Интернетот тешко да се врати во ламбата од каде што излезе – државата мора да ги ограничи креаторите на лажни вести

Се чита за 9 мин.

Какви се психолошките и социолошките профили на „авторите“ и на „корисниците“ на лажни вести, објаснуваат д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, и д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ


„Автори“ и „корисници“ на лажните вести. Две групи што ја сочинуваат недогледната маса од милиони луѓе, кои во секоја секунда кликаат на копчињата на дигиталните уреди, создаваат дезинформација или веруваат во неа. Состојби што излегоа од контрола особено со појавата на социјалните онлајн мрежи каде што секој корисник стана медиум што создава, шири или користи дезинформација. Какви се психолошките и социолошките профили на овие две групи, оние што ја креираат лажната вест и оние што ја користат? Според д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, денес е полесно од секогаш да ги доведете луѓето во заблуда. Социологот д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели:

Прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сето ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија?

Дезинформациите не се случуваат случајно

Според Сотироска-Иваноска, во сè подостапниот свет за сите преку технологијата, претставувањето како кредибилен производител на вести бара малку пари и посветеност – но не е тешко и многу достапно.

Дезинформациите се дефинираат како информации што се неточни и намерно создадени за да ја измамат јавноста, за да им наштетат на некои поединци, организации, групи или на државата. Дезинформациите никогаш не се случуваат случајно, туку се формираат и се шират намерно за да ги наведат консументите да донесат погрешни заклучоци, да формираат определени ставови, да предизвикаат вознемиреност, чувство на несигурност, нетрпеливост или омраза кон определени лица или групи – објаснува таа.

kalina sotiroskaКалина Сотироска-ИваноскаРазвивањето, пласирањето и ширењето на дезинформациите се прави со определена цел – најчесто некоја добивка, финансиска, политичка, да се стигне до моќ, заради забава или предизвикување емоционални реакции. И можат да доведат до сериозни последици во областа на медицината, демократските процеси, општеството и угледот на поединецот. Тука се поставува прашањето: Зошто луѓето се подложни да ги примаат дезинформациите?

- Кај луѓето постои тенденција да ги забележуваат и да се сеќаваат на оние информации што се во согласност со нивните претходни верувања што ги зајакнуваат. Денес социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Јутјуб претставуваат најкористени платформи од кои консументите добиваат нови информации. Истражувањата покажуваат дека определени специфични карактеристики на личноста на потрошувачите и социо-демографските карактеристики можат да ги направат консументите поподложни да веруваат во дезинформации, како, на пример, понизок социјален статус, конзервативна идеологија, повозрасни и слично – објаснува Сотироска-Иваноска.

Таа додава дека постои пристрасност за потврда кога се фаворизираат информации што ги потврдуваат нашите веќе постојни верувања. Веројатноста е поголема да „паднеме“ на дезинформациите ако се согласуваме со она што е кажано без многу размислување. Пристрасноста за потврда работи и обратно – може да го зголеми скептицизмот за дезинформациите. Но, функционирањето на пристрасноста за потврда, укажува на намалено критичко мислење.

Никој не е имун на манипулации

Од друга страна, бидејќи не сме сведоци на настаните и ги немаме информациите од „прва рака“, го прифаќаме изворот на информации како точен и вистинит.

Важно е читателот да не се подведува слепо кон пласираните информации. Потребно е да се направи процена на кредибилноста на изворот, од кој медиум, портал, кој известувач, авторот, уредникот и кои извори се користени. Повторно, критичкото мислење е важно, дали некој ќе посвети време на тоа. Емоциите и чувствата имаат влијание врз критичкото размислување и мислењето го прават ирационално. Притоа дезинформациите најчесто предизвикуваат да растат гневот, стравот и несигурноста. Доколку критички не се размислува, читателот или слушателот е емотивен и го прави подложен на прифаќање на дезинформациите – вели Сотироска-Иваноска.

fake news foto pixabay 1 768x512Фото: Pixabay

Социјалниот притисок исто така игра улога во прифаќањето на дезинформациите. Тоа е евидентно на социјалните мрежи, каде што постојат луѓе што уживаат во дебатирање, но постојат и такви што едноставно ги бришат или одлучуваат да не ги следат луѓето, групите или организациите што споделуваат спротивно мислење од нивното.

Доколку имате определено мислење за нешто и тоа ве одредува во малцинството, експлицитно или имплицитно постојано ќе сте под притисок да се наклоните кон мислењето на мнозинството.

