски заедници се движел од Термајскиот Залив, односно од регионот Пиерија околу 6.550 година пр.н.е., вклучувајќи ги локалитетите Ревенија и Паљамбела. Овој бран се проширил кон регионот Птолемаида, каде што се наоѓа локалитетот Мавропиги и кој воедно има блиска поврзаност и хронологија (заснована на семиња) со Влахо. Од истражувањата на Влахо / Фото: Христијан Талевски Тоа значи дека Пелагонија била еден од регионите што бил рано вклучен во овој процес на ширење на неолитот и тоа секако е многу логично доколку се има предвид демографската експанзија кон север. Во тој процес биле неолитизирани и други региони, како што е воедно и Тесалија. Сегашните сознанија убаво покажуваат дека почетокот на неолитот бил интересен и динамичен период исполнет со разновидни демографски движења и културни интеракции меѓу заедниците. Идните истражувања на балканските археолози ќе ги надополнуваат демографските модели или ќе предложуваат сосема нови, што е сосема очекувано со оглед на тоа што има уште многу неолитски населби што допрва треба да се проучуваат и кои можат да приложат сосема нови видувања – вели Наумов. Според него, засега Влахо е еден од четирите најрани неолитски локалитети во географска Македонија, што воедно го прави и еден од најстарите. Но, главниот фокус кон Влахо не треба да биде само кон неговата хронологија, туку и кон просторната организација, материјалната култура, обредите и исхраната, а кои по многу нешта се специфични и вредни за афирмација. Наумов е дециден дека скромното присуство на археолозите во јавниот домен создава огромен простор за искривување на откритијата и толкувања, а воедно отвора широки полиња за нивно користење за погрешни цели. Не случајно, реакцијата на насловот за Влахо побудила и неосновани национални перспективи за локалитетот Лепенски Вир. Станува збор за прекрасен и по многу нешта уникатен локалитет, кој српските археолози мошне темелно го презентираат, но кој, за жал, како и многу други на Балканот, се користи како национално оружје од поединци што веројатно и немаат желба темелно да го разберат она што археолозите го истакнуваат. Истото се случува и во Македонија, каде што многубројни археолошки откритија погрешно се интерпретираат од личности што овие откритија ги користат претежно за квазинационални проекции – вели Наумов. Тој додава дека ниту другите соседни земји не се имуни на овој психолошки патоген што се храни со искривување на археолошките факти, па и во Бугарија, Албанија, Грција и Косово неосновано се манипулира со археологијата за националистички цели. Археолозите можат единствено да придонесат овие вируси да не инфицираат поголем дел од населението со тоа што ќе излезат од комфорната зона на академскиот елитизам и ќе им понудат на своите сонародници и државници форми на доследно почитување и афирмирање на сопственото културно наследство. За среќа, постојат многубројни балкански археолози што тоа го прават преку нивни ангажмани во популарни публикации, изложби, документарни филмови, написи или репортажи. Само треба да се поддржат од повеќе колеги и од одговорни функционери што имаат визија за соживот, а не сценарија за раскол. Имаме прекрасно археолошко минато и неопходно е да се истакне квалитетот на она што се случувало во предисторијата, антиката или средниот век. Тоа е многу повозбудливо и поинспиративно отколку бодењето очи со националистичките археолошки патологии – вели Наумов. Антрополозите објаснуваат како небулозните дискусии се одржуваат во живот Д-р Ана Ашталковска-Гајтаноска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-научниот факултет во Скопје. Таа истакнува дека етноцентрични реакции не се ексклузивни за Балканот. Но, тоа не значи дека не треба критички да ги разгледуваме овие долготрајни тенденции во нашите општества. Ана Ашталковска-Гајтаноска– Прво што ми паѓа на ум кога ги читам коментарите е книгата на Иван Чоловиќ со наслов „Балканот – терор на културата“ (Слово, Скопје 2012) каде што се вели дека наспроти популарните стереотипи дека Балканците се некултурни, односно дека тие страдаат од недостиг на култура, всушност излегува дека страдаат од