Активизам

Ukim Foto

Студентите на УКИМ бараат дигитализација, ректорската управа најавува прогрес, за модернизација треба да се менуваат закони

Треба да се менуваат многу закони - за архивско и канцелариско работење, пропишаниот начин на издавање на дипломи итн. Во нив не е предвидено електронско работење, објаснува деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев Дигитализација или деградација, велат студентите на најстариот и најголемиот државен универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“. Бараат дигитализација во администрацијата, можност на онлајн плаќање на услугите, електронски индекси... Не само во време на пандемија, туку и по неа. Барањата на студентите се соодветни на времето во кое живееме и можностите што ги нуди технологијата. Сепак, реалноста е малку поинаква. За да биде УКИМ целосно дигитализиран универзитет треба да се менуваат многу закони што ќе го овозможат тоа. Дополнително, станува збор за комплексен универзитет со 23 факултети, 5 институти, 4 јавни научни установи и 8 придружни членки чии можности за технолошки развој се на различно ниво. Какви планови има новата ректорска управа, што бараат студентите, што велат раководителите на поединечни единици на УКИМ? Според Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, отсуството на дигитализација на администрацијата е голем проблем со кој се соочуваат студентите. Обврзани се административните обврски да ги извршуваат со физичко присуство. „Тоа одзема многу време и средства, а во време на пандемија претставуваат и здравствен ризик за студентите и административните кадри. Неретко има сериозни доцнења и ненавремено исполнување на потребите на студентите. Сето ова може и мора да се реши со дигитализација на работата на административните служби, која не треба да претставува сериозен предизвик за универзитет во 21-от век“, вели Ефтимов. Тој е дециден дека универзитетот се наоѓа пред крстопат – дигитализација или деградација. Вели дека администативна дигитализација нема, а развиени системи за далечинско учење има единствено на Факултетот за електротехника и информациски технологии и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство „Дигитализацијата на УКИМ во моментов не постои. Ако не се дигитализираме, сериозно ризикуваме да заостанеме зад локалните конкуренти. На регионално или на континентално ниво одамна заостануваме, но не е предоцна да започнеме да се унапредуваме на ова поле, доколку сакаме да останеме конкурентни“, вели Ефтимов. Претставници на УСС при УКИМ неодамна се сретнаа и со новата проректорка за настава, проф. д-р Христина Спасевска. Ефтимов вели дека средбата била исклучително продуктивна и влева надеж дека универзитетот значајно ќе напредува во однос на дигитализацијата. И во моментов се работи на тоа. Единствената дигитална платформа за учење Спасевска е децидна дека УКИМ не е само најстариот, туку и најдобриот универзитет во земјава, а посветеноста кон дигитализацијата во целина е заеднички приоритет на сите единици на универзитетот. „Така уште повеќе ќе се се приближиме едни кон други, со својата различна организациска структура и различните области што ги негуваме во наставно-научната дејност. Универзитетот има интергиран систем за студенстки сервиси, а дел од факултетите, особено техничките веќе со години користат дигитални платформи за учење на далечина. Овој процес беше забрзан со појавата на пандемијата кога и наставата почна да се одвива по електронски пат. Сепак, треба да се истакне посветеноста на наставниците да ги прилагодат своите предавања и учебните материјали на новите услови“, објаснува Спасевска. Така, овој семестар почна со т.н. „хибридна“ настава - дел се одвива електронски, а каде што дозволуваат условите, и со присуство на студентите. Како ќе се менува ситуацијата со пандемијата, институтите и факултетите се подготвени да го променат и начинот на спроведување на наставата и оценувањето. Според Сапасевска, дигитализацијата на УКИМ е процес и тој континуирано се подобрува и надградува. Вложувањата се пред сè во зголемување на техничките ресурси, но и во јакнењето на човечките капацитети за користењето на нови дигитални алатки. „Универзитетот има изготвено програма со проекти кои треба да се реализираат на краток, среден и долг рок за да навлезе дигитализацијата во сите сегменти на работењето. Иако овие проекти се подготвени пред пандемијата, во сите нив е нотирана дигитализацијата како една од клучните области на дејствување за подигнивање на квалитетот во сите дејности на универзитетот“, вели Спасевска. Тука спаѓаат системите за менаџирање со човечки ресурси, дипломски и магистерски работи, електронско анкетирање за самоевалуација, порширување на достапноста на eduroam-мрежата и други. Во овој момент приоритет се имплементацијата на  единствената дигитална платформа за учење и воведување нови апликации на студенските електронски сервиси, кои ќе овозможат намалено физичкото присуство на студентите во услови на пандемија. „Но, за ефикасна имплементација на сите проекти поврзани со дигитализацијата потребно е да се вклучат потребите на наставниците и студентите. Затоа во изминатиот период се одржаа пет работилници на тема ‘Дигитална настава - искуства и предизвици со учењето на далечина’ на коишто учествуваа околу двесте професори од УКИМ. Студентите преку своите претставници во телата на универзитетот даваат суштествен придонес во градењето на дигитализацијата како процес, но и со активно вклучување во идејните и техничките решенија на дел од електронските апликации“, вели Спасевска. Пристапи до електронски бази им се потребни на сите Според проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука на УКИМ и проф. д-р Ордан Чукалиев, проректор за меѓународна соработка на УКИМ, во насока на дигитализација на Универзитетот, заеднички приоритет на единиците е развој и примена на повеќе дигитални алатки и дигитални сервиси со цел подобрување на видливоста на Универзитетот. Од аспект на дигитални алатки неопходни за научно-истражувачка работа, пристапи до електронски бази на податоци за научни списанија и книги еднакво им се неопходни и на студентите (особено оние кои реализираат истражувачки активности на вториот и третиот циклус на студии) и на научно-истражувачкиот кадар на универзитетот. Пристапите до базите потребно е да се решаваат системски, за целата академска заедница во државата. „Преку мрежата на МЕБ-Македонски Електронски Бази, која ја управува Универзитетската библиотека, на располагање се одредени можности - пристап до дваесетина електронски бази во рамки на EBSCO, кои понатаму, преку библиотечните сервиси на единиците на универзитетот, се споделуваат кон наставно-научниот кадар и студентите. Заложбите на универзитетот се да се обезбеди пристап до поголем број релевантни електронски бази од наведениот вид, за кои МЕБ, како членка на EIFL, има солидни привилегии за регистрирање и пристап, специјализирани за различни научноистражувачки подрачја. Во соработка со единиците на универзитетот, започнати се активности за идентификување по релевантност“, вели Гечевска. Таа додава дека сериозен извор на научно-истражувачки податоци се научните списанија кои ги издаваат единиците на УКИМ. Отворен е процес за поставување на овие изданија на единствена дигитална платформа, со што ќе се обезбеди афирмација и пристапност до изданијата и зголемување на видливоста кон научната заедница. Трудовите ќе се индексираат на пребарувач и ќе станат подостапни, а се добива можност и да се зголеми цитираноста. „Во контекст на дигитализацијата, идејата за воспоставување на електронска база на универзитетот, на која ќе се поставуваат магистерски и докторски трудови во дигитален формат, е во развој, истовремено со можноста за интеграција на меѓународни електронски генератори. Следен проект е развој на дигитална платформа која ќе ги интегрира информациите за меѓународни проекти кои се реализираат на универзитетот, што ќе обезбеди видливост на поставените цели, остварените резултати, моделите на оддржливост на резултатите, меѓународните конзорциуми на соработка. Иницирани се уште неколку проекти за дигитализација, сите поврзани со заложбата за зголемување на видливоста на научно-истражувачките резултати на научниот кадар на УКИМ кој поседува извонреден потенцијал. Потребно е итно