Студентите на УКИМ бараат дигитализација, ректорската управа најавува прогрес, за модернизација треба да се менуваат закони

ukim foto

Треба да се менуваат многу закони - за архивско и канцелариско работење, пропишаниот начин на издавање на дипломи итн. Во нив не е предвидено електронско работење, објаснува деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев

Дигитализација или деградација, велат студентите на најстариот и најголемиот државен универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“. Бараат дигитализација во администрацијата, можност на онлајн плаќање на услугите, електронски индекси... Не само во време на пандемија, туку и по неа.

Барањата на студентите се соодветни на времето во кое живееме и можностите што ги нуди технологијата. Сепак, реалноста е малку поинаква. За да биде УКИМ целосно дигитализиран универзитет треба да се менуваат многу закони што ќе го овозможат тоа. Дополнително, станува збор за комплексен универзитет со 23 факултети, 5 институти, 4 јавни научни установи и 8 придружни членки чии можности за технолошки развој се на различно ниво. Какви планови има новата ректорска управа, што бараат студентите, што велат раководителите на поединечни единици на УКИМ?

Според Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, отсуството на дигитализација на администрацијата е голем проблем со кој се соочуваат студентите. Обврзани се административните обврски да ги извршуваат со физичко присуство.

ukim borjan eftimov 1„Тоа одзема многу време и средства, а во време на пандемија претставуваат и здравствен ризик за студентите и административните кадри. Неретко има сериозни доцнења и ненавремено исполнување на потребите на студентите. Сето ова може и мора да се реши со дигитализација на работата на административните служби, која не треба да претставува сериозен предизвик за универзитет во 21-от век“, вели Ефтимов.

Тој е дециден дека универзитетот се наоѓа пред крстопат – дигитализација или деградација. Вели дека администативна дигитализација нема, а развиени системи за далечинско учење има единствено на Факултетот за електротехника и информациски технологии и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство

Дигитализацијата на УКИМ во моментов не постои. Ако не се дигитализираме, сериозно ризикуваме да заостанеме зад локалните конкуренти. На регионално или на континентално ниво одамна заостануваме, но не е предоцна да започнеме да се унапредуваме на ова поле, доколку сакаме да останеме конкурентни“, вели Ефтимов.

Претставници на УСС при УКИМ неодамна се сретнаа и со новата проректорка за настава, проф. д-р Христина Спасевска. Ефтимов вели дека средбата била исклучително продуктивна и влева надеж дека универзитетот значајно ќе напредува во однос на дигитализацијата. И во моментов се работи на тоа.

Единствената дигитална платформа за учење

Спасевска е децидна дека УКИМ не е само најстариот, туку и најдобриот универзитет во земјава, а посветеноста кон дигитализацијата во целина е заеднички приоритет на сите единици на универзитетот.

ukim prorektor hristina spasevska 1„Така уште повеќе ќе се се приближиме едни кон други, со својата различна организациска структура и различните области што ги негуваме во наставно-научната дејност. Универзитетот има интергиран систем за студенстки сервиси, а дел од факултетите, особено техничките веќе со години користат дигитални платформи за учење на далечина. Овој процес беше забрзан со појавата на пандемијата кога и наставата почна да се одвива по електронски пат. Сепак, треба да се истакне посветеноста на наставниците да ги прилагодат своите предавања и учебните материјали на новите услови“, објаснува Спасевска.

Така, овој семестар почна со т.н. „хибридна“ настава - дел се одвива електронски, а каде што дозволуваат условите, и со присуство на студентите. Како ќе се менува ситуацијата со пандемијата, институтите и факултетите се подготвени да го променат и начинот на спроведување на наставата и оценувањето. Според Сапасевска, дигитализацијата на УКИМ е процес и тој континуирано се подобрува и надградува. Вложувањата се пред сè во зголемување на техничките ресурси, но и во јакнењето на човечките капацитети за користењето на нови дигитални алатки.

