
Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ. Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман. Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Низ видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја. Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик. Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици. На годинешниот конкурс пристигнаа: 16 стории, обработени во 77 текстови/видео прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија; 18 теми во категоријата Најиновативен новинарски производ. 27 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории - најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија. Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Извештај на жири-комисијата750.12 KB Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
Над 70 ученици од средните скопски училишта „Орце Николов“, „Васил Антевски-Дрен“ и „Никола Карев“ учествуваа на три интерактивни работилници на кои дознаа повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење и добија конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Темите на работилниците се поврзани со Упатството за детоксикација кое е подготвено како дел од изложбата „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин. Работилниците за млади се одржаа во Европска куќа во Скопје, во организација на Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.
Премногу медиуми, премалку релевантни – без редакциски живот и дефинирана уредувачка политика, објективноста во новинарството е изложена на автархија. Во услови на сеопшта економска и социјална криза и на новинарите не им е лесно да ја остваруваат својата одговорна професионална обврска. Интернетот и напливот на новите технологии понудија секому, буквално секому, да биде новинар или барем производител на медиумски продукти. Од вест, преку извештај, па сè до коментари, па и посложени форми, како, на пример, интервјуата. Површно гледано, од тој аспект дури и би можело да се каже дека сега новинар може да биде кој сака. Интернетот како извор на информации и алатката што сè уште ја нарекуваме мобилен телефон го овозможуваат тоа во сите изразни новинарски форми – текст, тон, видео, како и снимање тон и видео, монтажа и други слични можности потребни во секоја редакција, како архивирање податоци, фотографии и видеа и уште што не. Па, така, доаѓаме до огромна брзина во пренесувањето вести и други информации, а и до неверојатна достапност до секакви податоци и информации. Од друга страна, широка е и масовна достапноста до информации и можноста секој индивидуално или организирано да произведува и да пласира вести и други информации надвор од организиран медиумско-редакциски амбиент. Повеќе вистини за едно исто случување Интернетот и мноштвото портали со недефинирани сопственост и уредувачка политика, дополнително на сè пораспространетите социјални мрежи, сè повеќе ја окупираат до вчера традиционалната медиумска публика и ги потиснуваат фактите како носечки столбови на секој новинарски продукт. Ваквата актуелна состојба во која страда вистината, во која доминираат паушални информации од паушални „медиуми“ без импресуми, во која вестите и другите информации се одраз на впечатоци, импресии и манипулации, а не на факти, практично нè води во вонредна информативна состојба во која на јавниот простор истовремено егзистираат повеќе реалности и повеќе вистини за едно исто случување. Ситуација во која мноштво ‘ботови’ на разни центри на моќ фабрикуваат и наметнуваат свои „вистини“. Таквата практика фрла сенка врз новинарството, врз новинарите што професионално ја вршат својата работа, а чија фактографија е поклопена од цунамито од лажни информации. Реално, нема сигурен лек против лажните вести, но има превентива против лагите во јавниот простор – традиционалното, односно професионалното новинарство, редакциската организираност и медиумската слобода во однос на сопственоста. Во морето од лажни вести, редакциите, како професионални продуктивни јадра во печатот, радијата, телевизиите, порталите или како столбови на професионалното новинарство, ќе треба повторно да се наметнат со сите утврдени етички новинарски норми и стандарди. Впечатокот на јавноста дека новинарството е паднато на најниски гранки не е можеби најреален, но и не е далеку од вистинската состојба. Па, сепак, за консументите на информациите, за граѓаните, патот до вистината станува сè потежок. Оттука, посебно е важна улогата на медиумите, на редакциите и на новинарите во нив и посебно на уредниците како креатори на уредувачките политики за кои фактите се примарната одредница при создавањето на новинарските продукти. Во ера на енормно користење на социјалните мрежи, пробивот до вистината дополнително се усложнува Фото: freepik.com Во оваа технолошка