Активизам

Journ 1

2023 - (Без)надежна година за новинарството

Институтот Ројтерс за новинарски студии неодамна ги објави резултатите од своето глобално истражување на тема Новинарството, медиумите и технолошките трендови и предвидувања за 2023 година. Во истражувањето учествувале 303 лица на раководни позиции во медиуми, од 53 држави во светот. Кои се главните трендови што (ќе) ја карактеризираат новинската индустрија и каков е хоризонтот на можности?  Ова е, всушност, клучното прашање во центарот на годишниот извештај, чијшто автор е истражувачот Ник Њуман.  Изненадувачки, а можеби и не, е сознанието дека меѓу раководството на голем број медиуми на глобално ниво не постои голема надеж или оптимизам околу состојбите во индустријата. Резултатите упатуваат на тоа дека следува година на сè поголема загриженост околу одржливоста на медиумите во услови на неконтролирана инфлација и голем притисок врз потрошувачката во домаќинствата. Руската инвазија на Украина, сè подеструктивното влијание на глобалното затоплување и последиците од пандемијата на ковид, предизвикаа страв и неизвесност кај многу луѓе. Сè  почестото присуство на „мрачни“ и депресивни вести на медиумската агенда продолжи да ја оддалечува публиката. Дали ова ќе биде година кога издавачите ќе треба да ја преиспитаат својата понуда, со надеж дека ќе се справат со губењето на публиката? Технологија, социјални мрежи, виртуелни реалности – има ли простор за новинарството? Медиумите кои што сè уште не ја прифатиле дигитализацијата во целост ќе се најдат во сериозно неповолна положба. Очекувањата на публиката постојано се менуваат. Токму тоа е една од причините редакциите да размислуваат околу начинот на трансформација на дигиталните содржини за да одговорат соодветно на побарувачката. Фото: freepik.com Но, тоа нема да биде предизвик само за медиумите. Со притисок ќе се соочат и големите технолошки компании, и тоа не само поради економскиот пад. Фејсбук и Твитер веќе се борат за да ја задржат публиката, особено имајќи предвид дека помладите генерации веќе се селат кон нови мрежи, како што е ТикТок. Медиумскиот аналитичар Томас Баекдал смета дека медиумите сега многу повеќе треба да се фокусираат на своето функционирање во околности кога социјалните мрежи не се она што беа и сè повеќе се дистанцираат од новинарите. Но, има и еден позитивен аспект во тоа. Според Баекдал социјалните мрежи никогаш не ни донеле некоја вистинска корист за медиумите, со исклучок на поголемиот „сообраќај“, но по цена на ерозијата на лојалноста и намалување на квалитетот на содржините. Во меѓувреме, следниот бран на технички иновации веќе пристигна. Извонредниот напредок на вештачката интелигенција во 2022 година создаде непосредни можности и предизвици за новинарството. Како резултат на тоа издавачите имаат можност да „испорачуваат“ поголем обем на лични информации и да нудат повеќе формати, за да (си) помогнат во адресирањето на фрагментацијата на различните канали. Виртуелната реалност со себе, пак, донесе една нова форма на новинарство што го менува начинот на кој ги консумираме вестите. Таквото новинарството се покажа како особено корисно за покривање теми кои се премногу опасни за лично снимање или, пак, за да се обезбеди нова перспектива за некој настан. Но, и ваквите технологии со себе носат етички прашања. Освен тоа, новинарите неретко се загрижени дека публиката недоволно верува на она што го гледа. Во ера на големи ограничувања за информативната индустрија, според професорот по медиуми и комуникации на Лондонската школа за економија Чарли Бекет, тешко е да се најде време, вештини и ресурси за истражување и имплементација на решенија за вештачка интелигенција. Но, тие сè повеќе земаат замав и барем не мора да се почнува од нула. Сè повеќе редакции користат вештачка интелигенција за борба против лажните вести и говорот на омраза, но и за персонализирање на уредувачките услуги. И покрај релативната сложеност на пишувањето текстови или уредувањето видео и аудио-прилози, напредокот во управувањето со метаподатоците, како и во генерирањето текст и слики упатува на тоа дека алгоритмите стануваат покреативни, поточни и посигурни. Бекет смета дека 2023 година со себе носи огромни промени во обемот на „синтетичка“ медиумска продукција. Според неговите прогнози, поголемите медиуми значително ќе креираат содржини создадени од машини. Доцент доктор Роб Лејтон од Универзитетот Бонд во Австралија смета дека во 2023 камерите на ‘смарт’ телефоните ќе продолжат да ги надминуваат традиционалните камери преку различни иновации, а сè повеќе новинари ќе се потпираат на нив за видео - раскажување. Како да се „врати“ публиката? Според професорот Ортен Сковсгард од Универзитетот во Јужна Данска избегнувањето на вести е проблем за медиумите, но и за демократијата во целост. За него некои од можните решенија се конструктивните, аргументираните и транспарентните вести. Конструктивното новинарство се здоби со актуелност во последниве години. На пример, во Данска неколку медиуми воведоа т.н. конструктивни вести во одредени програми. Идејата зад таквите вести е да се адресираат не само проблемите и недостатоците, туку и решенијата и позитивните примери, кои можат да дадат поттик околу справувањето со проблемите во секојдневието. Некои медиуми, пак, почнуваат да го „компензираат“ растечкото незадоволство од вестите со кратки, објаснувачки содржини (на пример, видеа), формати од типот „прашање, одговор“ и инспиративни стории. За голем број издавачи иновативноста е во продукцијата на што повеќе подкасти и дигитално аудио, електронски билтени, итн. Фото: freepik.com Глобалните трендови покажуваат дека успешните медиуми нудат силна поврзаност и вклученост на публиката. Меѓу моделите за коишто се размислува се и оние според коишто новинарството треба да е во „служба“ на граѓаните, наместо редакциите да се тие што ќе одлучуваат во нивно име. Второ, вистинско да се запоознае публиката онаму каде што се наоѓа во моментот, односно на платформите каде што избира да ги добива своите вести. Трето, и можеби од критично значење, е медиумите да се фокусираат на широкиот спектар на различни публики, признавајќи ги историските недоследности во однос на недоволното ‘служење’ во интерес на сите заедници. Впрочем, медиумите, а не граѓаните, се тие коишто се одговорни да ги создадат таквите врски и да се појават пред публиката, претставувајќи ги нивните  приказни и искуства. На тој начин новинарските продукти „се освежуваат“ со размислувања на публиката, а така и се придобива нејзината лојалност. Ова е особено важно во контекст на локалното новинарство. Факт е дека локалните медиуми се најнарушениот медиумски сектор, на кој најитно му е потребна помош, но е и сектор со најголем потенцијал да ја формира основата за нов, посилен, медиумски екосистем. Дигиталната транзиција сè повеќе обезбедува солидни можности за градење одржливи медиуми кои подобро ќе им служат на локалните заедници. Со или без акцент врз технологијата, несомнена е потребата да се размислува за излез од кризата, која што не само што ги подели медиумите, туку и нивната публика. И, што е најважно, клучот за управување со трансформацијата е максимално зголемување на бројот на млади луѓе коишто ќе бидат „опремени“ со веродостојни извори на вести и информации. Голем број проекти и програми на глобално ниво покажаа што сè е потребно за да им се  помогне на луѓето, а особено на помладите генерации, за да се справат со „мочуриштето од дезинформации и манипулативни информации“. Целта е таквите напори да се зголемат, со што ќе се подготват генерации кои ќе размислуваат низ призма на факти, наука, основни истражувачки вештини и, пред сè, со фундаментален отпор кон тоа да бидат измамени. Автор: д-р Марина Тунева Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Woman Writing

