Отворена изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“

Се чита за 0 мин.

Во следните два месеци во „Europe House“ Скопје, сите заинтересирани посетители ќе може да ја погледнат мултимедијалната изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет - стапица за вашите лични податоци“.

Изложбата се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет.

glassroom 1

На отворањето на изложбата, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, истакна дека е многу важно корисниците да бидат свесни како ги споделуваат своите податоци онлајн и додека ги користат дигиталните уреди. „Пораката не е дека не треба да ги користиме дигиталните уреди, туку како да бидеме свесни дека треба попаметно да ги користиме“, посочи амбасадорот Гир.

Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел - да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн.

glassroom 3

Посетителите на изложбата ќе можат да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како  нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци.

Изложбата ја организираат Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.