Тие што објавуваа дезинформации за ковид-19, сега успешно го прават тоа и за војната во Украина

Се чита за 6 мин.

Големите светски случувања се мека на дезинформации: Да се натераме себеси да не кликаме на прва!


Во време на глобални општествени случувања, епидемии, економски кризи... преку ноќ полето на дезинформациите станува плодна почва за манипулација. Како да се поштедиме од „опасноста“ и да не им веруваме на лаги пласирани на сите видови медиуми? Прво што треба да имаме предвид за да се заштитиме е свесноста за сопствените емоции, објаснува комуникологот Емилија Петреска-Камењарова, помошник раководител на Секторот за програмски работи при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Дезинформациите се така формулирани што настојуваат кај нас да предизвикаат емоционална реакција – целта е да нè натераат да ги споделиме пред трезвено да размислиме, а неретко и пред целосно да ги прочитаме. Затоа, да се натераме себеси да не кликаме на прва – објаснува таа.

Ширеа лаги за ковид-19, па продолжија и за Украина

Како најлесно да се препознаат? Најчесто насловите се напишани со сите големи букви, завршуваат со повеќе прашалници и извичници (!!!???), претставуваат мамка што ветува дека во текстот нешто важно ќе се открие – што често не се случува (јадица наслови), нема линкови, или ако има, тие водат до сомнителни извори, текстот има многу грешки, неретко личи како да е преведен со „Гугл транслејт“ и сл. Содржината нема автор/ка или е потпишана со псевдоним. Нема датум кога е објавена или веќе не е актуелна итн.

Секогаш треба да провериме дали таа содржина ја има на некое друго место – за што треба навистина малку време. Најчесто или ја нема на друго место или се повторува истата, само пренесена од други профили или сајтови. Илустрирана е со фотографии или со визуелен материјал од друг настан, без потпишан/а фотограф/ка. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште пред неколку години објави инфографици „Зад лажните вести“ и „Зад насловите“, кои се преведени на македонски и на албански јазик (оригиналните инфографици ги подготви Европската асоцијација за заштита на интересите на гледачите – ЕАВИ). Мислам дека е добро читателите да ги прочитаат – куси се, ама корисни – вели Петреска-Камењарова.

Според податоците од крајот на 2022 година, само 46,7 отсто од населението во земјава било вакцинирано со две дози, што се должи и на неимуноста на дезинформациите од пандемијата.

emaЕмилија Петреска-Камењарова– Често, оние што ширеа дезинформации за ковид-19, потоа се префрлија на ширење дезинформации за војната во Украина и се успешни во тоа. Како што покажува истражувањето на Институтот за демократија и на фондацијата „Конрад Аденауер“ објавено во март годинава, само 21% од испитаниците во земјава сметаат дека целта на руската агресија е да ја освои Украина, додека мнозинството граѓани не се согласуваат дека Русија има таква цел (41% – воопшто, а 13% донекаде не се согласуваат). Сметам дека на ниту еден медиум не треба слепо и беспоговорно да му се верува, туку дека е потребно да се прават проверки. Постојат повеќе начини како да се провери одредена информација: на пример, да се види како повеќе медиуми известуваат за неа, да се направи споредба, особено на информациите од медиуми што имаат различни начини на прикажување некој настан или појава. Големи се шансите оние информации што се повторуваат кај објави/текстови со различен став кон конкретното прашање, да бидат оние што се вистинити – објаснува Петреска-Камењарова.

Неодамна е промовирано истражување што зборува за „дезинформацискиот пејзаж во повеќе земји членки на ЕУ“. Тоа покажува дека за секоја земја постојат наративи типични за неа.

Но, исто така, има теми што се повторуваат во најголем број од земјите, при што најчести се дезинформациите во врска со ковид-19 и антиваксерството, војната во Украина и прашањето на мигрантите, а во неколку од нив се повторуваат и антиродови дезинформации и трансфобични манипулации, како оние за кои сведочиме деновиве во нашата земја. Истражувањето покажува и дека граѓаните во земјите во кои има повисоко ниво на медиумска писменост се поотпорни на дезинформациите – уште еден показател зошто и во нашата земја треба да се фокусираме на подигнувањето на нивото на медиумската писменост кај сите генерации – од најмали до највозрасни – вели Петреска-Камењарова.

Барањето по вистината е предизвик

Верификацијата на фактите и на полето на информациите од економски карактер, е критична во време на голем број дезинформации. Засновајќи се исклучиво на факти, насоката е едноставна, а тоа е дека треба да користиме фактички проверени извори, како, на пример, научни статии, владини извештаи или елаборати и истражувања од независни истражувачки организации. Овде треба да имаме предвид да го провериме и авторот на информацијата, особено кога станува збор за економски ситуации. Насочувајќи го вниманието на тоа дали нивните мислења и предвидувања се поддржани од академска заедница и од други стручни организации, објаснува Владимир Петковски, доктор на економски науки на Економскиот факултет од Скопје.

