Новости

Feedback Cover

Можен е напредок кога некој ќе ви ги посочи грешките

Без разлика дали директно комуницираат со медиумите или се жалат на проблематична содржина преку постојните механизми за саморегулација, улогата на граѓаните и на граѓанскиот сектор во борбата за поквалитетно новинарство е незаменлива. Од: Хилма Ункиќ, Жарко Радоја, Теодора Ѓурниќ Кога порталот еТрафика (eTrafika) пред пет години објави сторија за успешната студентка по медицина Маја Перишиќ, овој медиумски тим веруваше дека тоа е уште еден обичен текст чијашто цел е да ги претстави талентираните млади луѓе од Босна и Херцеговина. Но, десет минути по објавувањето на текстот на социјалните мрежи, до редакцијата и до главниот уредник на еТрафика почнаа да пристигнуваат пораки и коментари од многубројни незадоволни читатели, кои тврдеа дека приказната не е вистина или се убедени дека станува збор за платена статија со цел да се промовира личност што не заслужила. Уредничката Вања Стокиќ тогаш се нашла во предизвикувачка ситуација бидејќи морала да реши неколку проблеми – да одговори на претежно агресивните пораки на читателите, да се грижи за младата студентка новинарка што го напишала текстот како дел од едукативната програма на еТрафика и која во тој момент мислела дека сторијата ќе ја одбележи целата нејзина новинарска кариера, но исто така да ја провери точноста на приказната и да види како дошло до грешката. Приказната за Маја Перишиќ веќе беше објавена во медиумите, а текстот на еТрафика требаше да биде дополнување на веќе постојните информации за неа. Во спорниот текст Перишиќ изнесува низа тврдења, кои подоцна се покажаа како неточни. На пример, дека е вработена на Медицинскиот факултет во Бања Лука и дека ќе стане најмладиот доктор на медицински науки во историјата на Босна и Херцеговина. „Во суштина, од целата приказна важеше единствено дека таа беше првак на Република Српска во пружање прва помош“, се сеќава Стокиќ. Побара помош од колегите од другите медиуми Откако се сретнала со ваква ситуација за првпат, Стокиќ побарала совет од колегите, кои ѝ рекле дека треба да „се преправа дека ништо не се случило“, бидејќи читателите наскоро ќе заборават на сè, или да го избрише текстот. „За мене тоа не беше во ред. Ако сте згрешиле, ако се занимавате со јавна работа, признајте ја грешката“, вели Стокиќ и додава дека не сакала текстот објавен на нејзиниот портал да наведе некои други новинари во иднина повторно да пишуваат позитивна приказна за истата личност. Следувала исправка на текстот заедно со извинување до читателите, но и поука за во иднина. „Ова е случај што го разгледуваме во секоја нова програма и му посветуваме посебно внимание. Секогаш им велам на луѓето дека не ни треба нова Маја Перишиќ. Се изгоревме доста и се трудиме да не дозволиме да се повтори“, вели Стокиќ. Иако реакциите на читателите беа остри и Стокиќ лично доби многу непотребни навреди, таа истакнува дека ѝ е драго што публиката реагирала бидејќи без тоа не би знаела дека згрешила. „Ако луѓето едноставно примаат медиумски содржини рамнодушно и минуваат преку нив, не сме ја завршиле добро нашата работа. Ми се допаѓа кога добиваме каква било реакција од луѓето, без разлика дали нè критикуваат или нè фалат, сè ни е еднакво вредно. Грешките ги гледа и како можност за напредок: „Не сакам да се опкружувам со луѓе што само ми кимаат и ме тапкаат по рамо иако правам нешто погрешно, бидејќи тоа не води до напредок. Напредувате кога некој ве предизвикува и ви ги посочува грешките, затоа што така се подобрувате во работата“. Во борбата за попрофесионална медиумска содржина значајни се реакциите на граѓаните и на невладините организации Голема промена во медиумското известување не може да се случи врз основа на само една поплака до тело за саморегулација. Потребно е да се јават што е можно повеќе граѓани и невладини организации, вели Маида Бахто Кестенџиќ, проектна координаторка од Советот за печат и онлајн медиуми од Сараево. „Дури сега, ако погледнеме наназад и ги анализираме претставките што ги добиваме и какви прекршувања има, Советот може да забележи дека имаме позитивен развој во однос на намалувањето на бројот на драстични прекршувања на Кодексот за печатените и за онлајн медиумите. Претходно, многу почесто имаше случаи на прекршувања одредби поврзани со заштита на одредени ранливи групи, на пример, кога станува збор за малолетници и разни форми на дискриминација при известување“, објаснува Бахто Кестенџиќ. Направен е голем исчекор во регулирањето на говорот на омраза во новинарските текстови. Кога станува збор за Кодексот за печатени и онлајн медиуми, уредувачката одговорност е проширена и на коментарите на посетителите на интернет-порталот и евидентно е дека уредниците развиваат механизми за борба против говорот на омраза и кршењето на правата на другите учесници во дискусијата за слободата на изразување. Советот за печат и онлајн медиуми наведува дека е исто така важно што овозможиле анонимно да бидат контактирани лица што им припаѓаат на ранливи категории, односно со можност Советот да го заштити нивниот идентитет, за да се коригираат непрофесионалните информации, но без да им се направи дополнителна штета на луѓето што би можеле да наидат на одредени проблеми во локалната заедница или дополнително да бидат стигматизирани. Околу 70 отсто од поплаките до Српскиот совет за печат ги поднесуваат физички лица, околу 20 отсто невладини организации, а 10 отсто други. Претставките, пред сè, треба да се задоволителни за оној што е оштетен од објавената содржина, исто така медиумите треба да извлечат поука и да не ја повторуваат грешката, иако таквото очекување е нереално, смета Гордана Новаковиќ, генерален секретар на ова саморегулаторно тело во Србија. Сепак, таа ги издвојува случаите во кои одлуките имале ефект, како, на пример, кога уредувачкиот одбор на редакцијата на еден дневен весник, по неколку одлуки на Комисијата за жалби дека истакнувањето на ромската националност на сторителите на кривични дела е погрешно, одлучи да прати забелешки до уредниците и до новинарите дека не смеат така да пишуваат. „Во други редакции, колку што знам, им беа доставени слични известувања во врска со откривањето на идентитетот на малолетниците, исто така врз основа на нашите одлуки. За жал, тоа не се следи доследно.