Активизам

Tema Glavna Fotka 1

Кај нас сè се пишува со голема леснотија, што е поразувачки

Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјални мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски – вели актерот Сашко Коцев Денес веќе никој не може да се заштити од дезинформација, затоа што протокот на информации со технолошките достигнувања е многу брз, нивото дури и на жолтиот печат е веќе надминато. Денес се случува инстант информација и вест, без никаква етика и никаква регулатива. Дури и да не е медиум, денеска информацијата лесно и брзо ја пренесува самиот читател со еден статус, а уште полесно друг читател стигнува до таа вест/информација – вели актерот Сашко Коцев, кој неретко бил мета на дезинформација. Како тој се справува со таквите ситуации, како возвраќа, дали демантира? Сашко Коцев Живееме во полусветови Како што вели популарниот актер, лажни вести или дезинформации за него има на „сосема нерелевантни портали (ако воопшто може да се наречат така)“. Нема полувистина или лага. Само лага. Би требало да се јават, да истражат и да проверат. Сè се сведува на препишување од социјалните мрежи и кога пишуваат лаги, не размислуваат дека истата таа наводна вест влијае врз твоите најблиски. Со еден збор – тоа се полусветови – вели актерот Коцев, еден од стожерите на Македонскиот народен театар. Тој вели дека некои од објавите не ги ни дочитува, туку само се насмевнува, но на некои знае и да испаничи, па ги известува најблиските дека не станува збор за вистина, а на некои им бара објаснување како се родила самата информација и го бара изворот. Ретко реагирам јавно со демант, а само еднаш сум реагирал бурно и тоа многу одамна. А, еве, како одминуваат годините, реагирам сè помалку, затоа што го разбирам и го согледувам опкружувањето и борбата за читаност. Најстрашна случка беше кога пред 5-6 години беше објавена вест дека телото на човек со кого го имавме истото име и презиме и кој трагично загинал, ќе биде пренесен во Македонија за два дена. Немаше никакво дополнително објаснување во медиумите, туку само стоеше истото име и презиме. Беше многу стресно, признавам, за сите најблиски. Сочувство до најблиските на лицето со исто име и презиме како мене – споделува Коцев. Според него, најважно е да се освести консументот на информации, да ги проверува изворите и да почека релевантен медиум за истата информација. Кого го интересира кој се развел, кој се скарал За неговата колешка Весна Петрушевска, демантирањето не е решение и таа најчесто прави своја процена каде воопшто нешто е објавено и со каква намера. Весна Петрушевска Тоа е време што јас си го почитувам, а и ќе им се даде многу повеќе кликови (читај) пари – се шегува актерката. Таа вели дека се труди да не паѓа на „прва топка“ и проверува една информација на повеќе веб-страници. На крајот од денот, информациите од типот: кој со кого е, кој се развел, кој се скарал... кого тоа го интересира? Мене, не! Но, многу е значајно да се доведе до ред кој може да има портал, кој ги задоволува информативните стандарди и треба да има казни за сите повреди, како што е углед и достоинство. Кај нас сè се пишува со таква леснотија што е поразувачки. Нема никаков етички и човечки однос! – категорична е Петрушевска. За водителот и новинар Марко Марк, денес не мора да се занимавате со професија што е од јавен карактер за да бидете нечиј предизвик и мета за лажна вест, дезинформација и слично, „доволно е да имате корисничко име на која било социјална медиумска платформа споделувајќи нешто суптилно и лично и потоа веднаш без пардон можете да се најдете во инспирацијата на некој непознат автор“. Иако најдлабоко во себе верувам дека во универзумот се случуваат настани за кои ни нашата најбујна фантазија не може да потврди дека ние сме ги создале или поттикнале. Никогаш не можеме да го промениме надворешното случување, тоа што е неопходно е промена само на нашето доживување или да го наречеме патот кон умешноста на живеењето, дури и во најситните детали… Секогаш ќе постојат креатори на стории, содржини за кои ни самите нема да бидеме свесни дека некој ќе нè поистовети со нешто, ќе нè обвини непотребно, не можејќи и немоќни секојпат да ги спречиме овие „настани“, дури на момент ќе ни го заматат умот, за миг со непријатната вистина… Вистина, со почетокот на технологијата започна и конкретната дехуманизацијата зад тастатурата – вели Марк. Марко Марк: Секогаш да се чита изворот, авторот „Во светот не постојат жртви и злосторници. Ниту сте жртва на туѓите избори. На некој начин сами сте го создале она што велите дека го презирате, а бидејќи сте го создале, значи сте го избралe“ – оваа мисла од Нил Доналд Волш поместена во книгата „Разговори со Бога“ му е водилка на темата. Марко Марк Бидејќи повеќето од нас се дневни консументи на приказните, опсервираме сѐ околу, мораме само да знаеме дека во огромен дел денес сѐ се прави за поголем рејтинг, монетизацијата е секаде присутна, па самите наши кликови, посети, дегустирања, читања, некому му носат личен профит и додавање уште некоја монета во личниот трезор. Неопходна е дигиталната писменост, присуството на менталната дијареја… За почеток, мојата препорака е секогаш да се чита изворот, авторот, релевантноста на текстот… Нека биде мал предуслов за да не бидеме повторно нечија жртва на измиени мозоци или мета на пазарот на маркетингот – вели водителот. Според него, кога постојат состојби, ситуации, сценарија каде што навистина е загрозено личното право или, пак, е загрозена нечија животна приказна, некогаш е неопходно да се преземе конкретен чекор. Постои и дирекција за заштита на лични податоци каде што би се пријавила повреда на правото на заштита на личните податоци или за посериозни интервенции во МВР. Но, цврсто верувам дека на крајот присуството на мудрото, свесното, рационалното, нашата трезвеност е интелигентната реакција и одговор на која било ниско свесно упатена провокација до нас и агресијата, гневот, нетолеранцијата, нетрпеливоста нема да ни донесе спокој. На крајот, простувањето, според мене, е најдобрата одлука – завршува тој. Автор: Сребра Ѓорѓијевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Glavnadezinf

Како на лажни вести „заринкуваат“ интелектуалците?

