Македонскиот институт за медиуми, во соработка со агенцијата М-Проспект, спроведе истражување за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19. Истражувањето беше спроведено телефонски, во периодот од 14 декември до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1003 испитаници.
Испитаниците беа прашани колку се согласуваат дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно. Според нивните одговори секој четврти испитаник (25%) целосно се согласува со оваа изјава, 39% донекаде се согласуваат, 21.8% донекaде не се согласуваат, а 13.6% вооопшто не се согласуваат. Кумулативно земено, процентот на оние кои сметаат дека се известувало професионално и непристрасно е 64.1% и е поголем од оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35.4%.
Анализата на одговори покажува дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста. Така, 19% од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22%-23%, додека над 65 години е повисок и изнесува 36% од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29.4% целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13.3% од испитаниците етнички Албанци.
Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми (28.8%) и телевизиските канали (26.8%). Речиси 19% од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8.7% во печатените медиуми, а околу 4% на радиото. 12% не забележале дезинформации и мисинформации. Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации.
Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент (84.5%) го посочиле Фејсбук, 7.6% Јутјуб, а 5.8% социјалната мрежа Твитер.
Погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што мнозинството испитаници (39.7%) го посочиле дека им пречи во начинот на новинарското известување. На 15.3% од прашаните им пречи пристрасноста на медиумите кон одредени политички центри на моќ, 13.5% имаат проблем со дискриминација кон одредени групи во општеството и говорот на омраза, 12% посочиле дека им пречи сензационализмот во известувањето, а 8.3% непочитувањето на приватноста. Притоа, 9.6% истакнале дека ништо не им пречи во новинарското известување.
Погледнато низ призма на етничка припадност резултатите се разликуваат кај етничките Македонци и Албанци – сензационализмот, дискриминацијата кон одредени општествени групи и непочитување на приватноста во известувањето се почесто посочувани од страна на етничките Албанци, додека на етничките Македонци повеќе им пречело давањето погрешни, непотврдени информации и дезинформации, како и пристрасноста кон политичките центри на моќ.
Како теми во врска со кои испитаниците забележале погрешни информации и дезинформации, во најголем процент (22.7%) бил посочен бројот на заболени од вирусот, потоа безбедноста на вакцината (13.7%), начините на лекување на вирусот (12.1%), потеклото на вирусот (11.3%), достапноста на тестовите (11.2%), религиозните одбележувања Рамазан Бајрам и Велигден (8.8%), како и парламентарните избори и пандемијата (4.7%) и почетокот на училиштната година за време на кризата (2.7%). 8.4% не забележале дезинформации и погрешни информации.
За тоа кој ги создава дезинформациите и мисинформациите, секој четврти испитаник смета дека тоа се политичките партии и елити (25.5%), повеќе од петтина (22.5%) мислат дека тоа се самите новинари и медиуми, 19.3% ги посочиле поединците на социјалните мрежи, а 12.7% ги издвоиле здравствените власти. Стручњаците од областа на медицината и меѓународните актери биле посочени од 3% од испитаниците.
Етничките Албанци многу повеќе од етничките Македонци сметаат дека самите здравствените власти ги предизвикуваат дезинформациите (26.2% наспроти 8%).
Две третини од испитаниците (69.6%) се задоволни од квалитетот на информирање од страна на институциите за време на пандемијата, односно 22% рекле дека се целосно задоволни, а 47.6% донекаде задоволни. Притоа, процентот на испитаници кои се задоволни од квалитетот на информациите кои доаѓаат од институциите во текот на пандемијата, е поголем кај етничките Македонци.