Универзитетот има изготвено програма со проекти кои треба да се реализираат на краток, среден и долг рок за да навлезе дигитализацијата во сите сегменти на работењето. Иако овие проекти се подготвени пред пандемијата, во сите нив е нотирана дигитализацијата како една од клучните области на дејствување за подигнивање на квалитетот во сите дејности на универзитетот“, вели Спасевска.

Тука спаѓаат системите за менаџирање со човечки ресурси, дипломски и магистерски работи, електронско анкетирање за самоевалуација, порширување на достапноста на eduroam-мрежата и други. Во овој момент приоритет се имплементацијата на  единствената дигитална платформа за учење и воведување нови апликации на студенските електронски сервиси, кои ќе овозможат намалено физичкото присуство на студентите во услови на пандемија.

Но, за ефикасна имплементација на сите проекти поврзани со дигитализацијата потребно е да се вклучат потребите на наставниците и студентите. Затоа во изминатиот период се одржаа пет работилници на тема ‘Дигитална настава - искуства и предизвици со учењето на далечина’ на коишто учествуваа околу двесте професори од УКИМ. Студентите преку своите претставници во телата на универзитетот даваат суштествен придонес во градењето на дигитализацијата како процес, но и со активно вклучување во идејните и техничките решенија на дел од електронските апликации“, вели Спасевска.

Пристапи до електронски бази им се потребни на сите

Според проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука на УКИМ и проф. д-р Ордан Чукалиев, проректор за меѓународна соработка на УКИМ, во насока на дигитализација на Универзитетот, заеднички приоритет на единиците е развој и примена на повеќе дигитални алатки и дигитални сервиси со цел подобрување на видливоста на Универзитетот. Од аспект на дигитални алатки неопходни за научно-истражувачка работа, пристапи до електронски бази на податоци за научни списанија и книги еднакво им се неопходни и на студентите (особено оние кои реализираат истражувачки активности на вториот и третиот циклус на студии) и на научно-истражувачкиот кадар на универзитетот. Пристапите до базите потребно е да се решаваат системски, за целата академска заедница во државата.

„Преку мрежата на МЕБ-Македонски Електронски Бази, која ја управува Универзитетската библиотека, на располагање се одредени можности - пристап до дваесетина електронски бази во рамки на EBSCO, кои понатаму, преку библиотечните сервиси на единиците на универзитетот, се споделуваат кон наставно-научниот кадар и студентите. Заложбите на универзитетот се да се обезбеди пристап до поголем број релевантни електронски бази од наведениот вид, за кои МЕБ, како членка на EIFL, има солидни привилегии за регистрирање и пристап, специјализирани за различни научноистражувачки подрачја. Во соработка со единиците на универзитетот, започнати се активности за идентификување по релевантност“, вели Гечевска.

Таа додава дека сериозен извор на научно-истражувачки податоци се научните списанија кои ги издаваат единиците на УКИМ. Отворен е процес за поставување на овие изданија на единствена дигитална платформа, со што ќе се обезбеди афирмација и пристапност до изданијата и зголемување на видливоста кон научната заедница. Трудовите ќе се индексираат на пребарувач и ќе станат подостапни, а се добива можност и да се зголеми цитираноста.

„Во контекст на дигитализацијата, идејата за воспоставување на електронска база на универзитетот, на која ќе се поставуваат магистерски и докторски трудови во дигитален формат, е во развој, истовремено со можноста за интеграција на меѓународни електронски генератори. Следен проект е развој на дигитална платформа која ќе ги интегрира информациите за меѓународни проекти кои се реализираат на универзитетот, што ќе обезбеди видливост на поставените цели, остварените резултати, моделите на оддржливост на резултатите, меѓународните конзорциуми на соработка. Иницирани се уште неколку проекти за дигитализација, сите поврзани со заложбата за зголемување на видливоста на научно-истражувачките резултати на научниот кадар на УКИМ кој поседува извонреден потенцијал. Потребно е итно да се искористат можностите на дигитализацијата преку примена на разновидни дигитални алатки, со цел одличноста да биде достапна за цитирање и видлива за пошироката јавност“, дециден е Чукалиев.

