Активизам

Lilpe 1

Индиректно поттикната апатија со (пот)платено политичко рекламирање

Анемични, задушени, без воздух беа и политичките партии, но и медиумите што требаше да играат клучна улога во овој процес на креирање на јавната дебата за политики. Останавме куси во квалитетот на опусот на информации и од двете страни, и од оние што ни се претставуваа и од оние што требаше да ни ги претстават. Се чини како да имаа симптоми на долг ковид. Дали станува збор за уморни медиуми или за поттикната апатија? Што придонесе кон тоа? Дали можеби обезбедените државни средства за медиумите преку платеното политичко рекламирање придонесе кон тоа радиодифузерите да се опуштат и да ја дозволат мелодрамата што ја следевме?! Имено, со новите измени и дополнувања на Изборниот законик (Службен весник бр. 215 од 16.9.2021) се определува нов начин на утврдување на ценовниците за емитување платено политичко рекламирање (ППР) кој се применува и за Локалните избори 2021. Со најновите измени, радиодифузерите и печатените медиуми добиваат просечна цена по секунда за едно деноноќие, пресметана според различните ценовно-рекламни временски периоди. Ценовниците не смеат да се менуваат до конечно завршување на изборниот процес и цената не може да ја надминува просечната цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно, пресметана во последните пет изминати изборни циклуси. Доколку ДИК утврди неправилности во ценовниците, го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа, што и го направи. Излезе дека 17 телевизии треба да достават корекција на своите ценовници. Истото важи и за 9 радија. Иако ДИК донесе Упатство за начинот и постапката за потврдување на просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање, и иако е должна, сепак јавно не е објавена табелата со просечно постигната цена пресметана за секој радиодифузер одделно.  На прв поглед изгледа дека радиодифузерите не знаат математика за да ја направат пресметката. Но, затоа тука е ДИК за да направи корекција и регулирање на цените доставени од приватните радиодифузери. Исто така, ДИК утврди цена за телевизиите што се регистрирани во Регистарот на ДИК, но не учествувале на последните пет изминати изборни циклуси. Така, просечната цена не смее да биде повисока од 1,97 евро/121,13 денари за секунда рекламен простор. Тука ова изгледа на некаква регулација на ценовник на приватни медиуми и радиодифузери, ама нејсе, да видиме како ќе функционира во практика. Најважно е што сепак им се даде шанса и на оние што не се регистрирани во Регистарот на ДИК пред периодот на стапување на сила на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои сепак имаа право на ново барање за регистрација, за да може да бидат дел од Медија планот на учесниците во изборниот процес. Следно е Државната изборна комисија да им ги исплати трошоците за објавеното платено политичко рекламирање на радиодифузерите, на печатените медиуми и на електронските медиуми врз основа на доставена фактура, во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Како прилог на доставената фактура се доставува и Медија план, како и Извештај за реализирани услуги, кои се потврдени од радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми, и од учесникот во изборната кампања. Е, сега, тука се наметнува прашањето за тоа дали ова отвора можност за некакво фаворизирање одредени медиуми, поткрепено и затскриено многу добро во Медија плановите на политичките партии, бидејќи од тоа зависи кои радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми ќе добијат средства од државното финансирање за платено политичко рекламирање. Значи, не добиваат сите медиуми што се регистрирани во Регистарот на ДИК, туку само оние што влегуваат во медиумските стратегии на политичките партии/учесници на изборите. На 20 октомври радиодифузерите се должни Извештајот за реализирани услуги да го достават до ААВМУ – прв круг. Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) до учесниците во изборната кампања го доставуваат Извештајот за реализирани услуги, во прилог на фактурата, кој треба да содржи и примерок од објавите во печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет-портал), а потоа целосната документација се доставува до ДИК – прв круг. На 25 октомври Извештајот за реализирани услуги на радиодифузерите треба да биде потврден од ААВМУ – прв круг. На тој начин се осигурува надзорот над исполнетоста на она што е објавено и пријавено/побарано за исплата. ААВМУ овде игра голема улога на надзорен механизам и вршење мониторинг на платеното политичко рекламирање. На 30 октомври Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-портали) се должни да поднесат Извештај за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и средствата што се платени или се побаруваат по таа основа – прв круг. Радиодифузерите се должни да го достават потврдениот извештај до учесникот во изборната кампања, а потоа целосната документација до ДИК – прв круг. По сето ова, процесот го разбираме како купи-продај медиумски простор. Немаме ништо против државно финансирање на медиумите за целите на платено политичко рекламирање, но тоа треба да има единствена и основна цел – правото на избирачите да добијат точни и доволни/квалитетни информации по кои ќе направат избор меѓу изборните натпреварувачи. Ова што го гледаме е само право на изборните конкуренти да ги изразат своите пораки во кампања за да ја добијат поддршката на електоратот, односно право да одберат медиум по вкус (само да е во Регистарот на ДИК). Каде е тука правото на медиумите да бараат и да пренесуваат информации? Што прави медиумот во случај кога учесникот во изборната кампања одбива да даде изјава или да биде гостин во емисија само поради тоа што не се вклопува во Медија планот на партијата? И впрочем, по кој критериум се одбираат медиумите влезени во Регистарот на ДИК? Единствен критериум е само барање за упис, доставено од медиумот – Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена. Ако Регистарот на медиуми од ДИК значи можност за финансирање од државни пари, тогаш треба да осигури дека се одбрани професионални медиуми и новинарство што е препознаено како етичко и професионално известување и пренесување информации. Со тоа се намалува ризикот да се двојат средства од Буџетот за медиуми што не се соодветни, медиуми/интернет-портали што се регистрирани непосредно пред избори, портали што никогаш не обработиле политичка тема (ubavinaizdravje.com), или, пак, едноставно не се ни медиум туку само агрегатор на вести (time.mk). По која основа тогаш на овие таканаречени „медиуми“ би им се исплатила фактурата за платено политичко рекламирање? Само поради тоа што се вклучени во Медија планот на учесниците во изборната кампања? Па, тоа значи дека буквално секој интернет-портал може да добие државни пари и притоа да не почитува основни стандарди за професионално новинарство. Ако се залагаме за професионално новинарство, тогаш најдобро е да се даде поддршка на оној Регистар кој веќе е составен од членство што работи по правила, критериуми и основни стандарди. Регистарот на Советот за етика во медиумите содржи членство од телевизии, радија, интернет-портали. Медиумот се исклучува од членство по три одлуки на Комисијата за жалби во рок од три месеци во кои е утврдено прекршување на Кодексот на новинари. На тој начин може да се поддржи и саморегулацијата на медиумите, професионалното новинарство, но и да се поддржат со државни пари оние што пишуваат во име на јавниот интерес, почитувајќи ги сите стандарди. Инаку, вака е оставено на политичките партии да избираат медиуми/портали, а можеби и да креираат свои или да поттикнуваат новокомпонирани сајтови да се декларираат како медиуми и со тоа да создаваат хаос во медиумскиот јавен простор. По таа основа, на медиумите не им одговара да нема втор круг. По логиката на финансирање, тие би загубиле многу ако нема платено политичко рекламирање и во вториот круг, а со тоа и втор извештај и втора фактура. Па, така, се исплати анемичноста и апатијата во кампањата пред првиот круг, за да ги задолжат учесниците во изборната кампања за уште поголеми фактури во вториот круг. А, кој го плаќа сето тоа? Се разбира, народот. Медиумското однесување одбира да придонесува кон клучни аспекти на изборниот процес или ја понижува демократската природа на изборите. Обемот на покривање на изборните субјекти, присуството или отсуството на пристрасност кон вестите, соодветноста на пристапот до медиумите за политичките конкуренти и соодветноста на информациите што им се пренесуваат на гласачите преку вести, директни политички пораки, програмирање јавни информации и гласачи, се аспекти што мора да се базираат на стандарди и правила. За жал, не само што излегува дека е (пот)платено политичкото рекламирање, туку и навидум индиректно се поттикнува апатија во медиумскиот простор, затоа што Изборниот законик овозможува пристап до Буџетот на државата на кој било самонаречен медиум, само ако добро знае да пополни барање. Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска Насловна фотографија: freepik.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 5 мин.
S Net 1

