Активизам

Analiza 3 1

„Хигиена“ во комуницирањето и во информирањето на социјалните мрежи

Социјалните медиуми носат нови навики за информирање, себепретставување и социјализирање. Тие се секојдневието што го живееме, сега и тука. Било да сте жител на Северна Македонија, од мало гратче во Нигерија, или од село во Јужна Америка, тие ќе ви донесат чувство на поврзаност со светот, на заемно чувство во глобален цивилизациски развој. Од една страна, овозможуваат средина што поттикнува раст и напредок, но истовремено носат и предизвици и нус-појави од брзата дигитализација и лесните форми на комуникација. Оттука е нужноста за „хигиена“ и заштита на социјалните мрежи, да се овозможат вештини и алатки за критичко опсервирање на начинот на информирањето и комуницирањето, но и поголема одговорност што од индивидуално ќе се префрли на колективно ниво. Во поглед на информирањето, ако се види свежото истражување за медиумската писменост на Западен Балкан, објавено од Мировниот институт од Љубљана и СЕЕНПН од Тирана, тоа покажува силна поларизација на јавноста за изворите на информации што ги користат и им веруваат. Полудовербата во медиумите кај граѓаните од регионот (со околу половина граѓани во БиХ, Србија и Северна Македонија, или повеќе од половина во Косово, Црна Гора и Албанија, што им веруваат на изворите на вести и информации) е во околности на финансиското и политичкото мешање, како и недостиг на медиумски ресурси, со што се нарушуваат доверливоста и квалитетот на медиумското известување. За илустрација, телевизијата е најупотребуваниот и најдоверлив извор на вести и информации во регионот, но, во исто време, многу од најгледаните телевизиски канали во регионот се полни со политичка пристрасност и пропаганда. Социјалните мрежи, пак, каде што наративите на омраза се најприсутни, се вториот најкористен извор на информации, а тоа бара подобри политики за промовирање легитимни извори и филтрирање нелегални и штетни содржини. Резултатите од истражувањето истовремено покажуваат и голема недоверба во информациите споделени на социјалните мрежи. Тоа значи дека повеќето граѓани веруваат дека социјалните мрежи шират политичка пропаганда и дезинформации и омраза. Па, зошто социјалните мрежи се многу користени и покрај недовербата? Јасно е дека други причини, како што се потребата за припадност, забава и вмрежување – преовладуваат. Овие причини треба да се решат преку медиумска писменост во образованието, но и со идни интервенции за развој на медиумите, меѓу другото и преку подобрување на интеракцијата помеѓу медиумите и нивната публика преку градење посилни заедници околу високопрофесионални медиуми. Дезинформации и манипулации како нова реалност на социјалните мрежи Пандемијата донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук може да се прочитаат наслови дека „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против ковид-19“. Ваквата ситуација е проблем и за самиот Фејсбук, кој неодамна беше во фокусот на извештаите на „ЊузГард“, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од ланскиот септември „ЊузГард“ поднесува редовни извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи што шират невистини за ковид-19. „ЊузГард“ објави дека дезинформациите и промовирањето скепса за вакцините се објавуваат во групи на Фејсбук во кои се тврди дека „децата се убиваат од експериментот на кој се принудуваат“, или преку профили на Инстаграм кои промовираат документарец од Ендрју Вејкфилд, една од клучните фигури во промовирање на „врската“ меѓу ММР и аутизмот. Ваквите и слични корисници на Фејсбук, според „ЊузГард“ добиле 370.000 следбеници. Фото: unsplash.com Од друга страна, Фејсбук беше ставен во позиција да ги охрабрува корисниците да се вакцинираат, а истовремено да повторува дека отстраниле повеќе од 20 милиони штетни дезинформации и содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на „ЊузГард“. Вкупно, забраниле повеќе од 3.000 профили, сајтови и групи поради прекршување на политиките на мрежата што ја води ребрендираната компанија Мета. Фејсбук во изминатите години ги решава ваквите појави и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни. И во Северна Македонија постојат т.н. факт-чекери, кои се задолжени за филтрирање и за разобличување на дезинформации, што помага при амортизирање на целиот процес и креирање вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата и како таа да се провери.  Одговорност на социјалните мрежи При „скролање“ на Фејсбук се чини најмногу информации доаѓаат од онлајн порталите, кои според домашниот Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) се најпроблематични. Во изминатата 2020 година, дури 90,7 % од жалбите се однесувале токму на онлајн медиумите, а потоа телевизиите со 6,4 %, весниците со 1,4 %, па радиостаниците и новинските агенции со по 0,7% од пристигнатите жалби. СЕММ често потсетува дека медиумите имаат одговорност да применуваат стандарди утврдени од новинарската заедница и Кодексот на новинарите. Тоа значи, одговорно известување преку точни и проверени информации, правење разлика меѓу мислење и факт, почитување на етничките, на културните и на религиозните различности, но и да не се поттикнува дискриминација. Но, етиката и одговорното однесување не се потребни само од медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет-зона. Корисниците на социјалните медиуми не можат да очекуваат одговорност ако и самите се однесуваат неодговорно. Дигиталниот живот бара одговорност и од самите корисници на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, блоговите… Сѐ е тоа јавен простор. Тоа го потврдуваат сите релевантни медиумски и комуникациски експерти. Тоа не е и не треба да биде паралелен свет каде што корисникот може да „истури“ фрустрации и да омаловажува, да сее говор на омраза, да се заканува. Ако некој не го гледа преку тастатурата, тоа не значи дека не постои, дека постапките на корисникот и зборови се забораваат. Секој збор има „домино ефект“, таму некаде – влијае врз некој настан, ситуација, личност, мислење. Второто „јас“ кај младите – поттикнато од социјалните медиуми Професорката Тамара Ќупева, долгогодишен истражувач од образованието и комуникациите, во своите јавни написи и трудови често се осврнува и на дигиталниот живот на младите, како генерации што растат преку социјалните мрежи. Дигиталниот живот за тинејџерите е нивното второ „јас“, природна средина на созревање, секојдневен предизвик за себепретставување, за социјализација, но и главен ресурс за учење. Дигиталниот свет е нова форма за нивно неформално, но и потесно, стручно образование. Учат вештини што формалното образование често не може да им ги развие и ниту, пак, да им ги понуди како содржина. Социјалните групи како супститут на дигиталниот свет ги претвораат во мали делови од милионската „партиципативна заедница“, која бара од нив активно присуство. Постојано се под тивок, невидлив притисок за потврда на своето присуство и соживот со другите. Од аспект на емоционалното созревање, поминуваат низ алгоритмите на интензивното, посредничко општество, во кое најважни вештини за здрав развој на личноста се токму медиумската писменост, емоционалната интелигенција и здравиот социо-психолошки статус. Затоа е потребен и пристап, дома и на училиште, кој би обезбедил простор за критичко размислување, промоција на хумани вредности и актуализација на темите што ги креира технологијата. Автор: Бојан Шашевски Насловна фотографија: unsplash.com  
Tv 1