Еднаш, памeтам дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието… Да бидам искрена, додека бев „понова“ на Фејсбук, доста често ми се случуваше да се залетам и да „треснам“, споделува д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик. Но, таа признава дека со текот на времето учела како да се однесува на социјалните мрежи. По принципот „им се случува и на најдобрите“, поразговаравме со неколкумина наши универзитетски професори за тоа како се штитат од дезинформации или, во случај да им се испушти контролата, како постапуваат. Прво научив дека не треба секогаш да донесувам суд за информацијата врз основа на насловот. Многу често се случува насловот да биде некаков „авторски“ заклучок што нема никаква врска со веста. Кога во неколку наврати ми се случи некаква моја објава да биде сосема погрешно пренесена или толкувана од некои портали, научив дека не треба да им се верува на сите портали и дека има и такви што ја извртуваат вистината заради поголем степен на сензационалност и читаност… Што знам, веројатно, тоа е данокот што го плаќа секој што тргнува од себе: за сериозни работи никогаш не лажам и не ми паднало на памет, макар и на шега, јавно да пласирам некаква лага, онака колку нешто да се каже за да се чита. Оттука, веројатно, мојата слепа верба дека сопствениците на портали не измислуваат… па, сепак, не е секогаш така… – смета Јачева-Улчар. Не сакам да ја изгубам довербата од кажаното кај пријателите Нејзини пријатели знаат да ја прекорат дека споделила лажна вест, а во тој случај, или се извинува или во постскриптум објаснува зошто споделила таква вест, што ја завело или ja довело во заблуда или доколку нема голем број реакции, ја брише споделената објава. На мојот профил не сакам да се вртат објави со лажни вести, зашто не сакам да ја изгубам довербата за кажаното кај пријателите, според наравоучението од онаа басна кога волкот, по низата лажни аларми дека дошол да ги јаде овците   ̶   навистина се појавил, а веќе никој не верувал дека е тоа така. Не можам баш најточно да се сетам кога првпат сум била „насанкана“ на лажна вест. Еднаш, паметам, дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието… но затоа паметам дека најфлагрантната лажна вест ја чувме сите од нашиот бивш премиер, од нашиот бивш министер за надворешни работи и од уште двајца високи функционери од актуелната власт за „авионското“ добивање датум за започнување преговори со Европската Унија… И потоа истите тие утврдуваат и санкционираат лажни вести по примерот на онаа нашата народна „кадија те тужи – кадија те суди!“. Каква иронија!? – вели Јачева-Улчар. Таа го посочува избивањето на војната во Украина како подлога за да се види појасно мрачната страна на лажните вести. Во ваква ситуација кога различно „настроени“ медиуми пласираат најразновидни вести про ет контра: Путин, Русија, Украина, НАТО, Бајден, Европска Унија итн., итн… – многу тешко станува да бидеш веродостојно информиран, зашто и многу поумни и поискусни од мене признаваат дека една е војната на теренот, а друга е војната што ја креираат медиумите со „дотерувањето“ на: фактите, бројките и „приказните“ за тоа што реално се случува на боиштата во Украина. Затоа и сега, како и претходно, се обидувам, главно, да се информирам од најмалку два опозитни медиуми што не „тераат“ иста линија на известување. Сметам дека вистината е некаде на средината, но и таму не е докрај чиста и кристално јасна. Во меѓувреме, не заборавам на претходното искуство, на сопствената интуиција за тоа што е лажно, а што не е… не судам, не зафаќам страна и навивам што побргу да заврши оваа свинштина што го фрли човештвото во очај и страв… – завршува Јачева-Улчар. Васко Шутаров: Исклучително сум внимателен со постирањето содржини на социјалните медиуми Оној што прв рекол дека добрата идеја и добрата информација еден ден ќе бидат најважен ресурс во човечкиот живот, навистина ја имал златната акција в раце, бидејќи токму такво време актуелно живееме сега. Сите сме еднакво изложени на брутална инвазија од информации, но не секој од нас има доволно време, стекнати вештини или искуство, тој силен проток од информации добро да го протресе, како што низ сито, решето и многу бистра вода доаѓале до златo, трагачите по овој благороден метал. Денес да се допре до вистинската информација или до вистината во мноштвото од информации е вредно како злато. Посебно во време на поствистина, време во кое информацијата што денес ни се причинила вредна како злато, по одредено време изгубила секакво значење или вредност – вели Васко Шутаров, универзитетски професор, доктор на политички науки. Токму поствистината што оперира повеќе со моментални чувства отколку со објективни показатели, може полесно да го по(д)веде Шутаров отколку класичните и провидни дезинформации или полувистинитите информации. Имам поминато доволно активно време во политиката, знам како се креира информација или како се моделира јавно мнение по одредено прашање, а и им предавам на студенти Односи со јавност, за среќа предавам и Геополитика и Меѓународни односи, па од домашните и меѓународните теми не се сеќавам кога последно сум бил наведен на дезинформација. Темите од меѓународната политика што ги пласираат нашите медиуми имам обичај да ги проверам и во светски медиуми, за кои сметам дека имаат високо ниво на објективност и професионалност. Така што, дотука немам проблем. Исклучително сум внимателен со објавувањето содржини на социјалните медиуми, бидејќи не би сакал во ниеден случај, макар и од невнимание, да се најдам во одреден синџир од дневна доза споделени дезинформации, а и немам такво искуство што би го паметел и од кое денес би се срамел – споделува нашиот соговорник. Шутаров признава дека е особено внимателен и критичен кон пласираните информации, особено за време на двегодишната здравствена криза, но и за актуелната руско-украинска војна. Моите ставови и мојата вистина ги пласирам преку колумни, кои и денес препрочитувајќи ги, по една или две години по пишувањето, повторно би ги потпишал. Но, тоа што понекогаш знае утрински да ме боцне и размрда е кога некој спомен од Фејсбук ќе ме потсети на некој статус во кој ме повела не некаква дезинформација, туку некоја тогашна актуелна поствистина набиена со прилична доза емоции и најчесто поврзана со некое чувство за индивидуална неправда или неправда поврзана со државата. Во вториов случај тоа најчесто биле поствистини пласирани или од српски или од бугарски медиуми, кои и покрај блискоста на јазиците добиле некаква друга смисла на македонски јазик или биле фрагментарно и некритички преземени од нашите медиуми, па ме навеле на одреден коментар, кој по одредено време изгубил секаква релевантност. И тоа се случувало кога сум немал време да ја проверам изворно информацијата на српски или на бугарски јазик, или сум го пренебрегнал нивното исчитување меѓу редови. Критичен сум кон својата наивност и во тој случај знам и фејсбук-споменот да го споделам, колку да ми „трепка“ за да не ми се повторува – признава Шутаров. Дарија Андовска: Некогаш дообјаснувам, а некогаш бришам објава За професорката на Факултетот за музичка уметност и композиторка Дарија Андовска, насловите на вестите многу често се така формулирани што „човек мора прво да се ослободи од афектот што го создаваат за да процени дали станува збор за дезинформација“. Манипулацијата останува за лесно поводливата публика, која во вакви кризни и тешки времиња, реагира многу повеќе емотивно и во афект отколку рационално, што е и разбирливо. Не многу дамнешен пример –интонирањето на химната на Македонија од воениот оркестар, при посетата на бугарскиот премиер. Веста беше пуштена како скандалозна – не бил отпеан текстот на македонската химна. Да, текстот не се пее кога химната ја свири воен оркестар. Па не биле сите строфи. Да, не се сите строфи кога музиката се повторува во секоја од нив, а во вакви околности се внимава должината на химните што се интонираат, да биде приближно иста – вели Андовска. Како реагира Андовска во случај кога ќе сфати дека можеби на социјалните мрежи споделила дезинформација. Доколку сум објавила нешто што понатаму се покажува како дезинформација, во зависност од релевантноста на објавата и веста (а и колку брзо сум изреагирала) решавам дали ќе ставам дообјаснување или во целост ќе ја избришам. Иако, морам да признаам, навистина исклучително ретко ми се случува да не проверам, особено зашто сите мои објави се со лично видување и интерпретација на нештата, а за тоа се потребни информации од повеќе страни. И доза на хумор – вели таа. „Најхрабриот чин е сè уште да мислите самостојно. Гласно“ – рекла Коко Шанел, потсетува композиторката. Сметам дека односот кон себе, мене ми помага да се штитам од дезинформации. Менталната и емоционалната хигиена се секогаш поврзани со самостојното размислување, без подлегнување на притисок, за да не биде човек подложен на манипулација. Автор: Сребра Ѓорѓијевска Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Martesa 1200x630 1 1