да се искористат можностите на дигитализацијата преку примена на разновидни дигитални алатки, со цел одличноста да биде достапна за цитирање и видлива за пошироката јавност“, дециден е Чукалиев. Потребни се измени во националната регулатива Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ организира студии од втор и трет циклус. Според проф. д-р Бојана Наумовска, директорка на Институтот, тоа значи и помал број на студенти и помал обем на административна работа. Таа објаснува како е поставен системот. Во согласност со регулативите на универзитетот и на национално ниво се води двојна евиденција и административна работа. Националната регулатива бара чување на целокупното досие на студентите во печатена форма 50 години. Тука влегуваат пријавата за запишување со целата документација, сите пријави за испитите, целокупната документација околу магистерскиот/докторскиот труд, сите поднесени барања и донесени одлуки по нив, како и издадените потврди и уверение. Паралелно со овој начин на работа постои iKnow системот во кој сите студентите се запишуваат на почетокот, а потоа пријавуваат испити и одбираат изборни предмети. „Зборуваме за два паралелни система на работа, кои бараат дополнително време од администрацијата за извршување, а воопшто не ги рационализираат ресурсите. Не можеме да зборуваме за дигитализација кога овој начин на работа, како проблем, пандемијата го извади на површина. За поздравување се барањата на судентите. Потребни се измени на националната регулатива, а УКИМ би требало да биде лидер во процесот“, вели Наумовска. Во однос на другите активности на Институтот, одржување на предавања, консултации, состаноци, научни совети, одбрани на магистерски и докторски трудови, одржување на дебати и научни расправи, функционираат во соглансот со новите услови, на онлајн платформа, и досега немаат проблеми. Според деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Ратко Дуев, iKnow-системот за електронска евиденција и администрирање на образовниот процес има одличен софтвер. Овогодишното пријавување на новите студенти се одвиваше по електронски пат. „Со мали модификации може целосно да се премине на дигитално работење. Проблемот е што треба да се менуваат многу закони - за архивско и канцелариско работење, пропишаниот начин на издавање на дипломи итн. Во нив не е предвидено електронско работење. Редовните инспекциски надзори од нас бараат печатени документи. Дигитални потписи (сертификати) користат само одговорните лица и само тие можат да потпишуваат. Пандемијата нѐ присили сите да размислуваме за овие проблеми. Веќе се размислува како побрзо да се надмине оваа состојба, притоа да се внимава и на заштита на електронската комуникација од можни злоупотреби со кои се соочивме во изминатите месеци“, објаснува Дуев. Образованието и науката се инвестиција, а не трошок Филозофскиот факултет годинава одбележува 100 години постоење. Тој е најстар факултет во Македонија, па и во поглед на дигитализацијата е понапред од многу други. Дуев раскажува дека пред десет години освен веб-страница, факултетот имал и платформа за отворен пристап за е-изданија на дел од списанијата, а УКИМ започнал да го развива iKnow системот. „Поради сѐ поголемиот развој на технологијата и алатките за е-учење, постепената замена на печатените научни изданија со е-книги, тенденцијата за глобализација на науката и лесна достапност до научни статии, монографии, учебници од различни области, ни стана јасно дека доколку една високообразовна институција не ги дигитализира своите активности, таа речиси и не постои во светската наука и во светското високо образование. Затоа пред 4 години почнавме засилено да работиме на овој план, да ја зајакнеме дигиталната научна инфраструктура, да им овозможиме на нашите студенти и колеги полесно да истражуваат и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети“, вели Дуев. Поради падот на бројот на студенти, големите миграции, намалувањето на  наталитетот, како и начинот на финансирање на високото образование, во голема мера се намалија и буџетите на факултетите. Во отсуство на поддршка на државата во последните децении, факултетот презел низа активности за мотивација и поддршка на наставниците за аплицирање на меѓународни проекти и меѓународни фондови. „За кусо време добивме 8 проекти и со тие средства се изработени платформите. Секој проект има и процент од финансиите што е за администрирање. За разлика од други институции, ние со тие средства ги покривме поголемиот дел од трошоците за набавка на базите на списанија и пристап до е-алатки за учење. По урнекот на светските универзитети, преку акциите за подигање на општествената одговорност кај компаниите за заедницата и високото образование, за донации и инвестиција во иднината, која речиси и да ја нема во нашата заедница (доколку се нема личен интерес), сепак најдовме партнери кои финансиски ни помогнаа во реализација на дел од активностите“, објаснува Дуев. Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во моментот нема пристап ниту до бази за податоци, ниту до списанија и друга литература. Наумовска вели дека состојбите се вакви веќе подолги години. Според неа, проблемот треба да се разгледува и да се решава на три нивоа - држава, универзитет и на ниво на единица (институт, факултет). „Државата конечно мора да одлучи каква наука сака и колку е спремна да вложува во оваа дејност. Исклучително значаен елемент во развојот на науката е достапноста до литературата и новите сознанија. Од нас се очекува да произведеме научни трудови достојни за списанија кои не можеме да ги видиме, освен ако не ни ги прати колега од странски универзитет. И тука морам да го споменам финансирањето на научноистражувачката дејност за кои 15 години денар не е одвоен. Овие елементи се тесно поврзани и влијаат на тоа каде сме денес и каде како држава и општество сакаме да стигнеме“, вели Наумовска. Според неа, и универзитетите би требало да размислуваат за одвојување на дел од буџетот во овој дел, особено што дел од рангирањето на универзитетот произлегува од трудовите на наставно-научниот кадар. Третото ниво е институт или факултетот – колку е тој финансиски моќен делумно или целосно да го бајпасира овој проблем. „Но, што со институтите и факултетите кои не можат да ги обезбедат овие ресурси за своите вработени? Дали треба само немо да набљудуваат што се случува и да си го чекаат денот за во пензија? Проблемот е голем, особено затоа што долго време е игнориран. Искрено се надевам нешто ќе се поправи со започнувањето на работа на предвидените тела во Законот за високо образование како и новиот закон за научно-истражувачка дејност, за кој веќе е формирана работна група. Вложувањето во образованието и науката е инвестиција, а не трошок. Без соодветен однос кон овие два процеса не може да се очекува напредок во ниту една друга сфера“, заклучува Наумовска. До што сѐ обезбеди пристап Филозофскиот факултат во Скопје Покрај достапноста до КОБИС, Филозофскиот факултет завршил со процесот на дигитализација на базата на списанија на страницата https://periodica.fzf.ukim.edu.mk објаснува деканот Дуев. Направена е дигитализација на сите досега одбранети магистерски и докторски трудови кои се поставени на е-репозиториумот на УКИМ. Во академската 2018/19 година се претплативме на најголемата електронската база на академски списанија JSTORE - збирка на околу 3.000 научни списанија и над 35.000 книги. Обезбеден е пристап и до базата ARTSTOR која нуди 3 милиони слики од водечките музеи, архиви на фотографии, вклучувајќи ретки и важни колекции претставени заедно со збир на специјализирани алатки за предавање и учење. Во текот на 2019/20 година, научната е-инфраструктура вклучувала пристап до базите: Едвард Елгар онлајн, Мусе (Џонс Хопкинс Универзитет), Сејџ списанија (Sage journals), Сејџ книги (Sage knowledge) и Ебско. За научната и академска периодика на Филозофскиот факултет составена од 12 научни списанија, почната е постапка за доделување дигитални кодови за идентификација (DOI), за броевите од 2015 година до денес. Преку Еразмус проект развивме сопствена е-платформа за е-учење прилагодена и за студенти со попреченост“, објаснува Дуев.   Автор: Весна Ивановска-Илиевска   -------------------------------- Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.      
Radovis B4jpg