Телевизиите во ерата на (дез)информирањето

Да се истури перница низ прозорец, а потоа да се соберат пердувите и да се вратат назад. Ова можеби е најточната дефиниција на безуспешниот обид да се справите со лажна вест или со дезинформација. Она што постои од почетоците на пишаниот збор и новинарството, во новата дигитална ера значеше вести што се шират со молскавична брзина и за екстремно кратко време можат да предизвикаат огромни штети. Социјалните мрежи и порталите се плодна почва за ширење дезинформации и лажни вести, но и традиционалните медиуми не се целосно отпорни на оваа појава. Колку општествата стануваат подигитализирани и поповрзани, толку покомплицирано станува да се дојде до вистинска и вистинита информација. Проблемот е и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Новинарите во трката со времето да обезбедат навремена информација, честопати и самите стануваат генератори на „лажни вести“, преземајќи и умножувајќи ги содржините без воопшто да ги проверат и да го испочитуваат основното правило да се праша и другата страна. Корисниците, пак, во „морето“ најразлични информации, сè потешко доаѓаат до вредна вест. Трката по вест ги прави медиумите ранливи „Пијан возач повредил неколкумина на Рузвелтова“ „Пијан возач направил карамбол на Рузвелтова“ „Тешка несреќа на Рузвелтова. Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрво“ Ова беа само дел од насловите, дел од нив и на телевизија со национална концесија, на веста за сообраќајната несреќа во која животот го загуби младиот пулмолог Трајче Нешковски, кој почина откако му се слошило и со автомобилот удрил во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата. Веста дека лекарот бил пијан, се покажа како целосно неточна, но штетата веќе беше направена. Сличен, но посвеж пример се случи на одбележувањето на Денот на независноста. Она што требаше да биде прослава, ноќта се претвори во една од најтешките трагедии што ја погодиле земјава, кога 14 луѓе изгореа во стравотен пожар во модуларната болница во Тетово. Иако информациите на почетокот беа скудни, дел од медиумите, меѓу кои и телевизии, лиферуваа бројки на загинати што се движеа повеќе од 30 и на крајот, повторно се покажаа како целосно неточни. Пандемијата и состојбата со коронавирусот уште еднаш ги стави новинарите и медиумите на тест. Од статии за чудотворни лекови што даваат одлични резултати во борбата со короната, до празни полици во аптеките и пиење „сумамед“ на своја рака – уште еднаш се докажа дека борбата со дезинформациите и со лажните вести мора да се води на систематски начин, преку сериозно подигнување на нивото на медиумска писменост. „Борбата со лажните вести е спрега во која треба да бидат вклучени сите фактори за да се постигне максимален ефект, а оваа борба треба да почне од институциите, бидејќи работите секогаш почнуваат од онаму каде што има повеќе моќ и можност да се менуваат работите“, укажа неодамна специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов. Дека телевизиите не се имуни на ширењето дезинформации, покажа и истражувањето на Македонскиот институт за медиуми, Мировниот институтот од Љубљана и СЕЕНПМ (Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа) од јуни годинава. Во документот се посочува дека во услови кога интернетот како извор на информации се изедначи со телевизијата, има растечки тренд на дезинформации и говор на омраза, а во исто време, на граѓаните им недостигаат вештини и знаење за да можат критички да ги анализираат и да ги разликуваат професионалните и квалитетни информации од дезинформациите и пропагандата. Наодите во истражување покажуваат дека телевизијата е најчесто користен извор на информации на дневна основа за 75 % граѓани, а за над половината е и главен извор на информации. Дури 61 % од анкетираните сметаат дека телевизијата е доверлив извор на вести и информации. Но, 37 проценти од испитаниците одговориле дека немаат доверба во телевизијата што е висок процент (веднаш зад социјалните мрежи и онлајн медиумите), а како главни причини посочиле дека медиумите се под политичко влијание, шират дезинформации и пропаганда. Седум од десет граѓани сметаат дека медиумите во земјава шират политичка пропаганда и дезинформации! Македонија при дното во отпорноста кон лажните вести Борбата во напливот информации да се стигне до вистинската е долга и мачна. Таквиот заклучок може да се изведе и од статистичкиот преглед на одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, донесени минатата година. Од вкупно 140 одлуки, 67 % се за неточни и непроверени информации, немање „втора страна“ и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Уште една потврда на оваа теза стигна во март годинава. Извештај на Институтот „Отворено општество“ во Софија покажа дека земјите од Западен Балкан имаат мал потенцијал да се справат со негативните ефекти од лажните вести и дезинформациите. Тоа се должи на два фактора: состојбата со слободата на медиумите во регионот и степенот на образование. На последно место на Индексот за медиумска писменост е токму Македонија, а во наше друштво се и БИХ, Албанија, Црна Гора, Србија. До решение преку разбирање на суштината на проблемот Препознавањето на различните форми на лажни вести е првиот чекор кон изнаоѓање решение за проблемот. Дезинформациите се лажни или фабрикувани информации што свесно и намерно се шират за манипулирање со јавното мислење или со одредени групи. Мисинформациите, пак, се погрешни информации, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери. Дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, докази и дебати. Како можно решение за справување со проблемот е воспоставувањето механизми за проверка на лажните тврдења, што се покажа дека во одредена мера функционира со лажните вести што се шират за време на пандемијата, но, се чини, клучот е во подигнувањето на нивото на медиумската писменост, преку која се зголемува отпорноста кон лажните вести и дезинформациите. Веќе подолг период сè погласни се мислењата за потребата од воведување медиумска писменост уште во најраната школска едукација, како задолжителен предмет во училиште, со цел уште од мали нозе да се поттикнува критичкото размислување и расудување кај децата. „Ова е процес, инвестиција чии резултати ќе дојдат бавно, но е многу здрав чекор и на долг рок и суштински во битката со лажните вести. Знаењето на самите читатели и умешноста на публиката да препознае дезинформации се клучни и за нивно девалвирање и за дефакторизација на самите медиуми – извори на пропаганда“, смета Катерина Синадиновска од СЕММ. Или, какви генерации ќе создадеме, такво општество и ќе имаме. Автор: Мартин Пушевски Насловна фотографија: unsplash.com  
Voting 1 1

Дезинформациите за време на изборните кампањи

Ранливоста на публиката на социјалните медиуми според перцепцијата на кредибилноста на изворот на информации, политичката афилијација и возраста Социјалните медиуми сè повеќе се користат како моќна алатка за политички ангажман и изразување. Политичките актери ги искористија придобивките од дигиталните медиуми за да го обликуваат јавното мислење, да го контролираат протокот на информации на интернет и да иницираат одредена политичка активност преку политички кампањи. Политичките актери отсекогаш користеле гласини и други алатки за лажни информации, но современите технологии им овозможуваат да произведуваат и да шират дезинформации побрзо и со голем ефект. Брзината, досегот и ниската цена на онлајн комуникацијата ги зголемуваат последиците од дезинформациите. Затоа, причините и влијанието на дезинформациите врз демократијата, човековите права и владеењето на правото се теми што постојано се проучуваат со особено внимание од експерти и истражувачи. Но, сето ова не би било возможно и немаше да привлече толку големо внимание и ефект без ангажираност и активност на корисниците, односно на публиката на социјалните медиуми. Без разлика дали намерно или ненамерно, голем број корисници се ангажирани на овие намерно организирани пакети вести и помагаат во ширењето на невистините информации што го загрозуваат медиумскиот плурализам, ја загрозуваат слободата на изразување и ја ослабуваат довербата на граѓаните во институциите и во медиумите. Во денешно време, анализирањето на влијанието на дезинформациите треба да се гледа од перспективата на медиумските ефекти, кои како такви се променливи и зависни од дигиталните и од социјалните промени. Така, кога зборуваме за индивидуалните карактеристики што се истражуваат секојдневно за да се добие една референтна рамка кон идните истражувачи за анализирање на влијанието на  дезинформациите кон толпата во социјалната психологија, најцитирана е теоријата на когнитивна дисонанца на Леон Фистингер (1957) или селективна изложеност кон информациите, од каде што e произлезен поимот на пристрасност за потврдување (confirmation bias). Когнитивната дисонанца e несвесна тенденција на луѓето да постигнуваат когнитивна конзистентност со претходни постојни верувања или ставови, преку избегнување или минимизирање информации или ситуации што се спротивни на нивните верувања и ја мотивира личноста да се обиде да ја намали дисонанцата и да постигне конзистентност. Врз основа на ова, политичките пристрасни индивидуалци имаат тенденција да веруваат, да прифаќаат и да споделуваат информации што се совпаѓаат со нивното политичко убедување, без разлика дали таа информација е вистина или не, а другите информации што не се совпаѓаат со нивните верувања, да ги игнорираат. Од истражувањето спроведено за магистерска теза на Едлира Палоши Диша од Факултетот за современи општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа, за перцепција на дезинформациите во тек на изборните кампањи беа дадени осум лажни вести за четирите најголеми политички партии во земјава поврзани со изборната кампања на парламентарните избори 2020 година, односно за секоја од партиите по една лажна вест со позитивна конотација и по една со негативна конотација. Екстракт од анализираните резултати се презентирани во следната табела, каде што многу јасно се забележува како гласачите на ДУИ и на Алијанса за Албанците ги перципираат како вистинити информациите со негативна и како информациите со позитивна конотација од својот политички субјект и политичкиот опонент, а кои, пак, во исто време сите се лажни вести. Вакви анализи се направени со сите четири најголеми политички партии во земјава. Сепак, многу е важно да се земе предвид времето кога се прави истражувањето, затоа што политичката атмосфера меѓу опонентите во предизборниот и во постизборниот период знае да се промени од време на време, во зависност од предизборните и од постизборните коалиции.  Мошне интересни се и резултатите од истражувањето што покажуваат како публиката доаѓа до политички информации и каде најмногу се ангажира за политички вести од каде што може да се анализира кои се нивните извори на влијание и на дезинформации. Според добиените резултати, за политички информации на социјалните медиуми испитаниците повеќе преферираат да се ангажираат во разговори со роднини/пријатели на социјалните мрежи и со групи блиски пријатели на социјалните мрежи со кои ги споделуваат истите убедувања. Резултатите покажаа дека сепак општествените врски се цврсти и дека луѓето сè уште се користат како извор на информации наместо веродостојни извори на информации. Ова докажува уште еднаш дека хомофилните интеракции на социјалните медиуми, т.е. ехо-комори што овозможуваат задржување и зајакнување на сопствените мислења и ставови во група „истомисленици“, не ѝ дозволуваат на публиката да наиде на различни гледишта во информативната сфера на социјалните медиуми. Според испитаниците, поверодостоен извор за политички информации на социјалните мрежи се групите на блиски пријатели со најголем процент од 65,3 испитаници и објавите на пријателите со 42,7 проценти. Ако резултатите се анализираат според групи на возрасти, највисок процент на  испитаниците што сметаат дека објавите на пријателите на социјалните медиуми (со 81,8%) и групи блиски пријатели (со 54,5%) се кредибилни извори на информации е возрасната група од 46 до 59 години. Една од детерминантите на корисниците на социјалните медиуми која се докажа како фактор на ранливост кон дезинформациите е и возраста. Освен други елементи што беа истражувани, испитаниците од возрасната група од 46-59 години (26,4%) и над 60 години (30%) не беа целосно способни да ги разликуваат лажните од точните вести, за разлика од помладите возрасни групи. На што се должи ова?! Постојат истражувања што сметаат дека ранливоста на оваа група е резултат на отсуството на дигитални способности и медиумска писменост кај оваа возрасна група, а исто така и поради убедувањата и идеологијата што со возраста се зајакнуваат, или како што го нарекуваат Гес, Наглер и Такер (2019) „илузии на вистината“ или упорност на ставот со возраста. Дополнително, можеме да кажеме дека ниту една целна група не може да биде сосема отпорна на дезинформации. Така што, истражувањето резултираше со фактот дека ниту една целна група испитаници не успеа сосема да ги идентификува сите лажни вести како неточни. Останува да произлезат уште многу резултати и анализи од истражувањето за магистерската теза „Дезинформацијата како алатка во политичките кампањи – Како публиката ја перципира дезинформацијата – студија на случај Република Северна Македонија“, која ќе биде одбранета по обработката на сите резултати и по нивната анализа. Ова истражување има за цел да го расветли патот кон борбата против дезинформации особено во текот на изборните кампањи и да им послужи на идните истражувачи на ова поле, на агенциите за проверување факти и откривање лажни вести, на граѓанското општество и на експертите од областа за да се подобри откривањето, да се подигне свеста и да се ограничи влијанието на дезинформациите. Автор: Едлира Палоши Диша, Истражувач во проектот FakespottingEU, Институт „Макс ван дер Штул“, Универзитет на Југоисточна Европа Насловна фотографија: freepik.com  
Mirce 2 1