вишок култура. Тоа е така затоа што културата на овие простори „добива својство на вистинско божество“. Таа се есенцијализира, се присвојува бесрамно и никако не може да се споделува со другите. Се убедуваме во автохтоност, оригиналност, се повикуваме на континуитети што одат наназад со илјадници години за да го утврдиме она што е ексклузивно наше. Секако бурните историски и политички околности во кои политичките центри на моќ ги поттикнуваат ваквите нарации се причина за одржувањето во живот на овие небулозни дискусии – објаснува Ашталковска-Гајтаноска. Во време на епидемија од дезинформации преку мас-медиумите и големото присуство на псевдонаука секаде во светот, тешко прашање е како науката да се избори за да ги пласира научните докази, особено во македонски контекст каде што методолошкиот национализам е сѐ уште мејнстрим или доминантен патоказ во науката, наспроти критичките пристапи кон овие прашања што укажуваат на опасностите од злоупотреба на чувствата на луѓето во оваа смисла. Тоа сме го доживеале на своја кожа, односно сме биле и сме во моментов сведоци на злоупотреби на етничките прашања за политички цели. Практично излегува дека токму тоа е наше секојдневие. Науката во вакви околности не може да стори многу доколку не добие поддршка „од горе“. Потребни се сериозни напори за промена на концепциите во образованието на сите нивоа. Наместо децата да ги воспитуваме со интерпретации што ги есенцијализираат културите на кои им припаѓаат, и уште поважно, наместо да ги воспитуваме да се доживуваат како жртви низ историјата, кои треба да се борат, да го бранат, да го оправдуваат својот оригинален идентитет, треба да им се укаже дека овие, инаку благородни и силни чувства, можат да бидат злоупотребени, а во нашите околности тие, за жал, се често злоупотребени – вели Ашталковска-Гајтаноска. Па наместо да ги воспитуваме да бидат жртви под постојана закана, подобро е да ги воспитуваме да бидат активни чинители што ќе знаат да ги препознаат токму заканите од различни есенцијализми. Според Ашталковска-Гајтаноска, на овој начин си ги ограничуваме капацитетите на долг рок затоа што луѓето остануваат окупирани со конструкции што се секако нереални, а кои ги отсликуваат коментарите што ги коментираме во случајов. Таа со жалење  констатира дека, како што стојат работите во моментов, нема изгледи во догледна иднина да се работи на ова значајно прашање. Неодамна го слушнавме премиерот како на прес-конференција директно го поддржа токму тој методолошки национализам како норма во истражувањето на овие прашања. Тоа значи дека државата со своите механизми е подготвена да го промовира и да го спонзорира овој ризичен метод на работа, така што истражувањата од општествените и од хуманистичките дисциплини што се занимаваат со овие прашања се легитимни само во овој случај, според политиките на државата – објаснува Ашталковска-Гајтаноска. Зрна од грашок и леќа пронајдени на Влахо Тоа понатаму секако се прелева на научниците, на истражувачите, на предавачите и на професорите, на авторите на учебници, на наставниците итн. и на крај на децата. Повторно се создава опасен затворен круг, кој никако не ни дозволува да излеземе од рамките на коментарите што овде ги осудуваме. Овие теми многу ме возбудуваат како истражувачки прашања во моите професионални области, но истовремено многу ме вознемируваат како граѓанка што треба да расте дете во ваква атмосфера. Ја препорачувам книгата на Чоловиќ затоа што тој, за разлика од мене, наместо да се вознемирува, многу повеќе се забавува во анализата на ваквите коментари што доаѓаат од широките народни маси, но и од професионалците, како и од политичарите. Хуморот може да биде многу ефикасен начин за деконструкција на ваквите нарации – вели Ашталковска-Гајтаноска. И Миљевиќ-Ѓајиќ се согласува дека археологијата не е имуна на влијанието на псевдонауката не само на Балканот и може да се набљудува на глобално ниво. Погрешното толкување на археолошките податоци е глобален проблем. Затоа е важна комуникацијата, ангажирањето на локалната и на пошироката заедница. Неопходна е и поддршката од медиумите и на одредени институции. Комуникацијата на археолозите со јавноста мора да биде во чекор со времето и треба да се приспособува на јавноста, а не обратно. Бидејќи работата на археолозите и воопшто на научниците е од интерес за општеството. Науката и нејзините откритија треба да бидат достапни за секого. Наша должност е да се бориме против сензационализмот и заблудите што ги има насекаде, со изнесување цврсти докази за тоа и да бидеме истрајни во тоа – завршува таа.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Xhenur F 2