Потребни се измени во националната регулатива

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ организира студии од втор и трет циклус. Според проф. д-р Бојана Наумовска, директорка на Институтот, тоа значи и помал број на студенти и помал обем на административна работа. Таа објаснува како е поставен системот. Во согласност со регулативите на универзитетот и на национално ниво се води двојна евиденција и административна работа. Националната регулатива бара чување на целокупното досие на студентите во печатена форма 50 години. Тука влегуваат пријавата за запишување со целата документација, сите пријави за испитите, целокупната документација околу магистерскиот/докторскиот труд, сите поднесени барања и донесени одлуки по нив, како и издадените потврди и уверение. Паралелно со овој начин на работа постои iKnow системот во кој сите студентите се запишуваат на почетокот, а потоа пријавуваат испити и одбираат изборни предмети.

ukim bojana naumovska 1Зборуваме за два паралелни система на работа, кои бараат дополнително време од администрацијата за извршување, а воопшто не ги рационализираат ресурсите. Не можеме да зборуваме за дигитализација кога овој начин на работа, како проблем, пандемијата го извади на површина. За поздравување се барањата на судентите. Потребни се измени на националната регулатива, а УКИМ би требало да биде лидер во процесот“, вели Наумовска.

Во однос на другите активности на Институтот, одржување на предавања, консултации, состаноци, научни совети, одбрани на магистерски и докторски трудови, одржување на дебати и научни расправи, функционираат во соглансот со новите услови, на онлајн платформа, и досега немаат проблеми.

Според деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Ратко Дуев, iKnow-системот за електронска евиденција и администрирање на образовниот процес има одличен софтвер. Овогодишното пријавување на новите студенти се одвиваше по електронски пат.

„Со мали модификации може целосно да се премине на дигитално работење. Проблемот е што треба да се менуваат многу закони - за архивско и канцелариско работење, пропишаниот начин на издавање на дипломи итн. Во нив не е предвидено електронско работење. Редовните инспекциски надзори од нас бараат печатени документи. Дигитални потписи (сертификати) користат само одговорните лица и само тие можат да потпишуваат. Пандемијата нѐ присили сите да размислуваме за овие проблеми. Веќе се размислува како побрзо да се надмине оваа состојба, притоа да се внимава и на заштита на електронската комуникација од можни злоупотреби со кои се соочивме во изминатите месеци“, објаснува Дуев.

Образованието и науката се инвестиција, а не трошок

Филозофскиот факултет годинава одбележува 100 години постоење. Тој е најстар факултет во Македонија, па и во поглед на дигитализацијата е понапред од многу други. Дуев раскажува дека пред десет години освен веб-страница, факултетот имал и платформа за отворен пристап за е-изданија на дел од списанијата, а УКИМ започнал да го развива iKnow системот.

ukim ratko duev 1„Поради сѐ поголемиот развој на технологијата и алатките за е-учење, постепената замена на печатените научни изданија со е-книги, тенденцијата за глобализација на науката и лесна достапност до научни статии, монографии, учебници од различни области, ни стана јасно дека доколку една високообразовна институција не ги дигитализира своите активности, таа речиси и не постои во светската наука и во светското високо образование. Затоа пред 4 години почнавме засилено да работиме на овој план, да ја зајакнеме дигиталната научна инфраструктура, да им овозможиме на нашите студенти и колеги полесно да истражуваат и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети“, вели Дуев.

Поради падот на бројот на студенти, големите миграции, намалувањето на  наталитетот, како и начинот на финансирање на високото образование, во голема мера се намалија и буџетите на факултетите. Во отсуство на поддршка на државата во последните децении, факултетот презел низа активности за мотивација и поддршка на наставниците за аплицирање на меѓународни проекти и меѓународни фондови.