Дисциплинирање на медиумите во Русија

Конечно од Москва стигна вест што дава надеж за руските медиуми. Но, засега само надеж. Станува збор за еден случај, кој е исклучок за да го потврди правилото. А, тоа е дека и во Русија медиумите се дисциплинираат. Појава што е карактеристична за авторитарните држави. За жал, денес кон неа се приклучуваат дури и членки на Европската Унија. Заедничка карактеристика за сите нив е дека се изнедрени од некогашната Источна Европа или, пак, од Советскиот Сојуз.  Што се случи во Русија? Рускиот комитет за надзор (Роскомнадзор) го избриша интернет-телевизискиот канал „Дожд“ од Регистарот на медиуми со странско финансирање. А токму поради тоа руското Министерство за правда го прогласи „Дожд“ за „странски агент“ во август годинава. Тогаш се крена голема врева околу спроведувањето на законот за „странски агенти“ или попрецизно и официјално Законот за некомерцијални организации, или пак најблиску до нас, Закон за здруженија и фондации. Сега на телевизискиот канал треба да му биде тргнат епитетот „странски агент“, односно министерството да го избрише од неговиот список. Но, се чини дека за тоа, „Дожд“ ќе почека. На што асоцира изразот „странски агент“? А згора на тоа, ако треба да го ставаш пред секој текст што го објавуваш во твојот медиум. Еве, на пример, како изгледа тоа во руски медиум, прогласен за странски агент: „Ова соопштение (материјал) е создадено и (или) распространето од странско средство за масовна информација, кое врши функција на странски агент, и (или) руско правно лице, кое врши функција на странски агент“. Во Русија „странски агенти“ се воведоа со закон во 2012 година по големите протести во зимата 2011 и во пролетта 2012 година. Се смета дека оттогаш наваму Русија, власта, постепено го стега ременот околу вратот на сè она што таа смета дека е против неа. Законот најнапред се донесе за некомерцијални организации, за подоцна со него да бидат опфатени и медиумите. Во последниве години Русија носи закони повикувајќи се на постоење слични во западните земји. Во САД има Закон за странски агенти (FARA) донесен во 1938 година, за борба со влијателните агенти од нацистичка Германија. Во 1966 година во него се внесени измени што го насочуваат дејствувањето на законот врз политичките лобисти, кои работат по нарачка на странски држави. Тоа можат да бидат и правни и физички лица. Според законот, тие треба задолжително сами да се регистрираат. Во случај на сомнеж, властите се должни да ја докажат неопходноста од нивното вклучување во списокот на странски агенти. На прв поглед, законите и во двете земји се слични. Регистрирање во министерствата за правда, давање отчети за работата. Американците бараат податоци за парите легнати на сметка и за трошоците на секои шест месеци. Русите, пак, на секој квартал. Згора на тоа, Русите секоја година бараат ревизорски извештаи, а секое полугодие објавување извештај за работата. Има и важни разлики меѓу двата закона. Критериум за вклучување во списокот на странски агенти во САД е физичкото лице или организацијата директно да се управуваат или да се контролираат од странска влада или организација. Додека во Русија, пак, доволно за влез во списокот е да се добие странски грант. Мала дигресија. Што би се случило ако кај нас некој авторитарен лидер нарача ваков закон? Сите невладини би требало да бидат прогласени за странски агенти. А имаше обиди во времето на Груевски, поттикнати од руското искуство, да се „приштрафат“ и македонски НВО. Среќа што сè остана недокрајчено. Во САД на оние што стекнале статус „странски агент“, а не се регистрирале, им се закануваат до пет години затвор и казна до десет илјади долари. Но во практика во последниве над 50 години имало само седум случаи што дошле на суд, а изречена е само една казна, и тоа во 1966 година. Во Русија, пак, засега нема кривично гонење, што не е исклучено со најнови промени во законите, но многу граѓански организации и медиуми престанаа со работа. На Русите малку им беше што ги држат за врат граѓанските организации, па во 2017 година посегнаа по медиумите. Официјални руски личности тогаш велеа дека тоа е одраз на дејствата на САД во поглед на рускиот ТВ-канал „Раша тудеј“ (РТ). Русите беа лути што прво РТ, а потоа и радиото Спутник беа принудени да се регистрираат како странски агенти. Во САД сметаа дека фактот што тие се платени од државни пари е доволен доказ дека треба да се регистрираат како „странски агенти“. Овде има една голема разлика меѓу рускиот и американскиот закон. Регистрирањето во САД не носи закана за ограничување на работата. Додека во Москва странските, пред сè американските медиуми, беа предупредени дека може да дојде до ограничување на нивната работа. Во врска со носењето на овие закони, професорот Елиот Боренстеин од Њујоршкиот универзитет смета дека во Русија станува збор за стигматизација на граѓанското општество како „странски агент“, додека, пак, регистрацијата на РТ има друга, потесна цел, а тоа е дискредитација на рускиот канал како разурнувач на американскиот политички систем.   И така во 2017 година и медиумите почнаа да влегуваат во списоците со „странски агенти“. Неазвисно дали се странски медиуми или руски. Важно е да не добива пари од странство. Уште тогаш имаше укажувања дека законодателот решил како странски агент да го регистрира секој што распространува информации, не само медиумите. Туку и социјалните мрежи и разни твитери, инстаграми... Напразни беа убедувањата од власта дека тоа нема да се слчучи. Со последователните промени се дојде до ситуација човек да може да стане странски агент ако напише нешто и на социјална мрежа или, пак, ако добие подарок пари од странство. Или ако има претплатници на својот медиум од странство. Медиумите одеднаш беа натерани да подготвуваат квартални извештаи за добиените пари, да соопштуваат информација за личноста или за организацијата што го финансирала медиумот странски агент, да каже за што се потрошени тие пари, да прави годишна ревизија и секои шест месеци да објавува извештај за работата. И, секако, да ја ставаат „етикетата“ дека се странски агенти. И така почна да се рои списокот со медиуми странски агенти. Со подоцнежни измени во разни закони и поединци новинари стануваат „странски агенти“. И списокот почна да расте. Почнаа да се штанцаат „странски агенти“ во медиумите. До 15 октомври во регистарот беа вклучени 88 медиуми и физички лица. Последен пат списокот беше дополнет со еден новинар. Проширувањето на списокот, за Кремљ не значи загрозување на слободата на говор. Телевизиските канали вклучени во регистарот на медиуми странски агенти, ќе мора да ги маркираат, да ги обележуваат своите материјали, како и другите медиуми. Пред секоја емисија телевизискиот канал треба да публикува дисклејмер со текст во центарот на екранот минимум 15 секунди. Големината на текстот треба да биде 20 проценти од големината на екранот! За непочитување на обврските за финансиска отчетност и др., предвидена е административна одговорност. Првото нарушување е со казна од 500 илјади рубли, околу 7.000 долари. За второто, казната веќе се удвојува. Подоцна и казна затвор. Ако станува збор за вебсајт, „Роскомнадзор“ може да го блокира во целост. Во август летово по уште еден бран прогласени „странски агенти“, редица медиуми објавија обраќање до власта, со кое се бара да престане прогонувањето на новинарите врз основа на законот за странски агенти и да се укинат регистрите за агентите. Кремљ во одговорот рече дека станува збор за „емотивно обраќање“ и дека не станува збор за прогон на новинарите, туку за спроведување закон, кој треба да постои, заради мешање однадвор во руските внатрешни работи. Подоцна 23 главни уредници и директори на медиуми одново се обратија до властите со конкретни предлози за промени во законот. А, најпрво се бара ставањето во списокот на „странски агенти“ да оди по судски пат, а не некој од министерството да каже кој е странски агент. Од Кремљ одговорија дека конкретните предлози ќе се разгледаат од составот на новата Државна дума. А тоа значи некаде по Нова година или догодина напролет. Ако воопшто власта сака да преземе таков чекор. Власта во Русија сите операции со таканаречените медиуми странски агенти и новинари поединци, не случајно ги забрза и ги зголеми од почетокот на годинава. Есенва имаше избори, а медиумите што станаа странски агенти беа многу слушани, гледани и следени од јавноста. Многу повеќе дури и од државните медиумски корпорации. Нивно обележје беше зборување за другата вистина. Не онаа на власта. Истражуваа за коруцијата, не сите, но го поддржуваа Алексеј Наваљни. Рејтингот на власта и на владејачката партија, а со тоа и на Путин, почна да паѓа. И се посегна по Сталиновото: „Нема човек, нема проблем“. Некои медиуми престанаа со работа, а другите се под постојана закана дека можат да бидат дури и затворени. Пред неколку денови беа публикувани и укажувања од специјалните служби, конкретно од Федералната служба за безбедност(ФСБ), и произлезе дека во списокот на странски агенти може да се влезе дури и за собирање и предавање странски јавно објавени податоци за војската, за „Роскосмос“... Има шеесетина позиции за кои не може да се пишува. Односно поради кои може да се стане странски агент, ако се чепне во нив. А фактот дека она што е забрането, а е јавен документ, странците можат да го најдат кога сакаат седејќи дома, за специјалните служби не значи ништо. Сега може да биде опасно да се истражува и за корупцијата во армијата, во големите државни корпорации. Но, да се вратиме на медиумот од почетокот на текстов. Телевизискиот интернет-канал „Дожд“ сега ќе чека да го избришат од списокот. „Дожд“ беше ставен во списокот поради „финансирање од странство“ и „распространување информации, публикации, подготвени од медиуми странски агенти“. Излезе дека „Дожд“ добивал средства од ЕУ како грант за образовни проекти и сл. Стануваше збор за минимални суми. Договорот со ЕУ е раскинат. Сега прашање е како ќе излезе телевизијата од списокот. Во законот што ја регулира таа материја, сè е предвидено за да те стават во списокот на странски агенти. Но, нема ништо како да се излезе од него. Како може да се избрише таа одлука. Излегува дека нема таква процедура во законот, а за казни, на пример затвор за грешки при регистрирање на финансискиот отчет, има процедури. Сето тоа нормално влијае врз професионалната работа на новинарите. Може да се случи „Дожд“ да чека неколку месеци, па и подолго ако е потребно, да се дополни законот со процедури за бришење од списокот. И сето време ќе мора да ја објавува етикетата дека е странски агент. Со трпење на последиците од тоа. И економски. Но, тоа е најмалото што може да ѝ се случи на телевизијата. Нема да изненади суетните бирократи да најдат некое друго дело на „Дожд“ и уште многу долго да ја третираат како странски агент. А во Русија такво нешто е практика. Има еден новинар, Иван Сафронов, вработен во „Роскосмос“, кој веќе втора година е под истрага, во притвор. Не можат да му накалемат ништо. Го гонат за наводно давање информации на „странски служби“. Но станува збор за материјали што се јавно достапни и за истражувања на новинарот кога не работел во „Роскосмос“. Негови колеги сега стравуваат да се допишуваат со странци, со дипломати и сл. Или да седнат да разговараат со нив. Велат дека би било голема среќа за Сафронов ако го прогласат за „странски агент“. Тоа е најмлата работа што би можела да му се случи. А тоа е сериозно предупредување за сите новинари. За сите истражувачи. За оние што останаа во Русија. Автор: Мирче Адамчевски Насловна фотографија: pexels.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Lilpe 1