Како државните институции им се спротивставуваат на дезинформациите и на малигните странски влијанија

Институционалната отпорност кон дезинформациите и малигното странско влијание е клучна за зачувување на демократската структура на Северна Македонија. Применувајќи сеопфатен пристап што вклучува силни политики, технолошки напредоци, јавен ангажман и меѓународна соработка, земјата може да ја засили својата заштита против овие сложени закани. Пишува: Џенур ИСЕНИ Дваесет и првиот век век ја означува ерата кога информациите, односно дезинформациите, станаа едно од најмоќните оружја на глобалните суперсили и различни интересни групи, и кога институциите, особено оние што се занимаваат со надворешната политика на државата, се соочуваат со предизвици без преседан. Како што појавата на социјалните мрежи значително влијаеше врз брзината на обработка на информациите, така и популарноста на дигиталните платформи што сѐ повеќе доминираат во онлајн комуникацијата, направи отпорноста на институциите на дезинформациите и на малигното странско влијание да стане едно од најважните прашања за земјите на Западен Балкан, особено за Северна Македонија. Северна Македонија, позиционирана на раскрсницата на источните и на западните геополитички интереси, се соочува со уникатни предизвици во оваа област. Зајакнувањето на институционалната отпорност на малигните влијанија не е витално само за националната безбедност, туку и за зачувување на демократскиот интегритет и на јавната доверба. Овaa статија има за цел да ја истражи ситуацијата со дезинформациите и со странското влијание во Северна Македонија, отпорноста на институциите кон малигните влијанија и потребните следни чекори за зајакнување на отпорноста кон овие влијанија. ЗЛОНАМЕРНОТО (МАЛИГНОТО) СТРАНСКО ВЛИЈАНИЕ ПРЕКУ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Стратегиските аспирации на Северна Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО ја направија централна точка за малигно странско влијание, особено од Русија и од Кина. Овие земји имаат интереси во обликувањето на политичкиот и на економскиот пејзаж на Балканот во согласност со своите стратегиски цели. Русија, на пример, е вклучена во ширење дезинформации за да поттикне скептицизам кон НАТО и ЕУ. Истовремено, во истражувањето „Поттикнувачи на измама: Како начините на кои размислуваме поттикнуваат дезинформација“ на „Националниот фонд за демократија“ (National Endowment for Democracy – NED), Русија е идентификувана како главен извор на дезинформации на Балканот. Авторите на истражувањето истакнуваат дека Русија има сериозна улога во ширењето лажни вести во Северна Македонија, а како пример ја наведуваат пропагандата што беше распространета пред и за време на референдумот во 2018 година. Исто така, во истражувањето се истакнува дека „во месеците пред референдумот, страници на Фејсбук и на Твитер се појавија повикувајќи на бојкот на референдумот и ширејќи лажни информации за НАТО и за Западот, поттикнувајќи меѓуетнички тензии во земјата, која има голема албанска етничка заедница (најголемо малцинство во РСМ)“. Страшни слики кружеа од жена претепана од полицијата затоа што била против референдумот, што имаше цел да ги запали страстите на народот, споредувајќи го гласањето на референдумот со учество во фашизам или нацизам. Канцеларката Ангела Меркел со Хитлерови мустаќи и порака: „Го бојкотираме геноцидот на македонскиот народ“. Ова ни покажува дека преку промовирање наративи што ги доведуваат во прашање придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО, Русија се обидува да го одржи своето влијание во