Новости

Web Iz 1

Отворена изложбата „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

Во „Европска куќа“-Скопје/Europe House Skopje, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, синоќа ја отвори изложбата „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата претставува атрактивна и едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, коишто може да се постават во изложбени простори и да се посетат онлајн. Настанот го организираа Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми. Изложбата им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и корисничките навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување. Како дел од поставката подготвено е и Упатство за детоксикација од податоци, вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Како надополнување на изложбата ќе бидат организирани и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои ќе бидат опфатени теми поврзани со Упатството за детоксикација. Поставката во Скопје ќе биде достапна за посетителите во следните три месеци, а во текот на 2023 година ќе биде поставена и во просториите на „Европска куќа“/Europe House во Крива Паланка и во Струмица. Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн. Отворањето на изложбата беше завршен настан на Деновите на медиумска писменост 2022, во организација на Мрежата за медиумска писменост. На овој начин, нашата земја четврта година по ред се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, оваа година под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“. Детални информации за тимот и изложбата може да најдете на следниот линк.    
P D 1 26 10

Медиумска писменост - механизам за справување со предрасудите и стереотипите меѓу младите

Како образованиот систем и медиумите можат да придонесат во справувањето со стереотипите и предрасудите меѓу младите беше тема на панел-дискусијата „Преку медиумска писменост образуваме млади генерации без предрасуди и стереотипи“ што ја организираа Македонскиот  институт за медиуми и ИРЕКС. Наставници, новинари и активисти кои беа учесници на панелот споделија нивни искуства од работата со ученици, студенти и други групи млади кои се справуваат со стереотипи на најразлична основа, во реалноста и онлајн. Наставниците, професорите и граѓанските активисти зборуваа за механизмите во рамки на образовниот систем, додека новинарите дискутираа која е улогата на медиумите и на медиумската писменост во разобличувањето на овие феномени. Повеќе студенти и ученици присутни на настанот ја истакнаа важноста на медиумската писменост за личниот и професионалниот развој на младите, што е особено значајно за новата медиумска реалност во која живееме, но и за создавање кохезија во мулитиетнички општества како нашето. Присутните панелисти и гости ја нагласија потребата од вклучување на медиумската писменост во формалното и во неформалното образование, како еден од начините за справување со овие негативни феномени. Овој настан е дел од активностите на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, а се организираше во рамки на Деновите на медиумска писменост 2022.
JUNK FOLDER Cover

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – Филм за фабрикуваните содржини кои немаат крај

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) e документарен филм на режисерот Ален Шимиќ, во продукција на Медиацентар (Сараево), кој го обработува прашањето за тоа колку дезинформациите му штетат на професионалното новинарство, како професионалните истражувачки новинари и проверувачи на факти се борат со дезинформациите, како изгледаат лажните вести и кој стои позади нив. Дезинформациите се без граници, а темата на „Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – ширење дезинформации на Западен Балкан – го покажува токму тоа, но исто така покажува колку недоволната медиумска писменост е причина за ширењето дезинформации и за неможноста да се препознаат фабрикувани содржини. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Web Vest

Преку координираност и меѓусекторска соработка до зголемување на свесноста за имунизација и справување со дезинформациите

Потребна е стратешка комуникација на здравствените институции со јавноста и новинарите, подобра меѓуинституционална поврзаност и меѓусекторска соработка со цел да се подигне свесноста и информираноста за имунизација и за адресирање на дезинформациите. Неопходно е да се поттикне поголема вклученост на медиумите во едукативни активности за значењето на имунизацијата кај децата и кај општата популација и континуирано да се зајакнуваат капацитетите и информираноста на новинарите и на уредниците од оваа област. Ова се некои од препораките кои произлегоа од дискусијата во рамки на настанот „Справување со дезинформациите околу вакцинацијата – потреби и предизвици“, што го организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а со финансиска поддршка од УСАИД. Овој настан го означува почетокот на повеќе активности преку кои новинарите и претставниците на здравствените институции и други релевантни чинители треба да ја унапредат комуникацијата и да разменуваат искуства со цел зголемување на свесноста и мотивираноста на граѓаните за потребата од имунизација, како и за справување со дезинформациите од областа на здравството. Активностите ќе траат до ноември 2022 година и во нив ќе бидат вклучени новинари од најрелевантните медиуми во земјава, како и претставници од Министерството за здравство, Националната комисија за имунизација, Комисијата за заразни болести, педијатри, експерти за вакцини и експерти за медиуми и комуникации.
Teamwork Meeting