Индиректно поттикната апатија со (пот)платено политичко рекламирање

Анемични, задушени, без воздух беа и политичките партии, но и медиумите што требаше да играат клучна улога во овој процес на креирање на јавната дебата за политики. Останавме куси во квалитетот на опусот на информации и од двете страни, и од оние што ни се претставуваа и од оние што требаше да ни ги претстават. Се чини како да имаа симптоми на долг ковид. Дали станува збор за уморни медиуми или за поттикната апатија? Што придонесе кон тоа? Дали можеби обезбедените државни средства за медиумите преку платеното политичко рекламирање придонесе кон тоа радиодифузерите да се опуштат и да ја дозволат мелодрамата што ја следевме?! Имено, со новите измени и дополнувања на Изборниот законик (Службен весник бр. 215 од 16.9.2021) се определува нов начин на утврдување на ценовниците за емитување платено политичко рекламирање (ППР) кој се применува и за Локалните избори 2021. Со најновите измени, радиодифузерите и печатените медиуми добиваат просечна цена по секунда за едно деноноќие, пресметана според различните ценовно-рекламни временски периоди. Ценовниците не смеат да се менуваат до конечно завршување на изборниот процес и цената не може да ја надминува просечната цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно, пресметана во последните пет изминати изборни циклуси. Доколку ДИК утврди неправилности во ценовниците, го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа, што и го направи. Излезе дека 17 телевизии треба да достават корекција на своите ценовници. Истото важи и за 9 радија. Иако ДИК донесе Упатство за начинот и постапката за потврдување на просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање, и иако е должна, сепак јавно не е објавена табелата со просечно постигната цена пресметана за секој радиодифузер одделно.  На прв поглед изгледа дека радиодифузерите не знаат математика за да ја направат пресметката. Но, затоа тука е ДИК за да направи корекција и регулирање на цените доставени од приватните радиодифузери. Исто така, ДИК утврди цена за телевизиите што се регистрирани во Регистарот на ДИК, но не учествувале на последните пет изминати изборни циклуси. Така, просечната цена не смее да биде повисока од 1,97 евро/121,13 денари за секунда рекламен простор. Тука ова изгледа на некаква регулација на ценовник на приватни медиуми и радиодифузери, ама нејсе, да видиме како ќе функционира во практика. Најважно е што сепак им се даде шанса и на оние што не се регистрирани во Регистарот на ДИК пред периодот на стапување на сила на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои сепак имаа право на ново барање за регистрација, за да може да бидат дел од Медија планот на учесниците во изборниот процес. Следно е Државната изборна комисија да им ги исплати трошоците за објавеното платено политичко рекламирање на радиодифузерите, на печатените медиуми и на електронските медиуми врз основа на доставена фактура, во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Како прилог на доставената фактура се доставува и Медија план, како и Извештај за реализирани услуги, кои се потврдени од радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми, и од учесникот во изборната кампања. Е, сега, тука се наметнува прашањето за тоа дали ова отвора можност за некакво фаворизирање одредени медиуми, поткрепено и затскриено многу добро во Медија плановите на политичките партии, бидејќи од тоа зависи кои радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми ќе добијат средства од државното финансирање за платено политичко рекламирање. Значи, не добиваат сите медиуми што се регистрирани во Регистарот на ДИК, туку само оние што влегуваат во медиумските стратегии на политичките партии/учесници на изборите. На 20 октомври радиодифузерите се должни Извештајот за реализирани услуги да го достават до ААВМУ – прв круг. Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) до учесниците во изборната кампања го доставуваат Извештајот за реализирани услуги, во прилог на фактурата, кој треба да содржи и примерок од објавите во печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет-портал), а потоа целосната документација се доставува до ДИК – прв круг. На 25 октомври Извештајот за реализирани услуги на радиодифузерите треба да биде потврден од ААВМУ – прв круг. На тој начин се осигурува надзорот над исполнетоста на она што е објавено и пријавено/побарано за исплата. ААВМУ овде игра голема улога на надзорен механизам и вршење мониторинг на платеното политичко рекламирање. На 30 октомври Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-портали) се должни да поднесат Извештај за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и средствата што се платени или се побаруваат по таа основа – прв круг. Радиодифузерите се должни да го достават потврдениот извештај до учесникот во изборната кампања, а потоа целосната документација до ДИК – прв круг. По сето ова, процесот го разбираме како купи-продај медиумски простор. Немаме ништо против државно финансирање на медиумите за целите на платено политичко рекламирање, но тоа треба да има единствена и основна цел – правото на избирачите да добијат точни и доволни/квалитетни информации по кои ќе направат избор меѓу изборните натпреварувачи. Ова што го гледаме е само право на изборните конкуренти да ги изразат своите пораки во кампања за да ја добијат поддршката на електоратот, односно право да одберат медиум по вкус (само да е во Регистарот на ДИК). Каде е тука правото на медиумите да бараат и да пренесуваат информации? Што прави медиумот во случај кога учесникот во изборната кампања одбива да даде изјава или да биде гостин во емисија само поради тоа што не се вклопува во Медија планот на партијата? И впрочем, по кој критериум се одбираат медиумите влезени во Регистарот на ДИК? Единствен критериум е само барање за упис, доставено од медиумот – Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена. Ако Регистарот на медиуми од ДИК значи можност за финансирање од државни пари, тогаш треба да осигури дека се одбрани професионални медиуми и новинарство што е препознаено како етичко и професионално известување и пренесување информации. Со тоа се намалува ризикот да се двојат средства од Буџетот за медиуми што не се соодветни, медиуми/интернет-портали што се регистрирани непосредно пред избори, портали што никогаш не обработиле политичка тема (ubavinaizdravje.com), или, пак, едноставно не се ни медиум туку само агрегатор на вести (time.mk). По која основа тогаш на овие таканаречени „медиуми“ би им се исплатила фактурата за платено политичко рекламирање? Само поради тоа што се вклучени во Медија планот на учесниците во изборната кампања? Па, тоа значи дека буквално секој интернет-портал може да добие државни пари и притоа да не почитува основни стандарди за професионално новинарство. Ако се залагаме за професионално новинарство, тогаш најдобро е да се даде поддршка на оној Регистар кој веќе е составен од членство што работи по правила, критериуми и основни стандарди. Регистарот на Советот за етика во медиумите содржи членство од телевизии, радија, интернет-портали. Медиумот се исклучува од членство по три одлуки на Комисијата за жалби во рок од три месеци во кои е утврдено прекршување на Кодексот на новинари. На тој начин може да се поддржи и саморегулацијата на медиумите, професионалното новинарство, но и да се поддржат со државни пари оние што пишуваат во име на јавниот интерес, почитувајќи ги сите стандарди. Инаку, вака е оставено на политичките партии