регионот и да го спречи понатамошното присуство и влијание на западните институции. Исто така, поранешниот министер за надворешни работи на РСМ Буjaр Османи во изјава за Евроњуз истакна дека Русија користи кампањи за дезинформација со специфични цели – вклучувајќи ширење лажни вести преку интернет-тролови – за, како што вели тој, „да ја распадне социјалната структура на општеството“ во земјата и на Западен Балкан, како и да го забави нивното приклучување во ЕУ. Од друга страна, пристапот на Кина, иако различен, е исто толку моќен. Преку значајни економски инвестиции и инфраструктурни проекти, Кина има за цел да прошири позитивна слика на својот модел на управување, често придружена со деликатни кампањи на дезинформации што ја истакнуваат претпоставената супериорност на кинескиот систем. Во изјава за Гласот на Америка, Ана Крстиновска, експерт за односите Кина – ЕУ – Западен Балкан, истакнува: „Кинеската пропаганда има повеќе цели. Една од најважните е портретирањето на Кина во исклучително позитивна светлина. Затоа, акцентот се става на кинеските економски достигнувања, кои несомнено се на високо ниво во последните 40 години. Сè повеќе акцентот се става на кинеската технологија и на технолошкиот напредок. Има тенденција да се елиминираат, минимизираат или да се релативизираат сите критики што можат да ѝ бидат упатени на Кина“. Во контекст на Северна Македонија, таа нагласува дека „според филозофијата на кинеската надворешна политика, нема големи или мали држави. Секоја држава има важност. Особено во контекст на Северна Македонија, ние сме членка на НАТО, членка на ОН, на Светската трговска организација, на Светската здравствена организација, на УНЕСКО и на низа други меѓународни организации каде што нашиот глас има иста тежина како гласовите на големите земји во светот“. Иако Кина не користи исти методи на влијание и манипулација како Русија, таа се обидува преку пропагандни алатки да создаде позитивна слика пред јавноста во регионот на Западен Балкан. ИНСТИТУЦИОНАЛНА ОТПОРНОСТ КОН ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ И МАЛИГНИТЕ ВЛИЈАНИЈА Градењето отпорност на овие повеќекратни закани, бара сеопфатен пристап што вклучува развој на политики, технолошки иновации, јавен ангажман и сл. Северна Македонија постигна значителен напредок во овие области, иако се потребни континуирани напори за да се приспособи на новите предизвици. „Справувањето со дезинформациите може да оди преку два начина: активна транспарентност и постојано инвестирање во професионален кадар. Кога една институција самоиницијативно ќе објавува информации за својата работа, за начинот на кој се донесуваат одлуки, политики, како и зошто се предлагаат законски решенија, се намалува просторот за шпекулации и ширење лажни вести, односно нема да се доведеме во ситуација кога има институционален молк, па јавноста сама да ги пополнува информациските празнини. Другиот начин е постојано унапредување на капацитетите на институциите, односно инвестирање во вработените и во алатки за работа. Речиси две децении работев во домашна и во странска јавна служба и искуството ми покажало дека кога имате професионалци што се ангажирани за односите со јавноста, или лица што се во институцијата подолго време и им се овозможува постојана обука и напредување, тогаш и справувањето со дезинформациите е полесно. Тие се кадарот што знае од кои центри доаѓаат нападите, кон што се најчесто насочени и добро ја знаат институцијата во која работат за да знаат каков одговор е потребен“ – изјави Билјана Радева, која работеше и во кабинетот на поранешниот претседател Стево Пендаровски. Меѓутоа Џенис Сулимани, новинар и член на кабинетот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, нагласува дека лажните вести станаа тренд. Според него, ова е благодарение на динамичниот развој на технологијата, односно на социјалните мрежи. „Институциите во најголем број случаи ја губат битката поради брзината со која веста стигнува до граѓаните. Единствениот заштитен механизам на институциите, сметам јас, е нивната транспарентност, отвореноста кон медиумите и граѓаните. Институциите треба