ера, медиумите на глобално ниво се соочуваат со организирани кампањи за ширење дезинформации и пропаганда. Ако се има предвид дека дезинформациските кампањи и наративи неретко се поддржани од центри на моќ што сè повеќе се обидуваат да го замолкнат критичкото новинарство, тогаш предизвикот за професионалното новинарство е уште поголем. Ситуацијата е уште поопасна кога дезинформациите и лажните наративи ги креираат и ги шират поединци со авторитет коишто уживаат доверба и внимание од публиката, а медиумите само ги пренесуваат, практично само ги ‘катапултираат’ во јавноста, без притоа да ги проверат тврдењата на изворот. Науката вели дека во овој наплив на дезинформации не помагаат многу ниту демантите „Суштинскиот проблем со дезинформациите е што кога луѓето ќе дојдат во допир со нив, почнуваат да им веруваат и да дејствуваат врз основа на нив, дури и доколку бидат коригирани“, вели Стефан Левандовски, професор по психологија на Универзитетот во Бристол, Велика Британија. „Дури и во најдобрите светови, коригирањето на дезинформациите не е едноставна задача“, вели тој. Студиите за таканареченото мотивирано расудување или пристрасна оценка на информациите, потврдуваат дека луѓето се селективно скептични. Па, така, на пример, тие стануваат помалку критични кон идеите што се поврзани со нивните политички уверувања. Практиката потврдува дека повлекувањето на дезинформациите не е доволно за да се ублажи нивното влијание и последици и дека е потребен континуитет и конзистентност на редакциите во нивното разобличување. Пукнатините во уредувачките политики не смеат да се пополнуваат со дезинформации Голем дел редакции на глобално ниво ја согледаа големината на предизвикот и почнаа ревносно да ги приспособуваат своите политики на работа. Сè повеќе се размислува за прифаќање нови мерила за вредности и успех. Се покажа потребата традиционалните новинарски методи да се приспособат на дигиталната ера и да се создаде дополнителен слој претпазливост кога информациите извираат од социјалните мрежи. Од медиумите сè повеќе се очекува активно да се борат со дезинформациите на општествено ниво, било преку создавање свест и едукација на својата публика или, пак, преку јавна проверка и разоткривање на потенцијалните дезинформации. Фото: freepik.com Со својата професионална инертност и македонските медиуми се под силно влијание на дезинформациите Агенцијата Франс прес креира глобален сервис за проверка на информациите што се објавуваат на социјалните мрежи. Ројтерс, пак, заедно со Фејсбук креираше е-обука за новинари за да ги откриваат манипулативните содржини и таканаречениот „дип фејк“. Алесандра Галони, главен и одговорен уредник на Ројтерс, неодамна изјави дека „во најдобар случај, новинарството засновано на факти може да послужи како противотров на дезинформациите што сè повеќе ги гушат платформите на социјалните медиуми“. Но, на патот на исполнувањето на таквата демократска одговорност на медиумите, во нашата држава лежат многу предизвици. Финансиските ограничувања, недостигот на капацитети, како и отпорот за промена на културата во редакциите играат голема улога во овие процеси. Ако на ова се додаде и поларизацијата во општеството, работите уште повеќе се усложнуваат. Ниту еден поголем политички настан или битка не помина без да биде опфатен со силното влијание на бранот на дезинформации. Дезинформациите царуваа(т) во сите изборни циклуси, референдумот за промена на името, приклучувањето кон НАТО, пандемијата, енергетската криза, инвазијата на Русија врз Украина, бугарското вето за европската интеграција на РСМ, „францускиот предлог“ за откочување на евроинтеграциите, итн. Последиците од тоа се сè повидливи. Медиумите треба да ѝ објаснат на публиката како работат Истражувањата потврдуваат дека довербата во медиумското известување континуирано се намалува, а граѓаните неретко не можат да направат разлика меѓу професионални медиуми и други актери што продуцираат информации преку социјалните мрежи. Но, во име на објективноста, тука треба да се потсети и на актуелната состојба во која денес егзистираат нашите медиуми. Тие имаат мошне тешка задача во овие актуелни околности предизвикани од општата економска и социјална ситуација. Ги погоди многу неповолно, што силно влијае врз извршување на нивната секојдневна работа. Ова посебно и во отсуство на транспарентност на институциите, отсуство на нивна организирана и координирана комуникација за најгорливите теми какви што сè уште се актуелната пандемија и посебно сегашната енергетска криза, инфлацијата, социјалата, потресите во бизнис-секторот... За ова, за околностите и за условите во кои егзистираат нашите медиуми, денес, секако, ќе треба јавно да проговорат и тие самите. На сличен начин како што тоа го стори, на