Стигматизирањето на интернет-порталите не води кон квалитет и кон извонредност во македонското новинарство

Се чита за 13 мин.

Стигматизирањето е социјален феномен поврзан со ширење стереотипи и дискриминација. Онлајн-медиумите и новинарите кои работат во интернет-редакциите подолго време се изложени на жестоки и неумерени критики за тоа дека наводно произведуваат неквалитет и дека се „канцерозно“ ткиво на македонското новинарство. Така се создава стереотипот за „лошите“ интернет портали и за „добрите“ традиционални медиуми. Наспроти ова, животот си врви, промените се глобални и неизбежни и онлајн-медиумите веќе одамна се доминантен сегмент на вкупната медиумска индустрија и во Македонија. Потценувањето и дискриминацијата нема да го спречи нивниот натамошен експлозивен развој. Колку порано го разбереме тоа, толку побрзо ќе можеме да сториме нешто повеќе за подобрување на професионалните и на етичките стандарди во нашиот журнализам.


Живееме во време на апсолутна доминација на интернет-медиумите, на интернет-платформите и на социјалните мрежи. Така е секаде во светот, така е и во Македонија. Едно скорешно истражување авторитетно ги поби заблудите за наводното доминантно влијание на т.н. традиционални медиуми (печатот, радиото и телевизијата), за кои долго и упорно се тврдеше дека се главен и доверлив извор на информирање на јавноста, многу повлијателен од онлајн-медиумите, на кои им се припишуваше само маргинален импакт и некаква „растечка популарност“.

Така, едно од последните истражувања на ЕВРОСТАТ потврди дека 72% од македонските граѓани на возраст меѓу 16 и 74 години во 2021 година го користеле интернетот за читање на онлајн медиуми или за информирање преку електронските верзии на весниците. Ова е идентичен процент со просекот на земјите-членки на ЕУ. Со оглед на фактот што традиционалните медиуми интензивно мигрираат кон онлајн-платформите, веќе денес може слободно да се каже дека производителите на медиумски содржини на интернет, меѓу кои најзначајно место имаат интернет-порталите, се доминантен сегмент во вкупната медиумската индустрија.

Денес, две години откако се регистрирани тие податоци, во светот на медиумите се случуваат уште побрзи и подраматични промени. Но, наспроти тоа, кај нас, во дел од медиумите и на социјалните мрежи, сe врши долготрајна, упорна и злонамерна стигматизација на интернет-порталите, за кои често се врзува стереотипот дека „дно дна“ на македонското новинарство и „сива зона“ во која не постојат никакви професионални и етички стандарди. За издавачите на порталите упорно се тврди дека се корумпирани од центри на политичка и на економска моќ. Накусо, да ја употребам клучната теза од една куса анализа на помладиот колега Жарко Настоски, објавена од Македонскиот институт за медиуми, порталите се „канцерот на конформизмот“ во нашиот журнализам.

Кога сме кај Настоски, сакам да нагласам дека не го доживувам како лик кој стигматизира медиуми и колеги. Неговата куса анализа не ја доведувам во врска со неодамнешниот инцидент во „Слободен печат“. Но, признавам дека тој текст беше последената во низата коишто ме поттикнаа во една обемна статија да се потрудам да ги деконструирам четирите главни тези врз кои се потпира стигмата за македонските интернет-портали.

Четирите клучни тези на стигмата

Теза број 1: Порталите не ги интересира ништо друго освен бројот на кликови.

Ова не е точно, барем не до степен да може да се произведе една ваква груба генерализација. Дополнително, погрешна е и тезата на Настоски дека борбата за кликови ја стимулирале компаниите-огласувачи, кои, наводно, според бројот на кликовите грубо ги пресметувале бројот на луѓето што ги гледале нивните реклами. Компаниите-огласувачи и рекламните агенции навистина мерат и премеруваат каде ќе ги насочат рекламните буџети, но тоа е многу покомплицирана и пософистицирана операција одошто ја замислува младиот колега. Огласувачите и агенциите секогаш се отворени за разговор и тој можел од нив да побара објаснување за тоа. Има што да се научи.

Општо земено, борбата за кликови, всушност, е исто што и борбата за повисок тираж и читаност на печатените медиуми, за поголема гледаност на телевизиите или за поголема слушаност на радијата. Зошто таа битка за публика е легитимна кога станува збор за традиционалните медиуми, а не е кога се на тапет интернет-порталите?