КОГА ДЕЦАТА РАЃААТ ДЕЦА! Бракови под 18 години, случаи во Македонија и Косово

Во Северна Македонија во 2020 година се регистрирани 16 живородени од мајки под 15 годишна возраст, додека претходната година се регистрирани 19 случаи. Во 2020 година се регистрирани  540 живородени од мајки помлади од 18 години, а претходната година се регистрирани 555 живородени. Речиси иста е состојбата и во Косово - само во 2020 година се регистрирани 65 раѓања од мајки помлади од 18 години. Една година подоцна, поточно во периодот јануари-септември 2021 година, се родиле 36 бебиња. Психолозите алармираат дека последиците од раните бракови можат да бидат многубројни Скопје-Приштина, март 2022 година - Неписменоста, сиромаштијата, менталитетот... се претпоставува дека се главните двигатели што ги принудуваат малолетниците да стапат во брак на рана возраст. И покрај тоа што трендот на овие бракови бележи благ пад, во Северна Македонија остануваат загрижувачки бројките за оваа возрасна група, која сочинува речиси 10 отсто од вкупниот број склучени бракови што се склучуваат во текот на една година. Само минатата година бројот на склучени бракови на возраст до 18 години изнесува 143, бројка која е помала од другите години, но соодветствува со намалувањето на вкупниот број на склучени бракови (од 13.814 во 2020 година, на 10.278 во 2021 година). Од друга страна, бројот на живородени деца од малолетни мајки бележи зголемување и покрај негативниот тренд на раѓања во земјава. Децата родени од малолетни мајки сочинуваат речиси десет проценти од вкупниот број бебиња. Во 2020 година се регистрирани 19 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, додека претходната година 19.   Во 2020 година се регистрирани 540 живородени деца од мајки помлади од 18 години, а претходната година се регистрирани 555 живородени деца. За да се види напредокот на оваа појава, Државниот завод за статистика објави мултииндикаторско кластерско истражување на мажените жени (20-24 години) од кои 8 отсто биле во брак пред да наполнат 18 години, додека 1 отсто од нив биле помлади од 15 години. Друга возрасна група (20-49) има поголем процент на жени омажени на возраст под 18 години (10 проценти), што покажува дека феноменот на малолетнички бракови се бележи пад со текот на годините. Резултатите покажуваат дека процентот на мажените жени помлади од 18 години кои следеле високо образование е мал (само еден процент), додека 25 отсто од најсиромашната категорија на жени се омажиле на малолетна возраст, во споредба со најбогатата категорија  само 2 отсто од нив“, констатира ДЗС. Резултатите за мажените жени под 15 и 18 години во различни возрасни групи овозможуваат да се забележат брачните трендови на малолетниците низ годините. Овие трендови покажуваат постојан пад, додека последно време се чини дека овој пад стагнира, се наведува дополнително во истражувањето. „Бракот на возраст под 18 години е реалност за многу млади девојки. Во многу делови од светот, родителите ги поттикнуваат своите ќерки да се омажат додека се уште се мали, со надеж дека бракот ќе им донесе и финансиски и социјални придобивки и истовремено ќе го олесни финансискиот товар на семејството. Всушност, се работи за малолетен брак кој претставува кршење на човековите права, го нарушува развојот на девојчињата и често резултира со рана бременост и социјална изолација, недоволно образование и слаба стручна обука, со што се консолидира родовата природа на сиромаштијата“, се вели во истражувањето на ДЗС во соработка со УНИЦЕФ. ПОСЛЕДИЦИ ОД БРАКОВИТЕ НА РАНА ВОЗРАСТ Од социолошка перспектива, психолозите велат дека последиците од раниот брак може да бидат повеќебројни. „Во извештајот е наведено дека кај раните бракови паровите се уште се психолошки незрели, има многу разводи, насилството често е поголемо и физички и психички, жената главно зависи од приходите на сопругот или семејството на сопругот, „Рана и несакана бременост, проблеми со бременоста каде што тоа може да резултира дури и со смрт на детето, па дури и на мајката, бидејќи во биолошкиот конструкт - телото на малолетното лице сè уште не е подготвено да раѓа деца“, вели психологот Луљета Демоли, додавајќи дека последиците се и други како сексуално преносливи болести, депресија, страдање, анксиозност, фобија, социјален и психолошки херметизам, криза на личноста - нестабилна личност, ментално растројство... па се до самоубиство кое може да биде фатално како резултат на постојани закани, недостаток на поддршка од семејството итн. „Овој феномен, за жал, сè уште продолжува да биде присутен во нашето општество и како таков претставува не само дискриминација на жената, туку и социјален херметизам, опструкција на младите да си ја изберат судбината, како и во правна смисла е незаконско, се санкционира и со закон. А во однос на спечување на оваа појава, сметаме дека ќе треба да има општа свест за оваа појава; да има соодветни програми во училиштата, да има семинари или конференции за оваа појава; да има поздрава комуникација во семејството; да има поизразена соработка помеѓу родителите и другите институции; да има повеќе програми за оваа појава во националните медиуми; и да се посвети посебно внимание на оваа појава (да се консултираат психолози, социолози) итн“, вели Демоли. ЗА ЕДНА ГОДИНА 80 БРАКОВИ ПОД 18 ГОДИНИ Дури и во Косово загрижувачки е бројот на девојчиња помлади од 18 години кои влегуваат во брачните води и веднаш стануваат мајки. Во Универзитетскиот клинички центар на Косово, односно во Гинеколошката клиника, само во текот на 2020 година се регистрирани 65 живородени деца од мајки под 18 години. Податоците на ЦУКК покажуваат дека во 2020 година се родени 9985 бебиња, од кои 85 од малолетни мајки. При тоа, во текот на минатата година, поточно во периодот јануари-септември 2021 година, се регистрирани 7176 живородени, од кои 36 се од малолетни мајки. Косовскиот центар за родови студии известува дека во период од една година во Косово настанале околу 80 предвремени бракови, т.е. бракови на лица помлади од 16 години. „Раните бракови во Косово се забранети со закон, но има член во Законот за брак со кој се дава право на стапување во брак со согласност на родител или старател, т.е. бракот е дозволен под државен надзор. Но, овој член е злоупотребен многу во Косово и има околу 80 бракови кои се склучуваат во текот на една година на лица под 16 години, и Косово влегува во земји каде што не се почитува законот. Раните бракови почесто се случуваат во ромските, заедници - ашкалии и египчани, но не се исклучени и другите заедници“, се вели во извештајот на Косовскиот центар за родови студии. Последиците од раните бракови, како што се наведува во овој Извештај, се големи. „Последиците се големи, носат високи здравствени ризици, породување на млада возраст, осипување, а овие жени речиси никогаш не се вработуваат. Земајќи го предвид трендот на раните бракови на ромските, ашкалиската и египетските заедници, организацијата „The Ideas Partnership“ спроведе истражување во една населба во Косово Поле каде што живеат овие заедници. Како резултат на истражувањето, излегува дека од околу 500 лица од ромската, ашкалиската и египетската заедница на Косово Поле, 53,57% од нив стапуваат во брак на возраст под 18 години. Додека, 99% од нив го напуштаат училиштето по стапувањето во брак. Според истражувањето на оваа организација, девојките се оние кои стапуваат во брак на возраст под 18 години, односно 65% од испитаниците. Повеќето од нив стапуваат во брак доброволно, но има и такви кои се принудени од родителите. Во меѓувреме, според Детскиот фонд на Обединетите нации, УНИЦЕФ, девојче под 15 години е пет пати повеќе изложено на ризик да умре за време на бременоста или породувањето отколку жена во нејзините 20-ти. Кога мајката е помлада од 18 години, шансата нејзиното бебе да умре во текот на првата година е за 60 проценти повисока отколку бебето кое е родено од мајка над 19 години. Дури и извештаите на меѓународната организација за деца „Save the Children“, покажуваат дека ако се гледа од глобална перспектива, секои 7 секунди се омажува девојка помлада од 15 години. Студиите на оваа организација откриваат дека има и 10-годишни девојчиња кои се принудени да се омажат за многу постари мажи во земји како Авганистан, Јемен, Индија и Сомалија. ПРЕПОРАКИ ОД УНИЦЕФ УНИЦЕФ пред две години издаде конкретни препораки до институциите за спречување на малолетнички бракови, т.е. бракови под 16 години. Препораките за кои станува збор се исти за речиси сите балкански земји, вклучувајќи ги Северна Македонија и Косово. За прекршувањата во Кривичниот Законик во однос на раните бракови, се наведува во првата препорака на УНИЦЕФ, се гони кривично „по службена должност“ (автоматски) и укинување на „традицијата“ како изговор за оправдување за неуспехот да се имплементира постојната законска рамка. „Ревидирањата на Законот за семејство треба да разјаснат: дали децата после бракот стануваат полнолетни или остануваат деца; улогата и мандатот на Органот на старателството во однос на раните бракови; како и законските и управните процедури преку кои се донесува решението за дозволување на брак на дете. Во овој случај треба да се земат предвид бариерите за пристап до услуги за репродуктивно здравје. Воспоставувањето на мултисекторски механизам и вклучувањето на релевантните носители на одлуки ќе обезбеди заштита на правата на малолетниците во раните бракови. „Преку овој механизам би им се овозможило на мажите и на жените да го продолжат своето образование преку давање совети за брачни односи, имотни права и права за репродуктивно здравје“, стои во препораките на УНИЦЕФ. Подигнување на свеста за правата и опциите за оддалечување од семејното насилство, според УНИЦЕФ треба да се однесува на општеството во смисла на спречување на семејното насилство и особено информациите за помош да им се даваат на преживеаните од семејното насилство. „Министерствата за образование треба да воспостават процедури за продолжување на задолжителното основно и средното образование. Ова вклучува воспоставување на такви процедури меѓу релевантните носители на одлуки за следење и пријавување на случаите за напуштање на образованието, потенцијалното и реалното. Специфичната социјална помош за образование (на пр. транспорт, облека, книги) може придонесе кон намалување на осипувањето, да ја поттикне сиромашната категорија да следи образование, и да помогне да се спречат детските бракови, особено кај Ромите, Ашкалите и Египќаните.“ УНИЦЕФ повикува на координација помеѓу наведените институции (полицијата, училиштата и центрите за социјална работа) за да се разјасни нивниот мандат и прашањето за следењето и одговорностите поврзани со раните бракови преку меморандуми за разбирање. „Во согласност со законот, МОН треба да вклучи и одредени теми во наставната програма со кои ќе се дадат детални информации за репродуктивното здравје, вклучително и контрацепција, планирање на семејството и репродуктивните права. Невладините организации треба да продолжат да обезбедуваат информации преку медиумите и да се фокусираат на младите луѓе во заедниците каде што постои сомнение дека раните бракови се  позастапени. „Телевизијата може да биде ефикасна во пренесувањето информации за правата на жените и девојките кои немаат пристап до информации“, се вели во некои препораки на УНИЦЕФ. БРАКОВИ НА РАНА ВОЗРАСТ РИЗИКУВААТ РАЗВОД Според студијата спроведена од списанието „Time” жените кои чекаат до 26 години за да стапат во брак имаат поголема веројатност да имаат долгорочен брак. Според подастоците од Централниот регистар, најголем број разводи има кај жените кои стапиле во брак на возраст од 15-20 години. А податоците се анализирани од страна на социологот на Универзитетот во Мериленд, Филип Коен, тој вели дека во просек овие бракови, наречени и „рани бракови“ траат од една до 10 години. Во една студија од 2018 година беше наведено дека идеалната возраст за луѓето да имаат долг и успешен брак е помеѓу 28-32 години. “Times” ја спроведе оваа студија за браковите врз основа на друга студија каде што истражуваше како бракот веќе се променил како институција и какви се шансите за траен брак. 2020 ГОДИНА - ЖИВОРОДЕНИ ОД МАЛОЛЕТНИ БРАКОВИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Број на живородени од мајки под 15 години: 16 живородени Број на живородени од мајки под 18 години: 540 живородени 2021 ГОДИНА - ЖИВОРОДЕНИ ОД МАЛОЛЕТНИ БРАКОВИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Број на живородени од мајки под 15 години: 19 живородени Број на живородени од мајки под 18 години: 555 живородени   Автори: Ведат МЕМЕДАЛИУ и Фисник КРАСНИЧИ   Овој текст е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет. Содржините во текстот се единствена одговорност на авторите и  и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
Femicid