Приказни од библиотеките во Македонија: Најактивната читателка има 74 години, а позајмува книги и за 93-годишната мајка

Личниот пример е најважен. Детето прво треба да препознае љубов кон книгите од своите родители, семејството, вели Јана Михајловска-Иванов, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија Две истоимени библиотеки „Браќа Миладиновци“, едната во Скопје, другата во Радовиш. Таа во главниот град - малечка, сместена во населба, бидејќи е клон на општинската „Другарче“, која работи во рамките на големата градска библиотека. Таа, пак, во Радовиш - модерен мултифункционален центар, со одличен пристап до пишани и електронски информации. Како работат денес библиотеките во Македонија, во време на доминација на дигиталните медиуми, кога информацијата е достапна со еден допир на екранот на мобилниот телефон? Дали уредите можат да го заменат мирисот на книгата, што друго се случува во овие институции освен класичното позајмување книги? Библиотеката „Карпош“ покрива дел од истоимената скопска населба. Таа е клон на библиотеката „Другарче“ која е една од единиците на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Има 370 члена, од кои околу 200 се активни. Вработените велат дека малите клон библиотеки создаваат неверојатна поврзаност со читателите. „Сите тие живеат или работат во нашето непосредно опкружување. Тоа им овозможува редовно и често да нѐ посетуваат, дали пред важна лектирна обработка, викенд или празник, пред патување или на годишен одмор. Најактивни се повозрасните читатели и групата на пензионери. Книгите што се бараат се од различни жанрови - учениците најмногу позајмуваат лектири, но не се исклучени и книги надвор од таа тема. Возрасните од помладата старосна група обожуваат белетристика, а повозрасните освен белетристика бараат и книги со историска содржина и класици на светската книжевност“, вели библиотекарката Марија Стојковиќ. Особено интересно е кога во библиотеката ќе се сретнат читатели кои во исто време враќаат меѓусебно непрочитани книги, па размената се врши во истата секунда. Сузана Спировска, помошник-библиотекар, вели дека не е тешко да се создаде активна и верна група на возрасни читатели, но да се направи тоа кај најмалите е вистински предизвик. Така, со почетокот на секоја учебна година ги посетуваат блиските градинки „Распеана младост“ и „Орце Николов“. „На сите дечиња кои следната година стануваат првачиња им доделуваме годишно гратис-членство за им ја всадиме навиката кон читањето и љубовта кон книгата. Се вклучуваат и нивните учителки и воспитувачки кои овозможуваат организирана посета и децата ја стекнуваат првата слика што значи библиотеката. Голем успех е да се побуди интересот кај нив, особено кога среќни и задоволни ја напуштаат библиотеката“, вели Спировска. Тие се најмалата структурална единица на големата градска библиотека. Велат дека имаат огромна поддрша од раководителката на „Другарче“, Силвана Јакимова, и од директорката на „Браќа Миладиновци“, Сузана Данаилова, каде традиционално, секоја година се избира читател на годината. Во просториите на главната библиотека свечено им се доделуваат плакети и подароци-книги. „Чинот е мал, но задоволството - огромно. Во нашата библиотека, читател-рекордер за 2019 година е Сребре Јовановска, 74-годишна пензионерка, со 200 прочитани книги за една година. Понекогаш зема книги за читање и за нејзината 93-годишна мајка“, вели Спировска. Библиотеката во Радовиш - модерен мултифункционален центар Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Радовиш покрај традиционалните библиотечни услуги обезбедува и пристап до интернет, скенирање и печатење документи, фотокопирање и организирање различни културни и социјални настани за различна публика. Гордо го носи името „Пријателска библиотека за сите граѓани“. Иако е една од помалите библиотеки во Македонија, позната е по својата иновативност. „Библиотеката покажа извонредна способност да се развива со промените на времето. И во најтешките моменти успеваше да одговори на потребите на корисниците, со целосна компетенција на библиотечната струка“, вели м-р Иванка Соколова, директорка на библиотеката. Еден од нивните успешни проекти во изминатите години е „Креативни умови создаваат можности за работа“ кој пред десет години го добиле како грант од ЕИФЛ (Electronc Information for Library) преку Иновативната програма за јавни библиотеки (Public Library Innovation program). Во конкуренција биле од 324 апликации на библиотеки од 49 земји. Овој проект во 2011 година ја добил престижната награда „Социјална интеграција 2011“ од ЕРСТЕ фондацијата. Во библиотеката членуваат ученици, студенти, невработени, вработени и пензионери, две третини од членството се жени, а 35% мажи. Според возраста, најмлад читател е Борче Кордов, а највозрасна членка е Виолета Самарџиска која има 81 година. Соколова вели дека за најмалите читатели многу е значајна посетата на библиотеката и изборот на книга која визуелно ќе ги привлече. „Сликовницата како значаен медиум во културолошка, едукативна и педагошка смисла, покрај играчките, ја обликуваат првата контура на идните личности. Затоа секојдневно го збогатуваме фондот со сликовници и литература за деца“, вели Соколова. За да го поттикнат читањето кај најмалите организираат различни програми за децата од претшколска возраст - популаризација на сликовници, едукативни работилници и предавања, фамилијарни програми, одбележување на Светскиот ден на книгата на детето, воведување на т.