Новинарството и вештачката интелигенција: Има ли причини за паника

Се чита за 5 мин.

Уште не слегнала прашината од дисрупцијата што интернетот и социјалните мрежи им ја направија на медиумите, во редакциите е веќе нова закана: вештачката интелигенција (ВИ).

Се разбира, напредокот на вештачката интелигенција и нејзината примена во медиумите е само еден елемент од развивањето на технологијата, која се случува со неверојатна брзина.

Сѐ уште е рано за одговори какви промени ќе се случат на цивилизациско ниво, па оттаму и во медиумската индустрија, но прашањата дефинитивно се веќе поставени. Дали ВИ ќе ги замени новинарите? Колку се релевантни новинарските содржини креирани од неа? Какви се правилата за нејзиното користење во редакциите?

Последната анкета на  Институтот Ројтерс, спроведена на 314 испитаници од 56 земји, покажува дека оптимизмот за иднината на медиумите станува дефицитарен. Помалку од половина (47 %) од анкетираните главни и одговорни уредници, директори, основачи, раководители и сениори се оптимисти за перспективите на новинарството за 2024 година.

tam web t4

Робо-репортери веќе создаваат вести во медиумите. Технологијата се движи побрзо од новинарските стандарди. Новинарите стравуваат за своите работни места. Цутат дезинформации, лажни вести и дипфејк видеа.  

Но, дали е навистина сè така црно? Историјата, барем досега, покажува дека секое воведување нова технологија во медиумската сфера, ги активира апокалиптичните ѕвона, па сепак – новинарството постојано преживува.

Се разбира, тоа секогаш се случува со инкорпорирање на новите технологии и вредности, а не со нивно игнорирање. Со други зборови, професијата драматично се менува и ќе се менува, некои работни места ќе заминат во историјата, но ќе се отворат нови, како што, на пример, своевремено фоторепортерите ги заменија илустраторите што рачно цртаа.   

Досегашното искуство со примена на ВИ во редакциите во светот покажува дека таа е добра алатка што може да ги поддржи, но не и комплетно да ги замени новинарите.

Како што, впрочем, тоа не го направија ниту претходните технолошки напредоци.

ВИ доаѓа во различни форми

Терминот вештачка интелигенција ВИ (AI) се однесува на способноста на компјутерите или на други машини да извршуваат задачи за кои претходно била неопходна човечка интелигенција, како на пример: разбирање на јазикот, перцепција и учење.

Најчеста груба поделба на ВИ е на: машинско учење и длабинско учење. Тие, пак, имаат натамошни поделби какви што се: процесирање на природен јазик, компјутерска визија, роботика...

Машинско учење е наједноставната форма на ВИ. Програмите што функционираат на машинско учење имаат јасно дефинирани и ограничени параметри за употреба при интеракција со луѓе. Тоа се и најчесто употребувани програми на ВИ: чет-асистенти, апликации, гласовни команди (Алекса и Сири).

Во програмите со длабинско учење ВИ добива почетни параметри и податоци, но може да ги интегрира со информациите на корисникот при интеракцијата со него. На тој начин ВИ „учи и се усовршува“. Тоа се ChatGPT на OpenAI и Bard на Гугл.

Генеративна ВИ. Новиот тренд на програми што можат да создаваат слики, текст, стапи на сцена од крајот на 2022 година.

tam web t5

Во моментов на пазарот има голем број ВИ-алатки што можат да се користат и во редакциите. Тие грубо можат да се поделат во 5 категории.

  1. Алатки што можат рано да известат за одредени трендови, настани што се случуваат или, пак, ургентни вести, главно на национално или на глобално ниво.
  2. Алатки што создаваат содржина. Тие можат да го автоматизираат и да го поедностават процесот на пишување вести.
  3. Алатки за зголемување на публиката. Тие се специјализирани за интеракција со неа, менаџирање коментари, праќање билтени и персонализирање на содржината според интересот на клиентот.
  4. Алатки за дистрибуција, кои овозможуваат одредена содржина да биде споделувана на што поголем број јазици, формати и платформи.
  5. Алатки за истражување и анализа на податоци. Тие се многу софистицирани, но, сепак, не се имуни на грешки, особено доколку потеклото на податоците е проблематично.

Она што е особено важно и што не смее да се заборави е дека иако овие алатки можат да направат значителен напредок во автоматизирањето на одредени задачи во новинарството, какви што се анализа на податоци и основно пишување, тие не можат целосно да ги реплицираат креативноста, критичкото размислување и истражувачките вештини што ги поседуваат новинарите.