Во овој контекст, на многубројни дебати, семинари и работилници се имам изнаслушано инспиративни ламентирања против т.н. кликбејт-наслови. Тоа се оние наслови кои содржат „мамка“, која читателот треба да ја „проголта“ и „да се закачи на јадицата“. Никогаш не сфатив што има толку лошо во обидот на новинарите своите вести да ги обликуваат на начин што ќе го зграпчат вниманието на читателите уште со насловот. И што е тоа толку различно од пишувањето инвентивни и атрактивни наслови или телевизиски најави во традиционалните медиуми?

Кога во раните 1980-ти студирав новинарство, како пример на новинарска извонредност се споделуваше информацијата дека тогаш најтиражниот југословенски дневен весник „Вечерње новости“ имаше посебен уредник за наслови. А една од највпечатливите книги за новинарството во тоа време го носеше насловот „Рибари на човековата душа“, сугерираќи јасно дека новинарите се налик на рибари кои ги ловат човековите емоции, обидувајќи се да ја освојат душата на читателот. Се разбира, во тој новинарски „риболов“ и тогаш насловите беа главните „мамки“.

Уште една мала дигресија. Постои добра причина поради која добрите новинари и уредници во интернет-порталите се трудат не само да пишуваат атрактивни наслови, туку и да избегнуваат во насловниците да пласираат сумарум на вестите. Спротивно на очекувањата на многу луѓе кои би сакале во објавите на Фејсбук и на другите социјални мрежи, како и во објавите што ги агрегираат агрегаторите – значи, таму каде што вообичаено се објавуваат само насловите и поднасловите - да прочитаат сумарум на вестите, без да мора да кликаат и да го напуштат комотното и забавно скролање, новинарите во интернет-порталите знаат дека не земаат плати од Марк Закерберг или од сопствениците на агрегаторите. Идејата на добрата „мамка“ е да го покани читателот да кликне и да чита, а не да го одврати од таа намера.

Конечно, во врска со оваа тема, би сакал да додадам дека борбата за кликови може да има и нелегитимна димензија. Се случува медиумите да ги мамат своите читатели со лажни вести, со неоправдан и често и примитивен сензационализам, со вулгарности и на слични начини. И кога во некои расправи ќе нагласам дека таквото „кликачко новинарство“ е непрофесионално и нелегитимно, од луѓето кои ги стигматизираат порталите добивам вакво цинично потпрашање: но не се ли тие манипулации имено најприсутни во онлајн-медиумите, не е ли тоа потврда дека во нив се негува неквалитет? На ова мојот одговор секогаш е јасен: не, драги мои, тоа само значи дека 90 % од луѓето се информираат на интернет и вестите ги следат во реално време, не чекајќи ги вечерните вести на телевизија или утрешните весници кои се сѐ поретки.

portal browserФото: freepik.com

Теза број 2: Порталите се извор на неквалитет во македонскиот журнализам.

Пред неколку месеци присуствував на една интересна еднодневна работилница, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Не знам како им се згрешило на организаторите, но наместо предавачот да ни продава басми за борбата против лажните вести и на слични фенси теми (за кои денес најлесно се добиваат пари за проекти), се појави еден интелигентен Австриец, којшто шокираше дел од присутните со својот одговор на прашањето што е тоа квалитет во новинарството. Ова беше неговиот одговор: квалитетот е исполнување на очекувањата на потрошувачите!

Се израдував. Кој знае од кога немам слушнато нешто толку умно и едноставно. Се потсетив на деновите кога и јас, кога предавав на Едногодишната школа на новинарство на МИМ и подоцна на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, на студентите често им велев дека професијата чевлар, на пример, е подеднакво важна како и нашата професија – разликата е во тоа што чевларите знаат дека е најважно да им угодат на своите муштерии и да ги задоволат со своите производи, додека ние новинари од периодот на едноумието ја наследивме заблудата дека читатели не знаат што е тоа квалитетно новинарство, дека се глупави и дека дури и мразат квалитет, а обожуваат евтин сензационализам. Дури и тоа да е точно – а не е! – вистинската заблуда е во самобендисаноста со која новинарите си се убедиле дека тие секогаш знаат да го препознаат јавниот интерес и знаат што е добро и корисно за нивните читатели и без да ги прашаат.

Инаку, не спорам со тоа дека има неквалитет во македонското новинарство. Денес навистина можеби повеќе од порано. Тоа е и затоа што денес има повеќе медиуми и повеќе новинарство. Но, има и многу други причини за опаѓањето на професионалните и на етичките стандарди во оваа наша професија, при што најважните се последиците од долготрајната економската криза, сеопштата пауперизација на општеството (економска, културна, духовна), како и недостигот на едуцирана работна сила мотивирана да се вклучи во работата на редакциите.