н. гејмификација (учење по пат на игра), музички манифестации поврзани со литература, програми за цртање и слично. Имајќи ја предвид општествената мисија на библиотеките која се менуваше сообразно со потребите на времето на т.н. „пазар на знаења“, Соколова вели дека во последните неколку години променет е и пристапот до образованието. Тоа е одраз и на количината на достапните информации кои непрестано се менуваат и надополнуваат. „Библиотекарите ја наметнаа својата улога на информациски стручњаци кои на корисниците не само што им овозможуваат позајмување на книги туку им го олеснуваат начинот на наоѓањето на релевантните печатени и електронски извори (енциклопедии, портали, архиви, списанија) и информации. Бидејќи библиотеките работат со различни кориснички групи воведуваат нови библиотечни услуги и програми за информациска писменост“, вели Соколова. Како се вгнездува љубовта кон книгите кај најмладите Јана Михајловска-Иванов е претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија (БЗМ). Таа објаснува дека главни цели на Здружението е да ги координира поголемите активности во развојот на библиотекарството во земјава, да помага за стручно усовршување на библиотекарскиот кадар, да покренува иницијативи за нормативно регулирање на одделни прашања преку закони, други прописи и колективни договори. Здружението постои 70 години и соработува со домашни и меѓународни библиотекарски асоцијации. Здружението обезбедува информации за актуелните збиднувања во европскиот и во светскиот библиотечно-информативен простор. „Минатата година во Штип ја организиравме Меѓународната стручно-научна конференција на библиотекари со бројни гости од земјава и од странство. Конференцијата отвори бројни значајни прашања во врска со библиотекарството и предизвиците пред кои е тоа исправено“, вели Михајловска-Иванов. Здружението ја има востановено „Климентова повелба – за животно дело“ која се доделува на две години на најзаслужните работници во библиотекарството, особено на библиотекарите-советници кои целиот свој работен век го минале во библиотечната дејност. Тука е и наградата „Библиотека на годината“ за најуспешната библиотека на просторот на Република Северна Македонија. Здружението има и своја издавачка дејност, објавува повеќе значајни наслови, а секоја година редовно излегува и двобројот од списанието „Библиотекарство“. Веќе 20 години се организираат општински и републички натпревари „Млади библиотекари“, во соработка со училиштата во сите градови на Македонија. „Учениците се натпреваруваат во знаења од областа на библиотекарството, организациската структура на библиотеките, нивната работа, знаењата поврзани со печатарството и средствата за користење на библиотечните услуги. Се надевам дека повеќе основни училишта ќе се вклучат во овие натпревари, бидејќи токму од децата во основните училишта сѐ почнува. Од таа возраст е идеално да се работи на нивно „вљубување“ во книгите. Сите ние, без разлика дали сме во улога на родители или вработени библиотекари, многу посериозно да се нафатиме за да може да се оствари целта на доаѓањето на нови генерации – вљубеници во книгите“, вели Михајловска-Иванов. Таа смета дека во време кога технологијата е дел од нашето секојдневие, може да се балансира и да се најде време како и за нас самите, така и за децата. Уште од најмала возраст да се всадува љубов кон книгата, театарот, уметноста воопшто. „Личниот пример е најважен кога станува збор за помошта во веќе постоечката едукација на младите. Детето прво треба да препознае љубов кон книгите од своите родители, семејството. Потоа секако останува на него како ќе успее да балансира меѓу технологијата (дигиталната доба) и личниот развој кој подразбира читање, посета на библиотеки, театри, изложби итн. Кога на сето ова ќе се додаде и ќе се негува улогата на библиотеките во патот кон животното образование кај младите, неизбежно е да се создаде генерација - вљубеници во културата, етички изградни личности и луѓе со врдности какви што секое општество би посакало“, вели Михајловска-Иванов. Книга за само 15 денари Годишно членство во библиотеката „Карпош“ чини различно. Ученици-основци, плаќаат по 150 денари, а за ученици-средношколци и за сите возрасни лица годиншната членарина изнесува 300 денари. Пензионерите плаќаат по 250 денари годишно, а за дополнително членство (каде постои основно членство во било која библиотека на „Браќа Миладиновци“ – Скопје) се доплаќаат 50 денари. Секое изнајмување на книга чини 15 денари. Здружение формирано во далечната 1949 година Библиотекарското друштво на Македонија - Скопје е формирано во 1949 година, а пред десет години се преименува во Библиотекарско здружение на Македонија - Скопје. Оттогаш седиштето е сместено во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во здружението членуваат сите национални установи библиотеки, специјализирани и јавни, универзитетски библиотеки во Македонија, високошколски библиотеки, библиотеки од основни училишта ширум државата. Во моментот активно членуваат 48 библиотеки од целата земја.   Автор: Весна Ивановска-Илиевска   -------------------------------- Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.    
Sladgjan Stankovikj 3 1

Реши креативно задача и освој „Тоблероне“ - инвентивни методи на наставникот Слаѓан Станковиќ за учениците да ја засакаат математиката