пример, Френк Сесно, поранешен кореспондент на Си-ен-ен од Белата куќа: „Сите медиуми треба да ѝ објаснат на публиката како работат, зошто се избираат одредени теми или зошто, пак, некои се игнорираат, како доаѓаме до изворите на информации во услови кога пристапот е отежнат. Од луѓето не можеме да очекуваме да знаат што е одговорност и објективност. Потребно е што пореално да се претстави новинарската професија и максимално да се доближи до граѓаните“. Автор: д-р Марина Тунева Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Според последното истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници направено во 2021 година, повеќе од половина медиумски работници кај нас (52,5 проценти) имаат плати од 20 до 40 илјади денари. Дел од нив на месечно ниво добиваат повеќе од 40 илјади денари (4,8 проценти), а далеку поголем е бројот на оние што заработуваат плата под 20 илјади денари (28,4 проценти). Резултатите од истражувањето што е дел од публикацијата „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“, покажуваат дека високи 41,6 отсто од анектираните новинари и медиумски работници се вработени на определено време, работат со договор за дело или хонорарно. Главнината од испитаниците (80 проценти) имаат редовни примања, но на 11,9 проценти им се случиле доцнења во времетраење од еден до три месеци, односно плати, во последната година. Вкупно 62,9 проценти сметаат дека материјалната состојба е значително или делумно подобрена во последните три години, но 21,7 проценти сметаат дека ситуацијата е значително или делумно полоша, велат од ССНМ. Месечни примања помали од 30.000 денари имаат дури 72,9 отсто од испитаниците, што е приближно на граница на просечната плата во земјава, а повеќе од половината од испитаниците, 57,7 отсто, се незадоволни од своите примања и од својата економска сигурност. Овие податоци се показател за социо-економска состојба на мнозинството вработени во медиумскиот сектор и тоа во континуитет во последните неколку години. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници има став дека тековните месечни примања се далеку под потребните и дека со оглед на економската криза, па и според тоа колку средства се слеваат во медиумите, неопходен е раст на платите на новинарите и на медиумските работници. Во исто време, ССНМ во редовните, па и засилени средби со своето членство во последниот период, но и воопшто со луѓето ангажирани во медиумите, доаѓа до информации за ангажирања без договори, пролонгирање на дозволениот период на ангажмани на определено, исплата на рака и така натаму, наведуваат оттаму. Дополнуваат дека работата во недела, ноќни и празнични дневници, како и минат труд, се долго предмет на „борба“. ССНМ секогаш инсистирал на нивна примена во сите медиуми. По последните законски измени и по период на адаптација, во текот на оваа година голем дел од македонските медиуми започнуваат да ги практикуваат на дело обврските што им се наменети од државата. Но, треба да се истакне дека тоа и во овој дел има отстапки, па бележиме нецелосни суми при исплатата на месечните примања, нивно доцнење, а дел се само уште во најава, посочуваат од Синдикатот. Од Здружението на новинарите на Македонија, на прашањето колку изнесува просечната плата на медиумските работници во Република Северна Македонија и колку е под или над просекот, одговараат дека најголем дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава, која во 2021 година изнесуваше 28.869 денари. Платата на најголемиот дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува ниту оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 проценти од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 проценти дека имаат плата повисока од 30.000 денари. Нешто подобра е состојбата во јавниот сервис, каде што просечната плата на новинарите во 2020 година изнесувала 38.120 денари, иако се смета дека платите на новинарите, особено тие што не се почетници, се пониски од платите на новинарите во националните приватни телевизии, велат оттаму.Директорот на Медиумската информативна агенција МИА, Драган Антоновски, вели дека социо-економската состојба на новинарите во нашата држава никогаш не била добра. Можам да кажам дека тоа е поради тоа што во медиумскиот простор има многу луѓе кои се нарекуваат новинари и мислат дека работат новинарство. Има многу луѓе кои што се заталкани, а и има многу луѓе кои си ја сакаат професијата и работат професионално. Целата таа различна структура различно се пазари и се согласува да работи, така што, во тој контекст е и различно плаќање и позиционирање на новинарите. Различно е кога новинарите работат за професијата и кога работат за газдите, за бизнис центрите, за политичките центри, и затоа имаме една многу различна скала на тоа колку