Средношколците сакаат практични примери, а не сувопарни предавања на тема медиумска писменост

Се чита за 7 мин.

Во гимназиското образование програмите се од пред две децении, така што отсуствува темата медиумска писменост. Присутноста на содржини за медиумска писменост и нејзино интегрирано изучување во средното образование ќе се заокружи со предвидените реформи во гимназиското образование, велат од Бирото за развој на образованието.

Колку повеќе знаеме за медиумската писменост толку побалансиран поглед на светот ќе имаме околу нас. Така ќе се зголеми и нашата способност за информирани дискусии по прашања за кои сме страстни, ќе можеме да формираме реален поглед на различни делови од општеството и, на крај, тоа знаење да го имплементираме во начинот на изразување. Во училиштата како дел од стандардното образование изоставен е овој клучен дел за развојот на една личност или го има многу малку. По секако, постојат и други начини преку кои можеме да се поврземе со тоа што го сакаме – вели Ева Јакимовска, ученичка во трета година во скопска гимназија. Оставени ли се младите самите да разликуваат што е точна а што лажна вест, кој медиум да го следат, кому да веруваат, да толкуваат пораки што ги испраќаат медиумите, особено ако се има предвид дека речиси две децении нема никакви измени во наставната програма и медиумската писменост само провејува низ програмите на одредени предмети.

ЧИТАЈ, ПРОВЕРИ, ЧЕКАЈ

Средношколката вели дека на младите им е потребна помош кога станува збор за ,,детектирање" на лажните вести.

Сепак, можеме и самите да се информираме и да обрнуваме внимание на информациите кои стигаат до нас. Останува до нас да ја подобриме нашата критичка писменост и да се охрабриме самите да ја провериме информацијата. Знам дека постојат курсеви, друштва и невладини организации чија цел е подучување во областа на медиумската писменост. За сè има прв пат. Се случува да паднеме под влијание на ваквите вести чија цел е токму да се предизвика некој хаос. Потоа, останува само на нас да ја усовршуваме личната медиумска писменост – вели таа.

mediumska pismenost1

Јакимовска се води според три чекори кога треба да процени дали што го чита е точно или не.

Читај - Секогаш прво и најкарактеристичното нешто за една статија што ни паѓа в очи е самиот наслов. За жал, често се случува тој да нè насочува погрешно, па потребно е детаљно и со внимание да го прочитаме зададениот материјал.

Провери - Кога станува збор за одредена вест, најдобро е да се провери од кого е напишана, дали страницата или медиумот се доволно релевантни и најважно изворот од кој потекнува таквата информација.

Чекај - На крај можеме да почекаме неколку дена за да видиме како и останатите се чувствуваат и размислуваат по таа вест.

Професорката по Македонски јазик и литература Љупка Боцевска предава во гимназијата „Орце Николов“ од 2010 година, а две години пред тоа во средното економско и правно училиште „Арсениј Јовков“. Во нецели 12 години, колку што предава во скопската гимназија, го предвала и изборниот предмет Говорење и пишување, во рамките на кој имале поголема слобода да реализираат поинтересни и покреативни содржини.

Многупати сме анализирале реклама, која исто така е дел од медиумската писменост, сме зборувале за тоа колку е добра за да го продаде производот, сме учеле како да препознаат лажна вест или кој наслов ќе го привлече вниманието на читателите и колку насловите одговараат на содржината на информацијата. И на часовите по македонски јазик сме издвојувале часови да зборуваме за лажните вести, како учениците да препознаат спинови во медиумите, сме го разгледувале и јазикот на новинарите – вели Боцевска.

УЧЕНИЦИТЕ САКААТ ПРАКТИЧНИ ПРИМЕР, А НЕ СУВОПАРНИ ПРЕДАВАЊА

Во последните години невладините организации имаат голем удел за подобрување на знаењето за оваа тема кај младите. Учениците сакаат да се дел од работилници со практична работа и примери, многу повеќе отколку да следат сувопарни предавања и презентации, смета професорката.

ljupka bocevskaЉупка Боцевска- Во рамките на еден проект од областа на медиумската писменост, имавме една игра „Спинокио“ и на неа одлично реагираа учениците, бидејќи низ игра учеа за лажни и вистинити вести. Играта потсетуваше на друштвените игри во стилот на „Монопол“, собираа карти со вести, а потоа требаше да ги поделат вестите на лажни и вистинити и секоја точно распределена вест се бодуваше со два поена. Најдобриот ученик од училишниот натпревар зеде учество на националниот натпревар и таму освои повторно прво место. Многу е важно во вакви работилници да бидат опфатени сите ученици, а не само неколку избрани, бидејќи темите се интересни и суштински важни. Истото важи и за наставниот кадар. Не треба обуките да бидат достапни само за одреден број наставници, туку вакви важни теми треба да бидат достапни за сите – вели професорката по македонски јазик.

Боцевска се надева дека со новите наставни програми, освен медиумската писменост ќе бидат вклучени и други поинтересни содржини прилагодени на учениците од 21 век.

Би било добро да се вметнат содржини кои учениците сакаат да ги читаат, па преку нив да се гради критичкото и креативното мислење, да се прават практични граматички вежби, да препознаваат јазички, синтаксички, лексички грешки, да учат да  препознаваат лажни вести, да умеат да креираат вести и сл. Мене ме радува кај овие генерации што полесно од возрасните се прилагодуваат на промените, прифаќаат позитивна критика и самите почнуваат да ја применуваат на часовите, но и во секојдневниот живот – завршува Боцевска.

