Индиректно поттикната апатија со (пот)платено политичко рекламирање

Се чита за 5 мин.

Анемични, задушени, без воздух беа и политичките партии, но и медиумите што требаше да играат клучна улога во овој процес на креирање на јавната дебата за политики. Останавме куси во квалитетот на опусот на информации и од двете страни, и од оние што ни се претставуваа и од оние што требаше да ни ги претстават.

Се чини како да имаа симптоми на долг ковид. Дали станува збор за уморни медиуми или за поттикната апатија? Што придонесе кон тоа? Дали можеби обезбедените државни средства за медиумите преку платеното политичко рекламирање придонесе кон тоа радиодифузерите да се опуштат и да ја дозволат мелодрамата што ја следевме?!

Имено, со новите измени и дополнувања на Изборниот законик (Службен весник бр. 215 од 16.9.2021) се определува нов начин на утврдување на ценовниците за емитување платено политичко рекламирање (ППР) кој се применува и за Локалните избори 2021. Со најновите измени, радиодифузерите и печатените медиуми добиваат просечна цена по секунда за едно деноноќие, пресметана според различните ценовно-рекламни временски периоди. Ценовниците не смеат да се менуваат до конечно завршување на изборниот процес и цената не може да ја надминува просечната цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно, пресметана во последните пет изминати изборни циклуси. Доколку ДИК утврди неправилности во ценовниците, го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа, што и го направи. Излезе дека 17 телевизии треба да достават корекција на своите ценовници. Истото важи и за 9 радија.

Иако ДИК донесе Упатство за начинот и постапката за потврдување на просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање, и иако е должна, сепак јавно не е објавена табелата со просечно постигната цена пресметана за секој радиодифузер одделно. 

На прв поглед изгледа дека радиодифузерите не знаат математика за да ја направат пресметката. Но, затоа тука е ДИК за да направи корекција и регулирање на цените доставени од приватните радиодифузери. Исто така, ДИК утврди цена за телевизиите што се регистрирани во Регистарот на ДИК, но не учествувале на последните пет изминати изборни циклуси. Така, просечната цена не смее да биде повисока од 1,97 евро/121,13 денари за секунда рекламен простор. Тука ова изгледа на некаква регулација на ценовник на приватни медиуми и радиодифузери, ама нејсе, да видиме како ќе функционира во практика.

Најважно е што сепак им се даде шанса и на оние што не се регистрирани во Регистарот на ДИК пред периодот на стапување на сила на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои сепак имаа право на ново барање за регистрација, за да може да бидат дел од Медија планот на учесниците во изборниот процес.

Следно е Државната изборна комисија да им ги исплати трошоците за објавеното платено политичко рекламирање на радиодифузерите, на печатените медиуми и на електронските медиуми врз основа на доставена фактура, во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Како прилог на доставената фактура се доставува и Медија план, како и Извештај за реализирани услуги, кои се потврдени од радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми, и од учесникот во изборната кампања.

Е, сега, тука се наметнува прашањето за тоа дали ова отвора можност за некакво фаворизирање одредени медиуми, поткрепено и затскриено многу добро во Медија плановите на политичките партии, бидејќи од тоа зависи кои радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми ќе добијат средства од државното финансирање за платено политичко рекламирање. Значи, не добиваат сите медиуми што се регистрирани во Регистарот на ДИК, туку само оние што влегуваат во медиумските стратегии на политичките партии/учесници на изборите.

На 20 октомври радиодифузерите се должни Извештајот за реализирани услуги да го достават до ААВМУ – прв круг. Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) до учесниците во изборната кампања го доставуваат Извештајот за реализирани услуги, во прилог на фактурата, кој треба да содржи и примерок од објавите во печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет-портал), а потоа целосната документација се доставува до ДИК – прв круг.

На 25 октомври Извештајот за реализирани услуги на радиодифузерите треба да биде потврден од ААВМУ – прв круг. На тој начин се осигурува надзорот над исполнетоста на она што е објавено и пријавено/побарано за исплата. ААВМУ овде игра голема улога на надзорен механизам и вршење мониторинг на платеното политичко рекламирање.

