Договор куќа гради, ама го урива новинарството

Се чита за 4 мин.

„Нема да има гледачи, слушатели, читатели!“, „Важно е што сака публиката!“, „Да ѝ го дадеме на публиката тоа што го сака! Ако имаме публика, ќе имаме реклами! Без реклами, нема да може да опстоиме, а вие новинарите ќе останете без плати!“

Ова е главната мантра на секој сопственик и главен уредник на поголемиот број медиуми во државава. Ова е главното оправдување на медиумите, без разлика дали се телевизии, радија или портали, со кое се турка идејата дека понудата треба да биде евтина забава со сомнителен квалитет. Не случајно, преплавени сме со реалити шоуа, трогателни серии, вести и информации што наликуваат едни на други како излупено јајце.


НОВИНАРИТЕ СЕ ДОГОВАРААТ

Бидејќи дневноинформативното новинарство ми е поблиску одошто креирањето на програмските стратегии на телевизиите, ќе се осврнам на една рутина што многу ме изненади кога бев уредник на економската редакција, на дневните изданија на вести и на емисија од областа на економијата.

За 28 години работно искуство, го поминав она време од македонското новинарство кое беше во зенит, според својот квалитет, а сега сум сведок на драстичното опаѓање, секако чест на исклучоците. Но, што толку многу ме изненади за да имам потреба да го напишам.

Додека бев уредник на економска редакција и на вести во една национална телевизија, открив дека моите помлади колеги, секојдневно, интензивно комуницираат со колегите од другите телевизии и медиуми. На прв поглед ништо чудно, колегијалноста треба да се гради и да се чува. Сепак, кога малку подлабоко се заинтересирав за таа комуникација, открив дека речиси сите новинари од економските редакции или што следат економија, пред сè во електронските медиуми, се во вибер-група каде што се договараат што ќе работат дента. Едноставно, тие си се договарале на што ќе посветат внимание, која тема ќе ја предложат на колегиум и дури кои агли на темата да ги одредат и кои изјави да ги обезбедат.

 studio backgroundФото: freepik.com

По ова сознанието, мојата реакција беше жестока. Не поради тоа што некој ја нарушува мојата уредничка позиција, бидејќи јас ги координирав насоките за прилозите, туку затоа што ми беше неприфатливо и надвор од мојот новинарски порив и кодекс да може да постои договор со други, пред сè конкурентски медиуми за тоа што би се работело дента. Додека бев во таа телевизија, правев сè да го спречам ваквиот начин на работа и се трудев уредувачката политика и пристапот кон темите да биде автохтон и карактеристичен за медиумот каде што работев.

Откако во кратки црти ви ја претставив сликата што се случуваше, а веројатно сè уште се случува, да појаснам зошто сево ова ме извади од такт. Се прашував како дојдовме во ситуација да се објаснуваме со колегите зошто е важно новинарите да имаат свој пат, а не да го следат чопорот и да бидат како и сите други.

Едноставно, за мене, а веројатно и за поголемиот дел од новинарите од постар ков кои веќе не се во фелава, непоимливо е да немаме конкуренција едни за други. Да не се бориме за тоа кој ќе има ексклузивна информација, кој ќе има различен агол од некоја прес-конференција или сосема различна тема од другите, а која произлегува од нешто актуелно или помалку актуелно што се случува.

Се чини дека оваа практика по редакциите е само дел од низата практики што го прави новинарството чиста масовна конфекција. Имаме повеќе брендови и зад нив стои ист уредник.

ДАЛИ РАЗЛИЧНИ ТЕМИ ЌЕ НИ ГО ПРЕГРЕАТ МОЗОКОТ?

Но, кој е тој вистински уредник. Не, не се „газдите“ на медиумите. Вистинските уредници на содржините е убеденоста на новинарите и нивните шефови дека мора да ѝ и се даде на публиката она што таа го сака. Дека таа ги определува нашите идеи и постапки. Новинарите и уредниците длабоко во себе како да се откажале од поривот да ги добијат информациите, да ги анализираат, да ги синтетизираат и потоа да ѝ ги пренесат на јавноста. Новинарот и уредникот како да се откажаа дека треба да ја гледаат целата слика, туку цело време се обидуваме да насетиме што наводно сака публиката.

Со ова, ние како да се вртиме во еден мал круг, како да живееме во бара наместо да се нурнеме во океанот со информации и да се потрудиме да ги пренесеме оние што навистина имаат некоја вредност, а не мора да се само од државава. Еве, ќе проанализирам две теми од економијата, кои за мене имаат огромна важност. Тоа се обидите за „дедоларизација“ на светската економија и рецесијата во Германија.

Ако се погледне најголемиот агрегатор на вести и се истражи периодот од почетокот на годинава, ќе се види дека многу малку, дури и занемарливо се обработувала светски важната тема за валутната битка меѓу големите економски сили. Во моментов светската економија се преструктурира, а во нашата поширока јавност ова е сосема маргинална тема. Колку и да сме мали и минорни во поглед на големите земји, сепак, она што се случува кај нив многу добро или лошо се одразува и кај нас.

gt2 1

gt2 2

Едноставно, оваа тема како да е резервирана за порталите, додека за главните медиуми е сосема неважна. Ова значи дека поголемиот дел од јавноста е отсечен од информации за тоа што се случува на глобално ниво. Поревносно се следи курсот на доларот кон другите валути, но многу често не се дава поширок контекст и не се поврзува со темата за „дедоларизација“.

gt2 3

Втора, исклучително важна вест што беше актуелна безмалку само еден ден беше влегувањето на Германија во рецесија. Неа ја пренесоа и главните медиуми, но интересот за неа траеше кратко.

gt2 4

Иако овие две теми се значајни за целиот свет и за Европа, ние не ги пласираме во јавноста. Едноставно, како да не нè допираат. Новинарите немаат порив да ги пласираат и да се ангажираат да ѝ ги доближат на публиката. Да сме лишени од анализи што ќе значи рецесијата на Германија за Македонија, да не им се објаснува на граѓаните дека половина од извозот ни е во оваа земја и дека ако таму има проблеми, ќе има и кај нас, да не се бараат одговори од институциите што сево ова ќе значи и за нашиот економски раст, за буџетот, за извозот, едноставно е надвор од секоја новинарска логика.

ПОТЦЕНУВАЊЕ НА ПУБЛИКАТА

Но, ете, живееме во една бара каде што мислиме дека главна економска тема ни се партиските препукувања за успесите или за неуспесите на владините економски политики. Секако, и бизнис-интересите на одредени моќни групи во државава.

Сè друго, што треба да биде од животна важност, се заборава.

Затоа, најлесно е новинарите да си се договорат меѓу себе за одредени теми и тие да се најдат пред публиката. Уредниците, пак, обземени со дневна политика, живеејќи во новинарски свет без конкуренција, не ни бараат повеќе од своите колеги.

Затоа, ние новинарите и уредниците треба почесто да се потсетуваме на основни правила и стандарди што се чини сме ги подзаборавиле и зошто постоиме како фела.

Автор: Горан Теменугов


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).