Домот е најнебезбедното место за жените жртви на родово-базирано насилство

Дваесет и две жени биле убиени во Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, само поради тоа што се жени. Ова е најгрубата дефиниција која може да се даде за тоа што претставува „фемицид“, а врз основа на достапните податоци на Државниот завод за статистика и другите институции. Ваквата статистика за земјава и преку директен увид во предметите за убиства на жени е категоризирана во истражувањето на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство „Глас против насилство“, во којашто „Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во РСМ (2017-2020)“ се наведува дека прибирањето податоци за убиства на жени е исклучително тежок и долг процес. Проектната координаторка во Мрежата, Ана Аврамоска Нушкова вели дека ова е резултат на непостоење систем на прибирање податоци за оваа најтешка форма на родово-базирано насилство, иако ваков систем не постои ни за другите форми за насилство врз жени. „Фемицид е форма на насилство на којашто во голем број од случаите се покажало дека претходат определени ситуации и дејствија за да дојде до најфаталното – убиство на жена затоа што е жена. Се вршат убиства поврзани со родово-базирано насилство, убиство на жена во име на честа, намерно убивање на жени во воен конфликт, убиство на жена поради мираз... тоа се сите тие форми коишто треба да се преточат, за едно убиство да можеме да го квалификуваме како фемицид. Не секое убиство на жена може да биде категоризирано како фемицид. “ – вели Аврамоска Нушкова. Токму семејното насилство е тоа кон кое треба да се насочиме за воспоставување системи и начини за превенирање на убиствата, кои пак, и според светски, но и според домашните статистики се извршуваат во домот, односно приватниот простор на убиените жени. Во Македонија, 50 проценти од убиствата се случиле во семејниот дом, а додека, пак, 25 проценти се случиле во домот во кој жртвата живеела сама, со родителите или други членови на семејството. Најголемиот број на убиени жени се со над 61-годишна возраст (5 жртви), а според етничката група, најзастапени се Македонките (10 жртви). „Во Македонија, домот е најнебезбедниот простор за жената. Тоа особено се покажа во периодот на пандемијата, кога имаше рестрикции и полициски часови, а жените кои трпат семејно насилство беа во континуитет затворени со сторителите. Дополнително, пак, загрижува фактот што ниту една од 14-те убиени жени во чиишто предмети имавме увид, не го пријавиле насилството што го преживувале, во надлежните институции.“ – истакнува проектната координаторка во „Глас против насилство“, Ана Аврамоска Нушкова. Доколку се направи споредба со состојбата во Црна Гора, кај нас загрижува фактот што жртвите на семејно насилство не пријавуваат во институциите, за разлика од статистиките кај нив, каде што во последните четири месеци се убиени дури три жени, кои насилството во домот го пријавувале кај надлежните. Но, заедничка работа и за двете држави е недовербата во институциите. Поради тоа, црногорските невладини организации велат дека состојбата е алармантна. Директорката на Центарот за женски права во Црна Гора, Маја Раичевиќ вели дека институциите не реагираат навремено за да ги заштитат жртвите, а особено не прават проценка на ризиците, со што ги оставаат жртвите сами да ја водат постапката. „Иако сите три случаи биле пријавени кај надлежните институции, изостанува нивниот ефикасен одговор. Настанати се сериозни пропусти, при што жртвите, нивните семејства, како и нивните малолетни деца се оставени без никаква заштита. Овие случаи само го соголија слабиот систем за заштита на жртвите на кои посочувам веќе долго време.“ – потенцира Раичевиќ. Кај нас, пак, од јануари 2021 година, според новиот граѓански Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство е воведен принципот на „должно внимание“, според кој законски на државните службеници им се наметнува индивидуален пристап кон секоја жртва која пријавила семејно насилство, но, сепак стапката на пријавувања е сè уште ниска. И во едната – и во другата земја, недовербата во институциите и нивната неефикасност е нотирана во квалитативните истражувања за Западен Балкан на ОБСЕ за 2019 година, при што се посочува дека се оди дотаму жените сметаат и дека пријавувањето би го влошило насилството. Ваков случај на пријавување, а потоа влошување на состојбата со семејното насилство ја разбранува македонската јавност во последните месеци, откако 23-годишната велешанка, Пале Илоска во нужна одбрана го усмрти својот интимен партнер, полицаец по професија, за кој поднесувала многу пријави за физичко и психичко малтретирање, поради што и Судот во Велес ја ослободи од обвинението на почетокот од 2022 година. Адвокатката Наташа Бошкова вели дека оваа одлука е исклучително важна, затоа што Судот препознал дека иако се исполнети сите обележја на кривичното дело „убиство“, сепак сторителката не треба да биде казнета, зашто се обидела да си го заштити својот сопствен живот. „Оваа одлука е важна, а врз основа на образложението на судијката, затоа што таа во центарот на својата одлука ја стави жртвата на долгогодишно семејно насилство. Фактот што таа жена трпела долги години насилство и во моментот била предмет на насилство од страна на сега убиениот, всушност таа за да си го заштити сопствениот живот го лишила од живот напаѓачот, по што утврди дека Пале не е виновна.“ – истакнува Бошкова. Експертите ја поздравија оваа одлука на велешкиот Суд, велејќи дека веројатно ќе придонесе кај жртвите кои сега трпат семејно насилство, да почнат да развиваат доверба во институциите. Но, тоа не го менува фактот дека во Македонија имаме потреба од промени во Кривичниот законик (КЗ), за којшто во Собранието на РСМ веќе е почната процедурата за усвојување на Предлог-законот за изменување и дополнување на КЗ, а за кој пратеничката и претседателка на партијата ДОМ, Маја Морачанин вели дека го поздравува, а врз основа на образложенијата на амандманските измени предложени од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, за кои смета дека се издржани и дека треба да бидат поддржани од пратеничките и пратениците. „Во декември 2017-та година, Собранието ја ратификуваше Истанбулската конвенција. За да се овозможи нејзино имплементирање, потребно е околу 30-тина закони да се усогласат со Конвенцијата. Со овие измени се превидува употреба на родово сензитивен јазик, вметнување на родовата перспектива во КЗ, измени во однос на делата „полов напад“ и „силување“, дефинирање на психичкото насилство и инкриминирање на демнењето и сексуалното вознемирување, како кривични дела. Во однос на Членот 123 (Убиство), се додава поимот „родово базирано насилство врз жените“. На јавната расправа за Кривичниот законик, која се одржа на седница на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, граѓанските организации дадоа забелешка дека тоа не е доволно за соодветно квалификување и препознавање на делото „фемицид“, односно убиство на жена и предложија амандманско подобрување на Предлог-законот.“ – ни прецизираше пратеничката Морачанин при разговорот. Адвокатката Бошкова вели дека усвојувањето на овој Предлог-закон нема многу да ги промени состојбите на терен, доколку не се направат суштински промени. „Тоа што нам ни е потребно е постоечката законска рамка да биде унапредена, да се усвои и институциите да се сензитивизираат. Нам ни е потребна трансформација. Не само на општеството – туку и на институциите. Тие да ги сфатат причините и последиците на родово базираното насилство, односно дека тие несразмерно и многу почесто ги погаѓаат жените.“ – потенцира Наташа Бошкова. Токму од овој аспект, сите соговорнички и во Македонија и во Црна Гора ни го посочија и психолошкиот момент кај жените кои минуваат низ семејното насилство, а дел од нив завршуваат фатално, како жртви на фемицид. Во Црна Гора, законската регулатива не е до тој степен специфична во однос на овие жртви, како што е случајот кај нас. Таму, според психологот од Црна Гора, Адриана Пејаковиќ сè уште културолошкиот контекст во кој живеат граѓаните, односно патријархалната култура каде мажот е доминантен е на високо ниво. „Со векови постои нерамноправна распределба на општествените моќи меѓу мажите и жените, во кои жената е скоро сведена на ниво на сопственост на таткото, братот, сопругот... Таа нема исти права како и мажот, потчинета е. Низ историјата многу жени и женски движења се бореле за подобрување на статусот на жената во општеството и во семејството. Сепак, ние и натаму живееме во општество каде што мажот има повеќе права, каде што насилството во семејството некогаш се оправдува, каде што жената мора да молчи и да трпи.“ – вели Пејаковиќ. Кај нас, пак, со новиот Закон од јануари, минатата година, се предвидува и специфична заштита за сите жени жртви на различни форми на насилство, преку воспоставувањето специјализирани сервиси за помош и поддршка. Психологот Фросина Ивановска напоменува дека ние немаме длабински истражувања за тоа како се случувало насилството, како прогресирало, но, сепак, постојат алатки кои професионалците можат да ги искористат за проценка од ризици. На пример, посочува дека актот на давење на жената е еден од најтешките, а сепак физички непрепознатливи ризици, каде што се покажува моќта на поседување, го одзема воздухот, говорот, односно, тоа се смета за врв во случаите на семејното насилство. Според судската документација, случајот со велешанката Илоска е токму таков, кога пред да го усмрти партнерот, тој ја давел. „Насилството не почнува одеднаш, во смисла – ти си жртва, а јас сум насилник. Не. Тоа е нешто коешто ќе се развива, а од општеството веднаш знаат да ја осудат жртвата. Многу е важно дали таа има пријатели, поддршка, работа... Економската независност понекогаш е поголем предвидувач за тоа дали ќе се врати жртвата назад, но, најважно е како ќе реагира системот за заштита. Дали гарантираме безбедност е прво и основно. Ние не можеме да правиме затворенички од жените во шелтер-центрите на три, шест или девет месеци. За да се зајакнат економски, жените мора да имаат поддршка за грижата на децата. Кај нас тие се ограничени врз основа на понудените услови. Не треба ние само да им понудиме на жените, само за колку да им понудиме, а ако не им одговара ним, тогаш ништо, тоа е, „ти си многу захтевна“. Тоа не е во ред.“ – истакнува Ивановска. Заклучокот е дека и во двете држави, каде што во Црна Гора нема унапредување на законската регулатива, а кај нас има, сепак, ефикасноста на институциите затајува. Затоа, мора да се слушнат жените, односно, да се ислушаат за тоа што имаат тие да кажат. Пристапот кон ваквите случаи мора да биде специфичен, индивидуализиран, а некогаш и заедно со преживеаните да се прави планот, за да им се помогне како да се снајдат подобро во средината, а да не завршат во најфаталните статистики за фемицид. Мора да имаме посветено подобрување на општествата во кои живееме, а кои нема да бидат засновани на нееднаквост, особено кога станува збор за родово базираното насилство. Автори: Теодора Ѓурниќ / Огнен Јанески   Овој текст е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет. Содржините во текстот се единствена одговорност на авторите и  и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
EducationLaptop