Барањето по вистината може да биде предизвик, но тоа не треба да нè обесхрабрува, напротив треба да нè мотивира да ја пронајдеме вистината сами и секако да ѝ веруваме на науката и на нејзините достигнувања, како најверодостоен извор на податоци. Не е лесно да се селектираат информации и да се проценува нивната вистинитост, но со применување на овие начела, луѓето можат да развијат критичко размислување и да дојде до покачување на нивото на информираност и разбирање за глобалните економски ситуации – вели Петковски.

vladimirВладимир ПетковскиПотребата за паника е тотално непотребна, со оглед на тоа дека постојат повеќе чекори за проверка на веродостојноста на информациите, и доколку се практикуваат, ќе се дојде до вистината што подложи пред сè на фактите и на науката. Дополнително, ќе се запознаеме подобро со самиот „проблем“ и ќе се намали можноста за паника и потребата од неа. Важно е да се истражи изворот на информациите и да се провери неговата веродостојност. Треба да се провери дали изворот има добра репутација и дали неговите тврдења се поткрепени од други независни извори. Притоа не треба да се ограничуваме на еден извор на информации. Информации од повеќе извори можат да доведат до интересни податоци и заклучоци. Морамe да го процениме и квалитетот на информациите што ги добиваме. Да посветиме внимание на доказите, на студиите и на статистиките што ги поддржуваат тврдењата. Притоа потпирајќи се на основани и солидни извори засновани на научна и економска основа – смета Петковски.

Подложни сме на преземање нерационални и неоправдани мерки и акции кога се изложуваме на делумни информации или дезинформации за економското работење во една земја. Постојат многубројни примери за тоа, впрочем секоја пирамидална шема може да претставува класичен пример за преземање нерационални мерки и акции засновани на делумни или на погрешни информации. Во поново време тоа важи и за одредени видови криптовалути, објаснува Петковски.

Еден реален пример што датира од 2001 година можеби најдобро го отсликува ова, воедно станува збор за компанијата „Enron“. Во 2001 година, „Enron“ беше една од најголемите американски компании, чија дејност беа енергетика и финансии. Сепак, се откри дека компанијата била вклучена во масовна финансиска измама. Дезинформациите и делумните информации што беа презентирани од менаџментот на „Enron“ доведоа до преувеличување на приходите и прикривање големи загуби. Компанијата се претставуваше како успешна на берзите, додека вистинската состојба за нејзиното финансиско работење беше драматично различна. Овој случај илустрира како дезинформациите и делумните информации што се шират од компании можат да имаат сериозни последици врз финансиската стабилност и довербата во пазарот. Инвеститорите и јавноста во целост се потпираат на информациите што ги добиваат од компаниите, и кога тие информации се неточни или измамнички, може да се создаде неверување и погубни последици за економијата – објаснува тој.

Непроверените информации за ковид-19 влеваа страв кај луѓето

Ковид-пандемијата најверојатно беше најголемата енигма на денешницата. На почетокот сите ги фати неспремни и со тоа се направи паника што не можеше да се контролира, истакнува д-р Драгана Емел Маркоска. Таа докажа колку многу може да се манипулира со информации во време на пандемија.

Од една страна беше нова болест со нова клиничка слика, со терапии што во од, т.е. како одеше времето, се менуваа за да се постигне успех во лекувањето. Во целиот тој процес непроверените информации дополнително влеваа страв кај населението. Сепак, ова беше болест што бараше голема дисциплинираност кај населението, нешто на кое луѓето не беа научени досега. Сето тоа придонесе да се зголеми паниката кај луѓето. Последиците од ковидот сè уште е рано да кажеме дека се завршени, за тоа е потребно повеќе време. Друг голем проблем во периодот на ковидот беше тоа што следењето и откривањето на другите болести беа ставени во мирување – вели Емел Маркоска, педијатар од Скопје.

emelд-р Драгана Емел МаркоскаИнтернетот и достапноста на секакви информации е проблем за најголемиот број лекари, педијатри и сл. Пациентите прво читаат на интернет, па потоа на социјалните мрежи, па дури потоа се одлучуваат дали ќе одат на лекар. Најверојатно тоа се должи на преголемата преоптовареност на социјалните мрежи со голем број информации, од кои дел не се проверени туку се само пласирани од една страна и преоптовареноста на лекарите со пациенти од друга страна, посочува докторката.

– Кога станува збор за здравјето, најдобро е да се најде еден лекар (педијатар) на кој би му верувале и со кој би се советувале родителите т.е. пациентите. Јас низ смеа знам да кажам дека најголем проблем имаме со безбројните информации што се достапни на интернет, а воедно и не се доволно проверени за да бидат точни. Да не се разбереме погрешно, не е интернетот нешто што не треба да се употребува, ама барем да биде во умерени количини. Најважното што јас како педијатар им советувам на пациентите е да си најдат педијатар, кога станува збор за своето дете, на кој ќе му веруваат и само така ќе успеат да го минимизираат понекогаш погрешното влијание од интернетот – вели докторката.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Насловна фотографија: freepik.com


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).