Еден новинар еден сектор: Порано беше практика, денес луксуз

Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински. Зошто секторското новинарство денес воопшто или ретко се практикува? Прва работна недела во весникот „Дневник“, еден од сега веќе непостоечките дневни весници во земјава. Зад влезната врата што води до новинарскиот „океан“, залепен е голем лист хартија што не може, a да не го забележи секој што влегува во големата просторија. На него се напишани рубрики и институции, а до нив и низа имиња на новинари. Натали, Жана, Љубица, Игор… Пред секое име е напишано името на институцијата и броеви на телефони. Подоцна дознавме дека ова се имињата на новинарите што покриваат соодветни области какви што се правосудство, надворешна политика, здравство, одбрана и слично. Речиси сите поискусни новинари имаа свој сектор и своја институција за која беа задолжени. Не можеше кој било во редакцијата да напише што било за соодветните области без знаење, консултација и без „амин“ од овие новинари. Тие бие „институцијата“ во областа што ја покриваа. Ги следеа сите законски измени, беа во тек со кадровските промени во овие институции, имаа изградено мрежа на извори во овие институции од кои редовно се брифираа. Беа детално информирани за измените во буџетите, за стратегиските планови, планови за јавни набавки во соодветните институции и слично. Речиси секој ден имаше приказни и анализи од секој од овие сектори. Само за илустрација, кога станува збор, пак, за покривање на градската рубрика, имаше и новинари што следеа одредена општина – еден новинар беше задолжен за Центар, друг за Аеродром и така натаму. Дотаму се одеше со поделбата на секторите и на институциите, со цел потемелно да се известува за нив. Слично беше во редакциите што покриваат економија или политика, па дури и култура и спорт. Секој новинар имаше во рамките на секторот, свој потсектор. Новинарство без сектори Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински. Тие полесно се справуваа и со секој евентуален конфликт/реакција со одредена институција или личност од таа институција, која имаше нешто да искоментира за некој објавен текст. Практиката на секторско новинарство не беше случај само во печатените медиуми. Тоа се применуваше и во телевизиите и во радијата. Новинарите од ист сектор редовно комуницираа меѓу себе и редовно се гледаа на настани во истите институции притоа разменувајќи информации и искуства, а сѐ во функција на поголема информираност на јавноста преку подобри новинарски производи. Ваквата новинарска специјализација речиси исчезна низ годините. Кризата во медиумите создаде и криза во самата структура на работните организации. Голем дел од медиумите останаа со помалку вработени, имаат повеќе работа, а помалку време. За жал, во многу медиуми стана луксуз да се ангажираат новинари што се специјализирани за покривање одредена област. Она што, за жал, прво се случи беше кратење на секторите. Помалку новинари во редакциите, помалку сектори за покривање. Па, така, во многу редакции први беа елиминирани секторите како образование, култура, екологија, градска рубрика и слично. Не дека не се пишуваше/известуваше за нив, но тоа секако беше помалку застапено и со послаб квалитет. Некои поискусни новинари останаа доследни на своите сектори, но во најголем дел од медиумите полека, но сигурно исчезнуваа новинарите што ги покриваа овие и други специфични теми/области. Помладите генерации новинари, и да сакаат, тешко дека денес имаат можност и шанса за некаква специјализација во одредена област/сектор. Тоа подразбира и посета на тренинзи, обуки, семинари, работилници, во земјава и во странство. Повторно би рекол, луксуз за многу медиуми во денешно време. Во најголем број случаи, новинарите во денешно време пишуваат и известуваат за повеќе различни области во текот на еден ден. Скокањето од една тема на друга е најизразено во онлајн медиумите каде што и речиси не постои никаква поделба по сектори. Зошто специјализацијата и фокусот на еден сектор се важни? Новинарите што се специјализирани во одредена област вообичаено пофокусирано и поангажирано се посветуваат на покривање на секторот. Нивните новинарски производи вообичаено се далеку поиздржани и поаналитични отколку на новинарот што инцидентно ја покрива таа област. Тие новинари стануваат препознатливи и во рамките на самите институции како новинари што се задолжени за тој сектор. На тој начин многу полесно и побрзо доаѓаат до информации и до извори, а со тоа и до идеи за приказни. Истовремено, проверката на информациите за овие новинари е побрза за разлика од некој што не го покрива тој сектор. Логично е тие да се снајдат побрзо и поефикасно со тема што добро ја владеат отколку некој кому областа му е потполно непозната. Со цел да бидат во тек со настаните, секторските новинари редовно се брифираат и одржуваат контакти со изворите што ги имаат во соодветните институции. Тие релации не се градат преку ноќ, но може да се изгубат преку ноќ, ако не се внимава. Во време на пандемијата од ковид-19, новинарите чиј сектор е здравството многу побрзо и поефикасно доаѓаа до информации, до извори за одредени теми, до соговорници и слично. Истовремено, можноста ненамерно, од незнаење, да објават дезинформација поврзана со коронавирусот и вакцинацијата е далеку помала отколку кај новинарите што никогаш не известувале на тема здравство. Секторските новинари подобро ја разбираат и специфичната терминологија во областа што ја покриваат. Сите сме сведоци на изјавите на лекарите кога станува збор за објаснување на некоја повреда или нешто слично. За дел од тие изјави буквално ви треба преведувач за да ги разберете, но новинарите што покриваат здравство, добро се снаоѓаат дури и со оваа специфична терминологија. Слично е и со друга област – правосудство и полиција. Добро знаеме дека судиите, обвинителите, адвокатите, па и припадниците на полицијата имаат специфична терминологија, па ако некој не ја разбира, лесно може да направи грешка не правејќи разлика помеѓу кривична пријава, обвинителен акт или обвинителен предлог. Постојано учење За новинарите велат дека се универзални незнајковци, кои знаат за многу работи по нешто, а на крајот на шега се вели дека не знаат ништо. Многу често оние што се надвор од новинарската професија, им замеруваат на новинарите дека поставуваат глупави прашања не знаејќи дека во природата на новинарската работа е новинарите понекогаш да глумат дека не знаат нешто, со цел да ги постават и наједноставните прашања за да дојдат до конкретен одговор од институциите. Но, за да можат новинарите дури и на наједноставен начин да поставуваат суштински прашања, тие сепак мора добро да ја знаат проблематиката/темата/областа. Ова подразбира дека новинарите никогаш не треба да престанат да учат и постојано мора да посетуваат обуки и тренинзи, без разлика на искуството. За жал, поразително е што многумина сопственици, па и уредници, немаат разбирање за важноста на новинарската едукација и посетата на тренинзите/обуките. Сметаат дека тоа е „екскурзија“ за новинарите и бегање од работните обврски. Напротив, тоа е вложување не само во конкретниот новинар туку и во медиумот. Секторското новинарство и специјализацијата на новинарите се важни за секој медиум. Преку нив се обезбедуваат навремени, точни и аналитични текстови, се зголемува можноста за објавување ексклузивни и истражувачки приказни, а се намалува можноста од ненамерно дезинформирање на јавноста. Иако од денешна перспектива тоа изгледа како луксуз, сепак доколку секторското новинарство се практикува, тоа на крајот може да испадне како вредна инвестиција за секој медиум. Автор: Александар Манасиев Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Scenes Video

За медиумите!

Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа. Често ми се дава можност да одржувам обуки за улогата на медиумите и на новинарството пред различна публика, било да се тоа студенти, претставници на граѓанското општество, млади политичари или дури и самите активни политичари. Она што го забележав, а веројатно поврзано со образованието и со писменоста, е дека грижата за слободата на изразување не е целосно разбрана, па дури и улогата на медиумите често се толкува во контекст на актуелната политика, додека прашањето е од витално значење и оди подалеку од секојдневните ситуации. Она што отворено го кажувам пред оваа публика е дека ако не живеат луѓето на власт со вредностите што ги пренесува демократијата, но не само тие, каде што слободата на изразување е нејзината суштина, тогаш секаков вид проблем се појавува токму од недоразбирањето, недостаток на ценење, но особено неприменување на правилата на едно општеството за кое тврдиме дека живееме. Правото на слободно изразување, но во исто време и на правично информирање, е суштината и основата на едно демократско општество. Но, колку ова го разбираат различни претставници на општеството, а особено колку ова го разбираат политичарите? Ова прашање е еднакво суштинско бидејќи кога моќта е во нивни раце, разбирањето или неразбирањето на неколку едноставни реченици за слободата на изразување е она што ја прави разликата дали тие општества се слободни или не. Оваа парантеза ја направив затоа што во Северна Македонија се создава антагонизам меѓу новинарите, медиумските работници и медиумскиот менаџмент во однос на законот, кој на некој начин ќе мора да го врати јавното рекламирање во медиумите. Сакам да ја анализирам дискусијата за ова прашање од некои, можеби, други аспекти, бидејќи од она што се појавува во јавнoста , се чини дека станува збор за пари, за купување, за продажба и за страв. Но, оваа дебата на овој начин, мене како новинар ме навредува. Прво, не можеме да избегаме од „несреќата“ што медиумите, освен нивната улога, како што опишав погоре, и во чии вредности навистина верувам, се и бизниси. И овој елемент го комплицира целото прашање на слободата на изразување, јавниот интерес, доброто информирање. Но, ова е, била и ќе биде реалноста. Во овој конкретен однос ме навредува целата дебата, кога прашањето за финансиските средства веднаш се гледа како нешто валкано, проблематично и корумпирано. За тоа несомнено помага актуелната општа атмосфера каде што корупцијата е главниот збор, но повторно мислам дека дебатата не треба да се развива со овие постулати или од оваа гледна точка затоа што ни штети на сите. Суштината ја имаме со оние концепти за слободата и слободата на говор, каде што разбирањето на демократијата и живеењето со нејзините правила, не станаа дел од нас. Мојот страв е дека со или без пари во медиумите од јавните фондови, ако имаш власти, кои во својот разум не ја сфатил суштината на демократските вредности, влијанијата, купувањата, затворањата на медиумите, сепак ќе се случат. О, да, па нели бевме сведоци на таков мрачен период на нашата кревка демократија? Но, прашањето што не се поставува денес е зошто се случи ова? За мене одговорот е јасен, кога власта сака да влијае, купува, да ја згасне слободата на говорот, механизмите се само форма. Нашето искуство покажува дека тоа секако е направено со внесување средства во медиумите, но тоа е направено и со затварање на медиуми на арбитрарен начин. Но, дали завршуваше влијанието тука? Не. Исто така, тоа се правеше со повлекување на средства од некои медиуми, а особено со вклучување сопственици на медиуми во бизниси надвор од медиумите. Што сакам да кажам? Суштината на едно авторитарно, произволно, арогантно владеење, е во размислувањето што го имаат политиката и политичарите кон слободата, слободата на говорот и самата демократија. Фото: freepik.com Затоа сметам дека дебатата е неправедно претставена со антагонизам особено кај медиумските фактори, а треба да се гледа пошироко и од перспектива на можности. За крај на овој дел, доколку власта сака да влијае или да ги попречи медиумите во својата мисија, ќе го искористи својот арсенал што би ги надминал средствата од јавните кампањи. И оваа опасност постоела, постои и ќе постои секогаш. Но, дали ќе делуваме како новинари, со овој постојан страв? Да. Ова отсекогаш било предизвик. Работиме во време кога особено поради социјалните мрежи професионалното новинарството е на стаклени нозе. Паралелно со оваа атмосфера, кога самите новинари зборуваат за корупција меѓу себе, отвораат сомнеж и уште повеќе го уништуваат тој разнишан кредибилитет. Она на што сакам да привлечам внимание е токму овој момент, дека не може да се запре будноста на новинарите против желбата и апетитот за влијание од страна на властите. Во последните дебати, надвор од позициите за и против воведување јавни средства во медиумите, третирањето на прашањето со непријателство меѓу новинарите, меѓу новинарите и раководството, само му штети на имиџот на професијата. Затоа, мојот апел е дека дискусиите требаше и треба да бидат посеопфатни. Овде, без дискусија, самите ние сме тие што треба да се погрижиме за такво нешто, но исто така тоа требаше и треба да го прави самата политика. Измена на законот што ги „плаши“ новинарите не може да се случи без поширока расправа. Се согласувам со колегите што изразуваат претпазливост. Сè уште на сцената имаме политички протагонисти што во голема мера го злоупотребија своето влијание врз медиумите. Мислам дека лекциите не се научени. Но, стравот од сиромаштија е исто толку легитимен. Дали не е полесно да се влијае врз сиромашен медиум, сиромашни новинари? Помеѓу менаџментите што сакаат повеќе средства, и моќниците што сакаат поголемо влијание, сме ние новинарите. И тука, во отворени дискусии, треба да се додадат и притисоците за искоренување на политичките влијанија, кои главно имаат врска со менталитетот на политичката класа. Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа. Ако доминантниот наратив е дека медиумите како бизнис сами по себе се нешто лошо, тогаш ние сме исто толку корумпирани од приватни лица. Или, пак, злонамерна влада, која преку истурање пари, преку приватни субјекти, исто така може да ги купи медиумите. Од друга страна, не треба ли тогаш да има баланс за јавниот интерес? Ако одиме со логиката дека тој што ги дава парите го диктира и мислењето, каде е јавниот интерес, да се истражат приватниците што даваат средства за медиумите? Зарем јавните фондови не би донеле таква можност? Некоја сигурност можеби е фактот дека ако ги повлечат тие средства, приватните ентитети, има други, јавни средства, што можат да обезбедат континуитет на медиумите. Според моето искуство како новинар, но и вашето искуство, сме виделе сè. Дури и повлекување и неисплаќање средства од приватни компании и нераспределба на средства и напади од властите. Мора да го уништиме овој менталитет. Нема да се осмелам да давам рецепти за тоа што треба да се направи, бидејќи мојот предлог е дека само преку сеопфатна дискусија со сите фактори ќе треба да излезат идеи за во сите случаи, сите да се уверат дека крајните корисници треба да бидат новинарите и нивната слобода. Молкот и одбивањето, додека сме во процес на законски измени, може да бидат поштетни. Доколку јавните средства влезат во медиумите, што изгледа веројатно дека ќе се случи, тие првенствено треба да бидат во корист на новинарството, иновативните медиумски производи и благосостојбата на бранителите на слободата на говорот. Ова мора да се постигне. Да не заборавиме дека битката со властите ќе продолжи и не гледам ништо лошо во изразот „лош печат е подобро од немањето печат“ да го претвориме во менталитет дека „добриот печат е подобар од лошиот печат“. Ова треба да биде мотивот, во сите дискусии, каде што можностите за развој треба да се примарни. Предлозите меѓу новинарите и медиумските работници дека сè што доаѓа и се појавува може да биде корупција е штетна, и на ова најмногу се осврнувам. Не, пријатели, и во најтемните денови заедно реагиравме за тој период кога беше нарушена слободата на медиумите. Мора да си ветиме дека доколку вакво нешто се повтори, ќе бидеме уште погласни за да не дозволиме такво влијание во сите случаи. Внимателноста мора да биде постојана за да се објасни дека немањето слобода на медиумите е на штета на сите, особено на луѓето, кои мора да ги научиме да бидат промедиумски настроени. Само овој менталитет нè спасува, без разлика од каде доаѓаат финансиските средства! Автор: Назим Рашиди Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Journalists