На 30 октомври Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-портали) се должни да поднесат Извештај за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и средствата што се платени или се побаруваат по таа основа – прв круг. Радиодифузерите се должни да го достават потврдениот извештај до учесникот во изборната кампања, а потоа целосната документација до ДИК – прв круг.

По сето ова, процесот го разбираме како купи-продај медиумски простор. Немаме ништо против државно финансирање на медиумите за целите на платено политичко рекламирање, но тоа треба да има единствена и основна цел – правото на избирачите да добијат точни и доволни/квалитетни информации по кои ќе направат избор меѓу изборните натпреварувачи.

Ова што го гледаме е само право на изборните конкуренти да ги изразат своите пораки во кампања за да ја добијат поддршката на електоратот, односно право да одберат медиум по вкус (само да е во Регистарот на ДИК).

Каде е тука правото на медиумите да бараат и да пренесуваат информации? Што прави медиумот во случај кога учесникот во изборната кампања одбива да даде изјава или да биде гостин во емисија само поради тоа што не се вклопува во Медија планот на партијата?

И впрочем, по кој критериум се одбираат медиумите влезени во Регистарот на ДИК?

Единствен критериум е само барање за упис, доставено од медиумот – Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Ако Регистарот на медиуми од ДИК значи можност за финансирање од државни пари, тогаш треба да осигури дека се одбрани професионални медиуми и новинарство што е препознаено како етичко и професионално известување и пренесување информации. Со тоа се намалува ризикот да се двојат средства од Буџетот за медиуми што не се соодветни, медиуми/интернет-портали што се регистрирани непосредно пред избори, портали што никогаш не обработиле политичка тема (ubavinaizdravje.com), или, пак, едноставно не се ни медиум туку само агрегатор на вести (time.mk). По која основа тогаш на овие таканаречени „медиуми“ би им се исплатила фактурата за платено политичко рекламирање? Само поради тоа што се вклучени во Медија планот на учесниците во изборната кампања? Па, тоа значи дека буквално секој интернет-портал може да добие државни пари и притоа да не почитува основни стандарди за професионално новинарство.

Ако се залагаме за професионално новинарство, тогаш најдобро е да се даде поддршка на оној Регистар кој веќе е составен од членство што работи по правила, критериуми и основни стандарди.

Регистарот на Советот за етика во медиумите содржи членство од телевизии, радија, интернет-портали. Медиумот се исклучува од членство по три одлуки на Комисијата за жалби во рок од три месеци во кои е утврдено прекршување на Кодексот на новинари.

На тој начин може да се поддржи и саморегулацијата на медиумите, професионалното новинарство, но и да се поддржат со државни пари оние што пишуваат во име на јавниот интерес, почитувајќи ги сите стандарди. Инаку, вака е оставено на политичките партии да избираат медиуми/портали, а можеби и да креираат свои или да поттикнуваат новокомпонирани сајтови да се декларираат како медиуми и со тоа да создаваат хаос во медиумскиот јавен простор.

По таа основа, на медиумите не им одговара да нема втор круг. По логиката на финансирање, тие би загубиле многу ако нема платено политичко рекламирање и во вториот круг, а со тоа и втор извештај и втора фактура. Па, така, се исплати анемичноста и апатијата во кампањата пред првиот круг, за да ги задолжат учесниците во изборната кампања за уште поголеми фактури во вториот круг. А, кој го плаќа сето тоа? Се разбира, народот.

Медиумското однесување одбира да придонесува кон клучни аспекти на изборниот процес или ја понижува демократската природа на изборите. Обемот на покривање на изборните субјекти, присуството или отсуството на пристрасност кон вестите, соодветноста на пристапот до медиумите за политичките конкуренти и соодветноста на информациите што им се пренесуваат на гласачите преку вести, директни политички пораки, програмирање јавни информации и гласачи, се аспекти што мора да се базираат на стандарди и правила.

За жал, не само што излегува дека е (пот)платено политичкото рекламирање, туку и навидум индиректно се поттикнува апатија во медиумскиот простор, затоа што Изборниот законик овозможува пристап до Буџетот на државата на кој било самонаречен медиум, само ако добро знае да пополни барање.

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Насловна фотографија: freepik.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).