Многу често луѓето се уверуваат кон тврдењето дека секој има своја вистина. Тоа не е точно, туку претставува субјективност, а објективноста е потребна за да се одвои фактот од дезинформацијата. Најдобриот начин за борба против дезинформациите е насочен на индивидуално ниво. Никој не е имун на манипулациите и на влијанието на дезинформациите, но ние самите се обидуваме да ги контролираме одлуките. Важно е секој да биде критички консумент на информациите, да бидеме внимателни во наоѓањето точни информации, без да бидеме контролирани и манипулирани од ботови или она што го пласираат луѓето на социјалните мрежи – децидна е Сотироска-Иваноска.

Орвел наспроти Хаксли

Според Петар Атанасов, оваа тема може да ја анализираме на две нивоа. Првото е класичниот пристап на оние што произведуваат информации и оние што ги примаат или ги користат. Ова стана прашање од големо значење токму со појавата на масовните медиуми бидејќи нивното влијание во општеството станувало доминантно. Второто ниво е поконкретно и може да се поврзе со нашата актуелна стварност – каков вид и колку информации им се потребни на граѓаните во градењето на политичката култура заради учество на граѓаните во политичкото и во општествено живеење. Во оваа мини-анализа, Атанасов се задржува на второто ниво.

Да тргнеме од две идеалистички крајности, орвеловска – интенцијата да се забрани читањето книги (поради одредени причини) и хакслиевска – без забрани да се постигне состојба во која нема да има никој што би посакал да чита книги. Џорџ Орвел („1984“, 1949 год.) се плашел од оние што би нè лишиле од какви било информации, додека Алдоус Хаксли (The Brave New World, 1932 год.), пак, се плашел од оние што би ни овозможиле толку многу задоволства што луѓето би се претвориле во пасивна и егоистична маса. Орвел се плашел дека вистината ќе биде скриена од нас, додека Хаксли се плашел дека вистината ќе биде удавена во морето на ирелевантноста. Овде може да се постави дилемата дали луѓето треба да се доведуваат постојано во страв и чувство на закана, за да се држат постојано под контрола, или на луѓето треба да им се наметнат или да им се овозможат бескрајни задоволства, како детерминиран пат до „целта“ – објаснува Атанасов.

petar atanasovСпоред него, ова објаснување значи дека „некој“ таму поставува некакви цели и дека „некои“ центри на моќ може да ги наметнуваат своите планови за државата и за човекот, како и за заедницата (општеството) во кое живееме. Тоа се секако центри што имаат моќ и средства и финансиски ресурси да „управуваат“ со информациите што би ја моделирале нашата стварност. Овие информации може да се вистинити, но и креирани, лажни, намерни, да изгледаат како вистинити и постојано да се вбризгуваат во јавноста преку легални и полулегални канали.

- Најчестиот збор што ги објаснува ваквите канали е терминот политичка пропаганда. Кога би ги додале и зборовите популизам и политичка патронажа, тогаш имаме цел комплекс алатки што некои структури (главно провладини) ги користат за освојување на власта или други структури за да урнат некоја легитимна власт за тие да „управуваат“ со информациите или со институциите. За оваа технологија на управување со информации, порано биле потребни многу финансии и луѓе. Денес тоа може да го прават до одредено ниво неколкумина со добра информатичка поддршка. Со ова денес се занимаваат и мали интересни групи, но и цели државни структури што сакаат да имаат свое влијание многу пошироко во светот. Крајна цел е создавање јавност која е контролирана и која треба да овозможи наметнување идеологии што водат до создавање тоталитарно општество. Ова е спротивно од либералната западна идеологија, која беше доминантна во создавањето и во ширењето на демократското општество – објаснува Атанасов.

Новата стварност во двонасочната комуникација

Полека стигнавме до темата за дигитализацијата и за револуцијата во комуникациите овозможена со создавањето на новите медиуми и социјалните мрежи, додава тој. Дизајнирани од моќни корпорации, овие алатки му се „дадени“ на располагање на секој човек што има пристап до сигнал и има паметен телефон. Секој човек стана медиум, кој има можност и да консумира, но и да произведува информации. Во целата оваа нова стварност може да се анализира и да се објаснува и темата за дезинформации и лажни вести.

Додека постоела еднонасочна комуникација медиуми-информации-консументи, било полесно да се создаде совршен капиталистички маркетинг. Денес, кога комуникацијата е двонасочна, примателите на информации почнуваат и самите да емитуваат или да реемитуваат одредени содржини, информациите стануваат стока што се разменува по сите канали, од наједноставните профили на социјалните мрежи на луѓето, до најсовршените алгоритми, кои секако дека некој ги создава за нечиј интерес. И тука можностите се неограничени за создавање нова стварност што човекот го прави помал од технологијата, а вештачката интелигенција се заканува да започне да ги контролира и процесите на информирање и обичното секојдневно живеење – вели Атанасов.