Како и зошто исчезнуваат локалните приказни во медиумите

„Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која често се занемарува и заслужува повеќе внимание. Локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците“, вели Расмус Клајс Нилсен, професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд Македонскиот медиумски простор има хроничен недостиг од локални приказни. Повеќе од 90 отсто од новинарските приказни во безмалку сите поголеми национални медиуми, со ретки исклучоци, се фокусирани на главниот град и голем дел од нив се однесуваат само на теми како политика и економија. Пред две или три децении, да не зборуваме претходно, во весниците како „Вечер“ или „Нова Македонија“ секојдневно имаше локални приказни од сите делови на земјата. Имаше проблемски текстови, но и човечки приказни, со фокус на судбината на некоја конкретна личност, било да е негов/нејзин успех или нечија трагедија. Таа практика ја продолжија приватните печатени медиуми како „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“, но и приватните национални телевизии. Секојдневно можеше да се чуе гласот на луѓето од различни делови од земјата, нивните маки, проблеми, успеси и предизвици.  Но, низ годините, полека, но сигурно, локалните и регионалните приказни станаа вид во изумирање во најголем дел од националните медиуми. Пред повеќе од десет години, кризата во печатените медиуми на свој грб први ја осетија дописниците во поголемите дневни весници. Од околу десетина дописници колку што имаа поголемите весници, поголем дел од печатените медиуми уште тогаш останаа со еден до двајца локални новинари, најчесто од поголемите градови. Оние, пак, што останаа да работат како дописници, се соочија со сериозни кратења на нивните хонорари. Тоа значеше уште еден тежок удар за локалното и за регионално новинарство. Без дописници, нормално дека е потешко да се дојде до добра локална приказна. Тоа е факт. Кој подобро ги знае состојбите во регионот отколку тој што живее во тој регион, секојдневно пие кафе со локалното население, одблиску  ја слуша заедницата добивајќи суштински информации за нивните потреби и проблеми.  Она што се случи во печатените медиуми, речиси на идентичен начин се „преслика“ и меѓу телевизиските куќи. Голем дел од дописниците што известуваа за некоја од националните телевизии останаа со помали хонорари или без работа. Со ова полека исчезнаа и локалните приказни од националните телевизиски куќи. Добар дел од онлајн медиумите што функционираат на национално ниво односно покриваат теми за генералната публика речиси од почеток немаа ниту еден дописник, а ангажирањето на некој дописник да напише локална приказна во денешно време, за голем дел од овие медиуми, е повеќе инцидент отколку практика. Заклучокот е дека локалните и регионалните приказни значајно се намалија во понудата на содржина на националните медиуми. Овие приказни, за жал, останаа на понудата само во медиуми од локален карактер. Тоа значително ја ограничува нивната публика иако дел од овие приказни заслужуваат внимание на национално ниво. Без дописници, тешко до локални приказни Новинарите ги пишуваат приказните. Без локални новинари во поголемите медиуми, нормално е дека ќе недостасуваат и локални и регионални приказни. Кога се намалуваат трошоците, неретко надворешните соработници први страдаат. Но, размислувањето дека нема потреба од дописник бидејќи сме мала држава во која секаде може да се стигне за час или два и да се покрие некоја приказна од поголема важност, на долг рок може да биде погубно за медиумите. Со постепеното исчезнување на локалните приказни од поголемите национални медиуми, полека исчезнаа или исчезнуваат приказните во чиј фокус е обичниот човек и неговите секојдневни проблеми. Со ова, исчезнува и разновидноста во содржината и исчезнуваат различните гласови во медиумите. Нужно е да се нагласи дека локалните приказни се важни не само за оној што живее во тој регион, туку и за целата публика. Замислете само да сте локален жител во некој регион во кој вообичаено се гледа некоја од националните телевизии во земјава и секој ден следите вести. Во овој период од годината вие секојдневно ќе гледате/слушате за проблемот со парното греење на скопјани. Не велам дека тоа не е важен проблем и дека нема јавен интерес за ова. Постои јавен интерес со самото тоа што постои и конфликт меѓу институциите и секако е вредна новинарска приказна за следење и голем број луѓе се засегнати. Сепак, ако се погледне пошироката слика и ако гледате низ призмата на локален гледач, во недостиг на локални приказни што третираат ист или сличен проблем, тогаш секојдневното слушање „дали скопјани ќе се разбудат со ладни радијатори“ може да ве направи да се почувствувате како граѓанин од втор ред. И ова најчесто се случува секојдневно бидејќи во реалноста е така бидејќи инцидентно е покривањето локални приказни. Факт е дека проблемите на жителите на Скопје полесно стигаат на агендата на медиумите, а многу, можеби поважни локални приказни, ја немаат оваа можност од многу објективни и субјективни причини. Неретко можеме да видиме дека дел од приказните што ги прават дописниците за некој од националните медиуми се чуваат за викендите кога има помалку репортери во поголемите редакции, па да се пополни просторот со нив. Што би се рекло, се пушта некоја локална приказна „ради реда“, а не затоа што некој смета дека е вредна да се објави.  Тоа размислување дополнително ја намалува вредноста на локалните и на регионалните приказни и импактот што овие приказни може да го имаат. А, има безброј примери што го потврдуваат ова. Не мора да е пример во кој има криминал и корупција туку може да е пример на локален херој што станал национален херој. Таква е приказната на Марко Пејчиноски, детето што го преплива Охридско Езеро. Оваа приказна ја следи Ohrid News од самиот почеток. Ваквите приказни во многу западни медиуми би биле на почетокот, а не на маргините на телевизиските вести. Зошто е важно локалното новинарство? Локалните и регионалните приказни се важни од повеќе аспекти. Прво, не е точно дека публиката за локалните приказни се само луѓето што живеат во тој регион. Добрата локална приказна со фокус на проблемите на луѓето, лесно ќе ја најде својата публика и во некој од националните медиуми. Локалните новинарски приказни може да откријат злоупотреби на моќ на локално ниво, но чии корени се на централно ниво. Кога започна пандемијата со ковид-19, го имавме истиот проблем. Во недостиг на локални приказни во поголемите национални медиуми, приказните што ги слушавме во најголем дел од медиумите беа поврзани со јавното здравство во метрополата иако сликата за тоа како се развива и негува јавното здравство во земјава е уште пострашна на локално ниво. Во текот на зимата еден од главните проблеми е загадувањето на воздухот. Речиси секојдневно е топ тема на националните медиуми. Како и во претходните случаи, фокусот е ставен на Скопје, неславно именуван како еден од најзагадените градови во светот. Проблем секако постои и тоа е релевантна тема, но што е со загадувањето во Тетово, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Кочани, Струмица? Колкупати националните медиуми направиле приказна за проблемот со загадувањето во овие или во други градови во земјава? Инцидентно или редовно? Многу населени места во земјава речиси и да не се присутни во поголемите медиуми, освен ако се случи некоја трагедија. На локално ниво секогаш има проблеми од аспект на екологија, урбанизам, работнички права, егзистенција… Еден типичен пример е проблемот со загадувањето во Куманово за коj Kumanovo News известуваше детално на локално и на регионално ниво, но овој проблем не успеа да се најде на агендата на поголемите национални медиуми. Забораваме дека оние места што не се во фокусот на јавноста и каде што не се присутни медиумските камери, микрофони и светла, потенцијално се места каде што полесно цвета криминалот, места каде што може непречено да се прават многу прекршувања на закони, да се прават еколошки злосторства, да се прекршуваат човековите права без поголем страв од некаква санкција... Тука е важна работата на локалните репортери, но без поддршката од поголемите медиуми што носат поголема гледаност, таа борба е тешка и неретко залудна. Локалното новинарство се зема здраво за готово „Повеќе од еден век, го земавме локалното новинарство здраво за готово. Повеќе не можеме. Индустријата на печатени медиуми која обезбедуваше најмногу локално известување е во опаѓање и сè уште не е јасно дали дигиталните медиуми ќе одржат нови форми на локално новинарство“, напиша Расмус Клајс Нилсен, директор на Институтот Ројтерс за проучување на новинарството и професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд, во својата книга од 2015 година „Локално новинарство – пад на весниците и подемот на дигиталните медиуми“. Клајс Нилсен вели: „Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која е интелектуално интересна, често се занемарува и заслужува повеќе внимание“. Тој вели дека локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити барем донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците. Клајс Нилсен прави важен пресек на локалното новинарство со една перфектна дефиниција:  „Локалното новинарство може да биде често страшно, а сепак и ужасно важно. Локалното новинарство не секогаш добро ги игра своите улоги, но улогите што ги игра се важни“. Она што можат и треба да го направат националните медиуми е да остварат соработка со локални и со регионални медиуми за размена на содржина, да ангажираат повеќе локални новинари, сниматели и фотографи да креираат содржина од локален карактер, но која потенцијално има поширок импакт и поширока публика. Автор: Александар Манасиев Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Newspapers Table1