Одговорите на прашањето на кои извори на информации најмногу им веруваат во текот на пандемијата со ковид-19 ги посочува како најчест избор домашните ТВ-канали (50.5%), а речиси една четвртина (23.8%) најмногу веруваат на странските ТВ-канали. Процентот на оние кои им веруваат на информациите добиени преку пријателства на социјалните мрежи е 7.8%. На информациите објавени на порталите им верувале 5% од испитаниците, а на оние во печатоот – 4.1%. Сепак, овој податок треба да се земе во контекст на генералниот пад на читаноста на весниците, но и на се поголемата миграција, особено на помладите публики, онлајн. Довербата во домашните ТВ канали расте со возраста, особено над 50 години, додека пак, довербата во порталите и во информациите добиени преку пријателствата на социјалните мрежи е највисока кај возрасните групи од 18-49 години, а потоа почнува да опаѓа.
Оние кои одговориле кому најмногу му веруваат како на извор на информации, беа прашани и зашто им веруваат на наведените извори. Точното и навремено известување било причина за 41.3% од испитаниците, непристрасното известување за 30.5%, разновидното и сеопфатно известување за 20.2%, а известувањето без сензационализам било причина за доверба кај 5.8%.
Испитаниците одговараа и за тоа дали сметаат дека одредени маргинализирани општествени групи биле соодветно застапени во медиумското известување за време на пандемијата со ковид-19. Секој трет испитаник (37.6%) смета дека жените не биле доволно опфатени во известувањата, наспроти речиси 60% кои сметале дека биле соодветно застапени. Секој втор (48.7%) смета дека децата не биле доволно застапени. Поделено е и мислењето во однос на медиумската покриеност на Ромите (45.2% кои сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.5% кои мислат дека не биле опфатени). Секој втор испитаник смета дека ЛГБТИ заедницата не била доволно спомнувана. Слична е и дистрибуцијата на одговорите за лицата со попреченост – 45.2% сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.3% дека не биле оптфатени.
ДЕМОГРАФИЈА
20.2% од испитаниците се на возраст од 18 до 29 години, 18.7% од 30 до 39 години, 18% од 40 до 49 години, 21.4% од 50 до 64 години и 21.5% од испитаниците се на возраст над 65 години.
Од испитаниците 72% се Македонци, 23.2% се Албанци и 4.8% се изјасниле како друга националност.
3.2% од испитаниците се со незавршено основно образование, 15.2% со завршено основно образoвание, повеќе од половина испитаници (55.5% ) се со завршено средно образование, 5.6% завршено вишо образование, 18.9% завршено високо образование и 1.6% со завршено постдипломско образование.
16.5% од испитаниците се вработени во јавна институција, една четвртина од испитаниците (24.7%) се вработени во приватна институција, 1.2% во граѓанска организација, 5.0% самовработени, 3.3% земјоделци, 16.8% од испитаниците се невработени, 7.8% студенти, 4.2% ангажирани во домашни задачи и 20.5% од испитаниците се пензионери.
Речиси две петини од испитаниците (39.1%) живеат во село, 60.9% од испитаниците живеат во град.
Ова истражување е направено во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Наодите од истражувањето се одговорност на истражувачката агенција и на нарачателот и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
Новости
Заштита на авторските права во медиумската сфера е еден од клучните предизвици со кој се соочуваат новинарите, фоторепортерите и медиумските работници во земјава, особено по појавувањето на современи дигитални редакции. Законските можности за справување со плагијаторството и улогата на надлежните институции беше главна тема на дводневната работилница што ја организираа Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Македонија, со цел да се поттикне дебата на засегнатите страни и да се разменат позитивни искуства за прашањата поврзани со заштита на авторските права.
Во текот на првиот ден од работилницата, 40-на новинари, фоторепортери, медиумски работници, адвокати и претставници на Министерството за култура дискутираа за Законот за авторско право и други сродни права и имплементација на истиот во насока на заштита на правата на медиумските работници.
Во своето обраќање, министерката за култура, Ирена Стефоска истакна дека министерството работи на измени на Законот за авторско право и сродни права согласно европските стандарди и дека наскоро нацрт-текстот на Законот со вклучените измени ќе биде испратен на увид и мислење до сите заинтересирани страни пред да влезе во владина процедура.