Сепак, да се помисли дека неквалитетот е лоциран во интернет-порталите, додека традиционални медиуми се островца на кои се негува журналистичка извонредност и се произведуваат органски домати, простете, е кардинална глупост. Тоа Настоски не го вели, да бидам прецизен. Но, неговата анализа опасно „гази“ во тој дискурс.

И тука една мала дигресија. Неодамна, кога еден човек ме убедуваше колку е тешко да се прави весник (пример за „квалитетно“ новинарство, според него), прво му кажав дека зборува со новинар кој во својата кариера „породил“ четири дневни весници, а потоа му предложив да го однесам во една таква весникарска редакција, за самиот на лице место да види како се прави весник во денешно време. Човекот ме погледна зачудено, во очекување на одговор. Му објаснив: нашите колеги во дневните весници содржините ги прават така што препишуваат и компилираат вести од интернет-порталите, а дел од тие вести пред тоа самите ги пишуваат, во улога на „новинари-дублери“ во нивните интернет-редакции. Можеби е ова мало претерување, но не е далеку од вистината.

Да заклучам на оваа тема. Битката за квалитет и извонредност во нашата новинарска професија нема да се добие со стигматизирање на професионалните онлајн-медиуми. Треба да се има на ум и тоа дека огромно мнозинство квалитетни и талентирани македонски новинари денес творат во порталите и на други онлајн-платформи, а некои се присутни само на социјалните мрежи. А огромно мнозинство од оние кои допрва ќе бидат ангажирани како подмладок во редакциите – ако се потрудиме да ги има повеќе, дај боже! – ќе бидат ангажирани токму во овој сегмент од медиумската индустрија.

Теза број 3. Порталите се занимаваат со копи-пејст новинарство и форсираат квантитет наместо квалитет.

Нема сомнение дека на онлајн-медиумите (не само во Македонија), може да им се стават многу сериозни забелешки за „ригидната едноличност во новинарската форма“, како што вели колегата Настоски. Тој е сосема во право и во следната констатација: „Медиумите и новинарите, во зависност од уредувачката политика, дури и кога е во прашање само формата на веста, на новинарскиот производ би морале да дадат некаков свој печат, да ја претстават и толкуваат информацијата на свој, посебен начин, пренесувајќи ја суштината, а внимавајќи на сите аспекти на темата и приказната“. Да, би морале, но често не го прават тоа.

На сите помлади новинари им посакувам да работат во редакции во кои се внимава на формата и на обликувањето на содржините, при што се прават сериозни напори основните информации да се збогатуваат со дополнителни елементи во структурирањето на содржините, како што се објаснувањето на импактот, бекграундерите, секундарните теми, мултимедијалните елементи и слично. Така се доаѓа до новинарски продукти кои во најширока смисла се нарекуваат news explained (го „грабнав“ и овој термин од спомнатиот Австриец). Посветено следејќи ја продукцијата на конкурентските интернет-портали, можам да посведочам дека во најмалку дваесеттина од нив на ова се работи многу сериозно и резултатите се видливи. Тоа е нешто што радува.

Она што зачудува, пак, е навиката на некои искусни новинари и на медиумски експерти (што и да е тоа), во нивните настојчиви обиди за стигматизирање на интернет-порталите, под копи-пејстирање понекогаш да подразбираат и вообичаени постапки на користење информативни содржини од легитимни извори. Така, на пример, ќе слушнете обвинувања дека порталите „преземаат“ информации од МИА. Како може објавување на содржини од сервисот на една новинска агенција, кој не е бесплатен, да се нарекува „преземање“?

Често се критикува и „преземањето“ информативни содржини од социјалните мрежи, дури и кога станува збор за содржини кои се под режим на слободна употреба или под посебно пропишани услови. Замислете, ова се мантра и во време кога најголемите глобални медиуми, како Си-Ен-Ен или Би-Би-Си, на пример, своите извештаи од војната во Украина ги збогатуваат најчесто си снимки преземени од Твитер или од другите социјални мрежи. Што има тука чудно и нелегитимно, во време кога илјадници граѓани со своите смартфони ги бележат и ги документираат најважните настани, побрзо и подобро од било кој професионален новинар или снимател, едноставно затоа што тие се на местото на настаните, а нивните смартфони се доволно софистицирана опрема за такво нешто?

