Истражување: Што мислат граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19

Се чита за 4 мин.

Македонскиот институт за медиуми, во соработка со агенцијата М-Проспект, спроведе истражување за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19. Истражувањето беше спроведено телефонски, во периодот од 14 декември до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1003 испитаници.

Испитаниците беа прашани колку се согласуваат дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно. Според нивните одговори секој четврти испитаник (25%) целосно се согласува со оваа изјава, 39% донекаде се согласуваат, 21.8% донекaде не се согласуваат, а 13.6% вооопшто не се согласуваат. Кумулативно земено, процентот на оние кои сметаат дека се известувало професионално и непристрасно е 64.1% и е поголем од оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35.4%.

Анализата на одговори покажува дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста. Така, 19% од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22%-23%, додека над 65 години е повисок и изнесува 36% од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29.4% целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13.3% од испитаниците етнички Албанци.

Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми (28.8%) и телевизиските канали (26.8%). Речиси 19% од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8.7% во печатените медиуми, а околу 4% на радиото. 12% не забележале дезинформации и мисинформации. Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации.

Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент (84.5%) го посочиле Фејсбук, 7.6% Јутјуб, а 5.8% социјалната мрежа Твитер.

Погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што мнозинството испитаници (39.7%) го посочиле дека им пречи во начинот на новинарското известување. На 15.3% од прашаните им пречи пристрасноста на медиумите кон одредени политички центри на моќ, 13.5% имаат проблем со дискриминација кон одредени групи во општеството и говорот на омраза, 12% посочиле дека им пречи сензационализмот во известувањето, а 8.3% непочитувањето на приватноста. Притоа, 9.6% истакнале дека ништо не им пречи во новинарското известување.

Погледнато низ призма на етничка припадност резултатите се разликуваат кај етничките Македонци и Албанци – сензационализмот, дискриминацијата кон одредени општествени групи и непочитување на приватноста во известувањето се почесто посочувани од страна на етничките Албанци, додека на етничките Македонци повеќе им пречело давањето погрешни, непотврдени информации и дезинформации, како и пристрасноста кон политичките центри на моќ.

Како теми во врска со кои испитаниците забележале погрешни информации и дезинформации, во најголем процент (22.7%) бил посочен бројот на заболени од вирусот, потоа безбедноста на вакцината (13.7%), начините на лекување на вирусот (12.1%), потеклото на вирусот (11.3%), достапноста на тестовите (11.2%), религиозните одбележувања Рамазан Бајрам и Велигден (8.8%), како и парламентарните избори и пандемијата (4.7%) и почетокот на училиштната година за време на кризата (2.7%). 8.4% не забележале дезинформации и погрешни информации. 

За тоа кој ги создава дезинформациите и мисинформациите, секој четврти испитаник смета дека тоа се политичките партии и елити (25.5%), повеќе од петтина (22.5%) мислат дека тоа се самите новинари и медиуми, 19.3% ги посочиле поединците на социјалните мрежи, а 12.7% ги издвоиле  здравствените власти. Стручњаците од областа на медицината и меѓународните актери биле посочени од 3% од испитаниците.

Етничките Албанци многу повеќе од етничките Македонци сметаат дека самите здравствените власти ги предизвикуваат дезинформациите (26.2% наспроти 8%).

Две третини од испитаниците (69.6%) се задоволни од квалитетот на информирање од страна на институциите за време на пандемијата, односно 22% рекле дека се целосно задоволни, а 47.6% донекаде задоволни. Притоа, процентот на испитаници кои се задоволни од квалитетот на информациите кои доаѓаат од институциите во текот на пандемијата, е поголем кај етничките Македонци.

Одговорите на прашањето на кои извори на информации најмногу им веруваат во текот на пандемијата со ковид-19 ги посочува како најчест избор домашните ТВ-канали (50.5%), а речиси една четвртина (23.8%) најмногу веруваат на странските ТВ-канали. Процентот на оние кои им веруваат на информациите добиени преку пријателства на социјалните мрежи е 7.8%. На информациите објавени на порталите им верувале 5% од испитаниците, а на оние во печатоот – 4.1%. Сепак, овој податок треба да се земе во контекст на генералниот пад на читаноста на весниците, но и на се поголемата миграција, особено на помладите публики, онлајн. Довербата во домашните ТВ канали расте со возраста, особено над 50 години, додека пак, довербата во порталите и во информациите добиени преку пријателствата на социјалните мрежи е највисока кај возрасните групи од 18-49 години, а потоа почнува да опаѓа.

Оние кои одговориле кому најмногу му веруваат како на извор на информации, беа прашани и зашто им веруваат на наведените извори. Точното и навремено известување било причина за 41.3% од испитаниците, непристрасното известување за 30.5%, разновидното и сеопфатно известување за 20.2%, а известувањето без сензационализам било причина за доверба кај 5.8%. 

Испитаниците одговараа и за тоа дали сметаат дека одредени маргинализирани општествени групи биле соодветно застапени во медиумското известување за време на пандемијата со ковид-19. Секој трет испитаник (37.6%) смета дека жените не биле доволно опфатени во известувањата, наспроти речиси 60% кои сметале дека биле соодветно застапени. Секој втор (48.7%) смета дека децата не биле доволно застапени. Поделено е и мислењето во однос на медиумската покриеност на Ромите (45.2% кои сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.5% кои мислат дека не биле опфатени). Секој втор испитаник смета дека ЛГБТИ заедницата не била доволно спомнувана. Слична е и дистрибуцијата на одговорите за лицата со попреченост – 45.2% сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.3% дека не биле оптфатени.


ДЕМОГРАФИЈА

20.2% од испитаниците се на возраст од 18 до 29 години, 18.7% од 30 до 39 години, 18% од 40 до 49 години, 21.4% од 50 до 64 години и 21.5% од испитаниците се на возраст над 65 години.

Од испитаниците 72% се Македонци, 23.2% се Албанци и 4.8% се изјасниле како друга националност.

3.2% од испитаниците се со незавршено основно образование, 15.2% со завршено основно образoвание, повеќе од половина испитаници (55.5% ) се со завршено средно образование, 5.6% завршено вишо образование, 18.9% завршено високо образование и 1.6% со завршено постдипломско образование.

16.5% од испитаниците се вработени во јавна институција, една четвртина од испитаниците (24.7%) се вработени во приватна институција, 1.2% во граѓанска организација, 5.0% самовработени, 3.3% земјоделци, 16.8% од испитаниците се невработени, 7.8% студенти, 4.2% ангажирани во домашни задачи и 20.5% од испитаниците се пензионери.

Речиси две петини од испитаниците (39.1%) живеат во село, 60.9% од испитаниците живеат во град.


 

Ова истражување е направено во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Наодите од истражувањето се одговорност на истражувачката агенција и на нарачателот и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

logoaaa 2