да избираат медиуми/портали, а можеби и да креираат свои или да поттикнуваат новокомпонирани сајтови да се декларираат како медиуми и со тоа да создаваат хаос во медиумскиот јавен простор. По таа основа, на медиумите не им одговара да нема втор круг. По логиката на финансирање, тие би загубиле многу ако нема платено политичко рекламирање и во вториот круг, а со тоа и втор извештај и втора фактура. Па, така, се исплати анемичноста и апатијата во кампањата пред првиот круг, за да ги задолжат учесниците во изборната кампања за уште поголеми фактури во вториот круг. А, кој го плаќа сето тоа? Се разбира, народот. Медиумското однесување одбира да придонесува кон клучни аспекти на изборниот процес или ја понижува демократската природа на изборите. Обемот на покривање на изборните субјекти, присуството или отсуството на пристрасност кон вестите, соодветноста на пристапот до медиумите за политичките конкуренти и соодветноста на информациите што им се пренесуваат на гласачите преку вести, директни политички пораки, програмирање јавни информации и гласачи, се аспекти што мора да се базираат на стандарди и правила. За жал, не само што излегува дека е (пот)платено политичкото рекламирање, туку и навидум индиректно се поттикнува апатија во медиумскиот простор, затоа што Изборниот законик овозможува пристап до Буџетот на државата на кој било самонаречен медиум, само ако добро знае да пополни барање. Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска Насловна фотографија: freepik.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Tv Debata

Многу скапа мелодрама во јавниот простор

Легитимитет на политичката дебата дава јавноста. А колку што видовме, тоа изостана. Многубројни се критиките на сметка на она што се нарекуваше „дебата“. Она што го видовме и слушнавме, всушност беше само отстапен јавен простор од медиумите за чисти монолошки форми и партиски пеења. Форматот речиси ист секаде, т.е. исти одговори на речиси исти прашања. Добро научени стихови и фрази, кои суштински не придонесоа да се дебатира за политики, па макар и со спротивставени ставови. Слободата да се дебатира за креирање и развој на политики, никој не ја искористи. Кандидатите го злоупотребија правото и слободата за дебата најчесто во плукање и напад на актуелните кандидати, чест на исклучоците, додека медиумите беа доста тивок декор при партиското рекламирање. А слободата на политичката дебата е во суштината на концептот на демократското општество, ако барем малку остана нешто од тоа. Па, така, наместо дебата за политики, ние имавме класична мелодрама во јавниот простор – искази со пренагласена емотивност, со увереност за чиста победа уште пред да почне битката, со потресни и малку веројатни ситуации или настани на кои ќе може да се одговори со градоначалничкиот мандат. Крајно несериозно, без почитување на интелектот на масата и јавноста и без никакви скрупули да се ветува што реално ни физички не може да се исполни докрај во рамките на еден мандат. Слободните и фер избори не се однесуваат само на слободата на глас и искористување на правото на глас, ами и на знаење како да се гласа, т.е. механизмот на информираност што е во рацете на медиумите. Тој партиципативен процес каде што гласачите се вклучуваат во јавна дебата и имаат соодветна информација за партиите, за политиките, за кандидатите и за самиот изборен процес, со цел да се направи информиран избор. До кој степен го имавме тоа? Медиумите дејствуваат како клучен чувар на демократските избори, заштитувајќи ја транспарентноста на процесот. Навистина, демократски избори без слобода на медиумите би било контрадикција. Но и обидот да се контролира гласот на јавноста е еднакво на задушување на јавниот простор. Особено во делот на утринските програми каде што поставувањето на тематските прашања многу повеќе водеше до целта на поларизација на јавното мислење, повеќе кон поттикнување расправи(ја) отколку на дебата за одредени политики. Неспорно е дека целокупниот наратив на атака од дебатните емисии на ТВ од страна на политичарите се реплицираше на утринските јавувања каде што јавноста наместо да се поттикне да ги отвори прашањата, насочено се фаворизираше кон едните или кон другите. Медиумите можеа да бидат барометар на јавното мислење, креатори на дебати за политики, простор каде што нееднаквата борба меѓу политичките субјекти ќе ја нивелираа со гласот на јавноста. Во таков склоп на околности можеби и ќе можеше да се оди дотаму да се постават прашања на дебатните емисии што произлегуваат од емисиите во живо со јавноста, бидејќи на крајот од денот, граѓаните се тие што одлучуваат. За жал, се потфрли во пренесување на гласот на јавноста од медиумите кон политичарите, не се искористи шансата да се слушне кои се потребите за одредени политики и конкретни проблеми во различни области. Наместо да се оди со пристап оддолу-нагоре (bottom-up approach) се наметнаа мелодрамските улоги на политичарите да кажат што смислиле или измислиле во нивните програми. Затоа звучеа нереално и неоригинално. Во таа смисла, медиумите одиграа многу тивка, речиси споредна или спорадична улога во најдемократскиот процес во државата – изборниот процес. Медиумите требаше да ја имаат главната улога, затоа што тие им даваат информации на повеќето гласачи што се од суштинско значење за изборот што го прават во гласачката кутија. Затоа, правилното однесување на медиумите кон сите политички партии и кандидати, како и правилното медиумско однесување при презентирање информации што се релевантни за изборниот избор, се клучни за постигнување демократски избори. А волјата на народот – изразена со вистински, демократски избори – е основата на авторитетот на секоја демократска влада. Тој авторитет сепак не може да се воспостави доколку избирачите не направат слободен и информиран избор меѓу политичките натпреварувачи. Дел од важноста на политичката дебата е начин како да му се даде на електоратот информации што му овозможуваат да го оствари својот политички избор. Можеби само тогаш ќе имаме народ што ќе гласа ЗА, а не во повеќето случаи како што гласа ПРОТИВ. Па, така, едните победија токму само поради тоа што другите требаше да изгубат. Слободата на говорот е, без сомнение, основата на секое демократско општество, бидејќи без бесплатна дискусија, особено за политички прашања, не е можно јавно образование или просветлување, толку суштинско за правилно функционирање и извршување на процесите на одговорна влада, а богами и одговорна опозиција. Иако улогата на опозицијата е да ја критикува власта, сепак одговорноста за недвосмислено почитување на законите во делот на изборниот процес беше доведена под прашање. Како и да е, останавме куси во опусот на информации и од двете страни. И од оние што се претставуваа и од оние што требаше да ни ги претстават. Анемични, задушени, без воздух беа и политичките партии и медиумите кои требаше да играат клучна улога во овој процес на креирање на јавната дебата за политики. Се чини како да имаа симптоми на долг ковид, а мораа да играат некаква претстава. Дали станува збор за уморни медиуми или поттикната апатија? Што придонесе кон тоа? Дали можеби обезбедените државни средства за медиумите преку платеното политичко рекламирање придонесе кон тоа радиодифузерите да се опуштат и да ја дозволат мелодрамата што ја следевме? Во тој случај, многу скапо нè чини, иако публиката веќе одлучи за кого ќе аплаудира.   Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска Насловна фотографија: freepik.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Pozar 2

