Новости

Partnership Md 003

Завршува проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите”

Проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите” завршува по четири години напорна, но многу значајна работа од страна на нашите партнери во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија, Бугарија и Романија. Проектот обедини многу новинари, претставници на медиумски центри и институции, синдикати, граѓански организации, академици и креатори на политики, чии заеднички напори беа насочени кон развој на независни и одговорни медиуми на Западен Балкан. "Тоа беше огромно патување. Ги анализиравме условите во кои работат новинарите и се соочувавме со предизвиците со кои и тие се соочуваат насекаде низ регионот. Влеговме со позитивна енергија, но ги адресиравме и препреките кои беа повеќе или помалку видливи. Би сакале да можеме да кажеме дека го наоѓаме регионот во подобра состојба отколку пред четири години. Но, тоа не е така. Заканите за слободата и независноста на медиумите се сé посериозни и потребата за добро, одговорно новинарство е поголема од кога и да е. Доброто новинарство не само што има потреба од добри професионалци и работодавци, туку и од добра јавност, образована и подготвена да ја консумира и поддржува вистината и транспарентноста", изјави Јоана Авадани, директорка на Центарот за независно новинарство во Букурешт и раководител на проектот. Во рамките на проектот, партнерите произведоа две сеопфатни регионални анализи: една за работните односи во медиумите во регионот, а втората со фокус на медиумската писменост и новинарското образование. Анализите беа дискутирани на национално и регионално ниво од страна на стотици новинари и претставници на академската јавност и резултираа со препораки за политики. Партнерите исто така, ја набљудуваа слободата на изразување во регионот и изработија серија студии за теми, како што се говорот на омраза на религиозни основи, дигитализацијата на медиумите или улогата на социјалните медиуми во поставувањето на јавната агенда. "Проектот може да заврши, но ќе продолжи да дава резултати. Ја подигнавме свеста за помалку адресирани прашања, ги зголемивме капацитетите за застапување на медиумските организации, инициравме теми на јавните агенди во земјите во кои работевме. Важно е нашата работа да биде продолжена, а сé повеќе засегнати страни да ги здружат напорите во заштитата на слободата на изразување, во сите негови форми ", заклучи Авадани. Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите беше имплементиран од конзорциум координиран од Центарот за независно новинарство (Романија), составен од: Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар за медиумски развој и развој на граѓанското општество (БиХ), Медиумски иницијативи - Здружение за развој на медиумите и унапредување на професионално новинарство (БиХ), Македонскиот институт за медиуми (Македонија), Медиумски институт Црна Гора (Црна Гора), Фондацијата Медиа центар (Србија), Центарот за медиумски реформи Ниш (Србија) и Центарот за развој на медиуми (Бугарија). Исто така беа вклучени професионалци од медиумите од Косово и од Турција. Повеќе информации за проектот се достапни на: https://seemediapartnership.cji.ro/ Проектот беше кофинансиран од Европската комисија, Програмата за граѓанско општество, Програмата за слобода на медиумите и одговорност, Europe Aid / 134613 / C / ACT / MULTI.  
Се чита за 1 мин.
Pro.servisi.debata

