Анализа: Структурната положба на жените-новинари во медиумите во Македонија

Се чита за 1 мин.

Македонското законодавство ги интегрира сите меѓународни документи и препораки што гарантираат предуслови за родова и економска еднаквост на сите граѓани во различни  општествени сфери, вклучително и во медиумската. Сепак, практиката во изминативе децении покажува дека законските и стратешките документи, со кои се поттикнува принципот на еднакви можности и еднакво учество на жените и на мажите во креирањето на програмските концепти и содржини или соодветно портретирање преку медиумите на секое лице без оглед на неговиот пол, не се имплементираат соодветно.

Oва е само еден од заклучоците од анализата „Структураната положба на жените-новинари во медиумите во Македонија“, што ја подготви Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот „#РеФорМедиаМКД – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија.

Целта на истражувањето е да се утврди каква е структурната положба на жените во медиумите во Македонија, земајќи ја предвид нивната застапеност на разни нивоа во управувачките структури и во структурата на вработенoста во некои од највлијателните медиуми во Македонија, нивната образовна подготвеност, можностите за професионален развој, економската и безбедносната положба.

Истражувањето беше спроведено во периодот од мај до октомври 2018 година. За таа цел беа консултирани анализи, истражувања и податоци од релевантни меѓународни и домашни извори. Беа направени 13 интервјуа со новинари и со медиумски работници од влијателни редакции во Македонија, како и анкета што беше дистрибуирана до 10 медиуми, при што добивме одговор од осум. 

Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог.

pdfСтруктурната положба на жените-новинари во медиумите4.64 MB