Лицитација со бројки и потреба од сензационализам

8 септември, нешто по 22 часот, првпат се појавува вест за пожар во модуларната болница во Тетово. Првичните фотографии што ја придружуваат веста се симнати од интернет, многу оган и понекое пожарникарско црево. Кусата вест дека избувнал пожар во модуларната болница не е доволна. Речениците се надополнуваат од минута во минута. За петнаесетина минути почнува и лицитацијата со жртви. Дел од медиумите внимателни – најверојатно има и жртви, други храбро објавуваат – најверојатно има 36 жртви. Бројката варира од медиум во медиум, од 10 до 36. Министерството за здравство соопштува дека министерот е на пат кон болницата во Тетово. Брзо потоа објавуваат дека има и жртви. Тогаш настанува вистински хаос на интернет, медиумите водени од официјалното соопштение на Министерството за здравство, не ги чекаат официјалните бројки и масовно споделуваат вести во кои се запишани различни податоци за изгорени пациенти. Вака приближно се одвиваше генезата на објавувањето информации ноќта на 8 септември кога изби оган во ковид-болницата во Тетово. Интернет-страници, радија, телевизии... сите медиуми се јавуваа и објавуваа, беа во трка кој попрв ќе дознае повеќе. Зошто се брзаше со објавување на бројот на жртви пред официјално да се потврди? Од Здружението на новинари на Македонија велат дека не се изненадени од брзината на ширење непроверени информации. „Примерите за ширење непроверени информации во услови на трагедија, не се нов феномен во нашето општество, а мотивите најчесто се политички или, пак, со тенденција да се креира лажна популарност на социјалните медиуми од неодговорни корисници“, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ. Тој смета дека лицитирање со бројка на починати лица во услови на трагедија во која нема официјална информација дали и колку лица се починати, не само што ги прекршува етичките стандарди на новинарската професија, туку и може негативно да влијае врз јавниот ред и мир преку предизвикување паника меѓу граѓаните, а тоа да доведе и до јавни немири. Од Советот за етика во медиумите во Македонија велат дека Европската новинарска практика, како и насоките од Алијансата на независни совети за печат на Европа – АИПЦЕ се мошне јасни – дека во случај на несреќи и катастрофи, новинарите имаат исклучително голема одговорност во обработката и пласманот на информациите. „Главниот принцип, се разбира, е почитувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите – да се објавуваат точни и проверени информации, да се настојува да се провери информацијата максимално пред да се објави, и притоа, доколку не сме сигурни во нејзината веродостојност, да се нагласи јасно дека станува збор за непроверена информација. Понатаму, да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите, нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност (природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство)“, вели Катарина Синадиновска од СЕММ. Објавувањето неточни информации од медиуми што официјално го носат товарот на јавното информирање, односно се регистрирани како медиуми, е многу загрижувачки факт, смета универзитетската професорка Јасна Бачовска. Таа вели дека опасноста е особено голема во овој социолошки амбиент што го креираат социјалните мрежи. „За жал, сè почесто се случува ова и е резултат на непрофесионализам во новинарството, лоша уредничка политика, низок интегритет на медиумите во државава. Потребата е сензационализам. Ваквите вести особено се опасни кога доаѓаат токму од официјални медиуми, во момент кога тие треба да се брана од лажни вести, субјективизам, произволности и хаос што го создаваат приватните профили што се јавно достапни и прават информациски хаос. Граѓанинот едноставно ќе нема каде да се информира и ќе нема кому да верува“, вели Бачовска. Како професорка на идните новинари, таа нагласува дека еден едуциран новинар не би требало да прави „грешки“ од овој тип, бидејќи уште како студент по новинарство учи за објективност во новинарството, за професионализам, за факт наспроти информација, за етика на информирање. Постојат ли санкции за ваквиот сензационалистички пристап на информирање? Да се биде прв значи и да се има најголема одговорност. Која е казната за оние што се служат со лаги или со непроверени информации за да бидат први? Од агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги велат дека не постои казна што тие како регулаторно тело можат да ја изречат. „Од регулаторен аспект, телевизиите и радијата треба да ги почитуваат начелата за вршење на дејноста што се наведени во член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За конкретниов случај особено се важни начелата со кои се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните, потоа негување и развој на хуманите и на моралните вредности на човекот, заштита на приватноста и достоинството на личноста, како и заштита на идентитетот на жртвите на насилство. За непочитување на овие одредби нема казна, туку санкцијата е морална и обично ја изрекува саморегулаторното тело“, вели Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ. Но, секој граѓанин што ќе почувствува дека ваквиот тип информирање не е според етика и е спротивен на професионалното информирање, може да се обрати до ЗНМ. „Кога станува збор за објави на новинари, пред сè кои се членови на Здружението, секој граѓанин може да поднесе претставка до Советот на честа. Доколку Советот утврди дека има прекршување на етичките принципи, има јавна одлука што укажува дела конкретниот новинар или група новинари се непрофесионални. Во одредени случаи што се експлицитни и за кои се цени дека е потребна итна реакција, ЗНМ често во соработка со Советот за етика има објави или директна комуникација кон конкретните медиуми или новинари дека има  злоупотреба на слободата на изразување“, истакнува Секуловски. Но, колку е важна трпеливоста и професионализмот на новинарите, толку е важна и ажурноста во информирањето на институциите, смета Синадиновска од СЕММ. „Другата наша забелешка е еднакво суштинска, а се однесува на институциите – тие мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции (или дури и отворен прес-центар 24 часа) за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции“, вели Синадиновска. Таа дополнува дека дури и во услови кога надлежните ги немаат сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да се покаже дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани. Сензационализмот ја уништува довербата во медиумите Колку и да е голема казната за еден медиум од надлежните институции, не може да се мери со губењето на довербата кај публиката. Професорката Јасна Бачовска вели дека одржувањето на врската гледач-медиум е особено важна во известувањето сензитивни информации, како што е бројот на жртви во модуларната болница во Тетово.  „Ако новинарите продолжат да информираат на овој начин, нормално дека ќе ја изгубат довербата и тоа е голема општествена штета. Затоа е потребна работа на полето на медиумите и медиумски модел на општествено ниво и со политичка волја, а тоа значи: добри закони за медиуми, политички плурализам во медиумите, професионални и едуцирани новинари, силен невладин сектор во овој домен и поддршка на демократизацијата на медиумите од државата, како и јакнење на јавниот сервис“, смета Бачовска. Од ЗНМ се со помек став и сметаат дека гледачот би прифатил и извинување од медиумот ако тоа е направено ненамерно. „Кога станува збор за ненамерен пропуст од новинар или од медиум во начинот на известување, постои можност за јавно извинување. На тој начин се покажува подготвеност да се прифати грешката и да се побара од публиката да биде толерантна. Меѓутоа, во случаи кога злонамерно се злоупотребува новинарската професија, со цел да се има личен бенефит или да му се нанесе некому штета по угледот, во тој случај штетата често може да биде врз граѓаните и нивното право на јавно информирање и тука да настрада јавниот интерес“, вели Секуловски. Синадиновска од СЕММ завршува дека преку непрофесионализмот во јавното информирање и од страна на институциите и од страна на медиумите, се креира недоверба во самите медиуми, ама и во системот, нешто што може да биде особено опасно токму во време на несреќи или катастрофи или предизвици за јавното здравје, кога имањето на вистинската информација понекогаш ја прави разликата помеѓу животот и смртта. Автор: Катерина Топалова   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
S Net 1