Социјалните мрежи како „главен извор“ на информации во медиумите

Светот отсекогаш се соочувал со епидемии, пандемии и со многу предизвици по здравјето на луѓето. Во 2003 година, во време на епидемијата предизвикана од САРС, новинарот Дејвид Роткопф го употреби зборот „инфодемија“ за да опише неколку факти, измешани со страв, шпекулации и гласини, пренесени брзо низ светот преку модерните технологии што влијаат врз економијата, политиката и безбедноста. Пред 18 години, Роткопф во својата колумна „When the Buzz Bites Back“ посочуваше дека освен епидемијата од вирусот САРС, има и друга епидемија, онаа поврзана со информациите. Полнолетни 18 години, инфодемијата полека но сигурно се шири како болест, а пациентите што најлесно се инфицираат се медиумите и медиумските работници. Како што коронавирусот се ширеше и се шири брзо низ целиот свет, така лажните вести и дезинформации се шират уште побрзо. Освен во здравството, лажните вести и дезинформации се шират и во сите други области: политика, култура, економија... Дигиталниот свет стана удобно место во кое лажните вести и дезинформации заземаат најголем простор и многу тешко се контролираат неговите соеви, социјалните мрежи. Ципрас: Честитки, Зоран Заев! vs Твитер: Честитки, лажна вест! Минатата година на 18 август беше објавено дека е постигнат коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ. Ваквата информација како главна вест одекна во медиумскиот свет во нашата држава. Истиот ден, веднаш на оваа вест се надополнуваше и информацијата дека за ваквиот коалициски договор, честитки на својот профил на Твитер упатил и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Твит „Честитки, Зоран Заев“ (18.8.2020) Медиумите лесно ја проголтаа и ја објавија оваа честитка, без да забележат (да проверат!) една клучна работа, дали е тоа официјалниот Твитер-профил на Алексис Ципрас? Корисниците на социјалните мрежи лесно стануваат алатка за ширење лажни вести. Доказ за ова е и честитката, која покажа дека креатор на твитот не е поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, туку македонскиот твитерџија Џагдиша. Тој истиот ден кога се објави информацијата за постигнатиот коалициски договор, го промени името и презимето на својот личен профил во Алексис Ципрас и го напиша статусот: „Честитки, Зоран Заев. Благодарение на вашите напори, пораката за храбри прогресивни сили што се борат против национализмот, за социјална правда и мир во регионот, денеска стана посилна. Ова е порака не само за Балканот, туку и за цела Европа.“ Твитот веднаш беше споделен од еден македонски портал, потоа го преземаа и други медиуми. За твитот и честитката дури имаше и прилог на телевизија. За ширење на оваа лажна вест, само еден портал се извини околу пропустот и ненамерната грешка.   Објава во медиуми за „честитката“ на Ципрас Твитерџијата Џагдиша, чиј вистински идентитет не сака да биде откриен, лажниот твит го создал без никакви планови или посебни цели.  „Одлуката беше донесена во моментот, без никакви планови. Немав намера да доведам некого во заблуда, чекорот го направив чисто за забава. Не очекував дека ќе добие толку големо медиумско внимание“, истакна Џагдиша, креаторот на твитот поврзан со честитката на Ципрас кон Заев. За ваквото брзо ширење на лажната вест, тој вели дека сакал да провери каква е кај нас медиумската писменост. „Сакав преку сатира и шега да проверам до каде е медиумската писменост во нашата држава и колку од вестите поминуваат непроверени. Иако твитот не предизвика никаква штета, не би го направил истиот чекор, бидејќи сега знам за краток период колку медиумско внимание може да предизвика тоа. Со сопствен пример се уверив со каква брзина се шират лажните вести“, посочи Џагдиша. Вината за ширењето на лажните вести и дезинформации, Џагдиша ја вперува во медиумите. „Најголемата вина, според мене, е во медиумите. Ако на социјалните медиуми брзо се шират лажните вести, преку онлајн и традиционалните медиуми тоа е уште побрзо. Тие најмногу треба да внимаваат што ќе споделат, затоа што имаат илјадници следбеници, читатели или гледачи што се потпираат на веродостојноста на нивните информации. Секако и ние како читатели треба да сме внимателни, да избираме на кои медиуми ќе им веруваме, а на кои ќе гледаме со резерва“, посочи твитерџијата. Фото: Pexels До септември годинава, во Агенцијата за заштита на лични податоци се пристигнати 430 претставки од граѓаните. Претставките главно се однесуваат за нарушување на приватноста и заштитата на личните податоци на социјалните мрежи. Но во 2021 година, Агенцијата нема изречено никакви казни за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи: Facebook, Instagram, YouTube, Twitter, Pornhub, Snapchat, Tinder и Xhamster. Разликата помеѓу лажните вести и оние што служат за забава или сатира е во тоа што лажните имаат за цел да ги заведат читателите од политички, финансиски или од други цели. Лажната вест со честитката на Ципрас можеби не направи голема штета во нашето општество, но повторно ја продлабочува темата за тоа колку медиумите лесно преземаат и не ги проверуваат информациите од социјалните мрежи.  За разоткривањето на веста, некогаш се потребни само неколку кликови. Во случајов, се проверува веродостојноста на профилот, иако Твитер дозволува промена на името и презимето, сепак останува тоа што го пишува по знакот „@“. Официјалниот профил на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас е регистриран под @tsipras_eu и е означен со син круг, тоа значи дека профилот е верификуван. Лажна црна хроника Некогаш лажните вести знаат да отидат и во поинаква крајност, далеку од сатирата и забавата. На 27 март годинава, голем број од медиумите објавија вест дека починал македонскиот оперски пејач Борис Трајанов. Неколку часови се ширеше оваа информација, а главниот извор од каде што започна сè, повторно беше социјалната мрежа Твитер. Објава во медиумите за смртта на Борис Трајанов  (27.3.2021) Лажните вести толку брзо земаат замав и информацијата се презема едноставно без да се провери и размисли како оваа вест би влијаела врз семејството, пријателите, поблиски и подалечни роднини, но и врз самиот човек. По неколку часови веста беше „разоткриена“ на Фејсбук, преку статусот на оперската певица Весна Гиновска-Илкова.  „Ве замолувам сите што пишувате текстови дека колегата Борис не е меѓу нас, воздржете се од коментари. Последна информација вечерва е дека полека закрепнува“, гласеше статусот на Весна Гиновска-Илкова.  Твит „RIP Boris Trajanov“ и Статус на Весна Илкова (27.3.2021) Можеби светот ќе се справи со пандемијата предизвикана од ковид-19, но многу тешко ќе се справи со другата пандемија предизвикана од лажните вести и дезинформации. Вакцина за пандемијата од лажните вести и дезинформации нема. Веројатно, сè зависи од тоа колку имунитетот на медиумите ќе издржи да се справи со оваа пандемија во сенка, но и со нејзините соеви, социјалните мрежи. Можеби само ќе треба да го потсетиме медиумскиот имунитет на старите негови антитела: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“ (Кодекс на новинари) Автор: Христина Ѓорѓиевска Насловна фотографија: pexels.com ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 4 мин.
Viralni Informacii Berni Sanders 4 690x460 1

Социјални мрежи: Кога една информација станува вирална?

Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели, вели Орце Петрески, ИТ-консултант Фотографијата на човекот со сива виндјакна, бела коса, очила и сина хируршка маска, седнат на столче со прекрстени нозе и со кафеави зимски ракавици на рацете, на почетокот на годинава почна масовно да се појавува на фотографии во целиот свет, во секакви можни ситуации. Со Марк Хамил во „Војна на ѕвездите“, со Том Хенкс во „Форест Гамп“, со девојките од „Сексот и градот“, во вселената, во маркет, во авион, на тросед во дневна соба со непознато семејство, на клупа во парк во Скопје. Секоја нова ситуација предизвикува лавина од смеење. Фотографијата што стана вирална за 24 часа Кој би рекол дека оваа фотографија ќе стане вирална?! Милиони луѓе ја пренесоа, но малкумина знаат дека тоа е американскиот сенатор Берни Сандерс на инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камила Харис. Фотографијата е снимена на 20 јануари, а веќе следниот ден стана вирална. Во познатото американско шоу „Лејт најт“, Сандерс расположен вели дека ги гледал мемињата. На прашањето дали воопшто претпоставувал дека оваа фотографија ќе стане вирална, тој вели: „Воопшто! Седев на столчето, се обидував да се стоплам и да следам што се случува“. Сенаторот дури објасни дека ракавиците ги изработила наставничка од Вермонт, која била пресреќна што целиот свет зборува за нејзините ракавици. Амбасадорот Сандерс на неговите „патувања“ Сцени од филмови дополнети со шега, досетка или дијалог, видеа од симпатични бебиња, постари луѓе, хуманитарни акции, но и булинг, навреди и провокации. Сè може да стане вирално. Посебна категорија се лажните вести што стануваат вирални. На пример, Би-би-си јавува дека актерот Вуди Харелсон, кој има два милиона следбеници на Инстаграм, објавил видео со статус дека во Кина луѓето уриваат антена за 5Г-технологија. Видеото е од протести во Хонг Конг во 2019 година. Како вест, информација, видео или фотографија стануваат вирални? Познавачите на мрежните системи велат дека за виралност се клучни две нешта: довербата и навиките на луѓето. Орце Петрески, ИТ-консултант, објаснува дека од технички аспект еден податок патува од неговиот извор до неговата дестинација преку одреден канал на комуникација, односно преку одреден договорен начин на комуникација (протокол). – За да стане една информација вирална, таа мора да се движи во мрежа што се заснова на брз канал и протокол на комуникација. Исто така, т.н. топографија на мрежата придонесува за зголемување на виралноста на информацијата (број на корисници и нивни конекции). Не треба да се занемари и начинот на кој податокот е претставен. Дали е само текст или аудио, слика, видеоклип или некоја комбинација од сево ова. Класичен пример се социјалните мрежи. Toa се големи мрежи на корисници и имаат многу конекции. И работат на интернет – најбрзиот канал на комуникација на денешнината – вели Петрески. Фото: Pixabay Според него, големо влијание во виралноста има содржината на податокот што се шири на социјалните мрежи. Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели. – Во денешно време, социјалните мрежи гледани како медиуми, полека но сигурно го преземаат приматот од традиционалните медиуми, пишаните или електронските медиуми какви што се телевизијата и радиото. Различни социјални мрежи се различно влијателни во однос на демографијата на нивните корисници. Така, Инстаграм, Тик-ток се главни мрежи кај младите, Фејсбук – за постарите и слично. Меѓутоа и тука важат стандардните принципи како број на корисници, број на конекции и богата содржина – додава Петрески. На прашањето можат ли администраторите на мрежите да влијаат врз виралноста на една информација за да спречат или да поттикнат нејзино ширење, Петрески објаснува дека администраторите или одредени правни ентитети во рамките на самите социјалните мрежи имаат голема моќ во ширење или блокирање одредена информација. – Во последно време го гледаме тоа преку борбата против лажните вести. Социјалните мрежи во борбата против лажните вести имаа дури и неколку контроверзни одлуки, како, на пример, дури и да го блокираат твитер или фејсбук-профилот на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп – вели Петрески. Фото: Pixabay Според него, виралноста на една информација значително зависи од навиките на корисниците што ја консумираат информацијата и во зависност од нејзината содржина одлучуваат дали да имаат интеракција со таа информација. – Колку повеќе интеракции, како, на пример, „ми се допаѓа“, „сподели“ и слично, толку побрзо информацијата се шири. А како информацијата првобитно ќе дојде до одреден корисник, во последно време сè повеќе и повеќе зависи од технологии базирани на виртуелната интелигенција (ВИ). Сите тие ВИ базирани алгоритми одлучуваат која вест ќе дојде до нас и кога. Во интерес на социјалната мрежа е секогаш вистинската информација да дојде до вистинските корисници во вистинско време. Ако тие услови се исполнат, веројатноста таа информација да стане вирална е многу голема – завршува Петрески. На 21 декември 2012 година спотот „Гангам стајл“ на јужнокорејскиот пејач Псај стана првото видео на „Јутјуб“ со 1 милијарда прегледи. Овој феномен беше доволна провокација за да почнат научниците да истражуваат како видеото стана вирално. Тие ја проучувале социјалната мрежа Твитер за да откријат како се поврзуваат луѓето, какви заедници создаваат, како информацијата се шири преку човечки контакт. Научниците утврдиле дека социјалниот вирус се шири исто како и биолошки вирус – треба физички да се пренесе. Ширењето било најбрзо преку мас-медиумите. Автор: Весна Ивановска-Илиевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Се чита за 3 мин.
Tv Debata

Многу скапа мелодрама во јавниот простор

Легитимитет на политичката дебата дава јавноста. А колку што видовме, тоа изостана. Многубројни се критиките на сметка на она што се нарекуваше „дебата“. Она што го видовме и слушнавме, всушност беше само отстапен јавен простор од медиумите за чисти монолошки форми и партиски пеења. Форматот речиси ист секаде, т.е. исти одговори на речиси исти прашања. Добро научени стихови и фрази, кои суштински не придонесоа да се дебатира за политики, па макар и со спротивставени ставови. Слободата да се дебатира за креирање и развој на политики, никој не ја искористи. Кандидатите го злоупотребија правото и слободата за дебата најчесто во плукање и напад на актуелните кандидати, чест на исклучоците, додека медиумите беа доста тивок декор при партиското рекламирање. А слободата на политичката дебата е во суштината на концептот на демократското општество, ако барем малку остана нешто од тоа. Па, така, наместо дебата за политики, ние имавме класична мелодрама во јавниот простор – искази со пренагласена емотивност, со увереност за чиста победа уште пред да почне битката, со потресни и малку веројатни ситуации или настани на кои ќе може да се одговори со градоначалничкиот мандат. Крајно несериозно, без почитување на интелектот на масата и јавноста и без никакви скрупули да се ветува што реално ни физички не може да се исполни докрај во рамките на еден мандат. Слободните и фер избори не се однесуваат само на слободата на глас и искористување на правото на глас, ами и на знаење како да се гласа, т.е. механизмот на информираност што е во рацете на медиумите. Тој партиципативен процес каде што гласачите се вклучуваат во јавна дебата и имаат соодветна информација за партиите, за политиките, за кандидатите и за самиот изборен процес, со цел да се направи информиран избор. До кој степен го имавме тоа? Медиумите дејствуваат како клучен чувар на демократските избори, заштитувајќи ја транспарентноста на процесот. Навистина, демократски избори без слобода на медиумите би било контрадикција. Но и обидот да се контролира гласот на јавноста е еднакво на задушување на јавниот простор. Особено во делот на утринските програми каде што поставувањето на тематските прашања многу повеќе водеше до целта на поларизација на јавното мислење, повеќе кон поттикнување расправи(ја) отколку на дебата за одредени политики. Неспорно е дека целокупниот наратив на атака од дебатните емисии на ТВ од страна на политичарите се реплицираше на утринските јавувања каде што јавноста наместо да се поттикне да ги отвори прашањата, насочено се фаворизираше кон едните или кон другите. Медиумите можеа да бидат барометар на јавното мислење, креатори на дебати за политики, простор каде што нееднаквата борба меѓу политичките субјекти ќе ја нивелираа со гласот на јавноста. Во таков склоп на околности можеби и ќе можеше да се оди дотаму да се постават прашања на дебатните емисии што произлегуваат од емисиите во живо со јавноста, бидејќи на крајот од денот, граѓаните се тие што одлучуваат. За жал, се потфрли во пренесување на гласот на јавноста од медиумите кон политичарите, не се искористи шансата да се слушне кои се потребите за одредени политики и конкретни проблеми во различни области. Наместо да се оди со пристап оддолу-нагоре (bottom-up approach) се наметнаа мелодрамските улоги на политичарите да кажат што смислиле или измислиле во нивните програми. Затоа звучеа нереално и неоригинално. Во таа смисла, медиумите одиграа многу тивка, речиси споредна или спорадична улога во најдемократскиот процес во државата – изборниот процес. Медиумите требаше да ја имаат главната улога, затоа што тие им даваат информации на повеќето гласачи што се од суштинско значење за изборот што го прават во гласачката кутија. Затоа, правилното однесување на медиумите кон сите политички партии и кандидати, како и правилното медиумско однесување при презентирање информации што се релевантни за изборниот избор, се клучни за постигнување демократски избори. А волјата на народот – изразена со вистински, демократски избори – е основата на авторитетот на секоја демократска влада. Тој авторитет сепак не може да се воспостави доколку избирачите не направат слободен и информиран избор меѓу политичките натпреварувачи. Дел од важноста на политичката дебата е начин како да му се даде на електоратот информации што му овозможуваат да го оствари својот политички избор. Можеби само тогаш ќе имаме народ што ќе гласа ЗА, а не во повеќето случаи како што гласа ПРОТИВ. Па, така, едните победија токму само поради тоа што другите требаше да изгубат. Слободата на говорот е, без сомнение, основата на секое демократско општество, бидејќи без бесплатна дискусија, особено за политички прашања, не е можно јавно образование или просветлување, толку суштинско за правилно функционирање и извршување на процесите на одговорна влада, а богами и одговорна опозиција. Иако улогата на опозицијата е да ја критикува власта, сепак одговорноста за недвосмислено почитување на законите во делот на изборниот процес беше доведена под прашање. Како и да е, останавме куси во опусот на информации и од двете страни. И од оние што се претставуваа и од оние што требаше да ни ги претстават. Анемични, задушени, без воздух беа и политичките партии и медиумите кои требаше да играат клучна улога во овој процес на креирање на јавната дебата за политики. Се чини како да имаа симптоми на долг ковид, а мораа да играат некаква претстава. Дали станува збор за уморни медиуми или поттикната апатија? Што придонесе кон тоа? Дали можеби обезбедените државни средства за медиумите преку платеното политичко рекламирање придонесе кон тоа радиодифузерите да се опуштат и да ја дозволат мелодрамата што ја следевме? Во тој случај, многу скапо нè чини, иако публиката веќе одлучи за кого ќе аплаудира.   Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска Насловна фотографија: freepik.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 3 мин.
Dez Pozari 7 1