Сеопфатно сексуално образование и дезинформации: Табуа наспроти придобивки

„Да е искрен, паметен, доверлив, да има разбирање. Да е интелигентен, учтив, трпелив, да е грижлив“. Ова се дел од заклучоците од вежба на час на околу 15 ученици од деветто одделение во скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“. Тие го слушаат изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование. Училиштето е едно од неколкуте во земјава каде што во септември почна да се спроведува пилот-програмата по предметот што сè уште предизвикува низа реакции во јавноста. Секакви. Каква врска имаат овие разумни, промислени ставови на 14-годишни деца, девојки и момчиња, водени низ материјалот од нивните наставници, со сите оние вулгарни содржини промовирани на социјалните медиуми во врска со воведувањето на ССО во образовниот процес? Во земја во која голем процент од возрасните објаснуваат дека штркот ги носи бебињата, а грмотевиците ги толкуваат со „Дедо Боже се лути“, за случајно да не ги уплашат децата со зборовите „размножување, природна појава/електрично празнење“, веќе подолго тапкаме во место со еден предмет, кој во суштина треба да ја издвои оваа тема од предметот Биологија и на тој начин да ѝ се посвети посеопфатно внимание – не само биолошко туку и социолошко. Но, во земја во која владеат табуата, во која секој ден црните хроники објавуваат по некој случај за полов напад врз дете, гневот се насочува во погрешен правец, во образовниот систем каде што детето во некоја форма би било дури и едуцирано да препознае и да избегне ваква ситуација. Посебен случај за анализа се социјалните медиуми и групите што со дезинформации се обидуваат да го спречат воведувањето на предметот во редовното образование. Додека се вадат од контекст поединечни елементи: ученици во прво одделение ќе учат како се ставаат кондоми, се поттикнува абортусот, и мажите ќе може да раѓаат деца, болни реформи... обрнете само внимание на речникот во коментарите. Вулгарни, прости, фрустрирачки, навредливи, омаловажувачки, аргумент дека токму тие требало да посетуваат настава по Сеопфатно сексуално образование додека биле ученици. По дефиниција табу е социолошки или религиозен обичај за забрана или спречување одредена практика. Ако зборот „секс“ сè уште е табу во нашето општество во првата и основна социолошка клетка – семејството, логично е прашањето постои ли семејство изолирано од секојдневни пцости со зборови што повеќе од сликовито имплицираат на табуизираниот збор? Но, ние сме докажани по двојните аршини во сè – одиме во црква, а на враќање дома вршиме прељуба, го сакаме ближниот свој, додека му забиваме нож в грб, ги штитиме децата од ССО, па ги лекуваме од сексуално преносливи болести. И додека дома е табу да се разговара со децата за основите на човековата природа, за репродуктивните органи, за заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, се забавува и процесот на воведување на овие содржини во образовниот систем. Од многубројните коментари очигледно е дека најпроблематични се оние, социолошките теми, кои отворено укажуваат на различностите. Во актуелниот образовен систем репродуктивните органи кај човекот се застапени во теми од предметот Природни науки за шесто одделение: семеници (тестиси), мочен меур (уретра), пенис, семеводи, јајчници (овариуми), јајцеводи, матка (утерус), вагина, а шестоодделенци се деца на 11-12 години. Каде се иницијативите #СтопзаПрироднинаукизаШестоодделение на социјалните медиуми?! Од друга страна, колку од сите поддржувачи на дезинформации имаат увид и контрола што гледаат нивните деца на дигиталните уреди, каде се информираат, како ги дознаваат темите за кои дома едноставно не се зборува? Колку време имате да им посветите на своите деца, да чуете што ги мачи, да ги прашате што прават на голем одмор, дали се жртви на врсничко насилство, како се справуваат со своето секојдневие? Што значи за нив една погрешна фотографија споделена на мрежата? Што размислуваат тие за предметот Сеопфатно сексуално образование? За среќа, деветтоодделенците со своите наставници разговараат за етиката во една врска, за почит, за грижа, отворена комуникација и искреност, наспроти љубомора, изневера, нечесност, непочитување, уцена. Отворено зборуваат за вредности, за различности. Ако дома сте си ја завршиле работата како родители, сте им објасните на децата дека секој е различен на свој начин и дека тоа треба да се почитува, ССО нема да влијае врз родовата определба на вашето дете. Исто како што во шесто одделение се учи и предмет Етика/Историја на религиите, па не видовме некое дете да се преобрати од христијанство во ислам и обратно. Автор: Весна Ивановска-Илиевска Насловна фотографија: freepik.com  
Rev Cover 1