се платени и што и како добиваат, вели Антоновски. Дополнува дека предноста во државните институции е што сепак има некаква рамка во која што се договорени и загарантирани најголем дел од работничките права, за разлика од приватните медиуми. Како што информира Слаѓана Миливојевиќ претседателка на Синдикалната организација при МРТ, просечната основна нето плата на новинар во МРТ е над просечната нето плата во државата, а за соцо-економската состојба на новинарите во МРТ, вели дека е на задоволително ниво. Во МРТ надоместоците се исплаќаат и се почитува законот. Ние го следиме трендот со растот на минималната плата, а како синдикат помагаме финансиски за многу работи кои ќе ја олеснат живеачката на вработените, вели таа. МИА и МРТ со колективни договори во борба за унапредување на работничките права Медиумската информативна агенција - МИА и Македонската радио телевизија се национални сервиси со колективни договори кои ги регулираат и унапредуваат работничките права. Според Антоновски, борбата за добивање сѐ поголеми работнички права била и ќе остане константа во иднина. Меѓутоа, тоа е двострана улица, не е само да се бараат работнички права, треба и да се испорачуваат. Можам да зборувам и од друг агол, да речеме како прв човек на агенцијата. Една димензија е дека работничките права никогаш не се доволни, тука можам да се согласам, меѓутоа, и оствареното никогаш не е доволно и вообичаено новинарите таа страна не ја гледаат. Еден добар дел од нив прават сѐ што треба за да си ја заработат платата, добар дел мислат дека платата следува со самото тоа што ќе се отвори вратата и ќе се влезе во медиумот. Така што, има многу елементи кои што придонесуваат да биде лоша сликата во тој контекст, смета тој. Како што вели, МИА има седумчасовно работно време и исплаќа прекувремени часови, работата во недела, ноќни и празнични дневници, како и минат труд. Има плати, кои, такви какви што се, се редовни, нема доцнење. МИА дава два слободни денови за деновите кога се работи за викенд, се даваат други додатоци на плати, така што мислам дека дефинитивно сме лидери во контекст на тоа колку можеме да исплатиме и колку се плаќа, вели тој. Во однос на прашањето за вработувањата во агенцијата и фактот што за истите мора одобрување од Владата, Антоновски споделува дека веќе се преземени активности во поглед на позиционирањето на МИА. Идејата е да направиме закон за МИА. Ние сме сега дел од владини институции, сопственост на Владата. Сметаме дека, доколку МИА биде под Собрание, регулирана со закон, ќе имаме постабилна одржливост, заради тоа што ние сега зависиме и мора да добиеме, без оглед на тоа дали имаме доволно средства или немаме, одобрување од Министерството за финансии. Имаме млади луѓе кои што треба да ги вработиме, за кои што е испратено барање, ние сѐ уште немаме ниту позитивен, ниту негативен одговор. Барем да имаме негативен одговор да им кажеме на луѓето дека тоа е тоа, да си го бараат „чарето“. Немаме никаков одговор и тоа трае со месеци и сметам дека е некоректно, вели тој, дополнувајќи дека има луѓе кои заминале во пензија и за кои не треба некаква посебна процедура да се пополни нивното место. Антоновски посочува дека МИА е еден од ретките медиуми кој има колективен договор. Сега сме во фаза кога треба да го надополниме. Да видиме што е одржливо, што не, и сето тоа во насока на подготвеноста да одиме постојано нагоре, кон подобрување. Бидејќи доколку имате солидни работнички права, обезбедени услови, тоа значи и поголема успешност. Само по себе тоа ни е јасно, меѓутоа, амбиентот во кој што сме ни прави некакви ограничувања до каде би можеле да одиме, вели тој. Миливојевиќ, исто така, вели дека со гордост може да каже дека јавниот радиодифузен сервис има потпишано колективен договор кој регулира сѐ што треба за заштита и унапредување на работничките права. Хонорарците „најранлива“ категорија во новинарството Од ССНМ велат дека хонорарците се „најранлива“ категорија во новинарството и во сите професии поврзани со медиумите. Сè уште се многу, нивните приходи за одработеното доцнат, а често и не се исплаќаат. Неколку случаи, особено со дописниците, се вистински лични драми. Така, имаме дописник од една ТВ кој нема никаков договор, а за куќата работи веќе седум-осум години, а на една поголема група хонорарци им беа „прескокнати“ четири месеци. Главниот проблем на хонорарците е што се во прекаријатска позиција, со несигурен, нередовен приход, кој во секој момент може да престане, велат од ССНМ. Од ЗНМ, исто така, сметаат дека работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми, е несигурен. Бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, не им се исплаќа надоместокот за пензиско и за социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работнички