Дезинформациите долеваат масло на пожарите, лажните дојави го отежнуваат справувањето со нив

Пожари насекаде, кризна состојба. Институциите проследуваат информации, истовремено, на социјалните мрежи се пласираат дезинформации. Телефонскиот број 193 не престанува да ѕвони, меѓу повиците и понекоја лажна дојава. Секој со својата цел, граѓаните во паника. Непроверените информации долеваат масло на огнот, а лажните дојави ги одвлекуваат силите на погрешни места. И во екот на неумоливата огнена стихија што во изминатиот период беснее на територијата на Република Северна Македонија, не изостанаа дезинформациите ниту, пак, лажните дојави. Сето тоа дополнително ги разгоре пожарите и го отежна справувањето со нив. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов споделува дека, во изминатиов период, додека секојдневно биле на терен со сите надлежни екипи кои, како што кажа, „неуморно даваа сè од себе за да ги изгаснат пожарите“, се соочиле со голем број лажни вести, кои несомнено им нанесувале штета на активностите што ги преземале при справувањето со пожарите. Тој нагласува дека во такви чувствителни моменти, какви што се справувањето со елементарни непогоди, во конкретниот случај пожари, последиците од лажните вести се врз јавното добро и засегнати се голем број граѓани. – Свесен сум дека медиумите, сакајќи да ја зголемат својата гледаност и читаност, бараат сензационални вести, кои многу често се и лажни. Мора да се има предвид дека не е иста штетата што ќе се нанесе доколку се пренесе, на пример, некоја лажна вест за некој настан  или за позната личност, политичар, пејач, глумец, и да се дистрибуираат лажни вести во вакви специфични ситуации – посочува директорот на ЦУК. Како пример, тој го издвојува пожарот во Кочани, кога дел од вестите пренесуваа дека изгореле голем број куќи, и со тоа, како што кажа, „создадоа голем страв, паника и недоверба кај тамошното население“. – Иако пожарот беше голем и страотен, освен што имаше еден изгорен покрив и неколку стари неупотребливи возила, не дозволивме да се случат поголеми штети и, што за мене е најважно, немавме човечки жртви – вели Ангелов. Тој потсетува и на веста што произлезе од социјалните мрежи со наводно украдената моторна пила на австриските пожарникари, со која, како што кажа, „се извалка достоинството на локалното население, кое даде голем придонес во ставањето под контрола на големиот пожар во Малешевијата“. Ангелов не ги изостави ниту позитивните моменти од известувањето на одредени медиуми, за кои кажа дека често се случува од информација што новинарите ја добиле дури и побрзо од нивните служби, веднаш да бидат известени и да дејствуваат брзо, со што спречиле или навремено санирале одредена опасност пред да направи поголеми штети.  Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, вели дека дезинформациите, во смисла дека гори на три километри подалеку од некоја сува трева или грмушка, а е пренесено дека горат куќи и луѓето не сакаат да ги напуштат и едвај спасуваат жива глава, се проблеми што се иритирачки за сите. – Прво, предизвикува паника кај луѓето што го читаат тоа мислејќи дека навистина се случува. Таква ситуација имавме во 2019 година кога некои медиуми објавија дека горат куќите во Злокуќани, а всушност гореше сува трева каде што имаше три возила што интервенираа, а медиумите објавуваа слика со чад зад куќата и сите мислеа дека навистина гори куќата – вели Симоновски. Тој дополнува дека е подобро медиумите да контактираат со нив, а тие ќе им дадат проверена информација и, како што вели, „ако можете да дојдете да видите, во ред, ако не, ќе испратиме фотографии и ќе објавиме, подобро отколку да се пишува нешто непроверено“. Симоновски посочува на фактот дека граѓаните постојано читаат на веб-порталите и често наидуваат на дезинформации за кои веднаш бараат одговор, па така, „ние често се наоѓаме во ситуации каде што сме зафатени со локализирање некој пожар, а од друга страна, добиваме прашања од загрижени граѓани, поврзани со непроверени информации пласирани од несовесни граѓани“. Лажните дојави непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места Покрај дезинформациите, не изостанаа ниту лажните дојави за пожари, кои секојдневно пристигнуваа до надлежните. За нив, командантот Симоновски вели дека во последниов период ги имало повеќе. – Еден пожар може да предизвика повеќе од сто јавувања, особено ако станува збор за урбана средина, така што многу е тешко со двајца оператори и седум линии да се „фати“ лажната дојава – споделува командантот. Само за пожарот кај фабриката „Охис“ на 5 август имало повеќе од 240 повици. Додека, на 22 пожари на територија на Скопје, изгаснати за 12 часа, истиот ден, имало над 870 повици и седум лажни дојави. Симоновски вели дека нема причина да размислува дека некој се дрзнува да ги деградира во најголемите пожари, или да ги праќа на некои позиции само за да ги ослабне како единица, и споделува дека без оглед на сè, тие секогаш реагираат на секоја добиена дојава. – Ние знаеме дека во Кучково имаме сува трева запалена од далновод, имаме испратено едно возило, со локални одговорни фирми што донесоа цистерна со вода и сè се заврши. Од друга страна, имате друга дојава дека гори Граничниот премин „Блаце“, зад полициската станица, а во истиот момент добивате дојава дека гори Полициската станица Мирковци. Праќаме екипа во Скопска Црна Гора во Мирковци и увидуваме дека таму нема ништо, нема пожар – споделува командантот. Директорот Ангелов, исто така, посочи на лажните дојави што од некои граѓани биле упатувани на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и кои „неретко се случуваат и непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места, или, едноставно, залудно го трошат времето на нашите служби, наместо истиот капацитет да се искористи на место каде што е навистина потребно“. Дезинформациите во кризна состојба – плански обиди што внесуваат чувство на несигурност Комуникологот Сеад Џигал вели дека дезинформациите и лажните вести во кризна состојба се најчесто плански обиди што се стремат да внесат чувство на несигурност во јавноста и да предизвикаат конфузија кај одговорните институции и органи, односно да го ослабат нивниот капацитет да решаваат одредени проблеми за кои се задолжени. – Најчесто мотивите за ваквите обиди се од политичка или од економска природа, односно имаат цел да се загрозат интересите на соперникот или на противникот. За жал, овие деструктивни методи, кои ги злоупотребуваат медиумите и комуникациските мрежи, се присутни и на глобален план, не само во Македонија. Видовме во случаите со пожарите во Македонија ова лето дека одговорните институции често добивале лажни пријави за пожари. Мотивот на овие лица и оние што пласираат дезинформации во медиумите е близок, да се намали капацитетот на институциите да реагираат ефикасно за да потоа, веројатно, се обвинат за неспособност и за неефикасност – вели Џигал. Тој дополнува дека останува помала веројатност дека станува збор за поединечни ексцеси, но високата бројка на лажни пријави не оди во прилог на оваа претпоставка. Според него, зачудува степенот на деструктивност што е некако „нормализиран“ во борбата на спротивставените политички и други интереси. Психолошкиот момент на мотивот на создавачите на дезинформации и на лажните вести, кои наштетуваат на јавното мислење и на безбедноста на населението во време на кризна состојба, го поврзува со два главни типа случаи, кампањи водени од поединци и групно организираните дезинформациски кампањи. Според него, поединецот што свесно објавува и шири дезинформации, може да биде воден од низа мотиви какви што се привлекување внимание, креирање одреден имиџ или идентитет во јавноста, или, во својата потесна средина, до лична одмазда, политички побуди или, пак, поради одредени видови социопатско однесување. Групните и координираните дезинформациски кампањи, како што вели, се почести и далеку поштетни. Тие најчесто се поттикнати од политички, идеолошки или од економски интереси. – Интересно е што често оние што го прават ова, веруваат дека имаат право да ги користат дезинформациите и лажните вести против некого. За нив тие се само средство во некаква борба против злиот противник или предавник, на пример. Може да се случи, во таквата внесеност во борбата против „другиот“, дезинформаторите да почнат да веруваат во сопствените лажни вести и дезинформации, што повторно посочува на поспецифични видови социопатско однесување на интернет – вели Џигал. Според него, превенцијата е возможна, но брзи решенија, за жал, не се можни. – Ефективноста на дезинформациите е тесно поврзана со степенот на политичката и на медиумската култура и писменост во едно општество, така што решенијата треба да се бараат токму во овие сфери. Подобра едукација, јакнење на јавната свест за штетноста на овие појави, професионализација на медиумите, унапредување на комуникациската етика, соработка со стручната заедница и граѓанскиот сектор, соработка на регионален и на меѓународен план, и така натаму – набројува Џигал. Ваквите типови борба во политиката, но и во другите сфери, се неприфатливи и се штетни за сите. Тие предизвикуваат недоверба во системот и во институциите, ги демотивираат граѓаните да гласаат, да се вклучуваат во различни активности од јавен интерес. Во таа смисла, може да се каже дека дезинформациите се своевиден комуникациски вирус што го фрагментира општеството и ја загрозува основната компонента на социјализацијата, а тоа е довербата кон другите. Средствата за јавно информирање имаат многу значајна улога во системот за управување со кризи, како во превенцијата и раното предупредување, така и во фазата на справување со елементарни непогоди. Нивното точно, навремено и објективно известување во вакви моменти, може да значи и спасување човечки животи, бидејќи информациите, апелите и насоките за однесување во случај на кризна состојба, граѓаните пред сè ги добиваат од медиумите. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 6 мин.
S N Web