Предмет: Барање за понуда за подготовка и испорака на храна и пијалоци за обуки

Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Бирото за развој на образованието, во периодот од 22 август до 9 септември 2022 година организираат дводневни обуки за наставници (бројот на наставници, термините и градовите на одржување на обуките се дадени во прилог на барањето понуда). Понудувачот е дожен да подготви и обезбеди до утврдената локација наведена во анексот,* пакет намирници за секој учесник на обуката: Ладен сендвич (лепиња, кашкавал, говедска/пилешка салама, сезонска салата)/(или) пециво (пита, баничка) од 200 грама Безалкохолен пијалок од 500 мл Кафе *Називот на конкретните училишта во кои ќе се спроведуваат обуките и контакт личност ќе бидат обезбедени откако ќе биде избран понудувачот. Храната треба да е спакувана согласно стандардите за безбедност на храна, да има обезбедено хартиени/пластични чаши, спакувано кафе, шеќер и прибор за јадење. Понудената цена треба да ги вклучува сите трошоци на добавувачот (подготовка, пакување и дистрибуција на храната до наведената локација). Цената на понудата треба да биде изразена во денари (со одделно изразен ДДВ) и да се однесува на поединечен оброк за учесник. Понудите да бидат доставени на електронска адреса mim@mim.org.mk, најдоцна до 5 август 2022 година. АНЕКС176.67 KB
Prg 1 1

Новинари и уредници на студиска посета во Прага

Десетина новинари и уредници од Македонија, Србија и Косово беа дел од студиската посета во Прага од 13 до 16 јуни што се реализираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ во кој Македонскиот институт за медиуми е еден од партнерите. Целта беше преку посета на професионални и истакнати редакции во Прага, новинарите и уредниците да разменат искуства, информации и добри примери, што ќе можат да ги применат во редакциите во коишто работат. Учесниците се запознаа со процесот на производство на вести во неколку истакнати медиуми во Чешка, како што се неделниот магазин „Respekt“, дневниот весник за политика, економија и финансии „Hospodárske noviny“, националното чешко радио „Český Rozhlas“ и редакцијата на Радио Слободна Европа „Radio Free Europe/Radio Liberty”. На средбите се разговараше за уредувачките политики, како и за функционирањето на уредничката независност. Претставниците од медиумите зборуваа и за начините на кои медиумите се справуваат со дезинформациите и говорот на омраза, а се осврнаа и на механизмите преку кои се остварува интеракција со публиката. Во рамките на престојот во Прага, новинарите и уредниците имаа можност да се запознаат со концептите на конструктивно новинарство и медиумска критика како комплементарни и иновативни начини за зголемување на квалитетни содржини во медиумите.  
Web F5

Над 100 наставници од основните училишта го завршија првиот дел од обуката за медиумска писменост

Повеќе од 100 наставници од основните училишта од целата држава на 12 и 13 мај 2022 учествуваа на првата обука за наставници-обучувачи за медиумска писменост, што ја организираа МИМ и ИРЕКС во соработка со  Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.   Обуката за наставници-обучувачи ја водеа 25 предавачи-експерти за медиумска писменост кои работат како наставници, новинари и советници во Бирото за развој на образованието. Учесниците на обуката се запознаа со концептот „Учиме да распознаваме“, со методолошките пристапи и различни содржини поврзани со медиумската писменост, како што се промените во медиумската сфера, дезинформации, проверка на информации, анализа на медиумска содржина, говор на омраза, и конструирање претстави преку медиумите. Вториот дел од обуката ќе се одржи кон крајот на август 2022, при што низ практични активности наставниците ќе добијат конкретни знаења и вештини за имплементирање на медиумската писменост во наставните содржини. Почнувајќи од наставната 2022/2023 година наставниците-обучувачи ќе имаат можност да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Обуката на наставниците е во насока на тековните планови на БРО, МОН и на Проектот „Младите размислуваат“ со цел воведување на медиумската писменост во наставните програми за основно образование. Проектот „Младите размислуваат“ е финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), а го спроведуваат ИРЕКС во соработка со локалните партнери - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
3maj 2022 2

Соопштение од МИМ по повод 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите

Македонскиот институт за медиуми им го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите новинари и редакции кои и изминатата година, и покрај вонредните услови за работа, продолжија неуморно да работат и секојдневно да ги информираат граѓаните применувајќи ги највисоките професионални и етички стандарди и грижејќи се тие да добијат квалитетна и проверена информација. На 3-ти Мај го одбележуваме денот кога медиумската заедница и сите граѓани треба да бидат особено гласни и настојчиви во барањето повеќе слобода, поголеми права, подобра безбедност и услови за работа на новинарите, бидејќи тоа се неопходни предуслови за квалитетно извршување на новинарската работа и практикување на слободата на изразување. Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижат сите - властите, политичарите, државните институции, граѓанското општество, академската заедница и сите граѓани. Впрочем, пандемијата со ковид-19 најилустративно ни покажа дека точната и проверена информација може буквално да спаси живот.   Без професионални новинарство и слободни медиуми не може да има  демократијата, мир, просперитет и развој на ниту едно  општество! За жал, оваа благородна професија во глобални рамки се соочува со невидени предизвици и проблеми, кои го доведуваат под знак прашање нејзиниот опстанок во буквална смисла на зборот. Последниот извештај на УНЕСКО што ги детектира светските трендови во поглед на слободата на изразување и развојот на медиумите укажува токму на таа опасност и предупредува дека во изминатите 5 години, 85% од светската популација се соочува со пад на слободата на медиумите во сопствената земја. На оваа листа сега се наоѓаат и високо развиени држави со долга демократска традиција и слободни медиуми.    Најголемите предизвици се детектираат во областите безбедност на новинарите, вклучително и нивната онлајн безбедност, кадешто под најголем ризик се новинарките, потоа слободата на изразување и медиумските слободи, кадешто се опфатени законите, правилата и прописите што се однесуваат или влијаат врз оваа сфера, како и економската одржливост на медиумите, која како резултат на огромното влијание на социјалните мрежи врз пазарот на огласување, од корен ги промени бизнис моделите и начинот на финансирање на медиумите.  Овие глобални предизвици се евидентно присутни и во нашата медиумска средина. За жал, мора да констатираме дека нашето општество, а пред сè политичките елити, како креатори на политиките во оваа сфера, на медиумите и на новинарството сè уште гледаат како на алатки за освојување и одржување на власта, наместо да им дозволат да ја извршуваат својата природна улога - да бидат инструмент за еманципација на граѓаните и поттик на демократскиот и економскиот развој на општеството. Потребен е, не само декларативен, туку проактивен и суштински ангажман на сите релевантни чинители за да се адресираат бројните проблеми, но и да се постават приоритети за долгорочен развој на медиумската сфера. Неопходни се натпартиски, транспарентни, инклузивни и модерни медиумски политики што ќе ги земат предвид новите трендови и стандарди на европско ниво во оваа сфера, како и спецификите на нашиот медиумски пазар. Македонскиот институт за медиуми се приклучува кон меѓународното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите од страна на УНЕСКО под мотото  „Новинарството под дигитална опсада“, со кое повикува на поголема заштита на слободата на изразување, безбедноста на новинарите, пристапот до информации и заштитата на приватноста во дигиталната ера.
Nis21 Cover

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2021“

Новинарката Ирена Каревска ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2021“, за истражувањето на случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавено во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија. Преку серијал од 10 прилози спакувани во модерен телевизиски продукт, авторката умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници. Притоа користи едноставен, разбирлив и оригинален израз, но и храброст, одлучност и упорност во намерата случајот да добие институционална разрешница, што претставува  важен критериум во оценувањето на квалитетот на сториите. Пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија му беше доделена на новинарот Влатко Стојановски за серијалот текстови на тема „Офшор-компании“, објавени на интернет-платформата на СКУП Македонија. Во рамки на серијалот од 3 истражувачки стории, авторот демонстрира темелно новинарско истражување низ кое многу умешно ги разработува, категоризира и анализира сите правни субјекти во чија сопственичка структура се јавуваат други фирми регистрирани во таканаречени офшор-зони, а открива и информации за лицата кои се поврзани со нив или стојат зад нив, за нивните дејства и активности. Новинарката Катерина Топалова ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка“ објавена на интернет-платформата „Само прашај“. Низ оваа куса, динамична и креативна новинарска приказна, авторката на оригинален начин успева на јавноста да ѝ го претстави и актуелизира проблемот со милионските суми кои државната компанија ЕСМ  редовно ги троши за изнајмување машини за ископување јаглен и јеловина. Иновативниот и креативниот пристап во оваа новинарска анализа и мини истражување на тема од висок јавен интерес се состои во тоа што е раскажана на “Green screen” со помош на графика и 3Д-анимација. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“. Фотографијата доловува момент од справувањето со огнената стихија во близина на скопското село Дељадровце, за време на пожарите што се случија минатата година.  „Херојот“ на оваа слика, со кантичка вода, полугол се пробива низ чадот во обид да го изгасне огинот на пругата кај Дељадровце. Авторот Бансколиев преку оваа фотографија на најсликовит начин го претставува поединецот во борбата со огнената стихија, притоа демонстрирајќи креативност, висок естетски израз и чувство за композиција. На годинешниот конкурс пристигнаа: 29 стории обработени низ 88 текстови и видео-прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија; 13 стории во категоријата Најиновативен новинарски производ; 15 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.                                                                       Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Извештај од жири-комисијата796.01 KB