права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите. Притисоците најчесто се суптилни и малку видливи, новинарите главно се воздржуваат отворено да зборуваат за овие појави и ретко пријавуваат кога им се прекршуваат основните права, велат оттаму. Од ССНМ дополнуваат дека, иако се оценува дека новинарите во редакциите главно имаат поголема слобода, сепак има многу влијанија врз секојдневното работење, кои не се толку видливи, односно има повеќе самоцензура, отколку директни притисоци. Подобрувањето на финансиската „атмосфера“ бара сериозен пристап За подобрувањето на финансиската „атмосфера“ во која работат новинарите и медиумските работници, особено хонорарците, од ССНМ велат дека одржале средби и со некои од работодавачите и побарале да бидат заштитени правата на вработените со акцент на хонорарните соработници. Во исто време, постојат и заложби за поставување долни граници или минимални плати, и тоа по сектори, но за таков потфат ќе треба обединување на голем дел од членовите во ССНМ што би значело и мандат за барањата, велат од Синдикатот. Од ЗНМ се согласни дека во овој контекст е потребно продолжување на напорите на ССНМ, со поддршка на ЗНМ, во потпишувањето нови колективни договори со приватните медиуми. Потребно е спроведување кампањи и обуки, преку кои новинарите и медиумите би се запознале повеќе со своите основни работнички права. Еснафските новинарски здруженија треба да продолжат да обезбедуваат правна помош и советодавни услуги на новинари и на медиумски работници. Исто така, неопходно е интензивирање на соработката и на дијалогот со институциите во интерес на заштитата на работничките права на новинарите и на медиумските работници, се некои од решенијата што ги наведува ЗНМ. Во врска со прашањето како малите плати влијаат врз квалитетот на известувањето, од ССНМ велат доколку тргнеме од претпоставката дека квалитет најлесно се добива со високи плати, тогаш, според нив, јасно е дека со мала инвестиција сопствениците не може да се надеваат на квалитетно известување. Секако, доколку сметаат дека професионалното известување е во нивен интерес. За жал, сведоци сме дека не е мал бројот на медиумски сопственици што не го гледаат медиумот како јавно добро и бранител на јавните интереси, што, впрочем, е и основната функција на новинарството и на медиумите. Другата димензија, долгорочна, е дека младите се демотивирани од сознанијата за мали приходи, па како резултат на тоа се јавува отсуство на студенти по новинарство и на групите комуникација и медиуми, а познато е дека со помала база, помала е шансата за квалитет, посочуваат од ССНМ. Од ЗНМ велат дека новинарите и медиумските работници што работат во неповолни услови, имаат ниски финансиски примања, немаат мотивација за работа и се подложни на влијанија. Новинарите велат дека најголем проблем претставува фактот што на сопствениците на медиумите најчесто тоа не им е основен бизнис. Па, така, во заднина на медиумот постојат други фирми, кои, пак, се врзани со тендери со министерства и институции, и од тој аспект постојат табу-теми за одредени медиуми. Таквата состојба е особено изразена во локалните медиуми. Во тој контекст, во текот на изминатава година, со оглед на тоа дека сè уште беше актуелна здравствената криза предизвикана од пандемијата, новинарите и медиумските работници чувствуваа уште поголема несигурност за својата работа, а тоа, пак, водеше кон демотивираност и самоцензура, велат оттаму, дополнувајќи дека најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа, во малите средини локалните моќници можат полесно да вршат притисок. Антоновски, исто така, смета дека малите плати влијаат на информациите што се продуцираат. Доколку новинарот е демотивиран, нема да работи. Ако новинарот е малку платен, оставате можност да го плати некој друг, за да испродуцира некаква лажна информација, или да биде субјективен, наклонет кон едните, или кон другите. Идеални услови се новинарите да го добијат тоа што го заслужуваат, да бидат платени толку колку што треба да бидат платени за да функционираат во општеството, вели тој И Миливојевиќ смета дека малите плати многу влијаат врз квалитетот на известувањето и, како што вели, работникот мора да биде задоволен, а со тоа и попродуктивен. Социо-економската положба на голем број медиумски работници во Северна Македонија е на незавидно ниво. Нерегулираниот работен статус ги изложува на притисоци, а сето тоа придонесува кон нискиот квалитет на информации, кои како такви, пуштени во етер, влијаат поразително. Високиот притисок, долгите работни часови и малата плата ја „ослабуваат“ седмата сила, чија енергија е неопходна за борба против дезинформациите што го нагризуваат општеството. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).