Социјалните мрежи поволна почва за ширење дезинформации и лажни вести

Илјадници информации со само едно пребарување, дел од нив дезинформации, дел лажни вести, сите на штета на консументите. Дигитална ера, виртуелен свет, безброј можности на интернет-мрежата, која го олеснува секојдневниот живот правејќи со еден клик да се заврши многу работа. Истовремено, хаос од информации, кои преку, исто така, еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостаток од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите. Социјалните мрежи се новиот начин на комуникација, интеракција, дејствување. Дел од секојдневието на повеќе од три милијарди луѓе, кои, според последните истражувања од 2020 година, активно користат социјални мрежи. На интернет денес постојат стотици социјални мрежи што поддржуваат широк опсег интереси и практики. На социјалните мрежи луѓето можат да зборуваат за своите чувства, идеи и креации. Преку нив тие ги добиваат основните информации за живот, ги реализираат обврските преку сè повеќе достапните онлајн услуги и ги исполнуваат своите животни потреби. Низ сето тоа, тие се сретнуваат со безброј информации, кои многу често знаат да бидат невистинити. Како такви, тие најчесто имаат цел да нарушат углед или да остварат профит. Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности вели дека постојат повеќе тези за тоа зошто на социјалните мрежи најмногу се шират неточни информации, дезинформации или злонамерни информации. – Кога станува збор за поединци, нивните мотиви можат да бидат најразлични. Може тоа да бидат т.н. тролови, кои намерно објавуваат пораки со кои предизвикуваат недоразбирања, вознемиреност или лутина кај другите луѓе. Или, пак, може да се луѓе што невистинитите информации ги шират ненамерно – вели таа. Ако, пак, станува збор за ширење вакви информации од центри на моќ, на пример политички или комерцијални субјекти, како што вели, целта им е да остварат влијание, при што вака поевтино и побргу стигнуваат до поголема таргетирана публика, односно луѓе што алгоритмите, врз основа на некои нивни карактеристики или ставови, за кои програмата „научува“ од нивното претходно однесување на интернет, ги сместуваат во групи. Бојан Кордалов, комуниколог специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека главната причина поради која социјалните медиуми најдиректно се поврзуваат со лажните вести е брзината со која денес може да патува информацијата преку различните интернет-платформи. – Важно е да се потенцира дека лажните вести ги шират луѓе, односно субјекти што имаат свое име и презиме или идентитет, а не самите социјални медиуми. Бидејќи социјалните медиуми „per se“ се само обичен канал или простор што овозможува онлајн комуникација. Како ќе се исполни тој простор, како ќе се искористи овој канал и кои пораки ќе се пласираат, зависи од секој од нас – вели Кордалов. Тој посочува дека е важно да констатираме дека одредени луѓе шират или учествуваат во распространување лажни вести, а не дека тоа го прават социјалните медиуми, бидејќи, според него, ако ја констатираме фактичката состојба, тогаш ќе можеме и да ги менуваме работите на подобро и да бидеме чекор понапред во борбата со лажните вести кои ги поткопуваат јавните институции (платени од секој од нас), како и демократските процеси, кои се од интерес на секој од нас. Превенцијата возможна, медиумската писменост неопходна Покрај влијанието и распространетоста на социјалните мрежи, се менува и регулативата и нивното уредување. Постојано се ревидираат политиките на користење на социјалните мрежи и се поставуваат нови рестрикции кон креаторите на дезинформациите и на лажните вести. Регулативата зема сè поголем замав, особено во делот на заштитата на личните податоци на интернет. Камењарова и Кордалов се согласни дека превенцијата на дезинформациите и на лажните вести е можна, меѓутоа, медиумската писменост, според нив, е неопходен дел од неа. На долг рок, Кордалов ги издвојува образовниот систем и медиумската слобода. – Тоа значи дека треба да создадеме образование приспособено на потребите и навиките на учениците и студентите, кое ќе се базира на технолошкиот напредок, но и на правото на избор за начинот на кој секој ученик најдобро учи и ги развива своите критички и креативни вештини во размислувањето и расудувањето – вели тој. Според него, слободата на медиумите, но и генерално корпусот на човекови права и слободи мора секојдневно да се унапредува, бидејќи само слободни граѓани можат да градат слободна мисла, личен став и интегритет, а развивањето на овие карактеристики е исто така клучно за долгорочна и целосна победа против лажните вести и теориите на заговор. Камењарова вели дека превенцијата има повеќе сегменти, а во Агенцијата сметаат дека исклучително важно е да се работи на градење и континуирано подигнување на нивото на медиумска писменост кај граѓаните од сите генерации. Тоа, според нив, ќе се постигне со различни активности насочени кон развивање четири компетенции, кои ги имаат дефинирано во Политиката за медиумска писменост на АВМУ. Тука ги вбројуваат критичката свесност за комерцијалниот или за политичкиот интерес што стои зад содржините на кои сме изложени, која се јакне така што ги развиваме својот интегритет, етика, емпатија и праведност, кои потоа ги користиме кога ги проценуваме медиумските содржини. Свесноста за улогата на емоциите во комуницирањето, особено во онлајн комуникацијата. Дигитална добросостојба – односно оспособеноста на луѓето да ги користат и да владеат со новите технологии безбедно и сигурно, и полноправно граѓанство – односно граѓани што активно учествуваат во демократското општество, што во услови кога интернетот го направи светот подостижен од кога било, се однесува не само на активност во сопствената држава, туку и меѓународно. Расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет, растат и мерките  Како што расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет преку ширење неточни информации, дезинформации или злонамерни информации, така, на европско ниво, се предвидуваат сѐ повеќе мерки. Веќе неколку години постои Кодексот против дезинформации (Code of Practice on Disinformation), кој е потпишан меѓу Европската комисија и Фејсбук, Гугл, Твитер, Мозила, Мајкрософт, ТикТок, претставници на рекламната индустрија. Преку Кодексот, тие преземаат низа обврски, меѓу кои и да обезбедат транспарентност на политичкото рекламирање, затворање на лажните профили, демонетизација на ширачите на „лажни вести“, а за мерките што ги преземаат, поднесуваат извештаи до Европската комисија. На меѓународно ниво постои и Мрежа за проверка на факти, која се заснова на утврдена методологија од Фејсбук и во која професионални организации од повеќе од 75 земји од целиот свет вршат идентификување на потенцијалните лажни вести, преглед на фактите содржани во идентификуваните лажни вести, а за тоа го известуваат Фејсбук, кој понатаму одлучува како ќе дејствува во врска со видливоста на тие содржини на мрежата. Камењарова споделува и дека социјалните мрежи веќе се влезени во европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, во оние случаи кога преку нив се споделуваат видеа. Република Северна Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ – и тоа е процес што нѐ очекува. – Во ЕУ, во тек е колегислативниот процес за усвојување на регулативата за онлајн содржините и дигиталната економија, односно Актот за дигитални услуги (Digital Services Act) и Актот за дигитални пазари (Digital Markets Act), чија цел е да ги унапредат правилата за дигиталните услуги во ЕУ – споделува таа. Во делот на саморегулацијата, во поглед на онлајн медиумите, таа истакнува дека е важно да се поддржи Регистарот на Советот за етика на медиумите на Македонија и на Здружението на новинари на Македонија, и тоа особено од компаниите и од огласувачите. Кордалов, исто така, смeта дека преземањето на меѓународните акти и целосна меѓународна соработка на нашите институции со европските и со светските, се најдобрата практика што можеме да ја преземеме и да ја примениме во овој домен и, според него, дури и со постојната регулатива можеме да имаме ефикасна борба во овој домен, само доколку правилно ја комуницираме темата и доколку овозможиме јавни услуги од кои секој граѓанин ќе биде задоволен. – Залудно е и најдоброто законодавство доколку продолжат процесите на партизација на институциите и недавање шанса на професионалците и на луѓето со интегритет во нив. А, верувајте, многу ги има. Но, во систем на брутална бирократизација, тие луѓе никогаш нема да испливаат на површина. Ако се воведе систем на јавност преку дигитална транспарентност и отчетност, состојбата веднаш ќе се промени. Односно, самиот систем на површина ќе ги стави вредните и способните, а ќе ги отфрли оние што ги кочат граѓаните во остварување на своите права, но и оневозможуваат со децении цели генерации луѓе да живеат достоинствен живот – вели Кордалов. Воочливо е дека „новинарската патка“, која значи лажна вест, забранета и осудувана појава, е сè поредовна во секојдневието на луѓето. Дополнително, интернетот и социјалните мрежи ѝ овозможуваат сè повеќе простор за нејзино пливање. Колку такви „новинарски патки“ ќе оставиме безгрижно да пливаат во морето информации, зависи од усогласувањето на законодавството, неговата примена и, најмногу од сè, од медиумската писменост на секој од нас. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 5 мин.
Pozar 2