dezinformacii 1

Според Атанасов, се разменуваат главно информации, анализи, реклами, вести, ставови, спинови, креирани слики и многу други видови зборови и фотографии што им се достапни на консументите, како личен избор или како избор на некој алгоритам. Во овој хаос на информации на човекот во една секунда му се достапни илјадници податоци, но тој ниту може толку многу да апсорбира одеднаш, ниту може да знае кои од овие извори му нудат нешто добро или суштинско за сопствениот хабитат. На човекот од сферата на информациите (освен одреден процент на корисни податоци) му се нудат и: лажни информации намерно произведени за да влијаат врз јавното мислење во нечија корист, погрешни информации за дезинформирање, информации чија цел е да ги излажат, лажни вести што содржат измислени информации, лажни наративи, лажни вести дистрибуирани за да изгледаат како легитимни вести, измислени, без проверливи факти и извори. Атанасов вели дека сево ова може да го сместиме во три случаи:

Борба помеѓу информации на полето на политиката, каде што дезинформациите и лажните вести се мешаат со емоции и се фингираат како политичка битка, пред сè во вид политичка пропаганда. Моќни и богати структури (политички партии, институции, недржавни структури) ангажираат армија луѓе (ботови) за да пласираат информации чија цел е да рекламираат едни, а да им наштетат на други структури. Ова секако не е дозволено, бидејќи на граѓаните им се создава лажна слика за состојбите во општеството. Кога ова го прават луѓе ангажирани од државни структури (вработени), тие обично се именуваат како ПР-служби, но главно ги злоупотребуваат државните ресурси во корист на една или на друга политичка гарнитура. Ова ќе го има сè повеќе во многу земји што практикуваат демократија, но кои може да се трансформираат во илиберални режими. Не се исклучок ниту демократските држави што се обидуваат да се борат против ова за да ги задржат во функција основните елементи на политичкиот процес.

Консумеристички информации со рекламирање сè и сешто, со многу помпа и реклама. Во овој дел исто така се употребуваат огромни ресурси за реклама или маркетинг, било да е предмет, производ, услуга, консултантска помош итн. Овде се употребува сè што е носач на порака, но и се користат големи финансиски средства за да се освои консументот. Голем дел од овие информации се проверливи. Но, има и организации што може многу вешто да ве наведат на погрешни одлуки во врска со купување нешто, но и да ви наметнат идеологии што може да ви направат голема штета засновани токму врз злоупотреба на луѓе.

Особено е важна социо-психолошката состојба на индивидуата, која е денес самостојна во однесувањето, одлучувањето и примањето на информациите. Човекот веќе живее во ризично општество и нестабилен свет што му нуди бескрајни задоволства, но и големи закани за неговата лична безбедност. Постојат и големи можности за избор во вмрежувањето на светско ниво и во градењето на сопствената кариера, живот, семејство, без гаранции за правилен избор. Но, што е правилен избор?

Вистината не може сама да се бори

Според Атанасов, прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сево ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија?

Повторно доаѓаме до моментот и до обврската кога и генерациски и образовно им ги пренесуваме цивилизациските вредности и културолошките контексти на новите генерации. Може да се обидеме да влијаеме врз нив во целиот нивен развој. Сето ова треба полека да станува дел од медиумската култура, кој треба да им помогне да се снаоѓаат со сите овие информации и да научат да ги препознаваат заканите и ризиците по нив. Во крајна инстанција, државата ако сака да е сериозна, треба да ги пропише и да ги казнува злоупотребите, да ја регулира политичката пропаганда и да ги ограничи „креаторите“ на лажни вести – дециден е тој.

Атанасов објаснува дека креаторите се предатори платени со нечии финансии, кои мора да се контролираат. Консументите треба да се образоваат да препознаваат манипулации од секаква природа – политички, општествени, пазарни, медиумски. Интернетот тешко дека ќе може да се врати во ламбата од каде што излезе, но ќе мора да има некакви стандарди или услови, кои ќе може да се проверуваат. Не може вистината сама, со голи раце да се бори против тенковските лажни вести.

fake news foto pixabayФото: Pixabay

Демократијата е систем што работи врз база на натпревар на идеи и вредности, но „масата“ треба да биде обучена да ги препознава девијациите и системите што сакаат повторно да го вратат Орвел, односно целосната контрола, додека претпоставуваме дека луѓето секако би го избрале системот на Хаскли. Се разбира во повисоката класа на Алфи. Но, желбите се едно, а меритократијата сосема друга работа во свет во кој има сè повеќе лаги, а сè помалку вистини. За жал, во битката да се влезе во класата на Алфите по секоја цена, се користат и дезинформациите и лажните вести – завршува Атанасов.

Весна Ивановска-Илиевска


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).