За кусо време добивме 8 проекти и со тие средства се изработени платформите. Секој проект има и процент од финансиите што е за администрирање. За разлика од други институции, ние со тие средства ги покривме поголемиот дел од трошоците за набавка на базите на списанија и пристап до е-алатки за учење. По урнекот на светските универзитети, преку акциите за подигање на општествената одговорност кај компаниите за заедницата и високото образование, за донации и инвестиција во иднината, која речиси и да ја нема во нашата заедница (доколку се нема личен интерес), сепак најдовме партнери кои финансиски ни помогнаа во реализација на дел од активностите“, објаснува Дуев.

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во моментот нема пристап ниту до бази за податоци, ниту до списанија и друга литература. Наумовска вели дека состојбите се вакви веќе подолги години. Според неа, проблемот треба да се разгледува и да се решава на три нивоа - држава, универзитет и на ниво на единица (институт, факултет).

„Државата конечно мора да одлучи каква наука сака и колку е спремна да вложува во оваа дејност. Исклучително значаен елемент во развојот на науката е достапноста до литературата и новите сознанија. Од нас се очекува да произведеме научни трудови достојни за списанија кои не можеме да ги видиме, освен ако не ни ги прати колега од странски универзитет. И тука морам да го споменам финансирањето на научноистражувачката дејност за кои 15 години денар не е одвоен. Овие елементи се тесно поврзани и влијаат на тоа каде сме денес и каде како држава и општество сакаме да стигнеме“, вели Наумовска.

Според неа, и универзитетите би требало да размислуваат за одвојување на дел од буџетот во овој дел, особено што дел од рангирањето на универзитетот произлегува од трудовите на наставно-научниот кадар. Третото ниво е институт или факултетот – колку е тој финансиски моќен делумно или целосно да го бајпасира овој проблем.

„Но, што со институтите и факултетите кои не можат да ги обезбедат овие ресурси за своите вработени? Дали треба само немо да набљудуваат што се случува и да си го чекаат денот за во пензија? Проблемот е голем, особено затоа што долго време е игнориран. Искрено се надевам нешто ќе се поправи со започнувањето на работа на предвидените тела во Законот за високо образование како и новиот закон за научно-истражувачка дејност, за кој веќе е формирана работна група. Вложувањето во образованието и науката е инвестиција, а не трошок. Без соодветен однос кон овие два процеса не може да се очекува напредок во ниту една друга сфера“, заклучува Наумовска.


До што сѐ обезбеди пристап Филозофскиот факултат во Скопје

Покрај достапноста до КОБИС, Филозофскиот факултет завршил со процесот на дигитализација на базата на списанија на страницата https://periodica.fzf.ukim.edu.mk објаснува деканот Дуев.

Направена е дигитализација на сите досега одбранети магистерски и докторски трудови кои се поставени на е-репозиториумот на УКИМ. Во академската 2018/19 година се претплативме на најголемата електронската база на академски списанија JSTORE - збирка на околу 3.000 научни списанија и над 35.000 книги. Обезбеден е пристап и до базата ARTSTOR која нуди 3 милиони слики од водечките музеи, архиви на фотографии, вклучувајќи ретки и важни колекции претставени заедно со збир на специјализирани алатки за предавање и учење. Во текот на 2019/20 година, научната е-инфраструктура вклучувала пристап до базите: Едвард Елгар онлајн, Мусе (Џонс Хопкинс Универзитет), Сејџ списанија (Sage journals), Сејџ книги (Sage knowledge) и Ебско. За научната и академска периодика на Филозофскиот факултет составена од 12 научни списанија, почната е постапка за доделување дигитални кодови за идентификација (DOI), за броевите од 2015 година до денес. Преку Еразмус проект развивме сопствена е-платформа за е-учење прилагодена и за студенти со попреченост“, објаснува Дуев.


 

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.