Лицитација со бројки и потреба од сензационализам

8 септември, нешто по 22 часот, првпат се појавува вест за пожар во модуларната болница во Тетово. Првичните фотографии што ја придружуваат веста се симнати од интернет, многу оган и понекое пожарникарско црево. Кусата вест дека избувнал пожар во модуларната болница не е доволна. Речениците се надополнуваат од минута во минута. За петнаесетина минути почнува и лицитацијата со жртви. Дел од медиумите внимателни – најверојатно има и жртви, други храбро објавуваат – најверојатно има 36 жртви. Бројката варира од медиум во медиум, од 10 до 36. Министерството за здравство соопштува дека министерот е на пат кон болницата во Тетово. Брзо потоа објавуваат дека има и жртви. Тогаш настанува вистински хаос на интернет, медиумите водени од официјалното соопштение на Министерството за здравство, не ги чекаат официјалните бројки и масовно споделуваат вести во кои се запишани различни податоци за изгорени пациенти. Вака приближно се одвиваше генезата на објавувањето информации ноќта на 8 септември кога изби оган во ковид-болницата во Тетово. Интернет-страници, радија, телевизии... сите медиуми се јавуваа и објавуваа, беа во трка кој попрв ќе дознае повеќе. Зошто се брзаше со објавување на бројот на жртви пред официјално да се потврди? Од Здружението на новинари на Македонија велат дека не се изненадени од брзината на ширење непроверени информации. „Примерите за ширење непроверени информации во услови на трагедија, не се нов феномен во нашето општество, а мотивите најчесто се политички или, пак, со тенденција да се креира лажна популарност на социјалните медиуми од неодговорни корисници“, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ. Тој смета дека лицитирање со бројка на починати лица во услови на трагедија во која нема официјална информација дали и колку лица се починати, не само што ги прекршува етичките стандарди на новинарската професија, туку и може негативно да влијае врз јавниот ред и мир преку предизвикување паника меѓу граѓаните, а тоа да доведе и до јавни немири. Од Советот за етика во медиумите во Македонија велат дека Европската новинарска практика, како и насоките од Алијансата на независни совети за печат на Европа – АИПЦЕ се мошне јасни – дека во случај на несреќи и катастрофи, новинарите имаат исклучително голема одговорност во обработката и пласманот на информациите. „Главниот принцип, се разбира, е почитувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите – да се објавуваат точни и проверени информации, да се настојува да се провери информацијата максимално пред да се објави, и притоа, доколку не сме сигурни во нејзината веродостојност, да се нагласи јасно дека станува збор за непроверена информација. Понатаму, да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите, нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност (природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство)“, вели Катарина Синадиновска од СЕММ. Објавувањето неточни информации од медиуми што официјално го носат товарот на јавното информирање, односно се регистрирани како медиуми, е многу загрижувачки факт, смета универзитетската професорка Јасна Бачовска. Таа вели дека опасноста е особено голема во овој социолошки амбиент што го креираат социјалните мрежи. „За жал, сè почесто се случува ова и е резултат на непрофесионализам во новинарството, лоша уредничка политика, низок интегритет на медиумите во државава. Потребата е сензационализам. Ваквите вести особено се опасни кога доаѓаат токму од официјални медиуми, во момент кога тие треба да се брана од лажни вести, субјективизам, произволности и хаос што го создаваат приватните профили што се јавно достапни и прават информациски хаос. Граѓанинот едноставно ќе нема каде да се информира и ќе нема кому да верува“, вели Бачовска. Како професорка на идните новинари, таа нагласува дека еден едуциран новинар не би требало да прави „грешки“ од овој тип, бидејќи уште како студент по новинарство учи за објективност во новинарството, за професионализам, за факт наспроти информација, за етика на информирање. Постојат ли санкции за ваквиот сензационалистички пристап на информирање? Да се биде прв значи и да се има најголема одговорност. Која е казната за оние што се служат со лаги или со непроверени информации за да бидат први? Од агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги велат дека не постои казна што тие како регулаторно тело можат да ја изречат. „Од регулаторен аспект, телевизиите и радијата треба да ги почитуваат начелата за вршење на дејноста што се наведени во член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За конкретниов случај особено се важни начелата со кои се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните, потоа негување и развој на хуманите и на моралните вредности на човекот, заштита на приватноста и достоинството на личноста, како и заштита на идентитетот на жртвите на насилство. За непочитување на овие одредби нема казна, туку санкцијата е морална и обично ја изрекува саморегулаторното тело“, вели Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ. Но, секој граѓанин што ќе почувствува дека ваквиот тип информирање не е според етика и е спротивен на професионалното информирање, може да се обрати до ЗНМ. „Кога станува збор за објави на новинари, пред сè кои се членови на Здружението, секој граѓанин може да поднесе претставка до Советот на честа. Доколку Советот утврди дека има прекршување на етичките принципи, има јавна одлука што укажува дела конкретниот новинар или група новинари се непрофесионални. Во одредени случаи што се експлицитни и за кои се цени дека е потребна итна реакција, ЗНМ често во соработка со Советот за етика има објави или директна комуникација кон конкретните медиуми или новинари дека има  злоупотреба на слободата на изразување“, истакнува Секуловски. Но, колку е важна трпеливоста и професионализмот на новинарите, толку е важна и ажурноста во информирањето на институциите, смета Синадиновска од СЕММ. „Другата наша забелешка е еднакво суштинска, а се однесува на институциите – тие мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции (или дури и отворен прес-центар 24 часа) за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции“, вели Синадиновска. Таа дополнува дека дури и во услови кога надлежните ги немаат сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да се покаже дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани. Сензационализмот ја уништува довербата во медиумите Колку и да е голема казната за еден медиум од надлежните институции, не може да се мери со губењето на довербата кај публиката. Професорката Јасна Бачовска вели дека одржувањето на врската гледач-медиум е особено важна во известувањето сензитивни информации, како што е бројот на жртви во модуларната болница во Тетово.  „Ако новинарите продолжат да информираат на овој начин, нормално дека ќе ја изгубат довербата и тоа е голема општествена штета. Затоа е потребна работа на полето на медиумите и медиумски модел на општествено ниво и со политичка волја, а тоа значи: добри закони за медиуми, политички плурализам во медиумите, професионални и едуцирани новинари, силен невладин сектор во овој домен и поддршка на демократизацијата на медиумите од државата, како и јакнење на јавниот сервис“, смета Бачовска. Од ЗНМ се со помек став и сметаат дека гледачот би прифатил и извинување од медиумот ако тоа е направено ненамерно. „Кога станува збор за ненамерен пропуст од новинар или од медиум во начинот на известување, постои можност за јавно извинување. На тој начин се покажува подготвеност да се прифати грешката и да се побара од публиката да биде толерантна. Меѓутоа, во случаи кога злонамерно се злоупотребува новинарската професија, со цел да се има личен бенефит или да му се нанесе некому штета по угледот, во тој случај штетата често може да биде врз граѓаните и нивното право на јавно информирање и тука да настрада јавниот интерес“, вели Секуловски. Синадиновска од СЕММ завршува дека преку непрофесионализмот во јавното информирање и од страна на институциите и од страна на медиумите, се креира недоверба во самите медиуми, ама и во системот, нешто што може да биде особено опасно токму во време на несреќи или катастрофи или предизвици за јавното здравје, кога имањето на вистинската информација понекогаш ја прави разликата помеѓу животот и смртта. Автор: Катерина Топалова   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 5 мин.
Glavna1 690x460

