Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2021“

Се чита за 1 мин.

Новинарката Ирена Каревска ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2021“, за истражувањето на случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавено во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија.

Преку серијал од 10 прилози спакувани во модерен телевизиски продукт, авторката умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници. Притоа користи едноставен, разбирлив и оригинален израз, но и храброст, одлучност и упорност во намерата случајот да добие институционална разрешница, што претставува  важен критериум во оценувањето на квалитетот на сториите.

Пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија му беше доделена на новинарот Влатко Стојановски за серијалот текстови на тема „Офшор-компании“, објавени на интернет-платформата на СКУП Македонија.

Во рамки на серијалот од 3 истражувачки стории, авторот демонстрира темелно новинарско истражување низ кое многу умешно ги разработува, категоризира и анализира сите правни субјекти во чија сопственичка структура се јавуваат други фирми регистрирани во таканаречени офшор-зони, а открива и информации за лицата кои се поврзани со нив или стојат зад нив, за нивните дејства и активности.

Новинарката Катерина Топалова ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка“ објавена на интернет-платформата „Само прашај“.

Низ оваа куса, динамична и креативна новинарска приказна, авторката на оригинален начин успева на јавноста да ѝ го претстави и актуелизира проблемот со милионските суми кои државната компанија ЕСМ  редовно ги троши за изнајмување машини за ископување јаглен и јеловина. Иновативниот и креативниот пристап во оваа новинарска анализа и мини истражување на тема од висок јавен интерес се состои во тоа што е раскажана на “Green screen” со помош на графика и 3Д-анимација.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.

Фотографијата доловува момент од справувањето со огнената стихија во близина на скопското село Дељадровце, за време на пожарите што се случија минатата година. 

„Херојот“ на оваа слика, со кантичка вода, полугол се пробива низ чадот во обид да го изгасне огинот на пругата кај Дељадровце. Авторот Бансколиев преку оваа фотографија на најсликовит начин го претставува поединецот во борбата со огнената стихија, притоа демонстрирајќи креативност, висок естетски израз и чувство за композиција.

На годинешниот конкурс пристигнаа:

  • 29 стории обработени низ 88 текстови и видео-прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија;
  • 13 стории во категоријата Најиновативен новинарски производ;
  • 15 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.                                                                      

Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука.


pdfИзвештај од жири-комисијата796.01 KB