Кризите го сменија новинарството – расте недовербата во медиумите

Консолидацијата на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија. Кризите од секој вид, од пандемиската преку украинската до енергетската, инфлаторната и социјалната, веќе станаа секојдневие. Нема кој не е погоден. Граѓанинот, семејствата, бизнисот, економијата, здравството и образованието, па сè до културата, спортот и забавата. Нема ниту област ниту сектор што не се зафатени со нарушено функционирање. Од пандемијата со КОВИД-19, која сè уште е актуелна, пa наваму, до руската инвазија во Украина, светот, континентов и секоја од државите поединечно, се во состојба на нерамнотежа, на постојани стресни ескалации на вонредни состојби. Кризата ги допре и новинарите, уредниците и сопствениците Како и секого и сè, под кризни удари катадневно се и медиумите, редакциите, новинарите, уредниците, сопствениците. Едноставно, како и сè, така и веста станува сè „поскапа“. Но, очигледно и редакциите и новинарите стануваат сè поинертни, понеангажирани, а со тоа и „поскапи“. Каква е глобалната македонска медиумска слика денес? Токму во актуелниве кризни услови, новинарскиот производ наместо да се одликува со информативно-истражувачка енергија, сè повеќе како да наликува на дневнополитички билтен. Камерите и микрофоните, главно, информациите ги „снабдуваат“ од соопштенија, прес-конференции, наменски изјави на државните и на општинските функционери. Македонското новинарство како да губи здив, како да останува без прашања. Дневноинформативните содржини во медиумите како да се пресликани со старо индиго или со современи скен-техники. „Копи пејст“ новинарството зазема загрижувачки размери. Но, ако е за некаква утеха, ваквата актуелна медиумска состојба не е автентична само кај нас. Повеќе меѓународни истражувања упатуваат на тоа дека севкупната криза силно негативно се одразува и врз работењето на медиумите и врз ентузијазмот на новинарите. Па, колку полошо може да стане? Колку ќе имаме пристап до квалитетни и неспорни информации во оваа огромна пустелија на лаги, пропаганда и дезинформации? Колку кризите ќе го истуркаат новинарството кон амбисот? Две години по пандемијата со коронавирусот, а и како последица на глобалната криза по воената инвазија на Русија врз Украина во февруари годинава, се чини дека публиката ширум светот се презасити од вестите. Констатацијата ја потврдува и истражувањето на престижниот Ројтерс. Резултатите од анкетата покажуваат дека голем дел од луѓето ги избегнуваат вестите затоа што ги доживуваат како фрустрирачки и депресивни. Наспроти таканаречените реални вести, сè поголем дел од медиумската публика се свртува кон таканаречените забавни медиумски содржини, што го наметнува прашањето дали новинарството забрзано навлегува во фаза во која се претвора во платформа за неточности и тривијалности. Паушално новинарство Ваквиот информативен тренд води кон запоставување, игнорирање прашања од елементарно и суштинско егзистенцијално значење. Упатува на состојба што отсликува дека актуелното новинарство, кое токму во услови на криза треба, може и мора да биде онаа двигателна општествена сфера што ќе обединува, поттикнува, иницира и која ќе создава јавно мислење за санирање на последиците, како да го напушта сопствениот терен и својата општествена обединувачка и мобилизаторска улога. Актуелното новинарство токму во услови на кризи треба да одговори на неколку клучни прашања важни за професијата: Колку е будно новинарството, колку тоа замижува пред многу појави, па така и кон предрасудите, дискриминација и поларизацијата, и колку сега е практично рамнодушно во однос на кризните напливи во сите сфери од животот? И досега имавме доволно кризи за да си го поставиме прашањето дали медиумите научија нешто околу справувањето со нив. Се разбира, во новинарска смисла на зборот и во однос на практиката на информирање. Но, и дали сите ние како граѓани и медиумски консументи придонесуваме да се заштити слободата на изразување, плурализмот, но да се помогнат и редакциите и да се заштитат и новинарите во нивните катадневни професионални ангажирања. На светско ниво вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро Не само кај нас, туку воопшто и на светско ниво, сè поинтензивниот процес на недоверба во медиумите е отсликан во уште едно истражување. Агенцијата Ројтерс, овој пат во соработка со Универзитетот во Оксфорд, неодамна го објави Извештајот за дигиталните вести од 2022 година. Во него се документирани последните трендови во глобалната новинска индустрија. Генералната слика е дека растечката недоверба во традиционалните медиуми значително го менува пазарот, а вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро. Истражувањето покажува дека голем дел редакции стигнаа дотаму што стануваат речиси непрепознатливи. И самите новинари се обидуваат да се справат со исцрпеноста од немилосрдниот наплив на вести, напади од политичарите, вознемирување на социјалните мрежи и што ли уште не. Многу нешта се променија, констатира евалуацијата на истражувањето. Се чини дека нужноста од внимателна консолидација на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи на темава упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија. Притоа, останува клучниот предизвик да се најдат начини и за повторно активно и креативно вклучување на публиката, за нејзино оттргнување од летаргијата, од пасивноста, предизвикани токму и од општата глобална криза. Публиката сè повеќе сака новинарство што нуди решенија Потребни се медиуми што ќе го олеснат учеството на граѓаните во дискусиите за долгорочни промени, а со цел да се зголеми отпорноста на општеството кон сегашните и идните кризи. Од нив се очекува да одиграат клучна улога како мост меѓу носителите на одлуки и јавноста, а и да ја преземат својата едукативна улога, анализирајќи и објаснувајќи ги обврските околу справувањето со кризите и однесувањето на граѓаните. Ваквата улога на медиумите е клучна во секое време, но е уште поважна за време на криза, кога е потребна дискусија за вистинските мерки и за надминување на причините и негативните ефекти од кризата. Во услови на кризи невообичаено е голема потребата од ориентација и токму тука лежи клучната улога на квалитетното новинарство. Новинарство што во многу поголема мера ќе се потпира на научната експертиза, особено имајќи предвид дека заканите од информациско нарушување се огромни, а потребата да се спречат сè поитна. Во таа насока е и ланската резолуција на Комитетот за култура, наука, образование и медиуми при Парламентарното собрание на Советот на Европа, која нагласува дека медиумите би можеле да играат клучна улога во олеснувањето на дијалогот и на мултикултурното разбирање, како и во спречувањето или минимизирањето на угнетеноста и на конфликтите. Кризите и поларизацијата ќе продолжат да се случуваат и во иднина, а нивното влијание врз јавните дебати ќе бара сеопфатен медиумски пристап за ефикасно информирање и ангажирање на јавноста. Тука не смее да се заборави и улогата на јавниот сервис како значаен фактор за социјална кохезија и интеграција на сите поединци и како широка платформа за плуралистичка јавна дебата. Според овој европски документ, мерките за подобрување на улогата на медиумите за време на кризи треба да ги вклучат институциите, експертите и граѓанското општество, со цел да се подобри транспарентноста и достапноста до информации, а и да се зајакне довербата кај граѓаните. Одржувањето еластичен и приспособлив медиумски систем е најдобриот начин за соочување со кризите, а сè повеќе напори треба да се вложуваат кон креирање долгорочни политики што започнуваат уште пред да започне кризата. Публиката не е само консумент на информации, таа е битен чинител во креирањето на доминантните јавни нарации Секако, од клучно значење е и поддршката на критичкото истражувачко новинарство, кое ќе продолжи да ги открива неправедните и погрешни постапки на власта и на бизнисот, корупцијата и злоупотребата на моќта. Комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа укажува и на потребата од поддршка на проекти за медиуми во заедницата, со цел тие посуштински да ги вклучат граѓаните во јавните дебати пред и за време на криза. https://reutersinstitute.politics.ox.ac.uk/changing-newsrooms Во таквиот медиумски систем публиката би се третирала не само како консумент на информации, туку и како битен чинител во креирањето на главните наративи, а и решенија за излез од кризата. И во минатогодишниот Извештај на Ројтерс за променливите редакции се упатува на потребата редакциите да продолжат со плановите за редизајнирање на својот простор и политики на работа, со цел забрзано да се приспособат на промените. Оттука, следејќи ги овие сознанија и глобални трендовски насоки, кризите се и можност и нашите редакции да ја покажат својата важна улога во заедницата. Секако, останува и главното прашање – дали новинарството ќе успее да ја врати довербата на јавноста и повторно да ги придобие оние што денес, посебно во услови на сеопшта, домашна, но и на глобална криза, ги избегнуваат вестите како начин на информирање.   Автор: д-р Марина Тунева Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Mediumska Pismenost2 690x460