Културата во медиумите: Ако има скандал во Министерство или раздор во некој оркестар – тогаш сите ќе објават!

Изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите, смета продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев Ако гледаме по број на објави за врвен настан од областа на културата, голем процент е ако за нешто нема доволно пари, па некоја кавга со Министерството за култура, па раздор во оркестар или ансамбл, а за самото дело на уметничкото творење за самиот настан што само тие што не работеле не знаат колку е тешко да се направи, многу малку, незначително. Денеска мислам дека на ова треба да гледаме од еден друг агол – вели Татјана Гогоска, новинар, комуниколог. Каков е пласманот на културата во медиумите? Што треба да се случи за еден културен настан или уметник да добие насловна страница, ударен термин на вести или, пак, мегаинтервју објавено на видна позиција на некој портал? Ако пред десетина години постоеја цели редакции за култура со по најмалку тројца четворица новинари што следеа различни области, денес тоа е научна фантастика и станува реткост дури еден новинар од култура да ја работи само оваа област, велат новинарите. Татјана Гогоска Гогоска веќе 35 години работи во медиуми, самата креира содржина или, пак, организира културни настани. Таа е категорична дека културата отсекогаш требало прво да биде „испочитувана“ од некој политички субјект за да се најде на насловна страница, да влезе во првите ударни ТВ или радиовести. – Потоа дојде „скандалозното време“ кога само ако нешто не се одржеше, не се отвореше некоја манифестација или имаше некоја неубава случка, тогаш стануваше дел од фокусот во медиумите. Така е и сега, а, за жал, така и ќе биде. Културата има своја публика, која секако сите настани од областа ги следи на медиумите. Не треба да се оди кон освојување на оние на кои тоа им е споредна работа, напротив да се пласираат содржини од областа на културата, квалитетни и одржани за таа „културна публика“, која ја има во сè поголем број и треба да се почитува – вели Гогоска. Културата ја има на порталите како најава за настани, информации или интервјуа, но е многу спореден дел. – А да не е така, да има рамноправен статус со сето друго „многу важно“ во државава, ќе имавме покултурен општествен систем – посочува таа. Атанас Георгиев: Публиката е лесно подводлива Продуцентот Атанас Георгиев 20-ина години работи во филмската индустрија. Двете номинации за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ се неговиот најголем успех досега. – Се чувствувам некако разочарано, изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите – смета тој. Атанас Георгиев – Вниманието со „Медена земја“ го привлековме кога се вративме од „Санденс“, пред тоа немаше многу информации во јавноста. Ја надминавме гледаноста на кој било филм кај нас. Кога ја добивме наградата на „Санденс“, МТВ ја цензурираше мојата изјава каде што упатив порака за загадениот воздух и на моето обраќање на таа сцена му фалеше најзначајната порака, затоа што се ближеа избори. И покрај големите успеси во филмската индустрија, ние немаме конкретна стратегија за развој, продукција, дистрибуција и популаризација на филм. Воедно, парите за филм се кратат. Не е во ред да не се вложува таму каде што има напредок. За време на „Оскарите“, зeмјата беше понесена од успехот на филмот, најавена ни беше дури и државна пензија, за која набрзо подоцна идејата беше повлечена затоа што законот не дозволувал. Флексибилноста и неистраженоста на законите, како и злоупотребата на популарноста во овие региони се загрижувачки – вели Георгиев. Со документарецот „Avec l’Amour“, чија премиера беше во 2018 година, тимот на Георгиев направи вид експеримент. Објавија лажна вест во медиумите за да видат како ќе изреагира целата социјална средина и колкава може да биде моќта на информацијата, во случајов дезинформацијата. – Тоа беше дел од проект поврзан со наводно лажните вести што своевремено беа креирани во Велес. Заради пренатрупаноста со информации, публиката денес е лесно подводлива и донекаде нестудиозна. Информациите ретко се проверуваат, а тие треба да бидат што пократки и по можност, поспектакуларни. Тоа беше одличен експеримент, но, за жал, дебатата на која сите се надевавме, воопшто не се случи. Наместо да се јави револт било кај гладачите било кај критиката и медиумите, пласирањето на оваа дезинформација од наша страна само делумно ги посрамоти оние што ја пренесоа, но не поттикна расправа. За жал, а темата е толку голема, загрижувачка и опасна. Тажно е што тие што треба да зборуваат гласно, всушност се засрамија – објаснува продуцентот. Претходно истиот филм беше избран на фестивалот „Хот докс“, што за документаристиката е на рамниште на Кан. Веста ја објавија само два медиума, посочува тој. – И токму разочарувањето поради тоа нè натера да смислиме нова стратегија за популаризација, дури и под услов да станува збор за лага. И набрзо потоа, замислете, масовна заинтересираност, популарност на протагонистите, иако во документарниот филм нема место за тоа. На една проекција на „Avec l’amour“ во парк дојде петилјадна публика, гладна да види нешто убаво. Се сеќавам на една многу добра изјава на нашата еминентна филмска истражувачка и критичарка Илинденка Петрушева, која ми рече дека последен пат напишала критика во 2004-2005 година, по која почнале да ѝ се лутат филмаџиите, па така престанала да пишува. Објективноста е осудена на линч – категоричен е Атанас. Сашо Димоски (фотографија: Пепи Кирков) Сашо Димоски, Велешки театар: Недостигаат специјализирани редакции со критички однос кон културата Според Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар, поддршката на медиумите во пласманот на нивните претстави и активности не изостанува, на национално и на локално ниво, ниту, пак, е на високи фреквенции. – Сметам дека се потребни системски решенија за развој на соработката меѓу институциите и поединците, од една страна, и медиумите, од друга, решенија што ќе подразбираат специјализирани редакции со критички однос кон културата, генерално, но за да се случи тоа, неопходно е да се дефинира што, всушност, е културата и кои се нејзините производи, наспроти сето она што се пласира под етикетата култура – вели Димоски. Теа Беговска Режисерката Теа Беговска работи на независната сцена подолго време. Таа е задоволна од своето досегашно искуство со медиумите, уште од нејзината дипломска работа. – Јас сум навистина благодарна, не само за објавувањето информации, но и за суштински интервјуа и во пишаните медиуми и за телевизиите. Не мислам дека причина за тоа биле лични познанства, зашто мал беше бројот на новинари што ги познавав кога почнав да работам. А и познанствата се некако нормални и дел од нашата професија – сите со сите се познаваме. Новинарите што покриваат култура кај нас апсолутно професионално си ја вршат работата, посебно сега, некако во последниве неколку години имам чувство дека доста активно се следи сцената и упорно се работи и на нови форми во новинарството. Секако овде им се дава простор и на младите, на новите имиња. Се појавија и нови медиуми што работат активно на тоа да ја известуваат јавноста за сѐ што се случува во областа на културата – вели Беговска. Огнен Антов Според филмскиот продуцент Огнен Антов, социјалните мрежи до некаде вршат и поголема работа во однос на промоцијата на културата од медиумите. На прашањето што треба да се случи за настан од културата да добие соодветно место во медиумскиот простор, Антов вели: – Треба некој од политиката да одлучи дека културата во тој момент е побитна од неговата прес-конференеција за отворањето на селската чешма… Мислам дека е невозможно веќе, поради девијантното искривување на свеста за културата и нејзиното значење и место во општеството. Имавме и примери од минатото каде што Македонија стигна до „Оскар“, еве сега сме на „Венеција“ и во листата на вести сме некаде помеѓу веста за топлотниот бран, бројот на заболени од ковид во Кочани и отворањето на реновираните тоалети во некое основно училиште. Автор: Сребра Ѓорѓијевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Се чита за 5 мин.
Infodemija