Дигиталните медиуми ги користи на секој можен начин за да ја приближи математиката до учениците во време на пандемијата од ковид-19, кога најголем дел од наставниот процес се одвива онлајн Чоколада „Тоблероне“, „Милка” или „Најлепше жеље“ за тој што на најинтересен начин ќе ја реши задачата. Покрај математичкиот доказ, следува и фотографија како доказ дека победникот навистина ја добил слатката награда. А добитниците се ученици, основци или средношколци, предизвикани од нивниот креативен професор. Има многу добри наставници во земјава, но на прсти се бројат оние кои живеат за својата професија. Еден од нив е Слаѓан Станковиќ кој е „хиперактивен“ на социјалните мрежи. Целта е единствена – да ја подигне математиката на повисоко ниво на заинтересираност меѓу учениците. Начинот е оригинален – преку интерактивност, забава и натпреварување. Отвора дискусии, прави анкети, решава задачи, постира видеа, прави предизвици... Ги користи дигиталните медиуми на секој можен начин за да ја приближи математиката до учениците во време на пандемија од ковид-19, кога најголем дел од наставниот процес се одвива онлајн. „Поставувам наградни задачи за симболични подароци. Сакам да ги инспирирам, за уште повеќе да ја засакаат математиката. Најчесто тоа се чоколади. А, од учениците го очекувам најдоброто или најквалитетното решение, кое ќе биде наградено. Така го промовирам и секое дете, секој талентиран математичар во Македонија“, вели Станковиќ. Тој веќе 30 години предава математика во средното училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, потоа во приватното School of the future (SOTF) во Скопје, а од годинава и во новата Математичко-информатичка гимназија во главниот град. На Јутјуб каналот „Bitrak“ има постирано повеќе од 70 видеа со решавање на математички проблеми за средношколци, активен е на Фејсбук групите „Математика во срцето“ и „Математика за основно и средно образование во Република Македонија“. Член е на Сојузот на математичари на Македонија, ги подготвува младите таленти за државни натпревари, домашни и меѓународни олимпијади по математика. А, најзадоволен е кога тимот ќе успее и ќе се врати со медали. Помош за учениците во овие тешки времиња на пандемија Кога се зачленил во Фејсбук групата „Математика за основно и средно образование во Република Македонија“, таа броела околу 1000 членови. Во првите години малкумина коментирале на неговите постови. „Од ден на ден, од недела во недела, луѓето почнаа да гледаат дека е за доброто на децата, на математиката во Македонија, на сите колеги, на родителите на децата. Почна да им се допаѓа тој мој пристап и начин на комуникација на социјалните мрежи. Дури почнав да правам и анкети поврзани со актуелни прашања – во врска со онлајн наставата, со оценувањето, со прашања што ги засегаат учениците, родителите, колегите. Поставувам анкети, разговараме за натпреварите, како сѐ да се подобри“, вели Станковиќ. Смета дека преку социјалните групи може одеднаш да се чуе гласот на голем дел од граѓаните. Често во комуникација во живо, луѓето имаат задршка, се повлекуваат, внимаваат дали да одговорат на прашање или да се вклучат во дискусија. „Вака прашањата ги поставувам со една мала доза на позитивна провокација. И мало дете и возрасен пензионер се вклучуваат без да се грижат дека ќе им контрирам зашто не се согласувам со нив. Напротив, го слушам и го почитувам мислењето на секого, зашто секој има право на тоа, без разлика дали е исправно“, објаснува Станковиќ. Главна мотивација му е да им помогне на учениците во овие тешки времиња на пандемија, кога сите мора да останат и да учат од дома, седнати пред мониторите кои пречат на очите, на вратот, на ‘рбетниот столб, болат мускулите на целото тело... „Тоа е тешко за сите, особено за младиот организам кој бара физичка активност. Затоа ги снимам видео-лекциите за втора и четврта година, во согласност со програмата на Министерството за образование и наука. Учениците можат да ги прегледаат кога сакаат, во кој дел од денот им одговара. Секако има ограничувања, но во најголем дел сами си го организираат времето“, вели Станковиќ. Во средно образование, учениците се веќе на возраст кога треба да имаат дисциплина и одговорност кон учењето, а наставникот има улога да им помогне и да ги насочи во процесот на стекнување знаења. Со последните измени за Законот за средно образование поради пандемијата, во средните училишта часот од 45 минути е скратен на 35 минути бидејќи се одвива онлајн.   „Пет минути додека да влезат учениците на час, и уште 5 да прашам дали е напишана домашната задача, кој и зошто нема напишано. Се јавува некој ученик и објаснува дека не му се јасни задачите (уште 5 минути). 15 минути за да го почнам предавањето, стигнуваме до четвртата задача од мојата видео-лекција. Никој не може да постави прашање што-каде-како, оти ако го постави, ќе стигнеме до третата задача од лекцијата. Уште 5 минути задавање домашна работа и ситни упатства. Сето тоа испреплетено со паѓање на интернетот, снемување струја, блокирање на старите компјутери, „мјутирање“ на едни ученици со други, па и на некои професори итн. На ваков час ќе успееме да реализираме само 30% од планираните цели и задачи“, објаснува Станковиќ. Во вакви услови, кога живееме во поинакво секојдневие, а скоро сите средношколци учат од далечина, неопходна е ангажираност и кративност на наставникот, потребно е тој да се адаптира на новата ситуација со цел да може да го организира часот и да им го задржи вниманието на учениците, заклучува Станковиќ. За подобро да ги искористи своите 35 минути, ги прашал учениците како им е поедноставно. Најголем дел од нив се изјасниле дека видео-лекциите им помагаат многу во совладување на материјалот. Така им задава задача на учениците да ја изгледаат дома видео-лекцијата што претходно ја снимил, а на час дискутираат и ги разјаснуваат нејасните делови од задачата. „Откако почнав да снимам видео-предавања (лекции), заклучив дека за 30 години како професор по математика, никогаш не сум успеал во 45 минути, една наставна единица да ја објаснам комплетно со дури 13 решени задачи. Со овој начин на предавање кај учениците се постигнува троен ефект. Целосно реализирана и темелно објаснета наставна единица, можност на ученикот да го стопира предавањето и да се обиде самостојно да ја реши поставената задача. Може да избере кога сака, кога е слободен и расположен да ја прегледува видео-лекцијата по неколку пати. Има поволности и за мене како професор. За наредните години оваа наставна единица е подготвена. Учениците кои биле болни или отсутни од часот има каде да ја слушаат, гледаат и научат лекцијата и не мора да објаснувам од почеток. На вонредните ученици кои бараат материјал за учење им го посочувам мојот Јутјуб канал од кој може да учат. Но, мора да потенцирам дека не може ништо да го замени присуството на професорот на часот“, објаснува Станковиќ. Зад секој поединечен успех секогаш стојат многу луѓе Станковиќ денес е ментор и активен тренер на многу ученици кои освојуваат медали и признанија на натпревари по математика. Дециден е дека успехот никогаш не е исклучиво индивидуален, не бил ни неговиот. Секогаш успехот на поединецот е резултат на трудот на многу луѓе - родителите, кои ги даваат основните чекори за етиката, моралот, културата, однесувањето, учителот кој ве учи на првите букви, бројки и зборови, наставниците во погорните одделенија кои ги учат децата на посложени математички операции и уште повеќе им ја внесуваат математиката во крвните жили. „Многу е битно да имаш добар тренер, наставник. Така е во спортот, така е и во математиката. Нема да имаме успех ако зад напредните ученици не стојат сиве овие луѓе. Успехот на сите нив не зависи само од поединецот“, вели тој. Според Станковиќ важно навреме да се забележи талентот на еден ученик, веќе во 3-4 одделение, и да се вложи во неговиот развој,Учителот треба да разговара со родителите. „Мора на време да се реагира за потенцијалното знаење да се претвори во кинетичко, да се шири, да добие брзина. Инаку ученикот постепено ќе го изгуби интересот за математика и ќе се насочи кон друга област. Понекогаш се чувствувам како ловец на таленти. Ги следам учениците уште од 5-6 одделение, преку сите математички натпревари. Понекогаш и лично контактирам со родителот за да му укажам дека детето му е генијалец и во него треба да се вложи“, објаснува Станковиќ. Среќен е што во последните години нашите млади математичари постигнуваат огромни успеси на меѓународните натпревари. Им се восхитува на секој успех на децата и вистинско задоволство му е да работи со нив. „Ако не се пренесува знаењето, вештините и стручноста на помладите, нацијата ќе се изгуби. Ако не им го пренесеме она што го знаеме и заминеме од ова тло, ништо не сме направиле. Повторно, успехот ќе биде индивидуален и тука сѐ ќе заврши. Но, ако своето знаење го пренесеме без скржавост, со љубов, срце и душа на децата, на младите, така се одржува традицијата и еден народ“, завршува Станковиќ. Автор: Весна Ивановска-Илиевска   -------------------------------- Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.    
Zivot Vo Mrezata 2