Средношколците сакаат практични примери, а не сувопарни предавања на тема медиумска писменост

Во гимназиското образование програмите се од пред две децении, така што отсуствува темата медиумска писменост. Присутноста на содржини за медиумска писменост и нејзино интегрирано изучување во средното образование ќе се заокружи со предвидените реформи во гимназиското образование, велат од Бирото за развој на образованието. Колку повеќе знаеме за медиумската писменост толку побалансиран поглед на светот ќе имаме околу нас. Така ќе се зголеми и нашата способност за информирани дискусии по прашања за кои сме страстни, ќе можеме да формираме реален поглед на различни делови од општеството и, на крај, тоа знаење да го имплементираме во начинот на изразување. Во училиштата како дел од стандардното образование изоставен е овој клучен дел за развојот на една личност или го има многу малку. По секако, постојат и други начини преку кои можеме да се поврземе со тоа што го сакаме – вели Ева Јакимовска, ученичка во трета година во скопска гимназија. Оставени ли се младите самите да разликуваат што е точна а што лажна вест, кој медиум да го следат, кому да веруваат, да толкуваат пораки што ги испраќаат медиумите, особено ако се има предвид дека речиси две децении нема никакви измени во наставната програма и медиумската писменост само провејува низ програмите на одредени предмети. ЧИТАЈ, ПРОВЕРИ, ЧЕКАЈ Средношколката вели дека на младите им е потребна помош кога станува збор за ,,детектирање" на лажните вести. Сепак, можеме и самите да се информираме и да обрнуваме внимание на информациите кои стигаат до нас. Останува до нас да ја подобриме нашата критичка писменост и да се охрабриме самите да ја провериме информацијата. Знам дека постојат курсеви, друштва и невладини организации чија цел е подучување во областа на медиумската писменост. За сè има прв пат. Се случува да паднеме под влијание на ваквите вести чија цел е токму да се предизвика некој хаос. Потоа, останува само на нас да ја усовршуваме личната медиумска писменост – вели таа. Јакимовска се води според три чекори кога треба да процени дали што го чита е точно или не. Читај - Секогаш прво и најкарактеристичното нешто за една статија што ни паѓа в очи е самиот наслов. За жал, често се случува тој да нè насочува погрешно, па потребно е детаљно и со внимание да го прочитаме зададениот материјал. Провери - Кога станува збор за одредена вест, најдобро е да се провери од кого е напишана, дали страницата или медиумот се доволно релевантни и најважно изворот од кој потекнува таквата информација. Чекај - На крај можеме да почекаме неколку дена за да видиме како и останатите се чувствуваат и размислуваат по таа вест. Професорката по Македонски јазик и литература Љупка Боцевска предава во гимназијата „Орце Николов“ од 2010 година, а две години пред тоа во средното економско и правно училиште „Арсениј Јовков“. Во нецели 12 години, колку што предава во скопската гимназија, го предвала и изборниот предмет Говорење и пишување, во рамките на кој имале поголема слобода да реализираат поинтересни и покреативни содржини. Многупати сме анализирале реклама, која исто така е дел од медиумската писменост, сме зборувале за тоа колку е добра за да го продаде производот, сме учеле како да препознаат лажна вест или кој наслов ќе го привлече вниманието на читателите и колку насловите одговараат на содржината на информацијата. И на часовите по македонски јазик сме издвојувале часови да зборуваме за лажните вести, како учениците да препознаат спинови во медиумите, сме го разгледувале и јазикот на новинарите – вели Боцевска. УЧЕНИЦИТЕ САКААТ ПРАКТИЧНИ ПРИМЕР, А НЕ СУВОПАРНИ ПРЕДАВАЊА Во последните години невладините организации имаат голем удел за подобрување на знаењето за оваа тема кај младите. Учениците сакаат да се дел од работилници со практична работа и примери, многу повеќе отколку да следат сувопарни предавања и презентации, смета професорката. Љупка Боцевска- Во рамките на еден проект од областа на медиумската писменост, имавме една игра „Спинокио“ и на неа одлично реагираа учениците, бидејќи низ игра учеа за лажни и вистинити вести. Играта потсетуваше на друштвените игри во стилот на „Монопол“, собираа карти со вести, а потоа требаше да ги поделат вестите на лажни и вистинити и секоја точно распределена вест се бодуваше со два поена. Најдобриот ученик од училишниот натпревар зеде учество на националниот натпревар и таму освои повторно прво место. Многу е важно во вакви работилници да бидат опфатени сите ученици, а не само неколку избрани, бидејќи темите се интересни и суштински важни. Истото важи и за наставниот кадар. Не треба обуките да бидат достапни само за одреден број наставници, туку вакви важни теми треба да бидат достапни за сите – вели професорката по македонски јазик. Боцевска се надева дека со новите наставни програми, освен медиумската писменост ќе бидат вклучени и други поинтересни содржини прилагодени на учениците од 21 век. Би било добро да се вметнат содржини кои учениците сакаат да ги читаат, па преку нив да се гради критичкото и креативното мислење, да се прават практични граматички вежби, да препознаваат јазички, синтаксички, лексички грешки, да учат да  препознаваат лажни вести, да умеат да креираат вести и сл. Мене ме радува кај овие генерации што полесно од возрасните се прилагодуваат на промените, прифаќаат позитивна критика и самите почнуваат да ја применуваат на часовите, но и во секојдневниот живот – завршува Боцевска. ПРОГРАМИТЕ ВО ГИМНАЗИСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ОД ПРЕД ДВЕ ДЕЦЕНИИ Во гимназиското образование програмите се од пред две децении, така што отсуствува темата медиумска писменост. Присутноста на содржини за медиумска писменост и нејзино интегрирано изучување во средното образование ќе се заокружи со предвидените реформи во гимназиското образование, на ист начин како што е предвидено со Концепцијата за основно образование (2020) и новите наставни програми за сите наставни предмети во деветгодишното основно образование, посочува Бирото за развој на образованието. Оттаму велат дека практичната примена на медиумската писменост е и треба да биде низ сите предмети во согласност со сите медиумски, технички и дигитални промени. Во чeтиригодишното средно стручно образование каде наставата се реализира со наставни програми, модуларно дизајнирани, базирани на резултати од учењето изработени во 2018 година, има содржини, резултати од учење и стандарди за оценување од областа на медиумската писменост во следните наставни предмети: македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература, македонски јазик за учениците од другите заедници, англиски јазик, германски јазик (втор странски јазик таму каде што се изучува т.е. образовен профил/квалификација), француски јазик (втор странски јазик таму каде што се изучува т.е образовен профил/квалификација), руски јазик(втор странски јазик таму каде што се изучува т.е. образовен профил/квалификација), граѓанско образование, социологија (таму каде што се изучува) – велат од Бирото. Медиумската писменост вообичаено е дел од програмите по предметот Македонски јазик. Во средното стручно образование има тема медиумска писменост во II, III, IV година во предметот Македонски јазик и литература, односно и во предметите Албански јазик и литература и Турски јазик и литература. Имплементацијата на оваа тема во средното стручно образование беше сосем природна имајќи го предвид растежот на медиумскиот простор и прогресијата на дигиталноста. Бројот на часови не е прецизиран од причина што се остава простор наставникот сам да процени за истото при реализацијата на тие наставни содржини. Стекнувањето на знаењата и вештините од медиумска писменост е преку интегриран пристап. Така, и при изучувањето на другите наставни предмети, учениците сткнуваат вештини од медиумската писменост. Пример, во истражувачката работа за некој училишен проект или задача, ученикот треба точно да знае кој извор е релевантен за неговите информации, да знае да утврди дали информациите се точни, објективи и вистинити; за одредена задача или проект  ќе треба да знае да го искорити медиумот (пр. интернет); медиумот се користи и за да дојде до пошироката популација - ученици, наставници, родители... и за да ја презентира задачата; доколку со својата задача или проект се решава некој прроблем во реален контекст преку медиумите можат да покренат иницијатива за решавање итн. – велат од Бирото. „Воочлив е нерамномерен пристап во процесот на промени на предметните содржини, односно вакуум и реален јаз помеѓу потребите на модерното образование и актуелната „понуда“ на наставата. Дури може да се зборува за отсуство на систематска стратегија за реформа на курикулумите на наставните предмети, со што еднакво би се следеле актуелните трендови во образованието. Конечно, квалитетот на образованието се мери со континуитетот во реформскиот пристап кон наставните содржини.“ – стои во истражувањето под наслов „Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство“, објавено во 2016 година, а кое го направи Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон. Македонските средношколци имаат само делумни предзнаења за медиумската писменост, односно тие ги препознаваат само основните поими на комуникација со медиумите. Според нив, медиумската писменост се однесува на начинот на којшто примателот ги чита медиумските пораки и на поврзувањето на нивното значење со личните искуства и личната култура. На тој начин се разбираат медиумските содржини со кои секојдневно се соочуваат. Во однос на самите медиуми, тие препознаваат само писменост во презентирањето на медиумските пораки, од јазичен и од семантички аспект – стои во истражувањето. УЧЕНИЦИТЕ ЗНААТ ДЕКА МЕДИУМИТЕ ВЛИЈААТ ВРЗ НИВ Основен и најкористен медиум на средношколската популација е интернетот. Го користат за комуникација и за информации од различен тип. Од социјалните мрежи доминира Фејсбук, потоа Инстаграм и Снапчет, а многу поретко Твитер. Дури потоа следат другите медиуми, телевизијата, радиото и, на крај, печатот. Изборот на содржините најчесто е поврзан со изборот на медиумот. Нивното внимание е сосредоточено врз следните жанровски форми: По однос на изборот на содржините, интересна е нивната забелешка дека националните телевизиски канали во Македонија се окупирани со турски телевизиски серии и турбофолк манифестации на помалку познати музички ѕвезди. Сметаат дека нивни консументи се повозрасните гледачи (пензионерите), додека родителите најчесто се преокупирани со информативните програми – вестите (на интернет сајтовите или на телевизија). За нив, како млади, понудените турски серии и турбофолк забавни шоуа се „под нивното културно ниво“. Во исто време, средношколците имаат забелешки и на програмската шема на македонските медиуми, односно на политичките емисии и емисиите со исклучиво партиски идеолошки влијанија. Гледано сумарно, за нивната возрасна група речиси и да нема интересна понуда. Притоа, значајно е да се истакне дека во изборот на медиумските содржини, учениците имаат развиена свест дека медиумите имаат влијание врз нив. Односно, тие сметаат дека медиумот ги придобива со привлекување преку слики, специфичен новинарски јазик, драматичност, емотивност и реклами кои се маска на медиумите. Освен тоа, тие се свесни дека не постои медиум којшто создава неутрална слика за настаните и случувањата од непосредната стварност. Што се однесува на прашањата поврзани со наставата и медиумите, заедничка забелешка на сите фокусни групи средношколци е дека не постојат доволно технички услови во училиштата за следење на наставата со активно вклучување на информациско-комуникациските технологии. Сепак, одреден број наставници, со личен ангажман во рамките на своите предмети (македонски јазик и литература, ликовна уметност, странски јазици) настојуваат да внесат мултимедијални содржини при реализација на наставата. Автор: Сребра Ѓорѓијевска  Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Press Conference Video Camera Blurred Group

