Иднината на аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија

Се чита за 1 мин.

Телевизиите се најгледаните и највлијателните медиуми во Македонија и имаат исклучително важна улога во градењето на јавното мислење кај граѓаните. Тие се и најголеми актери во медиумскиот бизнис и имаат значаен потенцијал во унапредувањето и развојот на аудиовизуелната индустрија, во промовирањето на јавниот интерес и во натамошниот развој на медиумската сфера во Македонија.

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во изминатите три години работеше на повеќе истражувања, кои засегаат различни аспекти од медиумската индустрија и медиумскиот бизнис, какви што се сопственичките и финансиските модели на највлијателните ТВ-канали, нивната програмска разновидност, политичкиот плурализам во медиумските содржини, улогата на регулаторот при развојот на структуралниот плурализам, програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и говорот на омраза во медиумите.

Неизоставен и мошне битен сегмент во медиумската сфера, што години наназад е посочуван како еден од главните фактори што влијаат врз независноста, транспарентноста и кредибилитетот на медиумите, се сопствениците на медиумите. Токму затоа, решивме да им се обратиме и да им дадеме можност и на сопствениците и директорите на највлијателните медиуми во Македонија да ги кажат своите ставови и размислувања за иднината на аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија.

Ги замоливме преку сопствени анализи да се осврнат на нивната визија за медиумската индустрија и бизнисот, како и да откријат што ново, поразлично и оригинално планираат да ѝ понудат на публиката во иднина. Исто така, ги прашавме и што, според нив, можат да направат државата и регулаторот за подобрување на околината и на условите во кои работат медиумските субјекти. Сметавме дека е важно да се слушне нивното мислење дали во нашиот политичко-општествен контекст е возможно телевизиите да функционираат слободно на медиумскиот пазар, без одржување релации со политичките и со бизнис-центрите на моќ.

Сопствениците и директорите на медиумите во своите текстови зборуваат и за тоа што значи јавниот интерес и како го поттикнуваат во рамките на своите медиуми, како една од основните вредности на современите демократии.

Компилацијата текстови е достапна во прилог.

pdfИднината на аудиовизуелната медиумска индустрија во Македонија3 MB