Живот во мрежата

Користењето на социјалните медиуми за потребите на граѓанските организации не е воопшто едноставно. Поголема грешка е да се отворат профили и страници само колку да се имаат, отколку воопшто да не се отворат. Но, доколку социјалните медиуми правилно се користат, придобивките се поголема видливост, подобра интеракција со целните групи, подобра поврзаност со луѓето и организациите што имаат слични цели и активности, и многу повеќе.   Корисни совети за правилно користење на социјалните медиуми може да прочитате во прирачникот прирачникот „Граѓанскиот сектор како ефикасен комуникатор – Стратегиски настап и техники за влијание“:https://mim.org.mk/mk/publikacii/1198   Видеото е поддржано преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во видеото се единствена одговорност на МИМ, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Samsvojmajstor

Сам свој мајстор

Заврши времето кога граѓанските организации зависеа од традиционалните медиуми и се натпреваруваа за внимание со високата политика, криминалот, реалните шоуа и со сензационализмот. Сега повторно мора да се натпреваруваат со сето тоа, но барем можат самите да си изработат медиумски содржини и да се обидат што повеќе да ги прошират.   Доколку сакате да бидете „сам свој мајстор“ во светот на медиумите и да се запознаете со основните вештини за подготовка на мултимедијални содржини, тогаш задолжително прочитајте го прирачникот „Граѓанскиот сектор како ефикасен комуникатор – Стратегиски настап и техники за влијание“:https://mim.org.mk/mk/publikacii/1198   Видеото е поддржано преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во видеото се единствена одговорност на МИМ, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Animirano 3

Во кујната на дезинформирањето

Дезинформацијата е погрешна информација која има цел, намера, и најважно - интерес. Таа не е печатна грешка, ниту шеговита информација. Дезинформациите треба да ги натераат луѓето да формираат ставови и да носат одлуки не врз основа на реалната состојба, туку онака како што некому му одговара. Ѕирнете накратко во кујната на дезинформирањето и дознајте како се подготвуваат дезинформации и која е нивната цел. Доколку саката да дознаете нешто повеќе за механизмите за заштита од дезинформациите, пропагандата и лажните вести, задолжително прочитајте го прирачникот „Граѓанскиот сектор како ефикасен комуникатор – Стратегиски настап и техники за влијание“: https://mim.org.mk/mk/publikacii/1198   Видеото е поддржано преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во видеото се единствена одговорност на МИМ, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Web Promo 2

Чекор по чекор до проверени информации

Старите рекле „сè што лета не се јаде“, но, во поново време нашето однесување на интернет е спротивно на оваа изрека. Македонското општество е едно од најподложните на лажни вести и на манипулативни информации поради ниското ниво на медиумска писменост. Погледнете колку чекори се неопходни за да се стигне до проверена информација. Оние што сакаат да научат нешто повеќе за механизмите за заштита од дезинформациите, пропагандата и лажните вест, може да го прочитаат прирачникот „Граѓанскиот сектор како ефикасен комуникатор – Стратегиски настап и техники за влијание“: https://mim.org.mk/mk/publikacii/1198   Видеото е поддржано преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во видеото се единствена одговорност на МИМ, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Web Promo 1

Мали трикови на стратегиско комуницирање

Комуницирањето е многу важно за граѓанските организации што се обидуваат да постигнат промени во општеството или во дел од него. Нивните пораки се насочени кон јавноста за да се оствари јавниот интерес. Погледнете неколку мали трикови за стратегиско комуницирање и неговите клучни елементи. Доколку сакате да научите како да ги дефинирате комуникациските цели на вашата организација, како да ја определите целната публика и да ги формулирате вистинските пораки, тогаш e вистинско време да го разгледате прирачникот „Граѓанскиот сектор како ефикасен комуникатор – Стратегиски настап и техники за влијание“: https://mim.org.mk/mk/publikacii/1198   Видеото е поддржано преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во видеото се единствена одговорност на МИМ, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Cover 1 Obr

Обуки на наставниот кадар за онлајн настава – клучни за ефикасно образование во време на пандемија