„Закон“ на професионалните вести

Етика во медиумите и во онлајн медиумите, како предизвик за решавање едно глобално прашање, но и во македонски контекст, претставува сериозен потфат за кој е јасно дека нема лесни одговори. Нема ниту магично стапче со кое наеднаш ќе се решат сите наталожени системски, но и локални проблеми што ја засегаат оваа проблематика. Досегашната практика, од изминатите години, кога интернетот почнува да зазема сериозен простор во медиумската сфера, особено во делот на дневното информирање, покажува дека најголемите прекршувања на стандардите се случуваат во онлајн просторот. Според статистиката на Советот за етика во медиумите (СЕММ), повеќе од 90 отсто (бројката има мали осцилации во зависност од годината) од прекршувањата што се направени, се во онлајн медиумите. Со многу помали, минорни проценти се застапени традиционалните медиуми, како телевизиите, весниците, радијата и новинските агенции. Статистиката на СЕММ го вади на виделина и стариот проблем, дека најголем дел од прекршувањата на стандардите се однесуваат на членот 1 од Кодексот, кој налага објавување точни и проверени информации. Дури 67 отсто од оние медиуми што го прекршиле Кодексот на новинарите го прекршиле токму членот 1. Ова дава јасна слика дека голем дел од медиумите што објавуваат информации на интернет не успеваат во основната мисија на професионализмот – да се обезбеди точна и проверена информација. Во онлајн просторот постојат сериозни и професионални редакции чија мисија многупати еснафските здруженија и граѓаните ја оценуваат како квалитетна и професионална, за што доказ се и многубројните награди за истражувачки стории, за употребата на новите техники, за иновативноста во работењето. Проблемот настанува што работата на целиот медиумски сектор, па и на овие професионални редакции е загрозена од системскиот проблем што го создаваат таканаречените копи-пејст портали, самонаречени новинари или од наменски создадените „медиуми“ што генерираат партиски пропагандни содржини. Таквиот пристап ја прави публиката да биде лесно заведена од бомбастични наслови и пропаганда, од клик бејт содржини, а дел од порталите ги доведува во ситуација наместо да се борат за публика со професионални содржини и текстови, да бидат во постојана битка за кликови. Во таа нерамноправна војна, за жал многу често, цената ја плаќаат професионалците, а на крајот на денот граѓаните, односно консументите на вести  што се ускратени за точна и правовремена информација. Насоки за етичко известување на онлајн медиумите Со развојот на новите информациско-комуникациски технологии се промени и досегашниот начин на создавање и на ширење на информациите. Професионалните новинари се исправија пред нови предизвици во поглед на начинот на кој се обработуваат и се пласираат одредени информации, теми или анализи во текот на новинарската работа. Поради сево ова се наметна потреба од создавање нови стандарди за тоа како онлајн медиумите ќе ги применуваат етичките и професионални начела во работата. Фото: freepik.com Советот за етика, изработи Насоки за етичко известување во онлајн медиумите, со кои подетално се дава приказ на 17-те членови од Кодексот на новинарите, со посебен осврт кон медиумите во онлајн сферата, имајќи ја предвид динамиката на развојот на интернетот како и зголемената популарност на онлајн медиумите. Насоките во форма на професионални упатства се наменети за уредниците, новинарите и за сите други креатори на содржини што работат во онлајн медиумите, а имаат за цел да помогнат во развивањето силен и кредибилен систем на саморегулација на онлајн медиумите и да го зајакнат независното, професионално и одговорно новинарско известување во онлајн сферата. Притоа во насоките се дава квалитативен однос кон специфичноста на новинарството што се негува во онлајн медиумскиот простор. Тие се раздвоени во 17 члена, во согласност со Кодексот на новинарите, а во основа пропишуваат правила за пишување и за пласирање вести што нема да го доведуваат во заблуда читателот. Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори. Онлајн медиумите нема да прикриваат или да премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите што можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации. Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст. Онлајн медиумите нема да објавуваат неосновани обвинувања, клевети, гласини, измислени интервјуа, анонимни дописи и други информации чија кредибилност не може да се процени. Онлајн медиумите ќе настојуваат секогаш да го наведат изворот на информацијата со конкретно и прецизно упатување на тој извор. При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или од други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност. Онлајн медиумите нема да прават измени на веќе објавени информации на начин со кој ќе се промени нивното изворно значење, контекст или приказ. Горенаведените се неколку позначајни примери од насоките, во кои на сличен начин се опфатени сите членови од Кодексот.  Во насоките има и посебни совети како дополнувања на самиот документ – препорака за архивирање и трајно снимање објавена содржина, транспарентност на самиот медиум, постоење импресум. Она што е многу значајно е дека се даваат и насоки за преземање одговорност за објавувањето коментари од публика или од читатели. Токму во овој простор, во коментарите на публиката се случува наплив на говор на омраза или дискриминација по различна основа. Оттаму, медиумите треба да преземат силна одговорност за модерирање на овој простор. Саморегулацијата како начело за работа Во основа, насоките претставуваат уште еден чекор кон засилување на саморегулацијата во оваа сфера, процес што во Македонија трае подолго време. Крупен чекор кон саморегулацијата во оваа насока беше создавањето на Промедиа.мк, регистар на професионални онлајн медиуми, база на податоци за оние медиуми што во основа се придржуваат кон транспарентноста во работењето и кон професионалните и етичките стандарди во известувањето. По три години од формирањето на Промедиа, може да се заклучи дека делумно е исполнета целта за создавањето на овој регистар, но дека постои потреба и натаму од негова посилна промоција и прифаќање, како од самата фела така и од општеството како целина. Ова не е лесна задача, ниту може да биде направена преку еден потег, но сите овие чекори водат кон иста цел, професионализација на медиумскиот простор, како императив во време на глобалните текови во кои пропагандните машинерии наметнаа систем за непрепознавање на вистинското наспроти лажното новинарство.  Во ерата на интернетот, битката со дезинформациите е тешка, но со системски пристап кон медиумска писменост за граѓаните и со создавање што поголем број кредибилни извори на информации и вести, таа битка може да се добие. Автор: Младен Чадиковски Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Hand Holding Tv