Граѓаните можат да го заштитат јавниот сервис само доколку имаат доверба во него

Неопходно е да се отвори јавна дискусија за темелна реформа на сите аспекти на функционирањето на јавниот сервис Македонска радио-телевизија и за натамошниот развој на Куќата, со цел таа да стане современ европски јавен сервис. Изборот на членови на Програмскиот совет на јавниот сервис треба да се спроведува преку јавен конкурс со цел да се намалат директните политички влијанија, а сите засегнати страни треба да ги разгледаат можностите за евентуално зголемување на бројот на членови на ова тело со цел тоа посоодветно да ги претставува различните сегменти и интереси во македонското општество, потоа за директен влез на членови, за ревидирање на забраната за учество на вработени од јавниот сервис, како и за воведување на т.н. скалест мандат на членовите. МРТ треба да ја унапреди транспарентноста за својата работа и да ги развива каналите и механизмите за комуникација со публиката. Ова се главните препораките од компаративна анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на Македонија, Хрватска и Словенија, што ја подготви м-р Љиљана Митевска, која беше претставена на јавната дебата „Деполитизација на програмскиот совет на МРТ – предуслов за независност на јавниот сервис”, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На настанот како говорници учествуваа актуелни и поранешни членови на програмските совети на јавните сервиси во Македонија, Словенија и Хрватска. Снежана Клинчарова, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, истакна дека со укинувањето на радиодифузната такса, што е спротивно на препораките на ЕБУ, ќе се стави во залог независноста на МРТ. Според неа Куќата, со новиот начин на финансирање од 0,5 проценти кои ќе се издвојат од државниот Буџет за 2017 година ќе има помалку средства од 2016 година, што ќе се одрази и на програмскиот квалитет. Дополнително, Клинчарова го истакна проблемот што произлезе од договорот меѓу политичките партии „Пржино 2“, со кој Вториот канал на МТВ треба да се трансформира целосно во програмски сервис на албански јазик, за чие стартување, според изработениот елаборат, се потребни 5 милиони Евра. За Бранкица Петковиќ, претставничка од Програмскиот совет на РТВ Словенија, „апсолутно неприфатлива е нетранспарентноста“ во работењето на ова тело. „Седниците на Програмскиот совет на РТВ Словенија се најавуваат, а седницата се пренесува јавно. Наша задача е да реагираме доколку нешто не е во ред и доколку биле прекршени етичките стандарди во работењето. Не може да им се испраќа на граѓаните сигнал дека може се' да се емитува, затоа што на тој начин се руши угледот на јавниот сервис, а со тоа и довербата во него,“ истакна Петковиќ. Според неа, многу е важно претседателот на ова тело да биде личност со интегритет, високи етички и морални вредности и висок интелектуален потенцијал. Според искуството и во Словенија и во Хрватска, укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на јавниот сервис од државниот Буџет не е добро решение. „Доколку е нужно, ова може да биде привремено, се додека не се најде стабилно и трајно решение. И Словенија и Хрватска сведочат дека 90% од граѓаните плаќаат такса. Плаќањето радиодифузна такса е исто како да плаќаш придонеси за образование или за здравство, така плаќаш и за заштита на новинарите во јавниот сервис. РТВ Словенија има своја служба за собирање на таксата. Но, јавниот сервис не смее да шири ‘отров’“, предупредува Петковиќ. Учесничката од Хрватска, Мирјана Ракиќ, која е поранешна претседателка на тамошното регулаторно тело, како и поранешна директорка и уредничка на ХРТ смета дека „треба да се воспостави врска меѓу граѓаните и јавниот сервис“, за тие да го чувствуваат како свој, да имаат доверба во него и на тој начин ќе можат да го заштитат. Таа информира дека Програмскиот совет на ХРТ нема влијание врз програмата, туку може само да дебатира, а омбудсманот има само советодавна улога. И Петковиќ и Ракиќ се согласија дека решението - генералниот директор да го избира Собранието, како што е случајот во Хрватска - не е добар модел што соодветствува со европските стандарди. Анализата и дебатата се дел од проектот „#РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана, а го финансира Европската Унија. Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
Се чита за 2 мин.
2epizoda

Документарец за сопственичките и финансиските модели на највлијателните ТВ-канали, во Македонија, во Хрватска и во Словенија

Зошто Македонија не е атрактивна за странски инвестиции во медиумите? Каков е профилот на медиумските сопственици во Македонија, споредено со Хрватска и со Словенија? Кои сопственички модели може да придонесат кон поголема независност и развој на медиумите? Одговорите на овие прашања погледнете ги во втората епизода од серијалот документарци „Медиуми за граѓаните“.
Се чита за 0 мин.
Pic EU Parliament 001