Социјалните мрежи како „главен извор“ на информации во медиумите

Светот отсекогаш се соочувал со епидемии, пандемии и со многу предизвици по здравјето на луѓето. Во 2003 година, во време на епидемијата предизвикана од САРС, новинарот Дејвид Роткопф го употреби зборот „инфодемија“ за да опише неколку факти, измешани со страв, шпекулации и гласини, пренесени брзо низ светот преку модерните технологии што влијаат врз економијата, политиката и безбедноста. Пред 18 години, Роткопф во својата колумна „When the Buzz Bites Back“ посочуваше дека освен епидемијата од вирусот САРС, има и друга епидемија, онаа поврзана со информациите. Полнолетни 18 години, инфодемијата полека но сигурно се шири како болест, а пациентите што најлесно се инфицираат се медиумите и медиумските работници. Како што коронавирусот се ширеше и се шири брзо низ целиот свет, така лажните вести и дезинформации се шират уште побрзо. Освен во здравството, лажните вести и дезинформации се шират и во сите други области: политика, култура, економија... Дигиталниот свет стана удобно место во кое лажните вести и дезинформации заземаат најголем простор и многу тешко се контролираат неговите соеви, социјалните мрежи. Ципрас: Честитки, Зоран Заев! vs Твитер: Честитки, лажна вест! Минатата година на 18 август беше објавено дека е постигнат коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ. Ваквата информација како главна вест одекна во медиумскиот свет во нашата држава. Истиот ден, веднаш на оваа вест се надополнуваше и информацијата дека за ваквиот коалициски договор, честитки на својот профил на Твитер упатил и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Твит „Честитки, Зоран Заев“ (18.8.2020) Медиумите лесно ја проголтаа и ја објавија оваа честитка, без да забележат (да проверат!) една клучна работа, дали е тоа официјалниот Твитер-профил на Алексис Ципрас? Корисниците на социјалните мрежи лесно стануваат алатка за ширење лажни вести. Доказ за ова е и честитката, која покажа дека креатор на твитот не е поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, туку македонскиот твитерџија Џагдиша. Тој истиот ден кога се објави информацијата за постигнатиот коалициски договор, го промени името и презимето на својот личен профил во Алексис Ципрас и го напиша статусот: „Честитки, Зоран Заев. Благодарение на вашите напори, пораката за храбри прогресивни сили што се борат против национализмот, за социјална правда и мир во регионот, денеска стана посилна. Ова е порака не само за Балканот, туку и за цела Европа.“ Твитот веднаш беше споделен од еден македонски портал, потоа го преземаа и други медиуми. За твитот и честитката дури имаше и прилог на телевизија. За ширење на оваа лажна вест, само еден портал се извини околу пропустот и ненамерната грешка.   Објава во медиуми за „честитката“ на Ципрас Твитерџијата Џагдиша, чиј вистински идентитет не сака да биде откриен, лажниот твит го создал без никакви планови или посебни цели.  „Одлуката беше донесена во моментот, без никакви планови. Немав намера да доведам некого во заблуда, чекорот го направив чисто за забава. Не очекував дека ќе добие толку големо медиумско внимание“, истакна Џагдиша, креаторот на твитот поврзан со честитката на Ципрас кон Заев. За ваквото брзо ширење на лажната вест, тој вели дека сакал да провери каква е кај нас медиумската писменост. „Сакав преку сатира и шега да проверам до каде е медиумската писменост во нашата држава и колку од вестите поминуваат непроверени. Иако твитот не предизвика никаква штета, не би го направил истиот чекор, бидејќи сега знам за краток период колку медиумско внимание може да предизвика тоа. Со сопствен пример се уверив со каква брзина се шират лажните вести“, посочи Џагдиша. Вината за ширењето на лажните вести и дезинформации, Џагдиша ја вперува во медиумите. „Најголемата вина, според мене, е во медиумите. Ако на социјалните медиуми брзо се шират лажните вести, преку онлајн и традиционалните медиуми тоа е уште побрзо. Тие најмногу треба да внимаваат што ќе споделат, затоа што имаат илјадници следбеници, читатели или гледачи што се потпираат на веродостојноста на нивните информации. Секако и ние како читатели треба да сме внимателни, да избираме на кои медиуми ќе им веруваме, а на кои ќе гледаме со резерва“, посочи твитерџијата. Фото: Pexels До септември годинава, во Агенцијата за заштита на лични податоци се пристигнати 430 претставки од граѓаните. Претставките главно се однесуваат за нарушување на приватноста и заштитата на личните податоци на социјалните мрежи. Но во 2021 година, Агенцијата нема изречено никакви казни за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи: Facebook, Instagram, YouTube, Twitter, Pornhub, Snapchat, Tinder и Xhamster. Разликата помеѓу лажните вести и оние што служат за забава или сатира е во тоа што лажните имаат за цел да ги заведат читателите од политички, финансиски или од други цели. Лажната вест со честитката на Ципрас можеби не направи голема штета во нашето општество, но повторно ја продлабочува темата за тоа колку медиумите лесно преземаат и не ги проверуваат информациите од социјалните мрежи.  За разоткривањето на веста, некогаш се потребни само неколку кликови. Во случајов, се проверува веродостојноста на профилот, иако Твитер дозволува промена на името и презимето, сепак останува тоа што го пишува по знакот „@“. Официјалниот профил на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас е регистриран под @tsipras_eu и е означен со син круг, тоа значи дека профилот е верификуван. Лажна црна хроника Некогаш лажните вести знаат да отидат и во поинаква крајност, далеку од сатирата и забавата. На 27 март годинава, голем број од медиумите објавија вест дека починал македонскиот оперски пејач Борис Трајанов. Неколку часови се ширеше оваа информација, а главниот извор од каде што започна сè, повторно беше социјалната мрежа Твитер. Објава во медиумите за смртта на Борис Трајанов  (27.3.2021) Лажните вести толку брзо земаат замав и информацијата се презема едноставно без да се провери и размисли како оваа вест би влијаела врз семејството, пријателите, поблиски и подалечни роднини, но и врз самиот човек. По неколку часови веста беше „разоткриена“ на Фејсбук, преку статусот на оперската певица Весна Гиновска-Илкова.  „Ве замолувам сите што пишувате текстови дека колегата Борис не е меѓу нас, воздржете се од коментари. Последна информација вечерва е дека полека закрепнува“, гласеше статусот на Весна Гиновска-Илкова.  Твит „RIP Boris Trajanov“ и Статус на Весна Илкова (27.3.2021) Можеби светот ќе се справи со пандемијата предизвикана од ковид-19, но многу тешко ќе се справи со другата пандемија предизвикана од лажните вести и дезинформации. Вакцина за пандемијата од лажните вести и дезинформации нема. Веројатно, сè зависи од тоа колку имунитетот на медиумите ќе издржи да се справи со оваа пандемија во сенка, но и со нејзините соеви, социјалните мрежи. Можеби само ќе треба да го потсетиме медиумскиот имунитет на старите негови антитела: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“ (Кодекс на новинари) Автор: Христина Ѓорѓиевска Насловна фотографија: pexels.com ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Dez Pozari 7 1

Дезинформациите долеваат масло на пожарите, лажните дојави го отежнуваат справувањето со нив