Во мочуриштето од дезинформации се дави вистината

Премногу медиуми, премалку релевантни – без редакциски живот и дефинирана уредувачка политика, објективноста во новинарството е изложена на автархија. Во услови на сеопшта економска и социјална криза и на новинарите не им е лесно да ја остваруваат својата одговорна професионална обврска. Интернетот и напливот на новите технологии понудија секому, буквално секому, да биде новинар или барем производител на медиумски продукти. Од вест, преку извештај, па сè до коментари, па и посложени форми, како, на пример, интервјуата. Површно гледано, од тој аспект дури и би можело да се каже дека сега новинар може да биде кој сака. Интернетот како извор на информации и алатката што сè уште ја нарекуваме мобилен телефон го овозможуваат тоа во сите изразни новинарски форми – текст, тон, видео, како и снимање тон и видео, монтажа и други слични можности потребни во секоја редакција, како архивирање податоци, фотографии и видеа и уште што не. Па, така, доаѓаме до огромна брзина во пренесувањето вести и други информации, а и до неверојатна достапност до секакви податоци и информации. Од друга страна, широка е и масовна достапноста до информации и можноста секој индивидуално или организирано да произведува и да пласира вести и други информации надвор од организиран медиумско-редакциски амбиент. Повеќе вистини за едно исто случување Интернетот и мноштвото портали со недефинирани сопственост и уредувачка политика, дополнително на сè пораспространетите социјални мрежи, сè повеќе ја окупираат до вчера традиционалната медиумска публика и ги потиснуваат фактите како носечки столбови на секој новинарски продукт. Ваквата актуелна состојба во која страда вистината, во која доминираат паушални информации од паушални „медиуми“ без импресуми, во која вестите и другите информации се одраз на впечатоци, импресии и манипулации, а не на факти, практично нè води во вонредна информативна состојба во која на јавниот простор истовремено егзистираат повеќе реалности и повеќе вистини за едно исто случување. Ситуација во која мноштво ‘ботови’ на разни центри на моќ фабрикуваат и наметнуваат свои „вистини“. Таквата практика фрла сенка врз новинарството, врз новинарите што професионално ја вршат својата работа, а чија фактографија е поклопена од цунамито од лажни информации. Реално, нема сигурен лек против лажните вести, но има превентива против лагите во јавниот простор – традиционалното, односно професионалното новинарство, редакциската организираност и медиумската слобода во однос на сопственоста. Во морето од лажни вести, редакциите, како професионални продуктивни јадра во печатот, радијата, телевизиите, порталите или како столбови на професионалното новинарство, ќе треба повторно да се наметнат со сите утврдени етички новинарски норми и стандарди. Впечатокот на јавноста дека новинарството е паднато на најниски гранки не е можеби најреален, но и не е далеку од вистинската состојба. Па, сепак, за консументите на информациите, за граѓаните, патот до вистината станува сè потежок. Оттука, посебно е важна улогата на медиумите, на редакциите и на новинарите во нив и посебно на уредниците како креатори на уредувачките политики за кои фактите се примарната одредница при создавањето на новинарските продукти. Во ера на енормно користење на социјалните мрежи, пробивот до вистината дополнително се усложнува Фото: freepik.com Во оваа технолошка ера, медиумите на глобално ниво се соочуваат со организирани кампањи за ширење дезинформации и пропаганда. Ако се има предвид дека дезинформациските кампањи и наративи неретко се поддржани од центри на моќ што сè повеќе се обидуваат да го замолкнат критичкото новинарство, тогаш предизвикот за професионалното новинарство е уште поголем. Ситуацијата е уште поопасна кога дезинформациите и лажните наративи ги креираат и ги шират поединци со авторитет коишто уживаат доверба и внимание од публиката, а медиумите само ги пренесуваат, практично само ги ‘катапултираат’ во јавноста, без притоа да ги проверат тврдењата на изворот. Науката вели дека во овој наплив на дезинформации не помагаат многу ниту демантите „Суштинскиот проблем со дезинформациите е што кога луѓето ќе дојдат во допир со нив, почнуваат да им веруваат и да дејствуваат врз основа на нив, дури и доколку бидат коригирани“, вели Стефан Левандовски, професор по психологија на Универзитетот во Бристол, Велика Британија. „Дури и во најдобрите светови, коригирањето на дезинформациите не е едноставна задача“, вели тој. Студиите за таканареченото мотивирано расудување или пристрасна оценка на информациите, потврдуваат дека луѓето се селективно скептични. Па, така, на пример, тие стануваат помалку критични кон идеите што се поврзани со нивните политички уверувања. Практиката потврдува дека повлекувањето на дезинформациите не е доволно за да се ублажи нивното влијание и последици и дека е потребен континуитет и конзистентност на редакциите во нивното разобличување. Пукнатините во уредувачките политики не смеат да се пополнуваат со дезинформации Голем дел редакции на глобално ниво ја согледаа големината на предизвикот и почнаа ревносно да ги приспособуваат своите политики на работа. Сè повеќе се размислува за прифаќање нови мерила за вредности и успех. Се покажа потребата традиционалните новинарски методи да се приспособат на дигиталната ера и да се создаде дополнителен слој претпазливост кога информациите извираат од социјалните мрежи. Од медиумите сè повеќе се очекува активно да се борат со дезинформациите на општествено ниво, било преку создавање свест и едукација на својата публика или, пак, преку јавна проверка и разоткривање на потенцијалните дезинформации. Фото: freepik.com Со својата професионална инертност и македонските медиуми се под силно влијание на дезинформациите Агенцијата Франс прес креира глобален сервис за проверка на информациите што се објавуваат на социјалните мрежи. Ројтерс, пак, заедно со Фејсбук креираше е-обука за новинари за да ги откриваат манипулативните содржини и таканаречениот „дип фејк“. Алесандра Галони, главен и одговорен уредник на Ројтерс, неодамна изјави дека „во најдобар случај, новинарството засновано на факти може да послужи како противотров на дезинформациите што сè повеќе ги гушат платформите на социјалните медиуми“. Но, на патот на исполнувањето на таквата демократска одговорност на медиумите, во нашата држава лежат многу предизвици. Финансиските ограничувања, недостигот на капацитети, како и отпорот за промена на културата во редакциите играат голема улога во овие процеси. Ако на ова се додаде и поларизацијата во општеството, работите уште повеќе се усложнуваат. Ниту еден поголем политички настан или битка не помина без да биде опфатен со силното влијание на бранот на дезинформации. Дезинформациите царуваа(т) во сите изборни циклуси, референдумот за промена на името, приклучувањето кон НАТО, пандемијата, енергетската криза, инвазијата на Русија врз Украина, бугарското вето за европската интеграција на РСМ, „францускиот предлог“ за откочување на евроинтеграциите, итн. Последиците од тоа се сè повидливи. Медиумите треба да ѝ објаснат на публиката како работат Истражувањата потврдуваат дека довербата во медиумското известување континуирано се намалува, а граѓаните неретко не можат да направат разлика меѓу професионални медиуми и други актери што продуцираат информации преку социјалните мрежи. Но, во име на објективноста, тука треба да се потсети и на актуелната состојба во која денес егзистираат нашите медиуми. Тие имаат мошне тешка задача во овие актуелни околности предизвикани од општата економска и социјална ситуација. Ги погоди многу неповолно, што силно влијае врз извршување на нивната секојдневна работа. Ова посебно и во отсуство на транспарентност на институциите, отсуство на нивна организирана и координирана комуникација за најгорливите теми какви што сè уште се актуелната пандемија и посебно сегашната енергетска криза, инфлацијата, социјалата, потресите во бизнис-секторот... За ова, за околностите и за условите во кои егзистираат нашите медиуми, денес, секако, ќе треба јавно да проговорат и тие самите. На сличен начин како што тоа го стори, на пример, Френк Сесно, поранешен кореспондент на Си-ен-ен од Белата куќа: „Сите медиуми треба да ѝ објаснат на публиката како работат, зошто се избираат одредени теми или зошто, пак, некои се игнорираат, како доаѓаме до изворите на информации во услови кога пристапот е отежнат. Од луѓето не можеме да очекуваме да знаат што е одговорност и објективност. Потребно е што пореално да се претстави новинарската професија и максимално да се доближи до граѓаните“. Автор: д-р Марина Тунева   Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Kvizovi Glavna

Натпреварувачи има, квизови нема – каде исчезнаа телевизиските квизови во Македонија?