Лажните вести и медиумската писменост во фокус и на европските институции

Нефункционалноста на медиумските пазари, нетранспарентното финансирање на медиумите, особено од јавни извори, загрозувањето на медиумските слободи и права, растечкиот тренд на лажни вести и медиумската писменост како еден од начините за справување со нив, се во фокусот на интересирањето и на европските институции и на европските медиумски организации коишто го следат развојот на медиумската сцена во земјите од Западен Балкан. Ова беше констатирано на повеќе состаноци со европските парламентарци, високи претставници на европските институции и на повеќе меѓународни медиумски организации во Брисел со кои се сретнаа претставниците од медиумските организации од регионот на 10 и 11 октомври 2017 година, во рамки на проектот „Партнерство за развој на медиумите на Југоисточна Европа“. Медиумските организации од регионот, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, остварија средби со европратеничката Ренате Вебер, со главниот советник за медиуми и граѓански сектор во Директоратот за проширување на Европската Комисија (DG NEAR), Андрис Кестерис, со претставници од Секторот за комуникациски мрежи, содржини и технологија на ЕК (DG CNECT), како и со повеќе меѓународни новинарски и медиумски организации - Европската федерација на новинари, ЕАВИ и Глобалниот форум за медиумски развој. На состаноците беше презентирана состојбата со слободата на медиумите, а беа претставени и истражувањата за работничките права на новинарите, како и за образовните потреби на новинарите и медиумската писменост, што беа спроведени во сите држави каде што се спроведуваа активностите. Проектот е финансиран од Европската Комисија, а го раководи Центарот за независно новинарство од Романија во партнерство со Медиумскиот институт на Албанија, организациите Медијацентар и Медиумски иницијативи од Босна и Херцеговина, Медија центар - Белград и Медија и реформ центар - Ниш од Србија, Медиумски институт на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми од Бугарија.
Се чита за 1 мин.
Dok.r.m

Објавен првиот документарец од серијалот „Медиуми за граѓаните“

Серијалот „Медиуми за граѓаните“ се занимава со прашањата каква е програмската понуда на најгледаните телевизии, квалитетот и разноликоста на програмата, колку медиумите ги промовираат демократските вредности во општеството, плурализмот и транспарентноста, дали работат во интерес на граѓаните и каква е иднината на аудиовизуелната индустрија во земјава? Првата епизода нуди споредбен приказ за програмската понуда на комерцијалните терестријални телевизии на национално ниво во Република Македонија, во Хрватска и во Словенија, како и предлог - решенија како да се подобри квалитетот и програмската разновидност на телевизиите кај нас.  Документарците се продуцираат како дел од проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Се чита за 0 мин.
Povik.web Compressor

Повик за ангажирање продукциска куќа

Македонскиот институт за медиуми(МИМ) има потреба да ангажира продукциска куќа којашто ќе произведе видео и аудио записи/спотови на теми поврзани со медиумската писменост. Продуцираниот материјал ќе се користи во рамки на медиумска кампања за унапредување и подобро разбирање на концептот на медиумската писменост во Р.Македонија. Целта на кампањата е граѓаните да научат како критички да ги гледаат, анализираат и проценуваат пораките коишто доаѓаат од различни медиуми, со цел подобро да се информираат и поангажирано да учествуваат во општествените процеси. Продукциските куќи коишто ќе се пријават на овој повик треба да ги испорачаат следните услуги: Да произведат вкупно 10 видео и аудио записи/спотови на теми поврзани со медиумската писменост, од кои 7 видеа (во поединечна должина до 2 минути) и 3 аудио записи (во поединечна должина до 1 минута); Форматот на продукцијата да биде соодветен за емитување на ТВ, на радио и на социјалните мрежи; Да понудат креативна и оригинална изведба на идејата, што може да вклучува различни жанрови и технички стилови (како на пример анимирано видео, скеч, видео наратив итн.); Да бидат подготвени да соработуваат со тимот на МИМ околу прецизирање на темите и подготовка на сценаријата. ПРИЈАВУВАЊЕ: Заинтересираните продукциски куќи треба да испратат понуда, во која се презентирани информации за досегашната работа и капацитетот на компанијата, опис на идејата и финансиска понуда.Понудите да се достават на следниот е-маил: ivonae@mim.org.mk; РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Повикот е отворен до 16 октомври, 2017 година (до 15 часот).
Се чита за 0 мин.
Sloboda2

Коментари од МИМ и од ИКС кон Предлог-законот за изменување и дополнување на ЗААМУ