„Fakespotting“ - Лажното, науката и знаењето

Дигиталната и информациската писменост е збир на интегрирани способности што опфаќаат рефлективно откривање и процена на информациите, разбирање на информациите и критичка процена на изворите. Taa е директно поврзана со можноста за вработување на поединецот, задржување на работното место или напредување во кариерата. Во програмата за меѓународна процена на компетенциите на возрасните (ПМПКВ) се наведува дека 20-25 % од возрасната популација во Европа на возраст од 16 до 65 години со ниско ниво на дигитална информациска писменост се соочува со поголем ризик од невработеност и социјална исклученост. Затворањето на дигиталниот родов јаз е од особена важност на дигиталниот пазар на труд. Во ЕУ помалку од еден од пет професионалци во областа на информациско-комуникациските технологии (ИКТ) се жени. Ваквите проблематики сериозно влијаат и врз демократското учество на европските граѓани, бидејќи дигиталната писменост е силно поврзана со способноста за откривање на дезинформациите. Оваа тема е во фокусот на проектот Fakespotting, финансиран од Европската комисија во рамките на програмата Еразмус+, стратешки партнерства во високото образование, кој го спроведува конзорциум предводен од Алма матер студиорум – Универзитетот на Болоња, Италија. Партнер од Северна Македонија во проектот e Универзитетот на Југоисточна Европа. Другите партнери во проектот се: Универзитетот Лојола Андалузија и Инкома во Шпанија, Глобсек и Универзитетот Матеш Бел во Словачка, Универзитетот на Тирана во Албанија, Новосадска новинарска школа во Србија и Пагела политика во Италија.    Преку проектот Fakespotting ќе се имплементираат комплетно нови алатки за иновации во областа на високото образование и во областа на образование на возрасните, овозможувајќи распоредување оригинални содржини на дигитална и информациска писменост, процени и пакет алатки за справување со неусогласеноста на вештините, со цел подготвување на студентите и на нискоквалификуваните возрасни лица за работни места каде што постои недостиг или веќе се појавува. Во рамки на проектот ќе бидат спроведени истражувања, анкети и интервјуа на пазарот на трудот, една меѓународна обука, 5 транснационални проектни состаноци, 9 локални пилот-проекти што ќе обезбедат иновативни вештини за дигитална писменост на 150 студенти, 50 професори од високообразовни установи, 40 невработени возрасни лица и 8 надворешни организации за образование на возрасни, промовирање на резултатите преку 8 мултипликативни настани и широка онлајн дисеминација. Проектот има за цел да ги постигне следниве 4 резултати: 1) веб-базирано учење за информации, медиумска писменост и проверка на фактите; 2) пакет-алатки за методите за проверка на фактите поврзани со потребите и методите на пазарот на трудот, со цел вклучување на дигиталните вештини во академските програми и алатки за препознавање; 3) упатство за медиумска и информациска писменост и национални студии на случаи за онлајн дезинформации; и 4) алатка за дигитална процена што поттикнува методологии за следење на подобрувањето на вештините на студентите во високото образование. Во продолжение следува детален опис на очекуваните резултати. Состанокот за отпочнување на проектот се одржа на ноември 2020 година на виртуелна платформа поради состојбата со ковид-19. Настанот овозможи да се даде преглед на проектот, почнувајќи од согледувањето на напорите на Европската Унија уште од 2015 година за справување со лажните вести, рамката за дигитално образование на граѓани и едукатори воспоставена од Комисијата како и Планот за дигитално образование, родовата поделба и несовпаѓањето помеѓу дигиталните вештини во Европа, потребите на пазарот на трудот и  влијанието  на недостатоци во обликувањето на резултатите од проектот. На презентацијата, исто така, беа земени превид целите, активностите за подготовка, потребната документација и оперативните активности за правилно спроведување на проектните активности, обуките и промотивните потфати. Особено внимание беше посветено на конфигурацијата на настанот за обука на заедничкиот кадар како суштински момент за проектот. Во текот на 34 месеци колку што и трае проектот, ќе бидат развиени почетните верзии на четирите интелектуални продукти. Вториот транснационален состанок на проектот се одржа во Тирана во јули, а третиот ќе се одржи во Тетово во март 2022 година. Овие состаноци претставуваат водечки настани за споделување на напорите помеѓу партнерите и координирање на работата на европско и на локално ниво. Важен дел од активностите на проектот е и 5-дневната обука за одбележување ќе се одржи во Севиља во септември 2022 година, со цел финализирање на првата верзија на веб-базирано учење и алатката за процена, со цел да им се овозможи на сите вклучени организации да ги спроведат локалните пилот-проекти во текот на следните месеци. Пилот-проектите ќе овозможат проектот да досегне до надворешните корисници (професори и студенти во високообразовните установи, невработени возрасни лица со ниски квалификации и едукатори на возрасни лица) и да се тестира иновативната страна на продуктите на терен, подобрувајќи ја  дигиталната и информациска писменост на главните целни групи и засегнатите страни. Повеќе информации за проектот можат да се најдат на веб-страницата: https://site.unibo.it/fakespotting-project/en или на социјалните мрежи на проектот: Facebook и Twitter. Истражувачкиот тим што работи на проектот е дел од Media Literacy & Disinformation Research Cluster, кој функционира во рамките на Институтот „Макс ван дер Штул“ во Универзитетот на Југоисточна Европа. Автор: Албулена Халили, истражувач и координатор на проектот Fakespotting, Институт „Макс ван дер Штул“, Универзитет на Југоисточна Европа  Насловна фотографија: Unsplash.com  
Analiza 3 1

