Регионални документарни филмови за медиуми и за новинарство што мора да ги гледате: Што е добар документарец?

Се чита за 6 мин.

Филмскиот теоретичар Бил Николс пишува за шест вида документарни филмови – поетски, толкувачки, рефлексивни, набљудувачки, перформативни и партиципативни – секој со свои разнолики карактеристики. Станува збор за начинот на кој ја раскажуваш приказната.


Пишува: Мирза Ајнаџиќ

Поетскиот документарец говори првенствено преку визуализации, со малку или без интервјуа и без нарација. Со други зборови, товарот паѓа на директорот на фотографија, кој треба да создаде впечатливи слики способни самите да ја раскажат приказната. Рефлексивниот документарец креира директна врска меѓу режисерот и публиката, во кој режисерот зазема улога во самиот филм. Веројатно еден од првите и сè уште најдобрите рефлексивни документарци е филмот на Џига Ветров „Човек со филмска камера“ од 1929 година.

Набљудувачките документарни филмови се донекаде слични на поетските во тоа што и двата вида се, пред сè, фокусирани на детално набљудување, во кои камерата доминира со долги сцени. Кај перформативните документарци режисерот го претвора филмот во забавна претстава. Авторот често има близок, личен интерес во темата и затоа во ваквите филмови се искажани многу силни мислења. Партиципативниот вид е кога режисерот учествува во приказната наместо да ја набљудува. Режисерите се пред камерата и поставуваат прашања. Не влијаат врз темата, но ја кажуваат својата верзија на вистината или како гледаат на неа. Најдобрите примери се филмовите на Луис Теро, британско-американски документарист и новинар.

Најчестиот вид документарен филм е толкувачкиот. Ваквите филмови едуцираат или објаснуваат одредени проблеми, трендови или настани. Во нив се прикажуваат интервјуа, нарација, различни видови архивски материјали, визуализирани податоци... сè со цел темата да ѝ биде појасна на публиката. Повеќето документарни филмови што ќе ги споменам овде спаѓаат во овој вид. Да разјаснам, барав документарни филмови за новинари, а не нужно направени од новинари. Значи, темите што ги опфаќаат филмовите што ги издвоив овде се: работата на новинарите, тешкотиите со кои се соочуваат, приказните што ги проследуваат.

„ОДГОВОРНОСТ“ – улогата на медиумите и на новинарството во ширењето пропаганда

Архител продукција“ од Србија е основана во 1993 година, оставајќи печат најпрво со серијата Слики и зборови на омраза“. Нивната главна цел е да се борат против цензура и злоупотребата на медиумите при справувањето со минатото. Едночасовниот филм „Одговорност“ од 2022 година, напишан од Ивана Лалиќ и режиран од Горан Ковачиќ, покажува како медиумите беа употребувани како алатки за пропаганда во деведесеттите години на минатиот век во Србија. Се состои од интервјуа со новинари и од архивски снимки за медиуми, монтажери и новинари што тогаш биле дел од машинеријата за ширење пропаганда. „Одговорност“ е класичен наративен толкувачки ТВ документарен филм, кој ги објаснува проблемите и ја едуцира јавноста, во случајов како и зошто медиумските професионалци завршуваат како алатки за пропаганда. Филмот употребува едноставен, но веројатно најуспешниот метод за раскажување на ваквите приказни: наративот го носат серија интервјуа на луѓе што говорат директно во камерата.

„СИЛА ВРЗ СЕДМАТА – СЛУЧАЈОТ ВО ЦРНА ГОРА“„Во основа – мрачна слика за атмосферата во која на медиумите не им е дозволено да работат слободно и да ја имаат можноста да ја коригираат власта и да бидат еден од столбовите на демократијата“ – цитат на нараторот во документарецот.

Продуциран во 2018 година, Сила врз седмата – случајот во Црна Гора“ е едночасовен документарен филм за напади врз новинарите. Ја доловува мрачната слика на општество во кое истражувачкото новинарство има цена. Во филмот има новинари од цела Црна Гора, кои известувале за случаи со корупција и биле нападнати, а во некои случаи и убиени поради тоа. Она што ја прави атмосферата во филмот уште помрачна е тоа што ниеден од случаите не е разрешен од полицијата, обвинителите и од судиите. Тоа што криминалните случаи врз новинари поминуваат неказнето, велат авторите, води кон повеќе напади врз нивните колеги и оттука се поставува и прашањето: дали надлежните органи се соучесници во овие напади? Овој наративен документарец користи интервјуа, архивски снимки и одглумени сцени како инсерти.

„ОПАСНА МРЕЖА“ – „65 % од онлајн нападите кон новинарите се против новинарки“ – цитат од документарецот

Овој 12-минутен документарен филм Опасна мрежа“ од РС Македонија е за онлајн нападите кон новинарките. Се темели на истражување направено од ПИНА (Платформа за истражувачко новинарство и анализи). Документарецот балансира помеѓу видеорепортажа, филм и промотивно видео. Авторите користеа компјутерско-генерирани слики (CGI), интервјуа и инсерти од секојдневниот живот на учесничките, што придонесува за филмското искуство.