Коментари од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и од Институтот за комуникациски студии (ИКС) кон Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) 11 септември, 2017 година, Скопје Почитуван министре Манчевски,Во продолжение Ви ги доставуваме нашите коментари и предлози со цел подобрување на текстот на Предлог--законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги((ЗААМУ) Предлог-законот вклучува најголем дел од забелешките нотирани во нашите досегашни реакции и предлози за измени на ЗААМУ кои се однесуваат на поставеноста и функционирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Јавниот сервис-МРТ. Предлагаме мандатот на членовите на Советот на АВМУ да биде 6 или 7 години, без право на повторен мандат (член 15 од ЗААМУ). На тој начин ќе се оневозможи „врзување“ за позицијата на долг рок, што беше и се уште е пракса во сегашниот совет (со оглед на тоа што со секое донесување на нов закон, дел од членовите на Советот повторно добиваа нов мандат). Сметаме дека членовите 62а и 62б во предложениот закон, кои се однесуваат на политичкиот плурализам во вестите, во дебатите, во дневно-информативните и во контактните емисии, се непотребни и треба да се избришат. Потребно е да се отвори стручна дебата со цел да се утврди дали и на кој начин може да се унапреди политичкиот плурализам во медиумските содржини, преку објективно, непристрасно и избалансирано информирање со еднаков третман на различните гледишта(член 61 од актуелниот ЗААМУ). Предлагаме во членот 16 од ЗААВМУ (услови за именување) да се вметне дополнителен критериум во ставот 2, во алинеите 1 и 2, со кој ќе се прецизира дека за членови на Советот на АВМУ не може да бидат именувани лицата кои се наведени во продолжение и кои ги извршувале или биле активни на наведените позиции и функции во последните 5 години.   Истиот критериум треба да важи и за Надзорниот одбор на МРТ (ЗААВМУ, член 127, алинеи 1 и 2), каде предлагаме да се вметне одредба дека за негови членови не може да бидат именувани лица кои се наведени во продолжение и кои ги извршувале или биле активни на наведените позиции и функции во последните 5 години. Веруваме дека ова ќе придонесе кон поголема департизација и деполитизација и на Советот на Агенцијата и на управните органи на МРТ.   Потребно е појаснување во однос на членот 29 од Предлог-законот за ААВМУ, кој се однесува на член 105, став 3 од ЗААВМУ (финансирање на МРТ), во кој како дополнителен извор на средства на МРТ се наведуваат и средствата остварени од емитување на аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации. Со оглед на тоа што со овој Предлог-закон се предлага укинување на радиодифузната такса и на комерцијалното рекламирање на јавниот сервис, потребно е да се прецизира што точно се подразбира под „аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации“. Не го поддржуваме укинувањето на радиодифузната такса и сметаме дека финансирањето на Јавниот сервис од Буџетот на Р.М. е погрешно решение. Веруваме дека со подобрувањето на програмската понуда и со департизацијата на раководните органи на МРТ, ќе се подобри и гледаноста и наплатата на радиодифузната такса. Впрочем, радиодифузната такса е јавна давачка во сите европски земји( исклучок се само Бугарија, Косово и Црна Гора). Сметаме дека е потребно прво да се утврдат потребите на јавниот сервис од програмски и од финансиски аспект и (евентуално) да се утврди износот на буџетски средства со кои еднократно (или во ограничен период) ќе и се помогне на МРТ да ги зајакне техничките капацитети.Потсетуваме дека со измените на ЗААВМУ од 2017 година е предвиден посебен канал на албански јазик, за што во моментот не постои финансиска конструкција. Собранискиот канал треба да биде под целосна одговорност на Собранието на Р.Македонија. Јавниот сервис не треба да биде одговорен за уредувачката политика на овој канал, и тој не треба да се користи за емитување на други програми освен содржини кои се поврзани со работата и функционирањето на Собранието на Р.М. Со почит, Македонски институт за медиумиИнститут за комуникациски студии
Се чита за 2 мин.
Povik.web Compressor