Дополнително, професионалните онлајн-медиуми во Македонија имаат воспоставено прилично јасни и коректни правила за меѓусебно преземање содржини, кои почиваат на начелото дека никој нема монопол над вестите и дека оригиналноста, ексклузивноста и другите особини на авторство се создаваат со специфичните техники и вештини на обликување на новинарските содржини.

На оваа тема, само уште едно важно предупредување: стереотипите за начинот на кој интернет-порталите ги креираат своите содржини во последно време се засилува и со стигматизирање на вештачката интелигенција. Многу „нострадамуси“ предвидуваат дека вештачката интелигенција многу брзо ќе го задуши „вистинското“ новинарство, а „вистинските“ новинари, оние кои нели секогаш знаат што е квалитет и што е добро за публиката и без да ја прашаат, едноставно ќе останат без работа. Се разбира дека ништо од тоа нема да се случи, но промените што ќе се почувствуваат во редакциите ќе бидат драматични. Новинарите ќе мора да научат дека промт-инженерингот станува една од вештините која најмногу ќе се цени и ќе се ползува во редакциите во многу блиска иднина. Тие што нема да се прилагодат на промените, ќе станат новинарски „диносауруси“. И тоа не е страшно, во Македонија сосема комотно живеат и творат такви „диносауруси“...   

Теза број 4: Порталите се покренуваат, се корумпираат и се контролираат од центри на политичка и економска моќ.

За љубов на вистината, младиот колега Настоски не го кажува ова вака (јас ја обопштувам тезата). Тој во својата куса анализа сепак ќе напише: „Ако не се борат за кликови, порталите се борат некој бизнисмен да реши кај нив да плати за некаков свој текст со кој си ги штити интересите, често спротивставени на јавниот интерес“. Хм, ова веќе ми звучи познато...

За да ги демистифицираме нештата, мора да тргнеме од базичните факти. Точно е тоа дека дел од македонските онлајн-медиуми се формирани и се финансирани од центри на економска и политичка моќ (тоа посебно се случува пред секои избори, како сега) и бездруго е точно дека има портали кои објавуваат пи-ар содржини на компании и на други субјекти, понекогаш, за жал, без јасна назнака за какви објави станува збор. А јас ќе го додадам и ова - има ликови на нашата медиумска сцена кои за своите услуги наплаќаат дебело и во кеш.

Но, да се помисли дека сето тоа го има во порталите, а дека традиционалните медиуми се имуни на ова зло, исто така е кардинална глупост. Само да потсетам: најголемиот медиумски корупциски скандал во последнава деценија не се случи во некаков портал, финансиран од не знам кого, туку во една телевизија, на која преку ноќ ѝ беше додела концесија буквално „под рака“, а на крунисувањето на нејзиниот могул - беше тоа буквално, а не метафорично крунисување, се надевам дека не сте заборавиле! - присуствуваше целиот тогашен државен врв, плус обвинители, судии и многу други луѓе „отепани“ од работа во корист на „јавниот интерес“. Потсетете се и на славните новинарските пера кои беа ангажирани во таа телевизија, која потоа се „прослави“ со рекетирање бизнисмени.

Да не заборавиме уште некои важни факти поврзани со газдувањето и со финансирањето на медиумите во Македонија. Сопственици на три македонски национални телевизии – Сител, Канал 5 и Телма - отсекогаш биле и сѐ уште се сопственици на други компании, кои немаат врска со медиумскиот бизнис и кои всушност се и нивните основни бизниси. Јас во тоа не гледам никаков проблем. И никогаш не би рекол дека за колегите од тие медиуми „економската логика не познава изрази како професионална дистанца и јавен интерес“. Како што тоа младиот колега Настоски го вели за порталите. Дури и наспроти фактот што државата на националните телевизии им недоместува и дел од трошоците за производство. Што баш и нема врска со било каква економска логика...

Инаку, тезата дека економската логика е спротивставена на професионалната дистанца и на јавниот интерес е целосно погрешна. Напротив.

Прашање плус: дали печатените медиуми познаваат изрази како професионална дистанца и јавен интерес, во случај кога државата со директни субвенции им надоместува 50% од трошоците за печатење и 50% од трошоците за дистрибуција? Секогаш кога ги спомнувам овие субвенции, заедно со законската обврска сите јавни институции, нотари и извршители своите огласи да ги објавуваат во два дневни весника на македонски и во еден на албански јазик - замислете, ова се случува со години и во време на прокламирана дигитализација на општеството! - газдите на весниците се возбудуваат и креваат голема врева. Некои тврдат дека севкупно не станува збор за големи пари. Можеби. Медиуми на албански јазик неодамна ги објавија бројките. За мене беа вџашувачки. Но, јас овде нема да ги соопштам и нема да ги коментирам тие бројки, ќе му ја оставам таа пријатна задача на колегата Настоски.

