Телевизиите во ерата на (дез)информирањето

Се чита за 4 мин.

Да се истури перница низ прозорец, а потоа да се соберат пердувите и да се вратат назад. Ова можеби е најточната дефиниција на безуспешниот обид да се справите со лажна вест или со дезинформација. Она што постои од почетоците на пишаниот збор и новинарството, во новата дигитална ера значеше вести што се шират со молскавична брзина и за екстремно кратко време можат да предизвикаат огромни штети. Социјалните мрежи и порталите се плодна почва за ширење дезинформации и лажни вести, но и традиционалните медиуми не се целосно отпорни на оваа појава. Колку општествата стануваат подигитализирани и поповрзани, толку покомплицирано станува да се дојде до вистинска и вистинита информација. Проблемот е и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Новинарите во трката со времето да обезбедат навремена информација, честопати и самите стануваат генератори на „лажни вести“, преземајќи и умножувајќи ги содржините без воопшто да ги проверат и да го испочитуваат основното правило да се праша и другата страна. Корисниците, пак, во „морето“ најразлични информации, сè потешко доаѓаат до вредна вест.

Трката по вест ги прави медиумите ранливи

„Пијан возач повредил неколкумина на Рузвелтова“

„Пијан возач направил карамбол на Рузвелтова“

„Тешка несреќа на Рузвелтова. Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрво“

Ова беа само дел од насловите, дел од нив и на телевизија со национална концесија, на веста за сообраќајната несреќа во која животот го загуби младиот пулмолог Трајче Нешковски, кој почина откако му се слошило и со автомобилот удрил во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата. Веста дека лекарот бил пијан, се покажа како целосно неточна, но штетата веќе беше направена.

Сличен, но посвеж пример се случи на одбележувањето на Денот на независноста. Она што требаше да биде прослава, ноќта се претвори во една од најтешките трагедии што ја погодиле земјава, кога 14 луѓе изгореа во стравотен пожар во модуларната болница во Тетово. Иако информациите на почетокот беа скудни, дел од медиумите, меѓу кои и телевизии, лиферуваа бројки на загинати што се движеа повеќе од 30 и на крајот, повторно се покажаа како целосно неточни.

Пандемијата и состојбата со коронавирусот уште еднаш ги стави новинарите и медиумите на тест. Од статии за чудотворни лекови што даваат одлични резултати во борбата со короната, до празни полици во аптеките и пиење „сумамед“ на своја рака – уште еднаш се докажа дека борбата со дезинформациите и со лажните вести мора да се води на систематски начин, преку сериозно подигнување на нивото на медиумска писменост.

„Борбата со лажните вести е спрега во која треба да бидат вклучени сите фактори за да се постигне максимален ефект, а оваа борба треба да почне од институциите, бидејќи работите секогаш почнуваат од онаму каде што има повеќе моќ и можност да се менуваат работите“, укажа неодамна специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.

Дека телевизиите не се имуни на ширењето дезинформации, покажа и истражувањето на Македонскиот институт за медиуми, Мировниот институтот од Љубљана и СЕЕНПМ (Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа) од јуни годинава. Во документот се посочува дека во услови кога интернетот како извор на информации се изедначи со телевизијата, има растечки тренд на дезинформации и говор на омраза, а во исто време, на граѓаните им недостигаат вештини и знаење за да можат критички да ги анализираат и да ги разликуваат професионалните и квалитетни информации од дезинформациите и пропагандата.

Наодите во истражување покажуваат дека телевизијата е најчесто користен извор на информации на дневна основа за 75 % граѓани, а за над половината е и главен извор на информации. Дури 61 % од анкетираните сметаат дека телевизијата е доверлив извор на вести и информации. Но, 37 проценти од испитаниците одговориле дека немаат доверба во телевизијата што е висок процент (веднаш зад социјалните мрежи и онлајн медиумите), а како главни причини посочиле дека медиумите се под политичко влијание, шират дезинформации и пропаганда. Седум од десет граѓани сметаат дека медиумите во земјава шират политичка пропаганда и дезинформации!

ipsos

Македонија при дното во отпорноста кон лажните вести

Борбата во напливот информации да се стигне до вистинската е долга и мачна. Таквиот заклучок може да се изведе и од статистичкиот преглед на одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, донесени минатата година. Од вкупно 140 одлуки, 67 % се за неточни и непроверени информации, немање „втора страна“ и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори.

Уште една потврда на оваа теза стигна во март годинава. Извештај на Институтот „Отворено општество“ во Софија покажа дека земјите од Западен Балкан имаат мал потенцијал да се справат со негативните ефекти од лажните вести и дезинформациите. Тоа се должи на два фактора: состојбата со слободата на медиумите во регионот и степенот на образование.

На последно место на Индексот за медиумска писменост е токму Македонија, а во наше друштво се и БИХ, Албанија, Црна Гора, Србија.

До решение преку разбирање на суштината на проблемот

Препознавањето на различните форми на лажни вести е првиот чекор кон изнаоѓање решение за проблемот.

Дезинформациите се лажни или фабрикувани информации што свесно и намерно се шират за манипулирање со јавното мислење или со одредени групи.

Мисинформациите, пак, се погрешни информации, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери.

Дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, докази и дебати. Како можно решение за справување со проблемот е воспоставувањето механизми за проверка на лажните тврдења, што се покажа дека во одредена мера функционира со лажните вести што се шират за време на пандемијата, но, се чини, клучот е во подигнувањето на нивото на медиумската писменост, преку која се зголемува отпорноста кон лажните вести и дезинформациите. Веќе подолг период сè погласни се мислењата за потребата од воведување медиумска писменост уште во најраната школска едукација, како задолжителен предмет во училиште, со цел уште од мали нозе да се поттикнува критичкото размислување и расудување кај децата.

„Ова е процес, инвестиција чии резултати ќе дојдат бавно, но е многу здрав чекор и на долг рок и суштински во битката со лажните вести. Знаењето на самите читатели и умешноста на публиката да препознае дезинформации се клучни и за нивно девалвирање и за дефакторизација на самите медиуми – извори на пропаганда“, смета Катерина Синадиновска од СЕММ.

Или, какви генерации ќе создадеме, такво општество и ќе имаме.

Автор: Мартин Пушевски

Насловна фотографија: unsplash.com