„Закон“ на професионалните вести

Се чита за 4 мин.

Етика во медиумите и во онлајн медиумите, како предизвик за решавање едно глобално прашање, но и во македонски контекст, претставува сериозен потфат за кој е јасно дека нема лесни одговори. Нема ниту магично стапче со кое наеднаш ќе се решат сите наталожени системски, но и локални проблеми што ја засегаат оваа проблематика.

Досегашната практика, од изминатите години, кога интернетот почнува да зазема сериозен простор во медиумската сфера, особено во делот на дневното информирање, покажува дека најголемите прекршувања на стандардите се случуваат во онлајн просторот. Според статистиката на Советот за етика во медиумите (СЕММ), повеќе од 90 отсто (бројката има мали осцилации во зависност од годината) од прекршувањата што се направени, се во онлајн медиумите. Со многу помали, минорни проценти се застапени традиционалните медиуми, како телевизиите, весниците, радијата и новинските агенции. Статистиката на СЕММ го вади на виделина и стариот проблем, дека најголем дел од прекршувањата на стандардите се однесуваат на членот 1 од Кодексот, кој налага објавување точни и проверени информации. Дури 67 отсто од оние медиуми што го прекршиле Кодексот на новинарите го прекршиле токму членот 1. Ова дава јасна слика дека голем дел од медиумите што објавуваат информации на интернет не успеваат во основната мисија на професионализмот – да се обезбеди точна и проверена информација.

Во онлајн просторот постојат сериозни и професионални редакции чија мисија многупати еснафските здруженија и граѓаните ја оценуваат како квалитетна и професионална, за што доказ се и многубројните награди за истражувачки стории, за употребата на новите техники, за иновативноста во работењето. Проблемот настанува што работата на целиот медиумски сектор, па и на овие професионални редакции е загрозена од системскиот проблем што го создаваат таканаречените копи-пејст портали, самонаречени новинари или од наменски создадените „медиуми“ што генерираат партиски пропагандни содржини. Таквиот пристап ја прави публиката да биде лесно заведена од бомбастични наслови и пропаганда, од клик бејт содржини, а дел од порталите ги доведува во ситуација наместо да се борат за публика со професионални содржини и текстови, да бидат во постојана битка за кликови. Во таа нерамноправна војна, за жал многу често, цената ја плаќаат професионалците, а на крајот на денот граѓаните, односно консументите на вести  што се ускратени за точна и правовремена информација.

Насоки за етичко известување на онлајн медиумите

Со развојот на новите информациско-комуникациски технологии се промени и досегашниот начин на создавање и на ширење на информациите. Професионалните новинари се исправија пред нови предизвици во поглед на начинот на кој се обработуваат и се пласираат одредени информации, теми или анализи во текот на новинарската работа. Поради сево ова се наметна потреба од создавање нови стандарди за тоа како онлајн медиумите ќе ги применуваат етичките и професионални начела во работата.

s t5 3Фото: freepik.com

Советот за етика, изработи Насоки за етичко известување во онлајн медиумите, со кои подетално се дава приказ на 17-те членови од Кодексот на новинарите, со посебен осврт кон медиумите во онлајн сферата, имајќи ја предвид динамиката на развојот на интернетот како и зголемената популарност на онлајн медиумите.

Насоките во форма на професионални упатства се наменети за уредниците, новинарите и за сите други креатори на содржини што работат во онлајн медиумите, а имаат за цел да помогнат во развивањето силен и кредибилен систем на саморегулација на онлајн медиумите и да го зајакнат независното, професионално и одговорно новинарско известување во онлајн сферата. Притоа во насоките се дава квалитативен однос кон специфичноста на новинарството што се негува во онлајн медиумскиот простор. Тие се раздвоени во 17 члена, во согласност со Кодексот на новинарите, а во основа пропишуваат правила за пишување и за пласирање вести што нема да го доведуваат во заблуда читателот.

  • Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори.
  • Онлајн медиумите нема да прикриваат или да премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите.
  • Премолчувањето на фактите што можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации.
  • Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст.
  • Онлајн медиумите нема да објавуваат неосновани обвинувања, клевети, гласини, измислени интервјуа, анонимни дописи и други информации чија кредибилност не може да се процени.
  • Онлајн медиумите ќе настојуваат секогаш да го наведат изворот на информацијата со конкретно и прецизно упатување на тој извор.
  • При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или од други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност.
  • Онлајн медиумите нема да прават измени на веќе објавени информации на начин со кој ќе се промени нивното изворно значење, контекст или приказ.

Горенаведените се неколку позначајни примери од насоките, во кои на сличен начин се опфатени сите членови од Кодексот. 

Во насоките има и посебни совети како дополнувања на самиот документ – препорака за архивирање и трајно снимање објавена содржина, транспарентност на самиот медиум, постоење импресум. Она што е многу значајно е дека се даваат и насоки за преземање одговорност за објавувањето коментари од публика или од читатели. Токму во овој простор, во коментарите на публиката се случува наплив на говор на омраза или дискриминација по различна основа. Оттаму, медиумите треба да преземат силна одговорност за модерирање на овој простор.

Саморегулацијата како начело за работа

Во основа, насоките претставуваат уште еден чекор кон засилување на саморегулацијата во оваа сфера, процес што во Македонија трае подолго време. Крупен чекор кон саморегулацијата во оваа насока беше создавањето на Промедиа.мк, регистар на професионални онлајн медиуми, база на податоци за оние медиуми што во основа се придржуваат кон транспарентноста во работењето и кон професионалните и етичките стандарди во известувањето. По три години од формирањето на Промедиа, може да се заклучи дека делумно е исполнета целта за создавањето на овој регистар, но дека постои потреба и натаму од негова посилна промоција и прифаќање, како од самата фела така и од општеството како целина.

Ова не е лесна задача, ниту може да биде направена преку еден потег, но сите овие чекори водат кон иста цел, професионализација на медиумскиот простор, како императив во време на глобалните текови во кои пропагандните машинерии наметнаа систем за непрепознавање на вистинското наспроти лажното новинарство.  Во ерата на интернетот, битката со дезинформациите е тешка, но со системски пристап кон медиумска писменост за граѓаните и со создавање што поголем број кредибилни извори на информации и вести, таа битка може да се добие.

Автор: Младен Чадиковски


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).