„JUNK FOLDER“/ТОВАРОТ НА ИСКУСТВОТО/ЦЕНАТА НА ВИСТИНАТА – серија документарни филмови во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар Сараево

Овие три документарни филмови се во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар како дел од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“. „Junk Folder“, режиран од Ален Симиќ, беше емитуван за првпат во септември 2021. Филмот ја раскажува приказната за лажните вести што влијаеја врз Западен Балкан во последниве години. Овој 30-минутен филм нуди свеж стил на раскажување. Авторите употребија многу добро осмислени компјутерско-генерирани слики како инсерти за да создадат огромно стовариште за отпад, според мене, сугерирајќи дека е тоа вистинското место за лажните вести. Особено впечатлива беше сцената со гулаби што се хранат на стовариште за отпад – повторно паметно раскажување што опишува општество што „јаде тоа што му се сервира“ иако е отпад. Одличните интервјуа исто така му помогнаа на Симиќ да направи забавен документарец за оваа важна, но не и вродено филмска, тема.

Товарот на искуството“, режиран од Сабрина Чориќ, беше објавен во Ноември 2022. Судејќи по раскажувањето, визуализациите и режијата, овој филм, според мене, е најдобриот од сите споменати. Ја раскажува приказната за три новинарки од Босна, Косово и од Србија на многу едноставен начин. Заснован е на разговор во поткаст студио помеѓу трите протагонистки. Тие разговараат за заканите со кои се соочуваат секојдневно поради работата и како тоа им влијае врз секојдневниот живот, важна тема раскажана на едноставен, но ефикасен начин.

Цената на вистината“ е последниот документарен филм во серијалот, објавен онлајн овој февруари. Се фокусира на напади врз новинари во Србија. „Во центарот на вниманието се новинарот Милан Јовановиќ, кој ја изгуби куќата при подметнат пожар, Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита веќе 18 години, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ“ – се вели во синопсисот на филмот. Филмот започнува со наративно сведоштво на Милан Јовановиќ додека гледачите ги сведочат визуелните последици од нападот врз него и сопругата при подметнатиот пожар. Потоа следува приказната на новинарот Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ. Секоја од приказните може да биде документарен филм сама по себе, што донекаде и го посакував. Како и да е, добро се дополнуваат една со друга и создаваат еден документарец со добро визуелно раскажување од авторката Валентина Делиќ и затоа мора да се погледне.

Она што ги прави овие три документарци интересни е синергијата помеѓу граѓанските организации фокусирани на медиумите, кои очигледно се заземаат за важни општествени проблеми, и филмските продуценти и режисери, чиј интерес е секако филмската страна на нештата.

Види кратка видеокомпилација од сите документарни филмови од списокот овде. (Предупредување: Следново видео содржи сцени што може да бидат вознемирувачки!)

НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК

Новинарството и документарните филмови имаат многу заеднички нешта. Двете бараат приказни вредни за раскажување, особено оние што мора да се кажат. Трендот кај новинарите и кај медиумите да продуцираат документарни филмови за да раскажат приказна, расте. Новинарите вообичаено тешко се снаоѓаат со концептот „покажи, не објаснувај“, техника на филмското раскажување што се заснова првенствено на визуелни содржини. Она што можеби недостасува кај документарните филмови направени од новинари и од медиуми во регионот е свежиот пристап во визуелното раскажување. Тоа сепак не значи дека нема место за едноставен, наративен толкувачки документарец – некогаш е тоа најдобриот начин да се раскаже одредена приказна.

Начинот на кој одбираме да ја раскажеме приказната некогаш е еднакво важен колку и самата приказна. Само погледнете го филмот од 2018 година Валцер со Башир“ од Ари Форман. Станува збор за анимиран документарен филм во кој режисерот ги интервјуира своите пријатели воени ветерани за да ги пополни дупките во сеќавањето од настаните во Либан во 1982 година. Приказната би била интересна како и да е, но начинот на кој е раскажана го направи филмот одличен. Ако сте во искушение да помислите дека на филмовите за новинарство или на новинарските филмови им недостасува драма, тогаш гледајте го романскиот документарец од 2019 година „Колектив“ од Александар Нанау. Исто така, често се развиваат нови пристапи во снимањето филмови. Ја земаш камерата или мобилниот телефон и снимаш нешто што мислиш дека може да е добра приказна раскажана од твоја перспектива и потфатот може да прерасне во одличен филм, како што е „Камерман“ од Кирстен Џонсон од 2016-та, или дури и одличен колку и „За Сама“ од Ваад ал-Катаеб од 2019 година.


 Eu Flag Web

Финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, се имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржина на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.