Пожари насекаде, кризна состојба. Институциите проследуваат информации, истовремено, на социјалните мрежи се пласираат дезинформации. Телефонскиот број 193 не престанува да ѕвони, меѓу повиците и понекоја лажна дојава. Секој со својата цел, граѓаните во паника. Непроверените информации долеваат масло на огнот, а лажните дојави ги одвлекуваат силите на погрешни места. И во екот на неумоливата огнена стихија што во изминатиот период беснее на територијата на Република Северна Македонија, не изостанаа дезинформациите ниту, пак, лажните дојави. Сето тоа дополнително ги разгоре пожарите и го отежна справувањето со нив. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов споделува дека, во изминатиов период, додека секојдневно биле на терен со сите надлежни екипи кои, како што кажа, „неуморно даваа сè од себе за да ги изгаснат пожарите“, се соочиле со голем број лажни вести, кои несомнено им нанесувале штета на активностите што ги преземале при справувањето со пожарите. Тој нагласува дека во такви чувствителни моменти, какви што се справувањето со елементарни непогоди, во конкретниот случај пожари, последиците од лажните вести се врз јавното добро и засегнати се голем број граѓани. – Свесен сум дека медиумите, сакајќи да ја зголемат својата гледаност и читаност, бараат сензационални вести, кои многу често се и лажни. Мора да се има предвид дека не е иста штетата што ќе се нанесе доколку се пренесе, на пример, некоја лажна вест за некој настан  или за позната личност, политичар, пејач, глумец, и да се дистрибуираат лажни вести во вакви специфични ситуации – посочува директорот на ЦУК. Како пример, тој го издвојува пожарот во Кочани, кога дел од вестите пренесуваа дека изгореле голем број куќи, и со тоа, како што кажа, „создадоа голем страв, паника и недоверба кај тамошното население“. – Иако пожарот беше голем и страотен, освен што имаше еден изгорен покрив и неколку стари неупотребливи возила, не дозволивме да се случат поголеми штети и, што за мене е најважно, немавме човечки жртви – вели Ангелов. Тој потсетува и на веста што произлезе од социјалните мрежи со наводно украдената моторна пила на австриските пожарникари, со која, како што кажа, „се извалка достоинството на локалното население, кое даде голем придонес во ставањето под контрола на големиот пожар во Малешевијата“. Ангелов не ги изостави ниту позитивните моменти од известувањето на одредени медиуми, за кои кажа дека често се случува од информација што новинарите ја добиле дури и побрзо од нивните служби, веднаш да бидат известени и да дејствуваат брзо, со што спречиле или навремено санирале одредена опасност пред да направи поголеми штети.  Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, вели дека дезинформациите, во смисла дека гори на три километри подалеку од некоја сува трева или грмушка, а е пренесено дека горат куќи и луѓето не сакаат да ги напуштат и едвај спасуваат жива глава, се проблеми што се иритирачки за сите. – Прво, предизвикува паника кај луѓето што го читаат тоа мислејќи дека навистина се случува. Таква ситуација имавме во 2019 година кога некои медиуми објавија дека горат куќите во Злокуќани, а всушност гореше сува трева каде што имаше три возила што интервенираа, а медиумите објавуваа слика со чад зад куќата и сите мислеа дека навистина гори куќата – вели Симоновски. Тој дополнува дека е подобро медиумите да контактираат со нив, а тие ќе им дадат проверена информација и, како што вели, „ако можете да дојдете да видите, во ред, ако не, ќе испратиме фотографии и ќе објавиме, подобро отколку да се пишува нешто непроверено“. Симоновски посочува на фактот дека граѓаните постојано читаат на веб-порталите и често наидуваат на дезинформации за кои веднаш бараат одговор, па така, „ние често се наоѓаме во ситуации каде што сме зафатени со локализирање некој пожар, а од друга страна, добиваме прашања од загрижени граѓани, поврзани со непроверени информации пласирани од несовесни граѓани“. Лажните дојави непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места Покрај дезинформациите, не изостанаа ниту лажните дојави за пожари, кои секојдневно пристигнуваа до надлежните. За нив, командантот Симоновски вели дека во последниов период ги имало повеќе. – Еден пожар може да предизвика повеќе од сто јавувања, особено ако станува збор за урбана средина, така што многу е тешко со двајца оператори и седум линии да се „фати“ лажната дојава – споделува командантот. Само за пожарот кај фабриката „Охис“ на 5 август имало повеќе од 240 повици. Додека, на 22 пожари на територија на Скопје, изгаснати за 12 часа, истиот ден, имало над 870 повици и седум лажни дојави. Симоновски вели дека нема причина да размислува дека некој се дрзнува да ги деградира во најголемите пожари, или да ги праќа на некои позиции само за да ги ослабне како единица, и споделува дека без оглед на сè, тие секогаш реагираат на секоја добиена дојава. – Ние знаеме дека во Кучково имаме сува трева запалена од далновод, имаме испратено едно возило, со локални одговорни фирми што донесоа цистерна со вода и сè се заврши. Од друга страна, имате друга дојава дека гори Граничниот премин „Блаце“, зад полициската станица, а во истиот момент добивате дојава дека гори Полициската станица Мирковци. Праќаме екипа во Скопска Црна Гора во Мирковци и увидуваме дека таму нема ништо, нема пожар – споделува командантот. Директорот Ангелов, исто така, посочи на лажните дојави што од некои граѓани биле упатувани на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и кои „неретко се случуваат и непотребно ги одвлекуваат силите и ресурсите на погрешни места, или, едноставно, залудно го трошат времето на нашите служби, наместо истиот капацитет да се искористи на место каде што е навистина потребно“. Дезинформациите во кризна состојба – плански обиди што внесуваат чувство на несигурност Комуникологот Сеад Џигал вели дека дезинформациите и лажните вести во кризна состојба се најчесто плански обиди што се стремат да внесат чувство на несигурност во јавноста и да предизвикаат конфузија кај одговорните институции и органи, односно да го ослабат нивниот капацитет да решаваат одредени проблеми за кои се задолжени. – Најчесто мотивите за ваквите обиди се од политичка или од економска природа, односно имаат цел да се загрозат интересите на соперникот или на противникот. За жал, овие деструктивни методи, кои ги злоупотребуваат медиумите и комуникациските мрежи, се присутни и на глобален план, не само во Македонија. Видовме во случаите со пожарите во Македонија ова лето дека одговорните институции често добивале лажни пријави за пожари. Мотивот на овие лица и оние што пласираат дезинформации во медиумите е близок, да се намали капацитетот на институциите да реагираат ефикасно за да потоа, веројатно, се обвинат за неспособност и за неефикасност – вели Џигал. Тој дополнува дека останува помала веројатност дека станува збор за поединечни ексцеси, но високата бројка на лажни пријави не оди во прилог на оваа претпоставка. Според него, зачудува степенот на деструктивност што е некако „нормализиран“ во борбата на спротивставените политички и други интереси. Психолошкиот момент на мотивот на создавачите на дезинформации и на лажните вести, кои наштетуваат на јавното мислење и на безбедноста на населението во време на кризна состојба, го поврзува со два главни типа случаи, кампањи водени од поединци и групно организираните дезинформациски кампањи. Според него, поединецот што свесно објавува и шири дезинформации, може да биде воден од низа мотиви какви што се привлекување внимание, креирање одреден имиџ или идентитет во јавноста, или, во својата потесна средина, до лична одмазда, политички побуди или, пак, поради одредени видови социопатско однесување. Групните и координираните дезинформациски кампањи, како што вели, се почести и далеку поштетни. Тие најчесто се поттикнати од политички, идеолошки или од економски интереси. – Интересно е што често оние што го прават ова, веруваат дека имаат право да ги користат дезинформациите и лажните вести против некого. За нив тие се само средство во некаква борба против злиот противник или предавник, на пример. Може да се случи, во таквата внесеност во борбата против „другиот“, дезинформаторите да почнат да веруваат во сопствените лажни вести и дезинформации, што повторно посочува на поспецифични видови социопатско однесување на интернет – вели Џигал. Според него, превенцијата е возможна, но брзи решенија, за жал, не се можни. – Ефективноста на дезинформациите е тесно поврзана со степенот на политичката и на медиумската култура и писменост во едно општество, така што решенијата треба да се бараат токму во овие сфери. Подобра едукација, јакнење на јавната свест за штетноста на овие појави, професионализација на медиумите, унапредување на комуникациската етика, соработка со стручната заедница и граѓанскиот сектор, соработка на регионален и на меѓународен план, и така натаму – набројува Џигал. Ваквите типови борба во политиката, но и во другите сфери, се неприфатливи и се штетни за сите. Тие предизвикуваат недоверба во системот и во институциите, ги демотивираат граѓаните да гласаат, да се вклучуваат во различни активности од јавен интерес. Во таа смисла, може да се каже дека дезинформациите се своевиден комуникациски вирус што го фрагментира општеството и ја загрозува основната компонента на социјализацијата, а тоа е довербата кон другите. Средствата за јавно информирање имаат многу значајна улога во системот за управување со кризи, како во превенцијата и раното предупредување, така и во фазата на справување со елементарни непогоди. Нивното точно, навремено и објективно известување во вакви моменти, може да значи и спасување човечки животи, бидејќи информациите, апелите и насоките за однесување во случај на кризна состојба, граѓаните пред сè ги добиваат од медиумите. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).