Линк до Високата школа за новинарство и за односи со јавноста
Доколку имате силна желба за откривање и изучување на најпривлечните професии на новото време - новинарството и односи со јавноста, Високата школа за новинарство и за односи со јавноста на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е вистинското место за едукација.
Оваа институција, акредитирана како високообразовна установа во 2008 година, е различна од сите што постојат кај нас. Првите студенти ќе се запишат во учебната 2008/2009 година.
Високата школа на МИМ е следниот чекор во образованието на секој млад човек кој се одликува со висок интелект, кој сака да биде стручно и широко образован, да биде способен за соодветно размислување на нештата во животот, да ги осознава пројавите, да ги разоткрива настаните и проблемите во институциите и во општеството, да знае да дејствува брзо и мудро, да стане комуникативен и неподмитлив, непристрасен и, пред сè, да биде свој во интерес на вистината и на јавноста.
Школата му нуди на младиот човек да ги научи карактеристиките на еден модерен политички, економски и социјален систем, да научи да учествува во градењето на имиџот на една институција или организација, да ги осознае принципите на менаџирање со комуникациите внатре во организацијата или во пошироката јавност, да научи да верува дека неговата улога во создавањето квалитет во животот и во работата е најсуштински во оваа ера на безгранични информации и комуникации.
Зошто треба да ја одберете Високата школа за новинарство и за односи со јавноста
На Школата постојат две насоки: студиска програма за новинарство и студиска програма за корпоративни комуникации и односи со јавноста. Во секоја насока е предвиден прием на 40 студенти. Ограничениот број студенти овозможува ефективна теоретска и практична настава која ќе ја изведуваат врвни предавачи и реномирани практиканти од двете области. Но, важно е дека двете насоки се сродни според својата природа: во светот, многу искусни новинари се занимаваат и со односи со јавноста, а практикантите на односи со јавноста се исклучителни познавачи на медиумската сцена и на методите на фунционирање на медиумите. Во овој случај, заедничкиот именител на Школата е создавање врвни кадри кои ќе ги познаваат принципите на професионалното комуницирање и информирање.
Искуството на МИМ е она што го нуди Школата како квалитет и традиција -непроценливото искуство на врвните предавачи и професионалци од печатените и од електронските медиуми во државава и во странство и практичното искуство на студентите од сите четири генерации на Едногодишната школа за новинарство (ЕШН) на МИМ. Завршените студенти на ЕШН денес се најпрогресивната сила, тие работат во медиумите во Македонија или известуваат за реномирани странски медиуми.