ВИ во практика

Пет од 45-те финалисти за годинашнава Пулицеровата награда велат дека користеле ВИ во процесот на истражување, известување или предлагање на текстот. Алатките на ВИ веќе се користат за транскрипција на говор, тагување содржини и фотографии, за креирање содржини (текстови, видеа, фотографии, графикони), анализа на голем број документи, персонализација на содржината во однос на корисникот, проверка и верификација на податоците.

Агенцијата Асошиејтед прес користи ВИ за генерирање кратки вести за финансиски резултати и спортски настани, „Вашингтон пост“ – за проверка на податоци од социјалните мрежи, „Њујорк тајмс“ – за превод на текстовите на повеќе јазици, „Блумберг“ – за автоматизирани резимеа за вестите...

Еден од примерите како ВИ може да се користи во новинарството е алгоритамот на Ројтерс наречен News tracker (трагач по вести) – кој ги пребарува социјалните мрежи во потрага по вести, со откривање кластери со слични информации и проверка на изворите што ги објавуваат.

Трагачот по вести е комбинација на вештачката и на човечката интелигенција. Машината најнапред „учеше“ од податоците и од методите што ги применуваат новинарите за проверка на автентичноста на информацијата објавена на Твитер. Кога ќе препознае кластери од исти информации, почнува да ги применува научените новинарски методи за да ја одреди автентичноста на информацијата пред да му ја пријави на новинарот.

Употребата на ВИ, при анализа на големо количество податоци, дојде до израз и во истражувањето познато како Луанда ликс на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), кое откри како Изабел дел Сантос, најбогатата жена во Африка и ќерка на поранешен претседател на Ангола, извлекувала стотици милиони долари јавни пари надвор од оваа сиромашна земја.

Со помош на специјално изграден систем на ВИ, наречен Кварц, новинарите на Конзорциумот и неговите 36 медиумски партнери анализираа 175 илјади документи добиени од Платформата за заштита на свиркачите во Африка. Станува збор за електронски пораки, внатрешни меморандуми, договори, консултантски извештаи, ревизии, даночни извештаи, видеа од средби и друго. ВИ им помогна на новинарите да поминат низ огромен број податоци, без оглед што тие беа со различни формати, печатни грешки и грешки при транскрипција.

„Њујорк тајмс“ ја искористи способноста на системите на ВИ за визуелно препознавање (кое се користи, на пример, за персонализирање на смартфоните), за создавање дигитална архива на претходно скенираните печатени изданија (архивата е со опфат до 1851 година).

tam web t6

Со категоризирање различни компоненти од скенираните весници (наслови, текстови или слики), ВИ ги спои во структура што наликува на денешните дигитални изданија, која може да се пребарува.

Новинарите на Bazz feed, како што велат самите, „го истренирале компјутерот да пребарува скриени шпионски авиони“, така што ќе пребарува летови што имаат слични обрасци како оние на Одделот за домашна безбедност и на Федералното биро за безбедност. Открија дека американскиот воздушен простор е преполн со такви авиони.

Шпанскиот „Ел паис“ ја користеше алатката наречена Graphext за буквално да ја нацрта врската меѓу политичарите и медиумите.

Користењето на алатките на ВИ во редакциите, покажа дека тие дефинитивно можат да го зголемат капацитетот на известувањето, ефикасноста, брзината и точноста, да ги намалат трошоците и да го подобрат новинарскиот производ.

За перспективите и за иднината

Нема дилеми дека ВИ има трансформативна улога во реформирањето на работата на медиумската индустрија, и тоа како од уредувачки, така и од деловен аспект. Тоа бара нови вештини, алатки и работни навики. Но, имајќи ја предвид природата и ограничувањата на ВИ, тоа не значи дека редакциите ќе се испразнат и ќе станат канцеларии за паметни машини. Иднината многу повеќе ќе личи на нова форма на соработка: меѓу луѓето и машините.

Алатките за вештачка интелигенција можат да го подобрат новинарството со преземање рутински задачи, дозволувајќи им на новинарите да се фокусираат на посложени и понијансирани известувања.

Дури и повеќе, улогата на новинарите се смета за поважна од кога било, бидејќи содржината генерирана од ВИ би можела да го преплави интернетот со лажни информации доколку нема човечки надзор и етичко резонирање.

Се чини дека аргументите, барем засега, му одат во прилог на заклучокот на Сајрус Феривал  во коментарот насловен „Не плашете се од новинарството помогнато од ВИ, тоа веќе е тука“.

„...ако новинарите како целина постапат мудро и без непотребен страв или прекумерно потпирање врз технологијата, користењето на ВИ во новинарството ќе биде контроверзно колку што денес е користењето компјутер за побрзо пишување отколку пишувањето со пенкало и хартија“.

Автор: Тамара Чаусидис


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.