Претседателот на Европскатамфедерација на новинари Могенс Бличер Бјерегрерд, информираше за напорите на Федерацијата во насока на подобрување на европската рамка поврзана со авторските права и правата на новинарите. Тој посочи дека заштитата на авторското право е важен предуслов за подобрување на економската положба на медиумските работници и дека тие имаат право на надоместок кога нивните авторски трудови се објавуваат во медиумите.
Дополнително, учесниците ги разгледаа правните специфики на Законот за авторски права во контекст на работата на медиумите, особено од перспектива на професионалните онлајн-медиуми кои трпат најмногу штета од „копи-пејст“ новинарството. Уредниците Горан Михајловски и Александар Дамовски, кои ги водат онлајн медиумите Сдк.мк и МКД.мк го наведоа проблемот со неовластено преземање содржини од нивните медиуми, при што беше истакнато дека во имало примери од случаи на судски постапки кога некои од судовите не ги признаваат интернет порталите како медиуми.
Неда Здравева, професорка на правниот факултет „Јустинијан Први“ посочи дека не сите медиумски производи се авторски дела. „Медиумските производи кои претставуваат обично пренесување на службени текстови од политичка, законодавна и судска природа, како и другите дневни вести кои имаат карактер на обични - медиумски информации, едноставни факти и податоци не може се сметаат за авторско дело“ – вели Здравева. Според неа, за да може медиумската информација да се смета за авторско дело неопходно е авторот т.е. новинарот да има свој интелектуален придонес во нејзиното креирање.
Концептот на колективно управување со авторското право и правната пракса во заштитата на авторското право на новинарите и медиумските работници беа во фокусот на вториот ден од работилниците. Учесниците го отворија прашањето за неовластено преземање авторски фотографии и колку саморегулацијата и медијацијата може да помогнат за надминување на проблемот со неовластено преземање аудиовизуелни содржини.
Арбнора Мехмети, фоторепортерка во новинската агенција Мета.мк, го истакна проблемот со преземањето на фотографии од страна на медиуми, но и политички партии, при што нагласи дека сите фотографии, дури и на интернет се создадени од некого, при што мора да се внимава на почитувањето на авторските права.
Адвокатката Наталија Миленкова истакна дека досегашната пракса покажала дека кај фотографиите многу полесно се докажува авторството, додека кај новинарските текстови е покомплицирано да се докаже кршењето на авторското право особено кога има драстично менување на оригиналниот текст.
Генералните заклучоци од дводневниот настан упатуваат на потребата од измени и дополнувања на законот за авторски права со цел дополнително препознавање на авторските новинарски трудови што би се зел предвид како важен аспект во идни судски постапки во кои новинарите би ги барале своите права. Според досегашната практика, трошоците за судски постапки пред граѓанските судови се скапи и тоа е една од причините зошто новинарите и фоторепортерите ретко се осмелуваат да тужат, што резултира и со многу скромна судска пракса. Високите административни трошоци во судска постапка, исто така можат да придонесат кон затворање на некои онлајн медиуми кај кои се утврдило дека неовластено објавувале фотографии без претходна согласност од авторите. Во македонското судство, без разлика дали станува збор за граѓанскиот или кривичниот суд, потребни се дополнителни обуки на судиите за овие теми, имајќи предвид дека има многу мала пракса за овие дела. Ова е посебно важно на долг рок, затоа што само преку правични пресуди кои се во согласност со праксата на ЕСЧП, медиумските работници ќе имаат поголема доверба во правосудниот систем.
Настанот се организираше во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс од Лондон, заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.
Со порака дека новинарите, снимателите, фоторепортерите треба отворено да говорат, но и да побараат помош за психолошките последици што ги трпат од доживеани стресни, кризни и трауматски искуства при нивното работење, се одржа дводневната работилница „Психолошка поддршка на новинарите во кризни ситуации”, организирана од Македонскиот институт за медуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).