ПРОГРАМИТЕ ВО ГИМНАЗИСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ОД ПРЕД ДВЕ ДЕЦЕНИИ

Во гимназиското образование програмите се од пред две децении, така што отсуствува темата медиумска писменост. Присутноста на содржини за медиумска писменост и нејзино интегрирано изучување во средното образование ќе се заокружи со предвидените реформи во гимназиското образование, на ист начин како што е предвидено со Концепцијата за основно образование (2020) и новите наставни програми за сите наставни предмети во деветгодишното основно образование, посочува Бирото за развој на образованието. Оттаму велат дека практичната примена на медиумската писменост е и треба да биде низ сите предмети во согласност со сите медиумски, технички и дигитални промени.

Во чeтиригодишното средно стручно образование каде наставата се реализира со наставни програми, модуларно дизајнирани, базирани на резултати од учењето изработени во 2018 година, има содржини, резултати од учење и стандарди за оценување од областа на медиумската писменост во следните наставни предмети: македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература, македонски јазик за учениците од другите заедници, англиски јазик, германски јазик (втор странски јазик таму каде што се изучува т.е. образовен профил/квалификација), француски јазик (втор странски јазик таму каде што се изучува т.е образовен профил/квалификација), руски јазик(втор странски јазик таму каде што се изучува т.е. образовен профил/квалификација), граѓанско образование, социологија (таму каде што се изучува) – велат од Бирото.

Медиумската писменост вообичаено е дел од програмите по предметот Македонски јазик. Во средното стручно образование има тема медиумска писменост во II, III, IV година во предметот Македонски јазик и литература, односно и во предметите Албански јазик и литература и Турски јазик и литература.

Имплементацијата на оваа тема во средното стручно образование беше сосем природна имајќи го предвид растежот на медиумскиот простор и прогресијата на дигиталноста. Бројот на часови не е прецизиран од причина што се остава простор наставникот сам да процени за истото при реализацијата на тие наставни содржини. Стекнувањето на знаењата и вештините од медиумска писменост е преку интегриран пристап. Така, и при изучувањето на другите наставни предмети, учениците сткнуваат вештини од медиумската писменост. Пример, во истражувачката работа за некој училишен проект или задача, ученикот треба точно да знае кој извор е релевантен за неговите информации, да знае да утврди дали информациите се точни, објективи и вистинити; за одредена задача или проект  ќе треба да знае да го искорити медиумот (пр. интернет); медиумот се користи и за да дојде до пошироката популација - ученици, наставници, родители... и за да ја презентира задачата; доколку со својата задача или проект се решава некој прроблем во реален контекст преку медиумите можат да покренат иницијатива за решавање итн. – велат од Бирото.

biro

„Воочлив е нерамномерен пристап во процесот на промени на предметните содржини, односно вакуум и реален јаз помеѓу потребите на модерното образование и актуелната „понуда“ на наставата. Дури може да се зборува за отсуство на систематска стратегија за реформа на курикулумите на наставните предмети, со што еднакво би се следеле актуелните трендови во образованието. Конечно, квалитетот на образованието се мери со континуитетот во реформскиот пристап кон наставните содржини.“ – стои во истражувањето под наслов „Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство“, објавено во 2016 година, а кое го направи Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон.

Македонските средношколци имаат само делумни предзнаења за медиумската писменост, односно тие ги препознаваат само основните поими на комуникација со медиумите. Според нив, медиумската писменост се однесува на начинот на којшто примателот ги чита медиумските пораки и на поврзувањето на нивното значење со личните искуства и личната култура. На тој начин се разбираат медиумските содржини со кои секојдневно се соочуваат. Во однос на самите медиуми, тие препознаваат само писменост во презентирањето на медиумските пораки, од јазичен и од семантички аспект – стои во истражувањето.

УЧЕНИЦИТЕ ЗНААТ ДЕКА МЕДИУМИТЕ ВЛИЈААТ ВРЗ НИВ

Основен и најкористен медиум на средношколската популација е интернетот. Го користат за комуникација и за информации од различен тип. Од социјалните мрежи доминира Фејсбук, потоа Инстаграм и Снапчет, а многу поретко Твитер. Дури потоа следат другите медиуми, телевизијата, радиото и, на крај, печатот. Изборот на содржините најчесто е поврзан со изборот на медиумот. Нивното внимание е сосредоточено врз следните жанровски форми: По однос на изборот на содржините, интересна е нивната забелешка дека националните телевизиски канали во Македонија се окупирани со турски телевизиски серии и турбофолк манифестации на помалку познати музички ѕвезди. Сметаат дека нивни консументи се повозрасните гледачи (пензионерите), додека родителите најчесто се преокупирани со информативните програми – вестите (на интернет сајтовите или на телевизија). За нив, како млади, понудените турски серии и турбофолк забавни шоуа се „под нивното културно ниво“. Во исто време, средношколците имаат забелешки и на програмската шема на македонските медиуми, односно на политичките емисии и емисиите со исклучиво партиски идеолошки влијанија. Гледано сумарно, за нивната возрасна група речиси и да нема интересна понуда.

Притоа, значајно е да се истакне дека во изборот на медиумските содржини, учениците имаат развиена свест дека медиумите имаат влијание врз нив. Односно, тие сметаат дека медиумот ги придобива со привлекување преку слики, специфичен новинарски јазик, драматичност, емотивност и реклами кои се маска на медиумите. Освен тоа, тие се свесни дека не постои медиум којшто создава неутрална слика за настаните и случувањата од непосредната стварност.

Што се однесува на прашањата поврзани со наставата и медиумите, заедничка забелешка на сите фокусни групи средношколци е дека не постојат доволно технички услови во училиштата за следење на наставата со активно вклучување на информациско-комуникациските технологии. Сепак, одреден број наставници, со личен ангажман во рамките на своите предмети (македонски јазик и литература, ликовна уметност, странски јазици) настојуваат да внесат мултимедијални содржини при реализација на наставата.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска


 Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).