ПОВИК за основање новинарски клубови во средни и основни училишта

Се чита за 1 мин.

Младинскиот образовен форум (МОФ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавуваат повик за основање новинарски клубови (секции) во основните и во средните училишта од државава. Новинарските клубови се реализираат во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. 

Опис на активностите

Новинарските клубови треба да вклучуваат  едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Новинарските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од декември 2023 година до мај 2024 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат однапред подготвена програма, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на новинарските клубови. Програмата ќе ги опфати следните теми: 

  • Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика)
  • Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју)
  • Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини)
  • Дезинформации, погрешни информации и штетни информации
  • Проверка на информациите и фото-форензика
  • Нови медиуми
  • Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи.

На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на новинарските клубови од основните и од средните училишта.

Услови за аплицирање

На повикот може да аплицираат наставници од средните и од основните училишта, кои ќе ги водат новинарските клубови. Тие треба да поднесат формална апликација, со одобрување од училиштето од кое доаѓаат. Апликацијата треба да содржи:

– Информации за училиштето и наставникот;

– Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате новинарски клуб во вашето училиште;

– Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области.

Рокот за аплицирање е до 23.10.2023 (понеделник) до 23:59 часот.

Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на мејл-адресата mila_ristanovska@mof.org.mk со назнака: Апликација за основање новинарски клуб – Име на училиштето

На повикот ќе бидат избрани десет средни и десет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање новинарски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 27 октомври 2023 година. Пред почеток на работата на новинарските клубови, МОФ и МИМ ќе организираат обука за наставниците кои ќе раководат со нив. 

За сите дополнителни информации и прашања, може да се обратите на Мила Ристановска, на следната маил-адреса: mila_ristanovska@mof.org.mk.