Во отуство на институционална психолошка поддршка за медимските работници, препораката на Гевин Рис, директор и обучувач во Дарт Центар - Европа, експерт на ова поле, е дека претпоставените, а пред сè колегите во редакциите, треба да бидат тие кои ќе ја препознаат и ќе има ја дадат потребната помош на колегите да се справат со последиците од стресот и траумата. Начинот за тоа, вели Рис, е искрена грижа и внимателно слушање на колегите кога зборуваат за доживеаното, без осуда и забелешки.
Психологот д-р Ана Блажева пак посочи дека освен помошта од средината во која работат и живеат новинарите, тие треба да побараат и стручна помош доколку им се повторуваат симптомите на преживеана траума, што десега се покажало како многу успешно во надминување на последиците. Според д-р Блажева емоциите и нивното препознавање и прифаќање од страна на личноста кога ќе се најде во кризна ситуации, во овој случај медиумските работници, е клучот за полесно справување со последиците.
Во рамки на работилницата пет новинари и фоторепортер ги раскажаа личните искуства, но и последиците од доживеани кризи и трауми додека била на работна задача, како Војната во Косово, конфликтот во 2001, бегалската и мигрантската криза, соочување со зарази и епидемии како што се еболата и Ковид-19, но и известување за лични човечки судбини, социјално загрозени луѓе.
На работилницата се зборуваше и за психолошките последици од трпење закани и навреди кон новинарите, но и за она што на голем дела од новинарите денес им прави дополнителен стрес и траума - работењето од дома и работа во услови на пандемија. Досегашните истражувања покажале дека дури кај 70 проценит од новинарите пријавиле психолошки промени поврзани со тоа.
Инаку светската статистика покажува дека од 80 до 100 проценти од новинарите биле изложени на трауматско искуство поврзано со нивната работа, а дури 92 проценти доживеале четири трауматски искуства во текот на работниот век.
Работилницата се одржа во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.
Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доставување предлог-проекти чија цел е подобрување на капацитетите на граѓанските организации за заштита на медиумскиот плурализам и слободи во земјите од Западен Балкан.
Овој повик е дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, што се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, со поддршка од Европската Унија.
Повикот е отворен за граѓански организации во Р.С. Македонија кои делуваат во областа на медиумите, образованието, човековите права или родовата еднаквост. Пожелни се предлози за партнерски проекти, кои што апликантите би ги реализирале во партнерство со други граѓански организации.
Вкупниот буџет предвиден за овој повик изнесува 36.000 евра.
Бараниот грант треба да изнесува помеѓу 3.000 и 9.000 евра. Не е неопходно кофинансирање од страна на апликантот или партнерската организација.
Времетраењето на предложениот проект треба да биде од 9 до 18 месеци.
Предложените проектни активности задолжително треба да бидат фокусирани на помали градови, населени места и рурални области.
Процедурата за аплицирање се состои од два чекори:
1) Доставување, оценување и селекција на концепти за предлог-проекти;
2) Доставување, оценување и селекција на целосни предлог-проекти.
Рокот за доставување на концепти за предлог-проекти е 12.10.2020 до 23:59часот.
Апликациите треба да се поднесат по електронски пат на следнава адреса: grantovi@mim.org.mk
Сите прашања во врска со повикот треба да се испратат исклучиво преку е-пошта на: grantovi@mim.org.mk, најдоцна до 07.10.2020 година, до 17:00 часот.
Видеото од информативната сесија што се одржа на 22 септември 2020 може да го погледнете тука.
Прашања и одговори.
Упатството за апликантите е достапно тука.
Формуларите за аплицирање се достапни во продолжение:
Пријава – опис на проектот;
Изјава од апликантот;
Овластување од ко-апликантот.
Следните документи се од информативна природа и не треба да се поднесуваат како дел од апликацијата:
Нацрт-договор за грант;
Формулар за наративен извештај;
Формулар за финансиски извештај.
Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“ се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Упатство за апликантите149.46 KB
Опис на прокетот70.99 KB
Изјава од апликантот17.38 KB
Овластување на коапликантот17.01 KB
Девет организации за развој на медиумите во Западен Балкан и Турција ги здружија силите во рамките на проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, финансиран од Европската Унија.
Проектот (2020 – 2023) се фокусира на:
Зајакнување на капацитетите на медиумските организации преку вмрежување и регионална соработка, со цел да се унапреди разбирањето на моделите на дезинформации и пропаганда на омраза во медиумите и јавната комуникација во Западен Балкан и Турција;
Способноста на медиумите и граѓанското општество да ги разоткријат и да одговорат на лажните информации, особено на Интернет;
Развивање отпорност на граѓаните кон дезинформациите преку промовирање на заедничко решение кое ги вклучува медиумските професионалци и другите засегнати страни.
Проектот се имплементира во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија, Србија и Турција.
Тригодишниот проект го спроведува Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), во партнерство со: Албанскиот медиумски институт во Тирана, Фондација „Медиацентар“ во Сараево, Косово 2.0 во Приштина, Црногорскиот медиумски институт во Подгорица, Македонскиот институт за медиуми во Скопје, Новосадската школа за новинарство во Нови Сад, Мировниот институт во Љубљана и Бианет во Истанбул.
Новостите од проектните активности, резултатите и продуктите ќе бидат објавувани на веб-страниците и каналите на социјалните медиуми на партнерските организации, вклучувајќи ги и веб-страниците на СЕЕНПМ www.seenpm.org и www.cimusee.org.
Со што ќе се занимава проектот?
Истражувања и извештаи
Анализи на омраза на политичко-економска основа, модели на дезинформации и пропаганда во медиумите и јавните комуникации;
Анализи на наративите на омраза и дезинформации;
Истражување (базирано на испитување на јавното мислење) за довербата во медиумите и родовите прашања во медиумите.
Спротивставување на омразата, дезинформациите и пропагандата
Продукција на 6 ТВ-емисии инспирирани од наодите од истражувањата со цел да се подигне свеста на публиката за медиумските слободи и проблемите со слободата на изразување;
Работилница за креативните тимови од регионот кои ќе учат од експерти и колеги од ЕУ како да применат нови креативни решенија за наративите кои ќе се користат во националните кампањи;
Кампањи за спротивставување на дезинформациите преку социјалните мрежи во седумте земји;
Форум на уредници (насловен како „Уредници од доверба“) посветен на афирмирање на моќта на уредниците за враќање на довербата во медиумите и размена на искуства за развивање одржливи бизнис модели кои промовираат квалитетно и доверливо новинарство како начин за справување со дезинформациите;
Студиски посети во ЕУ земји за уредници од регионот;
Продукција на прекугранични стории преку користење конструктивен новинарски пристап.
Промовирање на медиумска и информациска писменост (МИП) во помали градови и рурални средини
Шема за доделување грантови за унапредување на капацитетите на граѓанските организации за вклучување во активности за промовирање на МИП во помали градови и рурални средини, кои можат да бидат особено ранливи на дезинформации и пропаганда.
Застапување
Подготовка на преглед на регулаторните и саморегуолаторните модели во земјите од регионот, како и избрани земји од ЕУ кои ќе служат како основа за активностите за застапување;
Национални активности за застапување и презентирање на наодите и идентификуваните добри практики пред засегнатите страни. Организирање јавни дебати во секоја од земјите кои ќе бидат поддржани од гости говорници од регионот или од земјите членки на ЕУ;
Заклучоците од јавните дебати и извештаите од анализите ќе бидат сумирани во специфични групи на препораки за секоја од земјите учеснички и ќе бидат дистрибуирани пошироко.