Пандемијата со коронавирусот во нашата држава на виделина уште еднаш го извади „крпениот“ образовен систем. На неколку дена пред официјалниот почеток на учебната година не се дефинирани основите за учење на далечина, а нема ниту развиена подолгорочна стратегија, иако се планира најголемиот број од учениците да учат онлајн. Училиштата во државава со уредба на Владата беа затворени пред речиси шест месеци. Во второто полугодие сите вклучени страни во образовниот процес беа затекнати од вонредната ситуација што ја наметна Ковид-19 - наставниците кои не беа потковани за онлајн настава, учениците кои учеа од дома и родителите кои ја добија улогата на „домашен учител“. Новата учебна година, според последните информации ќе почне на 1 октомври. Училиштата ќе добијат уште еден месец за подготовка на наставниот процес со оглед на тоа дека наставниците изминатиот период не поминаа низ суштински процес на обуки за онлајн настава. Сепак, и натаму постојат стравувања дека учењето од дома ќе биде само импровизација и далеку од вистинскиот концепт по кој треба да се одвива наставата онлајн. Во оваа анализа ги пренесуваме ставовите на наставниот кадар од земјава, како и искуствата и очекувањата на професори и експерти од соседните држави за предизвиците во претстојната учебна година. Наставниците во очекување на насоки од надлежните институции Во претстојната учебна година единствено учениците од прво до трето одделение, односно нивните родители ќе имаат можност да одберат дали ќе посетуваат настава во училиштата или ќе се одлучат за учење од дома. Сите други ученици во основните и средните училишта ќе имаат онлајн настава. Магдалена Сајкова е предметен наставник по македонски јазик во ОУ „Стив Наумов“ во Битола. Таа вели дека непосредно пред 1 септември наставниците немаат доволно информации како ќе се одвива образовниот процес. „До денес нема јасни насоки за почетокот на новата наставна година од Министерството за образование и наука, ниту од Бирото за развој на образованието. Извесни препораки дојдоа од Општината како основач на учиштата, кои се однесуваат на протоколите за безбедност на учениците и одржувањето хигиена во училиштата, ако се стартува со физичка настава“, вели Сајкова. И наставникот по математика Игор Богданоски во ОУ „Блаже Конески“ во Прилеп потврдува дека немаат добиено информации, ниту упатства за програмите по кои ќе се работи: „Доколку се скратува бројот на работни денови, мора и програмата да се скрати. Но, ние кои сме директни извршители треба тоа да го знаеме и соодветно да се подготвиме за комплексниот карактер на годината која ни претстои“, вели Богданоски. Според директорот на СУГС „Орце Николов“ во Скопје Митко Димовски моделот на учење не може да се генерализира за сите училишта на државно ниво и потребно e да се направи селекција според просторните можности и опременоста на училиштата. „Наставата во нашето училиште најверојатно ќе се одвива онлајн судејќи по бројот на ученици во паралелки, иако сметам дека за учениците од прва година може да се организира и настава со физичко присуство. Тоа значи дека по 6-7 ученици од прва година би доаѓале во училиште почитувајќи ги сите мерки за заштита од Ковид-19, а за тоа време останатите би ја следеле настава од дома преку алатките за учење од далечина. На тој начин сите ученици барем еднаш неделно ќе може да следат настава во училиште, директно ќе се запознаат со нивните професори и ќе ја почувствуваат училишната атмосфера барем делумно“, објаснува Димовски. Наставниците не се обучени за онлајн настава Во нашето законодавство не е предвидено учење од далечина во време на пандемија, поради што се појави правен вакуум како тоа нормативно да се регулира. Неколкумесечното искуство извади на виделина многу проблеми. Во образовната сфера недостига стратегија на која може да се базира наставата на далечина и која ќе  обезбеди стандардизиран приод во нејзиното реализирање. Целиот образовен кадар, почнувајќи од наставниците, преку директорите, се до инспекторите немаат доволно знаења за организирање и спроведување онлајн настава. Дополнителен проблем е лошата информатичка и комуникациска инфраструктура на училиштата, наставниците и на учениците. На крајот на јули МОН изготви „Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта“. Во документот јасно е нагласено дека нашата држава досега речиси да немала искуства со учењето од дома. Од вкупно 119 училиштни објекти, во 63 има интернет што го обезбедува МОН, а во многу училишта кои се наоѓаат во руралните средини нема таква можност.  „Во изминатите години предвидени се значаен број мерки во кои се ‘насетува’ учењето од далечина, но во ниту еден документ нема предвидено конкретни активности и мерки за реализација на систем за учење од далечина во формалниот образовен систем, ниту е воспоставена национална платформа за поддршка на целиот образовен систем за основно и за средно образование“, пишува во Концептот. Во очекување на натамошни насоки од БРО и МОН, како и на унифицирана платформа, наставниот кадар и самоиницијативно се снаоѓа и се подготвува за првиот училишен ден. „Сѐ се сведува на ентузијазмот и мотивираноста на наставниот кадар да работи со дигиталните технологии. Притоа, станува збор за користење на приватен интернет, сопствени компјутери или лаптопи, камери за снимање на часови. Речиси и да нема услови во училиштата тоа да го направат со користење на интернет од училиштето, со камери или микрофони, со оперативни системи кои би го поддржале тоа, оти повеќето се на Linux и Edubuntu“, вели наставничката Сајкова.  Во битолското училиште „Стив Наумов“ од март до јуни годинава за интеракција се користела платформата Google Classroom, Zoom, Messenger, e-mail и разни групи на социјални мрежи. Според Сајкова најверојатно ќе продолжи да се применува Google Classroom. „Наставникот треба да има пристап до стабилен интернет, дигитален уред, компјутер или паметен мобилен телефон, таблет, добра камера и микрофон. Наставниците треба да се спремни да споделуваат часови со колегите и меѓусебно да се надополнуваат. Во моментов многу колеги споделуваат, но содржините не се проверени, кај дел се забележувааат материјално и технички недостатоци, а има и особено вредни примери кои треба да се земат како модел“, смета Сајкова. Директорот на скопската гимназија „Орце Николов  вели дека се подготвени да спроведат онлајн обука првенствено за наставниците, а потоа и за учениците. „Нашиот избор е Office 365 која вклучува Microsft Teams. Сметам дека оваа платформа нуди многу можности од формирање онлајн класови, презентации, директна видео комуникација до онлајн тестови, анкети, како и солидна база на податоци кои меѓусебно може да ги споделуваат. Секако за реализација на оваа комуникација потребен е компјутер (лаптоп), таблет или паметен телефон“, вели директорот на „Орце Николов“. Во државава има 18.272 наставници во основното образование, 7.476 наставници во средните школи, а од нив 1.000 предаваат информатика и сродни предмети. Наставникот Богданоски од Прилеп вели дека секој наставник треба да вложува во својот професионален развој. Но, за жал нема желба за тоа. „Правев обиди да држам обуки низ годините со моите колеги. Во последните 3 години одржани се повеќе од 20 интерни работилници најчесто по активи. Но морам да констатирам дека посетеноста на обуките беше скромна - присуствуваа 10-15 од 68 наставници. Но, тоа не ме спречуваше да држам обука и на 5 присутни колеги кои сакаа да научат нешто“, рече Богданоски. Повеќе наставници посочуваат дека засега немаат насоки за ИТ-часови, добри пракси, посочени примери, немаат ниту стандарди, како ни подготвени училишта со распоред за онлајн часови, за предавања, за консултации, за домашни задачи, каде лесно ученикот ќе се организира и нема да му биде потребна помош од родителите. Сепак, тоа што наставниците го очекуваат од Бирото за развој на образованието е освен програма и насоки, да обезбеди електонски адреси кои можат да ги користат, база со готови часови, презентации, квизови, проекти кои Бирото ги одобрило и се вредни да се користат, литература на која треба и може да се повикаат. Од Бирото за развој на образованието велат дека од почетокот на август на нивиот сајт, преку т.