“ Врз основа на мониторингот на дневните весници во Србија, евидентно е дека е намален бројот на прекршувањата во однос на пресумпцијата на невиност, на кои се однесуваат многубројни одлуки на Комисијата за жалби, како и скриеното рекламирање, за кое сега нема жалби. „Тоа, се разбира, не значи дека не постои, но такви случаи има значително помалку“, вели Новаковиќ. Насоки за известување по поплаки на граѓани Граѓаните на Косово поднесоа жалби до Советот за печат во однос на начинот на кој одредени медиуми известуваат за случаи на самоубиства. Поплаки имаше и за известувања за кризни ситуации за време на настани на северот од земјата во септември минатата година. Тогаш не известуваа сите медиуми во согласност со етичките кодекси и имаше случаи на објавување лажни фотографии, изјави директорот на Советот за печат, Имер Мушколај. За двете теми, Советот за печат објави Упатство за известување, а во соработка со Здружението на новинари објави јавен апел за усогласување со етичкиот кодекс. Мушколај вели дека повеќето медиуми што се членови на Советот за печат, сега се повнимателни со пристапот кон чувствителните теми поврзани со известувањето за меѓуетнички теми, како и известувањето за маргинализираните групи, како што е ЛГБТ-заедницата. „Не можете да најдете несоодветна терминологија за овие групи во медиумите во Косово. Медиумите се многу повнимателни во начинот на известување што може да поттикне говор на омраза.“ Преку институцијата омбудсман до подобра содржина на поединечни медиуми Во Црна Гора постојат поединечни медиумски омбудсмани како саморегулаторно тело, кои се врската помеѓу граѓаните, граѓанскиот сектор и конкретните медиуми. Омбудсманот за Радио и телевизија на Црна Гора (РТЦГ) Данијела Поповиќ објаснува дека од вкупно 20 претставки што ги добила во текот на 2023 година, три биле пратени од граѓани, а другите од претставници на граѓанскиот сектор. Институцијата Омбудсман на РТЦГ постои речиси три години и во тој период има добиено претставки за сериозни повреди на Кодексот на новинарите на Црна Гора и на Правилникот за програмски начела и професионални стандарди во електронските медиуми. Сепак, Омбудсманот посочува дека Советот на РТЦГ врз основа на нејзините извештаи препорача одредени мерки само во два случаи. „Станува збор за случај во кој водителката на утринската програма даде несоодветен коментар на тема насилство врз жените за време на нејзиниот разговор со соговорници. Предметот за оваа тема се формираше уште пред да пристигнат поплаки од голем број граѓани и организации, а по овој инцидент водителката извесно време не можеше да се појави на програмата“, објаснува Поповиќ. Омбудсманот на оваа медиумска куќа потсетува дека имало и случај на новинар од Радио Црна Гора, кој за време на руската агресија врз Украина со свој коментар ја бранел Русија. И покрај тоа што ја прифати претставката пратена за ваквото прекршување на професионалните стандарди, Советот не донесе никаква мерка или препорака. „Сепак, по тој настан, настаните во Украина беа и се третираат на РТЦГ исклучиво како војна во Украина“, додава Поповиќ. Опсежна студија за механизмите за саморегулација спроведена во земјите од Западен Балкан и во Турција Неколку невладини организации што се членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (SEENPM) неодамна спроведоа голема регионална студија, која ја анализираше положбата на саморегулаторните тела во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Северна Македонија и Турција. Заклучокот од истражувањето е дека саморегулацијата може значително да ги подобри медиумските системи во оние земји каде што веќе постои релативно високо и стабилно ниво на слобода на медиумите и чувство на јавна одговорност. Механизмите за саморегулација во регионот најчесто не произлегоа од внатрешните потреби на новинарската професија или општеството во кое се сместени, туку најчесто се формирани со иницијатива, поддршка и менторство на меѓународни организации. Сепак, и покрај просторот за подобрување на работата на овие механизми во регионот, во сите земји постојат прилично добри рамки за саморегулација слични на оние во земјите со богата демократска традиција. Она што сè уште останува предизвик е нивното мало влијание врз подготвеноста на медиумите да прифатат критики и навистина да го подобрат квалитетот на нивното известување и да се посветат на почитување на етичките кодекси на професијата. Можете да го прочитате регионалниот преглед за позицијата на механизмите за саморегулација во земјите од Западен Балкан и Турција тука, а прегледот на добри практики за саморегулација од светот е достапен тука. Истражувањето е спроведено како дел од регионалниот тригодишен проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ што го спроведуваат невладини организации од Западен Балкан и Турција. Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Stu P B1