Ковид-19 инфодемија и неопходната имунизација против дезинформации

Короната не постои, маските можат да убијат, вакцините содржат микрочипови, опасни се и имаат штетни ефекти – на овие и безброј слични дезинформации наидуваме секојдневно во инфодемијата поврзана со пандемијата со ковид-19. Дел од нив нанесуваат мошне штетни последици по општото здравје и ја разнишуваат довербата на луѓето во врска со сè што се презема за да се спречи пандемијата со ковид-19. Инфодемијата за ковид-19 се шири паралелно со ширењето на вирусот и последиците од него. Медиумите непрестајно пласираат вести, јавноста е преплавена со информации помеѓу кои често знае да се најде и некој непроверен факт што дезинформира и под притисок на „безизлезната“ ситуација, често станува вистина во која веруваат многу луѓе. Сето тоа ги води граѓаните до неверување на постојните мерки и препораки и загрозување на своето и здравјето на околината. Сè поради една (дез)информација. Советот за етика во медиумите продолжи да добива претставки и во текот на пандемијата, со тоа што најголемиот дел од нив, како што велат, се однесувале на едностраното и на сензационалистичкото информирање во медиумите. – Се пријавуваа новинарски содржини во коишто се пласирале информации за постоењето евентуален лек против короната, содржини што ги поддржуваат таканаречените теории на заговор, непроверени информации од социјалните мрежи, потоа текстови во коишто се поврзани со политички пресметки и обвинувања во однос на начините на справување со пандемијата, и така натаму – вели Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ. Професорот д-р Никола Пановски вели дека на почетокот од пандемијата, 30 проценти од населението во Македонија не верувало дека воопшто постои болеста, а по 5.500 смртни случаи, 10 проценти сè уште не веруваат во тоа. Дел од вината тој ја лоцира во неснаоѓањето на Светската здравствена организација со контрадикторни и, според него, честопати ненаучни ставови. – Еве само еден пример, науката докажува дека природно стекнатиот имунитет е долготраен, веројатно доживотен, а СЗО форсира вештачки имунитет кај сите, вклучително и кај прележаните, што е спротивно на сите досегашни искуства – вели тој. Така, кај нас врз база на оваа дезинформација, како што вели, пред сè се вакцинираа прележаните и природно имунизирани. Како друг пример д-р Пановски го издвојува носењето маска на отворено, кога лицето е сосема само, со образложение дека вирусот се ширел од улична прашина, при што посочува дека тоа некој ќе си го објасни со „ни пуштаат вирус преку авиони“.  – Дел од луѓето се плашеа да одат во болница, огромен дел сè уште се плашат да примат вакцина. На пример, дезинформациите за „Астра-Зенека“, кои пред сè беа мотивирани од финансиски причини, однесоа десетици животи во март годинава, кога тие одбија да ја примат, па ги зафати пролетниот бран – вели тој. Пласирањето дезинформации поврзани со ковид-19, помеѓу битката да се биде прв и мотивот да се „оцрни“ политичкиот противник Битката да се биде брз во објавувањето одредени информации, предизвика објавување непроверени информации, кои често знаеја да предизвикаат паника. Ова го потврдуваат од СЕММ, при што велат дека таа битка изискува да не се верификуваат содржините на коишто се наидува, а особено доколку тие потекнуваат од социјалните мрежи. Понатаму, како што велат, имајќи предвид дека дезинформациите се „плод“ на свесната намера за ширење погрешни информации, јасно е дека тие се создаваат и со некаков мотив, било да е тоа мотив да се „оцрни“ политичкиот противник, да се поткрепат „теориите“ дека коронавирусот не постои или дека е нечија измислица, да се поддржат „антиваксерските“ ставови итн. Понекогаш, дополнуваат, таквите содржини произлегуваат и кога постои таканаречен информативен вакуум, односно недоволно и нередовно информирање во јавноста од надлежните институции или, пак, кога постои ограничен пристап до информации. Д-р Пановски, пак, вели дека лицата што не веруваат во постоењето на вирусот, се и негови главни пренесувачи. – Кога на огромниот број дезинформации и лажни вести ќе се накалеми СЗО со препорака за носење ракавици кај целото население, мерка што нема врска со здравиот памет, се случува тоа што се случи, или кога им требаа 6 месеци за да прифатат дека вирусот се шири преку аеросоли, па да препорачаат носење маска – вели тој. Вакцината за имунизација од дезинформации постои, важно е да се почитуваат препораките Струката и науката, пред сè, без калкулации, финансиски или политички мотивирани. Искреноста и вистината, ги издвојува Д-р Пановски како неопходни во справувањето со ширење дезинформации поврзани со ковид-19. Објаснувањето и одговорите, дијалогот, упорноста, фактите и бројките ги издвојува како неизоставен дел од таа цел. Од СЕММ велат дека е мошне важно откако ќе се препознаат таквите содржини, да не се споделуваат, а со тоа и да се спречи нивното натамошно ширење. – Многу е важна улогата на медиумската писменост и создавањето вештини за критичка процена на новинарските содржини, што на луѓето ќе им помогнат да проценат што е она што го заслужува нивното внимание, а што е она што треба да биде отфрлено, велат оттаму. Како дел од решенијата за овие проблеми, ги издвојуваат користењето алтернативни извори на информации, веродостојни и проверени извори на информации, внимателно консумирање на содржините од социјалните мрежи. Сите овие дезинформации и нивното мултиплицирање преку префрлувањето од еден медиум на друг, стигнаа до широката публика и предизвикаа сериозни промени на ставовите и на однесувањето кај луѓето, до степен да предизвикуваат штети по нивното и по здравјето на другите. Имунизацијата против дезинформациите за ковид-19 е неопходна, тоа го покажува и Индексот на медиумска писменост во рамките на проектот Иницијатива за европски политики на Институтот отворено општество – Софија, кој ја сместува нашата држава на дното на ранг-листата, зад Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Турција. Во Извештајот се заклучува дека подобро и функционално образование и специјализирана обука за медиумска писменост ќе обезбеди отпорност кон најтешките форми на лажни вести, а справувањето со лажните вести и со дезинформациите, ќе го намалат степенот на политичка и социјална конфронтација, ќе се зголеми нивото на доверба во општествата и ќе придонесе за поздрава животна средина за време на пандемијата со ковид-19. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
Се чита за 4 мин.