н. Learning Menagement System наменет за професионален развој на наставниците, е поставена онлајн обука на тема „Реализација на наставата со користење на различни ИКТ средства за учење“. „Во тек е и процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале наредниот период и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата“, дополнуваат од Бирото. Тие се во преговори со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организирање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина, со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа. Од Бирото за развој на образованието информираат дека активно работат на подготовка на видео содржини за првите два месеци од учебната 2020/2021 година заедно со дел од наставниците, кои ќе бидат поставени на порталот ЕДУИНО. „Прогресот на нивна изработка е следен: во основно образование изготвени се 70% од назначените содржини, во средно гимназиско образование 60% и во средно стручно образование 40% изработени/снимени видео лекции/содржини за далечинско учење/он лајн настава“, објаснуваат од Бирото. Оттаму посочуваат дека на порталот ЕДУИНО се поставува и нова алатка за Е-распоред преку кој може да се изработи распоред за настава од далечина на сите училишта коишто на тој начин ќе ја реализираат наставата. Во основното и средното образование има 257.220 ученици кои речиси едно полугодие го поминаа во „виртуелна училница“. Дополнителен проблем е што многу од нив доаѓаат од социјално загрозени семејства, немаат компјутери и интернет, па онлајн наставата дополнително ќе биде предизвик за Министерството за образование да обезбеди еднаков пристап и услови за сите ученици во државава. Ова особено важи за учениците кои имаат некаков вид попреченост. Последната недела Министерството спроведува „скенирање“ на информатичко-компјутерската опременост на учениците, при што наставниците се задолжени да ги анкетираат родителите кои имаат ученици и во основно и во средно образование дали имаат комјутер или лап топ, како и интернет конекција во нивните домови. Во текот на септември МОН ќе ги анализира податоците и ќе информира за натамошните планови. Како медиумската писменост им помага на учениците за време на пандемијата Ситуацијата со коронавирусот покажа дека е потребно училиштата да се фокусираат и на медиумска писменост, бидејќи имаше многу случаи кога некои лажни вести станаа вирални, особено митови поврзани со коронавирусот. Дубравка Валиќ Недељковиќ, професорка на Новинарската школа во Нови Сад од Србија вели дека всушност квалитетната онлајн настава за време на пандемијата е резултат на медиумската писменост. Во Србија во прва и втора година во гимназија е воведена медиумска писменост како изборен предмет. „Новинарската школа од Нови Сад во изминатите две години одржа многу семинари за медиумскат писменост на кои присуствуваа околу илјада просветни работници. Дел од медиумското описменување на тие семинари беше посветен на можностите на онлајн настава и користење на дигитални алатки“, вели Валиќ Недељковиќ. Валбона Сулче, медиумски и комуникациски експерт од Албанија објаснува дека за време на карантинот одржала неколку вебинари за ученици од 9-то до 11-до одделение за медиумска писменост. „Можам да посведочам дека тие не знаат како да ги филтрираат информациите, да препознаат „фејк њуз“, да проверат дали е лажна фотографијата. Апсолутно дека треба да се воведе медиумска писменост во училиштата уште од пониските одделенија“, категорична е Сулче.   Медиумската писменост е проткаена во секој предмет, вели наставничката Сајкова од Битола, според која во предметот по македонски јазик планирани се неколку часови кои се многу корисни како за наставникот, така и за учениците. „За да го подготви својот час, наставникот, а и ученикот, ќе мора да ја потврди веродостојнаоста на информацијата, изворот на информациите и фотографиите, како и критички да размислува“, вели Сајкова. Континуирани обуки на различни теми се неопходни за сите наставници за тие да го одржуваат темпото на знаење со нивните ученици, што е особено поврзано со дигиталните технологии. Според Сајкова, за се мора да има обуки, бидејќи не е доволно само стекнатото образование на наставниот кадар, а процесот на учење не смее да заврши со вработувањето на наставникот и добивањето на определен фонд на часови. „Тој е одговорен за својот час и покажаното знаење, но системот е одговорен за неговото напредување, да го прифати и да го насочува кон реалните текови, да следи модернизација на секое ниво, промени кои генерациски се неминовни, со развој на технологии, со намалување на растојанието, со брзината на споделување на информациите, со богатството на информации“, смета Сајкова. Во Словенија сите во школски клупи, во соседството онлајн настава Во Словенија учебната година ќе стартува на 1-ви септември, а наставата ќе се одвива со физичко присуство. Надлежните институции развиле четири сценарија, а се одлучија за т.н. Б-модел. „Според Б-моделот училиштата редовно ќе се чистат и дезинфицираат, а утврдени се протоколи како ќе се постапува ако некој ученик или наставник покаже симптоми. Маските не се задолжнителни во училница, но ќе се држи дистанца од 1,5 до 2 метри“, ни изјави Тања Таштаноска од Дирекцијата за квалитет и развој на образование на Словенија. Во Србија, каде учениците исто така се враќаат во клупите на 1 септември, има можност за избор за присуство во училница или онлајн настава со скратени часови. „Одлуката е донесена, но во јавноста и натаму се дебатира како ќе се спроведе, а особено се загрижени просветните работници. Засега нема унифицирана платформа која ќе се користи во секое училиште. Досега се работеше најмногу на Зум, Гугл-училница, Вибер, а имаше и часови на јавниот сервис кои сите ученици можеа да ги гледаат“, вели професорката Валиќ Недељковиќ од Нови Сад. Таа додава дека наставниците во Србија стравуваат од зголемување на работното време поради комбинираната настава, како и поради фаворизирањето одредени предмети, како мајчин јазик и математика. Дилема е и како ќе се постигне дезинфицирање на училниците помеѓу одморите.  Во Албанија училиштата почнуваат на 14 септември со комбинирана настава. И таму, како и кај нас, немало посебна подготовка на наставниот кадар. „Немаше никакви организирани обуки за наставниците за онлајн настава. Ниту пак се планирани обуки во наредната учебна година. Секако дека за наставниците се неопходни обуки поради различниот пристап при предавање од далечина. Некои наставници користеа Зум, други Cisko Webex платформа, а трети Google Meeting Rooms“, вели медиумскиот експерт Валбона Сулче. Настава со физичко присуство ќе има во Хрватска и во Бугарија, каде учебната година почнува на 7-ми, односно на 14-ти септември. Автор: Маја Јовановска   -------------------------------- Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.