Следете ги активностите од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ на веб-страницата на МИМ и на социјалните мрежи – ФБ, Твитер и Инстаграм, како и на:
www.seenpm.org Facebook SEENPM //@SEENPM_org">Twitter SEENPM
www.cimusee.org Facebook CIMUSEE //@CIMU_SEE">Twitter CIMUSEE
За сите информации поврзани со проектот може да обратите на следната е-пошта: admin@seenpm.org
Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“ се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
По повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) упатува честитки до сите медиумски професионалци, кои и во вонредните услови предизвикани од кризата со Ковид-19 продолжија навремено да ги информираат граѓаните.
Пандемијата покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации, базирани на факти кои се обезбедени од кредибилни извори. Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност.
Од друга страна, кризата уште повеќе ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот.
За успешно справување со рапидното ширење лаги, манипулаци и говор на омраза, потребен е проактивен ангажман на сите општествени чинители, пред сè на властите и на државните институции, политичките партии, претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор, академската сфера и сите граѓани како корисници на медиумските услуги.
Во исто време, сите мерки и активности што (ќе) се преземаат мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и принципите на слободата на изразувањето како основно човеково право, независноста на медиумите, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на приватноста на граѓаните.
Скопје, 3 мај, 2020
Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот Владо Апостолов, ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019. Сторијата која што е објавена на интернет-страницата „Призма“ открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.
Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата, при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот.
Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав Закев ја освоија третата награда за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во период од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат бројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари.
Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).
МИМ по 19-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Годинава, поради ситуацијата со коронавирусот, традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи.
Деталниот извештај на комисијата и наградените стории се достапни во прилог.
Извештај на комисијата210.27 KB
Наградени стории134.82 KB
Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 19-ти пат го објавува конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината.
Конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2019 година. Новинарите, редакциите и медиумските здруженија, исто така, имаат можност да пријават и истражувачки стории кои биле објавени во други медиуми од нивни колеги-новинари, со нивна согласност.
Не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите кои еден новинар, редакција или медиумско здружение можат да ги пријават на конкурсот.
Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од:
- 30.000 денари за првонаградената сторија;
- 20.000 денари за второнаградената; и
- 10.000 денари за третонаградената сторија.
Конкурсот е отворен до 2 март 2020 година, а апликациите може да се испраќаат исклучиво по електронска пошта на: mim@mim.org.mk
За пријавување на конкурсот потребно е да се пополни краток формулар за аплицирање (прикачен во прилог) и да се испрати на наведената е-пошта. За секоја апликација, МИМ задолжително ќе испрати потврда за прием. Доколку некој од апликантите не добие потврда за прием на апликацијата, задолжително треба да се обрати во МИМ пред крајниот рок за аплицирање на конкурсот.
Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни овде.
МИМ ја доделува Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината во континуитет од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество.
Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на: 02/ 30 90 144; и mim@mim.org.mk
Конкурсот на албански јазик е достапен тука.
Формулар за аплицирање14.57 KB
Истакнати и почитувани новинари, уредници и медиумски експерти испраќаат пораки за улогата на новинарите и предизвиците со кои се соочуваат, за истражувачкото новинарство, транспарентноста и финансирањето на медиумите, улогата на јавните радиодифузни сервиси, со намера да ги потсетат граѓаните што претставува професионалното новинарство и како да го препознаат во морето информации што стигнуваат до нив.
Кампањата ја подготви и реализираше Македонскиот институт за медиуми, а ќе се емитува во текот на јануари и февруари 2020 година. Целта на кампањата е да ги поттикне граѓаните да инсистираат на професионално и етичко новинарство што му служи на јавниот интерес.
Оваа иницијатива е дел од регионалната кампања за зголемување на свеста за важноста на слободните и професионални медиуми и е дел од проектот „Медиуми за граѓаните - Граѓаните за медиумите“ што се спроведува во Албанија, БиХ, Црна Гора, Македонија и во Србија со финансиска поддршка од Европската Унија.