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот Љубителите на квизови од Македонија се обидуваат да влезат на добри телевизиски квизови во регионот, чекајќи нова сезона на нашите изданија, кои во моментот се бројат на прсти. На квизовите во Србија може да учествуваат, но конкуренцијата е многу силна и тешко обезбедуваат пласман. На квизови во Хрватска, пак, учествуваат само хрватски државјани. Во Македонија имаше години кога се организираа одлични квизови, за кои секогаш имало автори, организатори, натпреварувачи и публика. Од најпознатиот „Квискотека“ во времето на поранешна Југославија, до „Меморија“, „Без паника“, „Пирамида“, „Енигма“, „Кој сака да биде милионер“ и уште многу слични во независна Македонија. Денес, тие се реткост. Во моментот само три квиза се емитуваат на македонските телевизии и сите се на македонски јазик: „20 секунди“ на првата програма на Македонската радиотелевизија (МРТ1), „Листа за 300“ на ТВ Сител и „Заврти на Телма“ на телевизијата Телма. На што се должи оваа состојба? „Листа за 300“ на ТВ Сител / Извор: Јутјуб (принтскрин) Од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот. Со надзорите што Агенцијата ги прави врз медиумите, забележано е дека на националните терестријални телевизии се емитува мал број квизови на македонски јазик. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, радиодифузерите немаат обврска да емитуваат квизови. Одлуката дали ќе емитуваат квизови и од каков тип, зависи целосно од независната уредувачка политика на секој медиум поединечно - велат од АВМУ. Доколку се одлучат да емитуваат квизови, тогаш Законот утврдува дека медиумот е должен да објави недвосмислени информации за правилата и за јавно ветената награда. Деталите за тоа како да се спроведе оваа обврска, се уредени во Правилникот за програми со наградно учествување и за користење телефонски услуги со додадена вредност (https://avmu.mk/wp-content/uploads/2017/05/Pravilnik_za_programi.pdf), кој е изработен од АВМУ. Сашко Ратковиќ: Нема пари, никој не сака да се рекламира Сашко Ратковиќ е автор и организатор на приближно 40 квиза во Македонија, а во оваа дејност работи веќе 30 години. Бил уредник на квиз-редакции и на забавни програми во многу телевизии во земјава. Почнале заедно со брат му, Јово Ратковиќ, а потоа продолжил самостојно да ги организира: „Не ме гледај така“ (контактна шоу-емисија во живо), „Супер домаќинка“ (6 циклуси, контактна шоу-емисија во живо); квизовите „Отвори и земи“, „Меморија“, „Без паника“ (4 циклуси), „Нимекс за најмладите“, „Колут напред“, „Ќе перам ама не пеам“, „Ла кукарача“, „Пирамида“ и други. Ги уредувал „Илустриран забавник“, „Ентер“ (месечникот и ТВ-емисијата), „Булевар“, www.boomtv.mk. Денес работи како уредник на емисијата „Црвена линија“ и е продуцент на квизот „Заврти на Телма“ – еден од трите квиза што во моментот се емитуваат во Македонија. Нештата драстично се сменија во 2006 година. Оттогаш едноставно нема спонзори за ваков вид емисии. Нема пари, никој не сака да се рекламира – вели Ратковиќ. Од квизот „Без паника“ (1996 г.) / Извор: Јутјуб (принтскрин) Првото работно искуство со квизови му било во телевизијата А1 каде што бил уредник на квиз-редакцијата од 1993 до 1997 година. Се сеќава дека квизот „Без паника“ имал дури седум продолженија, прво бил емитуван на А1, па на Канал 5, па на ТВ4. Сите седум продолженија се продаваа однапред. Имаше место за еден генерален спонзор, два големи спонзора, 12 мали и цените беа високи... имаше вредност, имаше пари. Сега тешко да се дојде до пари, никој не сака да вложува. И цените се многу паднати – вели Ратковиќ. Иако отсекогаш бил љубител на квизови, никогаш не се натпреварувал. Денес има база на податоци од 10.000 прашања. Според Ратковиќ, за да биде квизот добар и успешен, многу е важен начинот на кој се поставува прашањето. На пример: Колку букви се употребуваат за да се напише зборот вакуум? Одговорот е 5, но ако прашаш колку букви содржи зборот вакуум, тогаш одговорот е 6. Кога квизот оди во живо, мора на сè многу да се внимава. Ако се случи грешка, а се случува, приговорот мора веднаш да се прифати. Веднаш се јавуваме на натпреварувачите, им кажуваме дека грешката е кај нас и ја доделуваме наградата. Грешки се прават, но и се поправаат и тоа е сосема во ред – објаснува Ратковиќ. Од квизот „Заврти на Телма“ / Извор: Јутјуб (принтскрин) Порано на квизовите работеле големи екипи. Во еден период во А1 имале дури тројца организатори. Снимале толку многу, што дневно имале и по 3-4 часа програма. Предраг Чемерикиќ многу нè ценеше и ни веруваше. Во еден период во А1 дојдоа Драган Абјаниќ, Иван Чунихин, двајцата денес се починати, и Дивна Китановска, која во моментот е во Америка. Од Драган ја научив уметноста на занаетот, Чунихин беше перфекционист, а од Дивна нема подобар работник – на 95 отсто од квизовите што ги правев, таа беше реализатор. Многумина се нафаќаа и не можеа да ја завршат работата. Квизот е тешка работа, потребни се многу подготовки. И има многу непредвидени ситуации. За разлика од тие времиња, денес е многу поинаку. Нема луѓе, намалено е сè, секаде се штеди. Јас сам ги правам прашањата, сам ги проверувам и некогаш се случува грешка – вели Ратковиќ. Никола Спировски, најмладиот победник на „Енигма“ Интернетот е другиот пресврт во состојбата со квизовите кај нас. Порано се барале информации во енциклопедии, учебници, специјални изданија. Ратковиќ и денес ги чува учебниците од прво до осмо одделение, од гимназија, а купувал и од Србија, од Англија. Денес на интернет информациите се многу подостапни, но знаењето е понефункционално. Во Англија издаваат квиз-книги со околу 1.000 прашања и родителите ги користат за да играат со децата. Но, таму стандардите се поинакви и во самите квизови. За да се појавиш на квиз, треба навистина многу да знаеш. За разлика од нас, и Хрватите многу повеќе читаат, луѓето се поинакви, повеќе купуваат книги. И имаат јаки квизови. „Слагалица“ во Србија многу долго се емитува. А квизот е многу едноставен, добро конципиран и има само 10 прашања на знаење. Сè друго е на основа на информираност, асоцијација, треба да резонираш, има математика, мастермајнд и добро да е направен – вели Ратковиќ. Квизот „Слагалица“ на РТС / Извор: Јутјуб (принтскрин) Според него, за да биде еден квиз добар, многу е важно како е конципиран. Треба да биде јасен за да нема простор за манипулација. Во еден од квизовите што ги организирале, натпреварувачот имал помошник што седел во автомобилот што бил главна награда. Пред да почне натпреварувачот со играта, на помошникот му ги дававме прашањата со одговорите. И мораше да се следи тој концепт. На крај помошникот јавно потврдуваше дека сè било регуларно и беше многу транспарентно. Секогаш кога правам квиз, се трудам да нема можност за манипулација – објаснува Ратковиќ. Никола СпировскиНикола Спировски од Скопје денес има 32 години и е магистер по меѓународно право и меѓународни односи. Пред петнаесетина години беше еден од најмладите учесници на квизови на знаење, кој дотурка далеку. Почнал со квизот „Енигма“ кога имал 15 години, а на 19 години учествувал на македонскиот „Кој сака да биде милионер“. Спировски вели дека мотивот да се пријави и да учествува на телевизиски квизови бил комбинација од знаењето што го покажувал дома додека гледал квизови, поттикот и поддршката од најблиските што му ја разгореле желбата за докажување против возрасни натпреварувачи, особено против оние со повеќегодишно искуство. До моето учество немаше многу млади натпреварувачи, речиси и да немаше воопшто. Потоа почнаа да се појавуваат и други млади натпреварувачи и ми беше мило, бидејќи една од моите цели беше да покажам дека младите натпреварувачи можат да бидат рамноправни против искусните противници. Бидејќи го скршив мразот, беше вистинско изненадување и е невообичаено едно 15-годишно дете да постигне такви резултати. Имаше различни реакции во гимназијата во која учев – некои ми честитаа, други ме гледаа со недоверба и скепса: „Не е можно да знаеш толку, некој ти ги кажува прашањата“ – раскажува Спировски. Како се снаоѓаат „квизаџиите“? Спировски учествувал двапати на квизот „Енигма“. Според концепцијата, во квизот се натпреваруваа парови. Во првата сезона учествувал со мајка му, завршиле на четврто место и освоиле летување во Охрид. Втората сезона, заедно со вујко му победиле и освоиле по 1.500 евра. Неколку години подоцна учествувал на „Кој сака да биде милионер?“ и освоил 125.000 денари. На прашањето дали продукциите чесно ги исплатиле наградите, Спировски вели: Продукцијата што го организираше квизот „Енигма“ навреме ги подмири обврските. Ситуацијата со „Кој сака да биде милионер?“ беше сосема поинаква. Продукцијата не се придржуваше до договорот што го потпишавме пред снимањето. Не ми дадоа примерок од договорот, велејќи дека ќе го пратат по факс. Тоа не се случи. По шестмесечно доцнење, сепак ја подмирија својата обврска, благодарение на џокерот „повикај пријател“, кого го поздравувам – вели Спировски. Никола Спировски во статија објавена во неделникот „Антена“ („Дневник“) Денес одвреме-навреме гледа „Слагалица“ на РТС и „Потера“ на ХРТ. Вели дека на нашите телевизии понудата е исклучително скромна, речиси ја нема, а во скоро време не планира да учествува на некаков квиз. Имам поинакви планови. Но, останувам љубител на квалитетните квизови, кои ги има сè помалку – вели Спировски. Пред неколку години љубителите на квизови во земјава се организирале и регистрирале  Македонска квиз-асоцијација. Оливер Таневски е еден од основачите, поранешен претседател и актуелен секретар на здружението. Тој е професор по историја, но работи друга професија. По првата сезона на квизот „20 секунди“ учесниците си организирале група на „Вибер“ каде што почнале секојдневно да комуницираат. Се договоривме неколкумина да појдеме во Ниш да видиме како ги организираат нивните натпревари, настрана од телевизиските квизови. Тоа беше пред пандемијата, собравме информации и на истиот принцип и тука почнавме да организираме квиз-натпревари – објаснува Таневски. Натпревари на Македонската квиз-асоцијација Во Србија оваа сезона повторно почнува да се емитува „Кој сака да биде милионер?“. Таневски вели дека кај нас ситуацијата со квизови е очајна.  Неколкумина од Македонија отидовме на тестирање во Србија, но не се пласиравме. Конкуренцијата е голема и верувам дека им даваат предност на своите државјани. Во Хрватска не ни можете да се пријавите ако не сте хрватски државјанин. И, така, сите одвај чекаме нова сезона на „20 секунди“. Долго време најавуваат трета сезона, но никако да почне снимање. Лани ова време веќе се снимаа емисиите – објаснува Таневски. Од квизот „20 секунди“ на МТВ / Извор: Јутјуб (принтскрин) Во меѓувреме почнале да ги организираат натпреварите во рамките на асоцијацијата. Една квиз-сезона трае од септември до мај. Се организираат четири мастерси (секој со по 200 прашања) и осум тематски натпревари (историја, географија, спорт и слично, со по 100 прашања). На 16 октомври ќе се одржи натпреварот на тема историја. Во Асоцијацијата во моментот има околу 25 активни членови, кои плаќаат по 1.200 денари годишна членарина, а пасивните по 600 денари. На натпреварите нема награди, учествуваме заради престиж. Овој тип натпревари потекнуваат од Велика Британија. И кај нив учеството е престиж, но тие ги користат како тренинг за учество на квизови. За жал, за нас е ретка можност каде што можеме да го покажеме нашето знаење – објаснува Таневски. Фото: Македонска квиз-асоцијација Според него, добар „квизаџија“ мора да одржува постојано кондиција и секојдневно многу да учи. Има неколку членови на асоцијацијата, кои се деноноќно активни. Ова е страст, ментална гимнастика и навистина е штета што нема доволно телевизиски квизови каде што би можеле да го покажеме нашето знаење. Телевизиски квизови на знаење се неопходни во Македонија – вели Таневски. Главните мастерси претежно се одржуваат во Скопје, но се трудат тематските квизови да ги организираат во градовите од каде што доаѓаат други натпреварувачи – Тетово, Неготино, Охрид и Кавадарци. Асоцијацијата веќе располага со солидна база на податоци со прашања и одговори, но најчесто некој однадвор им ги конципира прашањата за да можат другите да учествуваат во натпреварот. По натпреварот, учесниците меѓу себе си ги проверуваат одговорите. Од квизот „Потера“ на ХРТ1 / Извор: Јутјуб (принтскрин) Прашањата не се воопшто лесни, но во тоа е предизвикот. Пред мастерсите ние навистина многу учиме и се подготвуваме. Затоа стандардите се високи. Никој не може да ги одговори сите 200 прашања. И најдобрите учесници, од типот на ловците во хрватската „Потера“ – Крешимир Сучевиќ-Меѓерал и Деан Котига, од 200 прашања рекордот им е околу 140. Имаме и ние неколкумина одлични натпреварувачи со огромно знаење. Но, мора да се најде начин како ова знаење да го покажеме – завршува Таневски. Автор: Весна Ивановска-Илиевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).