„Хигиена“ во комуницирањето и во информирањето на социјалните мрежи

Социјалните медиуми носат нови навики за информирање, себепретставување и социјализирање. Тие се секојдневието што го живееме, сега и тука. Било да сте жител на Северна Македонија, од мало гратче во Нигерија, или од село во Јужна Америка, тие ќе ви донесат чувство на поврзаност со светот, на заемно чувство во глобален цивилизациски развој. Од една страна, овозможуваат средина што поттикнува раст и напредок, но истовремено носат и предизвици и нус-појави од брзата дигитализација и лесните форми на комуникација. Оттука е нужноста за „хигиена“ и заштита на социјалните мрежи, да се овозможат вештини и алатки за критичко опсервирање на начинот на информирањето и комуницирањето, но и поголема одговорност што од индивидуално ќе се префрли на колективно ниво. Во поглед на информирањето, ако се види свежото истражување за медиумската писменост на Западен Балкан, објавено од Мировниот институт од Љубљана и СЕЕНПН од Тирана, тоа покажува силна поларизација на јавноста за изворите на информации што ги користат и им веруваат. Полудовербата во медиумите кај граѓаните од регионот (со околу половина граѓани во БиХ, Србија и Северна Македонија, или повеќе од половина во Косово, Црна Гора и Албанија, што им веруваат на изворите на вести и информации) е во околности на финансиското и политичкото мешање, како и недостиг на медиумски ресурси, со што се нарушуваат доверливоста и квалитетот на медиумското известување. За илустрација, телевизијата е најупотребуваниот и најдоверлив извор на вести и информации во регионот, но, во исто време, многу од најгледаните телевизиски канали во регионот се полни со политичка пристрасност и пропаганда. Социјалните мрежи, пак, каде што наративите на омраза се најприсутни, се вториот најкористен извор на информации, а тоа бара подобри политики за промовирање легитимни извори и филтрирање нелегални и штетни содржини. Резултатите од истражувањето истовремено покажуваат и голема недоверба во информациите споделени на социјалните мрежи. Тоа значи дека повеќето граѓани веруваат дека социјалните мрежи шират политичка пропаганда и дезинформации и омраза. Па, зошто социјалните мрежи се многу користени и покрај недовербата? Јасно е дека други причини, како што се потребата за припадност, забава и вмрежување – преовладуваат. Овие причини треба да се решат преку медиумска писменост во образованието, но и со идни интервенции за развој на медиумите, меѓу другото и преку подобрување на интеракцијата помеѓу медиумите и нивната публика преку градење посилни заедници околу високопрофесионални медиуми. Дезинформации и манипулации како нова реалност на социјалните мрежи Пандемијата донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук може да се прочитаат наслови дека „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против ковид-19“. Ваквата ситуација е проблем и за самиот Фејсбук, кој неодамна беше во фокусот на извештаите на „ЊузГард“, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од ланскиот септември „ЊузГард“ поднесува редовни извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи што шират невистини за ковид-19. „ЊузГард“ објави дека дезинформациите и промовирањето скепса за вакцините се објавуваат во групи на Фејсбук во кои се тврди дека „децата се убиваат од експериментот на кој се принудуваат“, или преку профили на Инстаграм кои промовираат документарец од Ендрју Вејкфилд, една од клучните фигури во промовирање на „врската“ меѓу ММР и аутизмот. Ваквите и слични корисници на Фејсбук, според „ЊузГард“ добиле 370.000 следбеници. Фото: unsplash.com Од друга страна, Фејсбук беше ставен во позиција да ги охрабрува корисниците да се вакцинираат, а истовремено да повторува дека отстраниле повеќе од 20 милиони штетни дезинформации и содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на „ЊузГард“. Вкупно, забраниле повеќе од 3.000 профили, сајтови и групи поради прекршување на политиките на мрежата што ја води ребрендираната компанија Мета. Фејсбук во изминатите години ги решава ваквите појави и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни. И во Северна Македонија постојат т.н. факт-чекери, кои се задолжени за филтрирање и за разобличување на дезинформации, што помага при амортизирање на целиот процес и креирање вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата и како таа да се провери.  Одговорност на социјалните мрежи При „скролање“ на Фејсбук се чини најмногу информации доаѓаат од онлајн порталите, кои според домашниот Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) се најпроблематични. Во изминатата 2020 година, дури 90,7 % од жалбите се однесувале токму на онлајн медиумите, а потоа телевизиите со 6,4 %, весниците со 1,4 %, па радиостаниците и новинските агенции со по 0,7% од пристигнатите жалби. СЕММ често потсетува дека медиумите имаат одговорност да применуваат стандарди утврдени од новинарската заедница и Кодексот на новинарите. Тоа значи, одговорно известување преку точни и проверени информации, правење разлика меѓу мислење и факт, почитување на етничките, на културните и на религиозните различности, но и да не се поттикнува дискриминација. Но, етиката и одговорното однесување не се потребни само од медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет-зона. Корисниците на социјалните медиуми не можат да очекуваат одговорност ако и самите се однесуваат неодговорно. Дигиталниот живот бара одговорност и од самите корисници на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, блоговите… Сѐ е тоа јавен простор. Тоа го потврдуваат сите релевантни медиумски и комуникациски експерти. Тоа не е и не треба да биде паралелен свет каде што корисникот може да „истури“ фрустрации и да омаловажува, да сее говор на омраза, да се заканува. Ако некој не го гледа преку тастатурата, тоа не значи дека не постои, дека постапките на корисникот и зборови се забораваат. Секој збор има „домино ефект“, таму некаде – влијае врз некој настан, ситуација, личност, мислење. Второто „јас“ кај младите – поттикнато од социјалните медиуми Професорката Тамара Ќупева, долгогодишен истражувач од образованието и комуникациите, во своите јавни написи и трудови често се осврнува и на дигиталниот живот на младите, како генерации што растат преку социјалните мрежи. Дигиталниот живот за тинејџерите е нивното второ „јас“, природна средина на созревање, секојдневен предизвик за себепретставување, за социјализација, но и главен ресурс за учење. Дигиталниот свет е нова форма за нивно неформално, но и потесно, стручно образование. Учат вештини што формалното образование често не може да им ги развие и ниту, пак, да им ги понуди како содржина. Социјалните групи како супститут на дигиталниот свет ги претвораат во мали делови од милионската „партиципативна заедница“, која бара од нив активно присуство. Постојано се под тивок, невидлив притисок за потврда на своето присуство и соживот со другите. Од аспект на емоционалното созревање, поминуваат низ алгоритмите на интензивното, посредничко општество, во кое најважни вештини за здрав развој на личноста се токму медиумската писменост, емоционалната интелигенција и здравиот социо-психолошки статус. Затоа е потребен и пристап, дома и на училиште, кој би обезбедил простор за критичко размислување, промоција на хумани вредности и актуализација на темите што ги креира технологијата. Автор: Бојан Шашевски Насловна фотографија: unsplash.com  
Tv 1

Телевизиите во ерата на (дез)информирањето

Да се истури перница низ прозорец, а потоа да се соберат пердувите и да се вратат назад. Ова можеби е најточната дефиниција на безуспешниот обид да се справите со лажна вест или со дезинформација. Она што постои од почетоците на пишаниот збор и новинарството, во новата дигитална ера значеше вести што се шират со молскавична брзина и за екстремно кратко време можат да предизвикаат огромни штети. Социјалните мрежи и порталите се плодна почва за ширење дезинформации и лажни вести, но и традиционалните медиуми не се целосно отпорни на оваа појава. Колку општествата стануваат подигитализирани и поповрзани, толку покомплицирано станува да се дојде до вистинска и вистинита информација. Проблемот е и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Новинарите во трката со времето да обезбедат навремена информација, честопати и самите стануваат генератори на „лажни вести“, преземајќи и умножувајќи ги содржините без воопшто да ги проверат и да го испочитуваат основното правило да се праша и другата страна. Корисниците, пак, во „морето“ најразлични информации, сè потешко доаѓаат до вредна вест. Трката по вест ги прави медиумите ранливи „Пијан возач повредил неколкумина на Рузвелтова“ „Пијан возач направил карамбол на Рузвелтова“ „Тешка несреќа на Рузвелтова. Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрво“ Ова беа само дел од насловите, дел од нив и на телевизија со национална концесија, на веста за сообраќајната несреќа во која животот го загуби младиот пулмолог Трајче Нешковски, кој почина откако му се слошило и со автомобилот удрил во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата. Веста дека лекарот бил пијан, се покажа како целосно неточна, но штетата веќе беше направена. Сличен, но посвеж пример се случи на одбележувањето на Денот на независноста. Она што требаше да биде прослава, ноќта се претвори во една од најтешките трагедии што ја погодиле земјава, кога 14 луѓе изгореа во стравотен пожар во модуларната болница во Тетово. Иако информациите на почетокот беа скудни, дел од медиумите, меѓу кои и телевизии, лиферуваа бројки на загинати што се движеа повеќе од 30 и на крајот, повторно се покажаа како целосно неточни. Пандемијата и состојбата со коронавирусот уште еднаш ги стави новинарите и медиумите на тест. Од статии за чудотворни лекови што даваат одлични резултати во борбата со короната, до празни полици во аптеките и пиење „сумамед“ на своја рака – уште еднаш се докажа дека борбата со дезинформациите и со лажните вести мора да се води на систематски начин, преку сериозно подигнување на нивото на медиумска писменост. „Борбата со лажните вести е спрега во која треба да бидат вклучени сите фактори за да се постигне максимален ефект, а оваа борба треба да почне од институциите, бидејќи работите секогаш почнуваат од онаму каде што има повеќе моќ и можност да се менуваат работите“, укажа неодамна специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов. Дека телевизиите не се имуни на ширењето дезинформации, покажа и истражувањето на Македонскиот институт за медиуми, Мировниот институтот од Љубљана и СЕЕНПМ (Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа) од јуни годинава. Во документот се посочува дека во услови кога интернетот како извор на информации се изедначи со телевизијата, има растечки тренд на дезинформации и говор на омраза, а во исто време, на граѓаните им недостигаат вештини и знаење за да можат критички да ги анализираат и да ги разликуваат професионалните и квалитетни информации од дезинформациите и пропагандата. Наодите во истражување покажуваат дека телевизијата е најчесто користен извор на информации на дневна основа за 75 % граѓани, а за над половината е и главен извор на информации. Дури 61 % од анкетираните сметаат дека телевизијата е доверлив извор на вести и информации. Но, 37 проценти од испитаниците одговориле дека немаат доверба во телевизијата што е висок процент (веднаш зад социјалните мрежи и онлајн медиумите), а како главни причини посочиле дека медиумите се под политичко влијание, шират дезинформации и пропаганда. Седум од десет граѓани сметаат дека медиумите во земјава шират политичка пропаганда и дезинформации! Македонија при дното во отпорноста кон лажните вести Борбата во напливот информации да се стигне до вистинската е долга и мачна. Таквиот заклучок може да се изведе и од статистичкиот преглед на одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, донесени минатата година. Од вкупно 140 одлуки, 67 % се за неточни и непроверени информации, немање „втора страна“ и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Уште една потврда на оваа теза стигна во март годинава. Извештај на Институтот „Отворено општество“ во Софија покажа дека земјите од Западен Балкан имаат мал потенцијал да се справат со негативните ефекти од лажните вести и дезинформациите. Тоа се должи на два фактора: состојбата со слободата на медиумите во регионот и степенот на образование. На последно место на Индексот за медиумска писменост е токму Македонија, а во наше друштво се и БИХ, Албанија, Црна Гора, Србија. До решение преку разбирање на суштината на проблемот Препознавањето на различните форми на лажни вести е првиот чекор кон изнаоѓање решение за проблемот. Дезинформациите се лажни или фабрикувани информации што свесно и намерно се шират за манипулирање со јавното мислење или со одредени групи. Мисинформациите, пак, се погрешни информации, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери. Дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, докази и дебати. Како можно решение за справување со проблемот е воспоставувањето механизми за проверка на лажните тврдења, што се покажа дека во одредена мера функционира со лажните вести што се шират за време на пандемијата, но, се чини, клучот е во подигнувањето на нивото на медиумската писменост, преку која се зголемува отпорноста кон лажните вести и дезинформациите. Веќе подолг период сè погласни се мислењата за потребата од воведување медиумска писменост уште во најраната школска едукација, како задолжителен предмет во училиште, со цел уште од мали нозе да се поттикнува критичкото размислување и расудување кај децата. „Ова е процес, инвестиција чии резултати ќе дојдат бавно, но е многу здрав чекор и на долг рок и суштински во битката со лажните вести. Знаењето на самите читатели и умешноста на публиката да препознае дезинформации се клучни и за нивно девалвирање и за дефакторизација на самите медиуми – извори на пропаганда“, смета Катерина Синадиновска од СЕММ. Или, какви генерации ќе создадеме, такво општество и ќе имаме. Автор: Мартин Пушевски Насловна фотографија: unsplash.com  
Voting 1 1