Повик за ангажирање продукциска куќа

Македонскиот институт за медиуми има потреба од ангажирање на продукциска куќа која ќе произведе документарни видео-стории на теми поврзани со медиумски истражувања, што се изработуваат во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните заспроведување реформи во медиумската сфера“. ЦЕЛ: Документарните видео-стории треба да ги претстават клучните пораки и поенти од истражувањата на поедноставен начин, што ќе биде јасен и разбирлив за пошироката публика, а не само за стручната јавност. На тој начин, би се подигнала јавната свест за повеќе проблематични теми во медиумската сфера, а граѓаните би се мотивирале да се залагаат и да ги поддржуваат реформите во медиумите во насока на зајакнување на нивната независност и професионален интегритет.КРИТЕРИУМИ: Продукциските куќи што ќе се пријават на овој повик треба да ги испорачаат следните услуги:   Да произведат 10 видео-стории на теми што произлегуваат од акциските истражувања спроведени во рамки на проектот #ReForMediaMKD; Видео-сториите треба да имаат информативно-документаристички пристап, при што ќе се засноваат на наоди и клучни препораки од            истражувањата и ќе вклучуваат интервјуа со релевантни соговорници на темата; Видео-сториите треба да бидат произведени во ХД технологија, прилагодени за телевизиско и интернет емитување; Видео-сториите да бидат со должина од 20 минути; Продукциската куќа да ангажира новинарски и технички кадар за продукција на документарните стории; Продукциската куќа да произведе кратки промотивни видео-најави за претходно промовирање на документарните стории; Сите 10 стории да бидат завршени до јуни 2018 година.  ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Заинтересираните продукциски куќи треба да испратат понуда во која детално ќе го претстават своето искуство и капацитетот на тимот кој ќе работи, како и ценовник за предвидените услуги. РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Повикот е отворен до 18 септември 2017 година. ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ: Ивона Василова, проект асистент: ivonae@mim.org.mk; 02 30 90 144.   #ReForMedia - Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера. Проектот е финансиран од Европската Унија.    
Се чита за 1 мин.
Debata G O

Говорот на омраза да се потисне со повеќе говор дека е неприфатлив

Законски измени во постојната регулатива во насока на попрецизно дефинирање на говорот на омраза, развивање конзистентен систем на превенција и репресија на делата на говорот на омраза, вклучувајќи и примена на практиката на Европскиот суд за човекови права од страна на правосудните органи, како и итни измени во медиумската регулатива за воведување санкции поради говор на омраза и поттикнување насилство преку аудиовизуелните програми, што регулаторот би ги процесуирал во прекршочна постапка, се само дел од препораките од анализата на МИМ „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза“ од авторот д-р Ненад Живановски. Анализата беше претставена на дебатата „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“, на која со свои излагања учествуваа и претставници на граѓанското општество од Македонија и Словенија, како и претставници од адвокатската фела. Адвокатот Лазар Сандев, смета дека Јавното обвинителство е неактивно и не покренува иницијативи во насока на заштита на јавниот интерес, во случаи кога се употребува говор на омраза. Тој посочи дека новинарите и политичарите шират говор на омраза, и предупреди дека тоа ќе се случува се додека јавното обвинителство не почне да презема соодветни чекори. Сандев ја поддржува идејата за промена на домашното законодавство и упати да се користи праксата што произлегува од Европскиот Суд за човекови права, бидејќи во Македонија отсуствува судска пракса во оваа област. Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека според нивното искуство етничката, политичката и сексуалната ориентација и родовиот идентитет се доминантните основи за појава на говорот на омраза. „Хелсиншкиот комитет редовно се обраќа до Јавното обвинителство, но резултатите се поразителни. Во 2016 година немало ниту една постапка, а во Основниот суд се води само еден случај, кој се уште нема разрешница...“, објаснува Брмбеска. Таа потенцираше дека се соочуваат со сериозни проблеми да закажат состаноци со Јавното обвинителство и изрази сомневање дека или не го препознаваат говорот на омраза или не ја препознаваат границата каде завршува слободата на изразување, а каде почнува говорот на омраза. Бранкица Петковиќ од Мировниот Институт од Љубљана, истакна дека и во Словенија законодавството е порестриктивно од самиот Устав, а Јавното обвинителство, исто така, не е многу проактивно, иако процесуира повеќе случаи отколку во Македонија. Сепак, таа посочи дека е потребно да се смени свеста, а граѓанското општество треба проактивно да демонстрира дека ниту еден напад нема да помине неказнет. „Меѓутоа мора да има симбиоза со медиумите. На говорот на омраза, треба да му се спротивставиме со повеќе говор дека тој е неприфатлив“, заклучи Петковиќ. Дебатата се организираше во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.  
Се чита за 1 мин.