да бидат повеќе кооперативни со новинарите, поотворени, со цел лажните вести да не добиваат замав. Недостатокот на отвореност на институциите создава простор за лажни вести и ги прави нив главни актери во јавноста. Честите средби на раководителите или на претставниците на институцијата со медиумите, преку брифинзи или конференции за медиумите, каде што има простор за одговор на секое отворено прашање, се добра одбрана против дезинформациите и малигните влијанија“, истакна Џенис Сулимани, новинар. ПРЕДИЗВИЦИТЕ И НАСОКИТЕ ЗА ИДНИНАТА И покрај значителниот прогрес, Северна Македонија продолжува да се соочува со неколку предизвици во своите напори за изградба на институционална отпорност против дезинформациите и малигните странски влијанија. Брзиот развој на тактиките на дезинформација значи дека институциите мора да се приспособат и постојано да бидат иновативни за да создадат отпор кон овие закани. Обезбедувањето одржливи фондови и политичка поддршка за иницијативите против дезинформациите е од витално значење. Владите треба да им дадат предност на овие напори, прифаќајќи дека отпорноста на дезинформациите е клучна за националната безбедност и за демократската стабилност. Михајло Лахтов, експерт за медиуми и комуникација, вели дека дезинформациските кампањи станаа вообичаена појава во денешниот глобален информациски простор. Големи мултинационални компании, различни политички актери, па и цели влади користат најразлични средства и алатки да ги контролираат и да манипулираат со гледиштата и ставовите на граѓаните. „Годинава организацијата Фридом хаус го објави најновиот свој извештај за Слобода на интернет 2023, загрижено констатирајќи дека 13-та година по ред, слободата на интернет е намалена. Според овој извештај, кој опфаќа 70 земји, 78 отсто од популацијата живее во земји каде што луѓето кривично се гонат и се затвораат за работи објавени на интернет, а во 67 отсто од земјите има луѓе што биле нападнати или дури и убиени поради ставови што ги искажале на интернет“, истакна Лахтов. Тоа што е исто така многу важно, а произлегува како согледување од овој извештај, е дека владите во 47 земји (од вкупно 70 земји колку што опфаќа истражувањето), користеле или користат провладини коментатори на интернет или ботови и тролови за да манипулираат со јавното мислење. „Оваа бројка е двојно зголемена за само една декада, што упатува на алармантни трендови. Можностите што ги нудат дигиталните медиуми, а особено развојот на вештачката интелигенција, се огромни, а очигледно е дека тоа го сфатија и политичките актери насекаде во светот и сè повеќе почнаа да ги користат овие алатки за манипулација. Според ова истражување, користењето цели трол-фабрики, стотици луѓе што администрираат илјадници различни лажни профили и шират најразлични дезинформации и пропаганда, стана една од главните пропагандни алатки на некои држави и влади, и тоа е мошне сериозен проблем“ – потенцира тој. На крајот тој вели дека справувањето со ваквите проблеми, за жал, не е едноставно и опфаќа серија различни активности што едно општество мора да ги спроведува, почнувајќи од образованието, едукативната улога на традиционалните медиуми (особено јавниот сервис), едукација на сите категории граѓани, спроведување заштитни мерки против пропагандни активности од други земји итн. „Државата мора да размислува и да креира стратегија како ќе се постави кон предизвиците на новото дигитално време, а таа стратегија ќе мора да ги вклучи сите сегменти во процесот, пред сè образованието“, - изјави Лахтов. Институционалната отпорност на дезинформациите и на малигните странски влијанија е суштинска за одржување на демократската структура на Северна Македонија. Со усвојување сеопфатен пристап, кој вклучува силни политички рамки, технолошки напредоци, јавен ангажман и меѓународна соработка, земјата може да ја засили својата заштита против овие сложени закани. Додека предизвиците остануваат, колективните напори на владата, на граѓанското општество и на меѓународните партнери треба да понудат силна основа за одржлива и сигурна иднина.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).