Дезинформациите за време на изборните кампањи

Ранливоста на публиката на социјалните медиуми според перцепцијата на кредибилноста на изворот на информации, политичката афилијација и возраста Социјалните медиуми сè повеќе се користат како моќна алатка за политички ангажман и изразување. Политичките актери ги искористија придобивките од дигиталните медиуми за да го обликуваат јавното мислење, да го контролираат протокот на информации на интернет и да иницираат одредена политичка активност преку политички кампањи. Политичките актери отсекогаш користеле гласини и други алатки за лажни информации, но современите технологии им овозможуваат да произведуваат и да шират дезинформации побрзо и со голем ефект. Брзината, досегот и ниската цена на онлајн комуникацијата ги зголемуваат последиците од дезинформациите. Затоа, причините и влијанието на дезинформациите врз демократијата, човековите права и владеењето на правото се теми што постојано се проучуваат со особено внимание од експерти и истражувачи. Но, сето ова не би било возможно и немаше да привлече толку големо внимание и ефект без ангажираност и активност на корисниците, односно на публиката на социјалните медиуми. Без разлика дали намерно или ненамерно, голем број корисници се ангажирани на овие намерно организирани пакети вести и помагаат во ширењето на невистините информации што го загрозуваат медиумскиот плурализам, ја загрозуваат слободата на изразување и ја ослабуваат довербата на граѓаните во институциите и во медиумите. Во денешно време, анализирањето на влијанието на дезинформациите треба да се гледа од перспективата на медиумските ефекти, кои како такви се променливи и зависни од дигиталните и од социјалните промени. Така, кога зборуваме за индивидуалните карактеристики што се истражуваат секојдневно за да се добие една референтна рамка кон идните истражувачи за анализирање на влијанието на  дезинформациите кон толпата во социјалната психологија, најцитирана е теоријата на когнитивна дисонанца на Леон Фистингер (1957) или селективна изложеност кон информациите, од каде што e произлезен поимот на пристрасност за потврдување (confirmation bias). Когнитивната дисонанца e несвесна тенденција на луѓето да постигнуваат когнитивна конзистентност со претходни постојни верувања или ставови, преку избегнување или минимизирање информации или ситуации што се спротивни на нивните верувања и ја мотивира личноста да се обиде да ја намали дисонанцата и да постигне конзистентност. Врз основа на ова, политичките пристрасни индивидуалци имаат тенденција да веруваат, да прифаќаат и да споделуваат информации што се совпаѓаат со нивното политичко убедување, без разлика дали таа информација е вистина или не, а другите информации што не се совпаѓаат со нивните верувања, да ги игнорираат. Од истражувањето спроведено за магистерска теза на Едлира Палоши Диша од Факултетот за современи општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа, за перцепција на дезинформациите во тек на изборните кампањи беа дадени осум лажни вести за четирите најголеми политички партии во земјава поврзани со изборната кампања на парламентарните избори 2020 година, односно за секоја од партиите по една лажна вест со позитивна конотација и по една со негативна конотација. Екстракт од анализираните резултати се презентирани во следната табела, каде што многу јасно се забележува како гласачите на ДУИ и на Алијанса за Албанците ги перципираат како вистинити информациите со негативна и како информациите со позитивна конотација од својот политички субјект и политичкиот опонент, а кои, пак, во исто време сите се лажни вести. Вакви анализи се направени со сите четири најголеми политички партии во земјава. Сепак, многу е важно да се земе предвид времето кога се прави истражувањето, затоа што политичката атмосфера меѓу опонентите во предизборниот и во постизборниот период знае да се промени од време на време, во зависност од предизборните и од постизборните коалиции.  Мошне интересни се и резултатите од истражувањето што покажуваат како публиката доаѓа до политички информации и каде најмногу се ангажира за политички вести од каде што може да се анализира кои се нивните извори на влијание и на дезинформации. Според добиените резултати, за политички информации на социјалните медиуми испитаниците повеќе преферираат да се ангажираат во разговори со роднини/пријатели на социјалните мрежи и со групи блиски пријатели на социјалните мрежи со кои ги споделуваат истите убедувања. Резултатите покажаа дека сепак општествените врски се цврсти и дека луѓето сè уште се користат како извор на информации наместо веродостојни извори на информации. Ова докажува уште еднаш дека хомофилните интеракции на социјалните медиуми, т.е. ехо-комори што овозможуваат задржување и зајакнување на сопствените мислења и ставови во група „истомисленици“, не ѝ дозволуваат на публиката да наиде на различни гледишта во информативната сфера на социјалните медиуми. Според испитаниците, поверодостоен извор за политички информации на социјалните мрежи се групите на блиски пријатели со најголем процент од 65,3 испитаници и објавите на пријателите со 42,7 проценти. Ако резултатите се анализираат според групи на возрасти, највисок процент на  испитаниците што сметаат дека објавите на пријателите на социјалните медиуми (со 81,8%) и групи блиски пријатели (со 54,5%) се кредибилни извори на информации е возрасната група од 46 до 59 години. Една од детерминантите на корисниците на социјалните медиуми која се докажа како фактор на ранливост кон дезинформациите е и возраста. Освен други елементи што беа истражувани, испитаниците од возрасната група од 46-59 години (26,4%) и над 60 години (30%) не беа целосно способни да ги разликуваат лажните од точните вести, за разлика од помладите возрасни групи. На што се должи ова?! Постојат истражувања што сметаат дека ранливоста на оваа група е резултат на отсуството на дигитални способности и медиумска писменост кај оваа возрасна група, а исто така и поради убедувањата и идеологијата што со возраста се зајакнуваат, или како што го нарекуваат Гес, Наглер и Такер (2019) „илузии на вистината“ или упорност на ставот со возраста. Дополнително, можеме да кажеме дека ниту една целна група не може да биде сосема отпорна на дезинформации. Така што, истражувањето резултираше со фактот дека ниту една целна група испитаници не успеа сосема да ги идентификува сите лажни вести како неточни. Останува да произлезат уште многу резултати и анализи од истражувањето за магистерската теза „Дезинформацијата како алатка во политичките кампањи – Како публиката ја перципира дезинформацијата – студија на случај Република Северна Македонија“, која ќе биде одбранета по обработката на сите резултати и по нивната анализа. Ова истражување има за цел да го расветли патот кон борбата против дезинформации особено во текот на изборните кампањи и да им послужи на идните истражувачи на ова поле, на агенциите за проверување факти и откривање лажни вести, на граѓанското општество и на експертите од областа за да се подобри откривањето, да се подигне свеста и да се ограничи влијанието на дезинформациите. Автор: Едлира Палоши Диша, Истражувач во проектот FakespottingEU, Институт „Макс ван дер Штул“, Универзитет на Југоисточна Европа Насловна фотографија: freepik.com