Покрај и наспроти овие канали на системско и организирано економско и политичко влијание врз македонските медиуми, од кои интернет-порталите се целосно исклучени, а во случајот на државната поддршка и дискриминирани, постојат уште два вида односи меѓу медиумите и центрите на економска и политичка моќ. Едниот вид се легалните и сосема легитимни соработки во областа на рекламирањето, огласувањето и објавувањето комерцијални пи-ар содржини, како и содржини поврзани со кампањите за промоции за јавните политики. Сосема друга работа е поттикнувањето на сивата економија во интернет-порталите, против која сега се борат и самите професионални онлајн-медиуми, обидувајќи се да го вида коренот на злото. Имено, интернет-порталите во последниве години се соочени со големи потешкотии во работењето. Глобалната економска криза предизвикува намалување на буџетите на компаниите за рекламирање и следствено и намалување на приходите на издавачите на онлајн-медиуми. Тоа, пак, се одразува врз капацитетноста на редакциите, односно ги намалува можностите за ангажирање квалитетен кадар, ги осакатува професионалните стандарди и предизвикува процут на корупцијата и на сивата економија во овој доминантен сегмент на медиумската индустрија.

Оттаму, мојата теза е дека дискриминирањето на онлајн-медиумите при доделувањето било каква економско-финансиска помош од страна на државата е фактор којшто ги поттикнува сивата економија, корупцијата и пауперизацијата во редакциите. Затоа е чудно што освен три месеци во текот на пандемијата, за разлика од традиционалните медиуми, онлајн-медиумите никогаш не добиле никаква финансиска поддршка од државата. Може ли некој да ми ја објасни логиката на таа дискриминаторска политика и како таа влијае врз квалитетот на македонското новинарство?

Стигмата не е аргумент за ништо

Како новинар со безмалку 40-годишна кариера, како основач на медиуми, како уредник и едукатор на млади новинари, можам да посведочам дека новинарството никогаш не било толку интересна и возбудлива професија како денес. Од периодот на т.н. боемско новинарство, од она време кога најважните новости се дознаваа во кафеаните и потоа се диктираа директно „во олово“, до ова денешно време, кога новинарите располагаат со безбројни алатки за собирање информации, за истражување, за пребарување и за обликување на медиумски содржини, се случија навистина тектонски промени. А веќе денес е јасно дека медиумите допрва драматично ќе се менуваат.

Тие глобални промени нема да ја заобиколат Македонија. Стигматизирањето и неразбирањето на општествениот импакт на професионалните онлајн-медиуми нема да го спречи нивниот натамошен експлозивен развој. Никогаш веќе нема да се врати времето на моќта на испечатената рото-хартија и на телевизиските антени на покривите на зградите. Интернет-порталите и другите онлајн-платформи уште повеќе ќе доминираат во медиумската индустрија. Веројатно ќе дојде време и за окрупнување на издавачите на интернет-портали и за други начини на „природна селекција“ на помоќните наспроти послабите.

При тоа, смешно е да се верува дека штафетата на извонредноста ќе ја понесат интернет-медиумите кои располагаат со неограничени подарени ресурси, поради што уште некое време ќе се „возат“ на заблудата дека квалитетот во новинарството е некаков нивен ексклузивен „проект“ за кој добиваат донации, тема која нема суштинска врска со потребите и со очекувањата на публиката што треба да се задоволат.

Промените треба да се „јавнат“ со нужната доза на остра, дури и неодмерена критика, каква што пројавил Жарко Настоски во својата куса анализа. Тоа е добро. Таа младешка енергија и гнев бедруго мора да се поддржат, бидејќи тие можат да станат „ракетно гориво“ на промените. Сепак, големите думи како „канцерот на конформизмот“, „колапс“ и слични, треба да се штедат за чамче муабети. Стигмата не е аргумент во битката за квалитет и за промоција на професионалните и на етичките стандарди на новинарската професија. Конечно, својата извонредност колегата Жарко Настоски и нему сличните сепак ќе мора да ја докажат на пазарот, таму каде што се водат најважните битки и каде што, всушност, се случуваат промените.

Автор: Бранко Героски

Насловна фотографија: freepik.com


Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.