Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2023“

Се чита за 2 мин.

Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2023“. Ќе бидат доделени награди во следните категории:

  • Најдобра истражувачка сторија – прва, втора и трета награда
  • Најиновативен новинарски производ (една награда)
  • Најдобра репортерска фотографија (една награда)

На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.

Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2023 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во Република С. Македонија.

Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози.

Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. На конкурсот се прифатливи и фотографии објавени во странски медиуми, но тие треба да се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2023) година во С. Македонија

Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.

Критериуми за избор

А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите што:

  • се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа;
  • откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на организиран криминал, корупција, злоупотреба на моќта и прекршување на човековите права;
  • демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници;
  • ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување;
  • настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции.

Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што:

  • се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа;
  • успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.);
  • користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.);
  • користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите.

В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои:

  • пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната 2023;
  • објавиле фотографии во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја, или, пак во странски медиуми (не се прифатливи фотографии објавени исклучиво на платформи за споделување и продажба на фотографии);
  • демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз;
  • не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom);
  • доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција;
  • минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна;
  • содржат информации за метадата;
  • фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.

На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари, поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија.

Конкурсот е отворен до 26 февруари 2024.

Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2023“.

Пријавата се состои од:

  • Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог)
  • Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија)

За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk

docxА-Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија55.58 KBdocxБ-Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ55.62 KB
docxВ-Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија55.32 KB