Манипулациите со информации и надворешни влијанија во фокусот на студиската посета на новинари и граѓански активисти во Брисел

Новинари, уредници и претставници на граѓански организации беа дел од студиската посета во Брисел што ја организираа Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Македонскиот институт за медиуми во периодот од 20 до 23 март. Студиската посета беше дизајнирана како интерактивен настан за споделување искуства и знаења во врска со политиките на ЕУ за справување со манипулациите со информации и надворешни влијанија - ФИМИ (Foreign information manipulation and interference - FIMI), вклучително и дезинформациите околу политиките за проширување на ЕУ со фокус на ситуацијата во Северна Македонија и процесот на преговори. Посетата им овозможи на учесниците да дознаат повеќе за политиките на ЕУ за справување со манипулации со информации и надворешни влијанија против различни општествени групи и реформски иницијативи, за време и пред одржување на претстојните избори, како и за улогата на медиумите во справување со ФИМИ и дезинформации. Посетата опфати работни сесии со претставници на европските служби за надворешна акција, вклучително и Работната група за Западен Балкан СтратКом и службите на Комисијата (DG NEAR и CNECT). Во разговорите со претставници на Европскиот парламентарен форум, новинарите и претставниците на граѓанските организации дознаа повеќе за финансиерите на религиозни екстремисти против човековите права поврзани со сексуалноста и репродуктивното здравје во Европа. За време на посетата на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Генералниот секретар Рикардо Гутиерез ја претстави работата на организацијата и помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци. На средбата се разговараше и за справувањето со дезинформации во медиумите, како и за улогата на етичкото и професионално новинарство во борбата против овој негативен феномен. Новинарите во Брисел се сретнаа и со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, кој беше информиран за текот на посетата и за важноста на ваквите посети за новинарите и претставниците на граѓанскиот сектор.  
Nm Nagradi Web

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2023“

Новинарот Александар Димитриевски ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2023“, за сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, објавена во емисијата „360 степени“. Серијалот текстови и видео прилози на авторот Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на  надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект  во историјата на земјава -  изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка. Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз „тајната“ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди евра јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во  анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер. Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“. Авторката Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Низата стории го стегаат обрачот околу незаконското, неетичко и коруптивно дејствување на дел вработени на Клиниката, што го подигнува општествениот аларм и притисокот врз надлежните институции за преземање порешителни чекори. Новинарот Мартин Пушевски е добитник на третата награда за Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“. Серијата текстови за „Иловица“ открива како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина. Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ, за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ. Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ го редефинира новинарското раскажување и на иновативен начин ги презентира фактите и аргументите што произлегуваат од повеќемесечната истрага на новинарите за причините за една од најголемите несреќи во Македонија, пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во којашто животот го загубија 14 граѓани. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“. Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките  Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ. На годинешниот конкурс што беше објавен на 31 јануари и траеше до 26 февруари 2024  пристигнаа: 39 стории обработени во 175 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија 15 теми обработени во 16 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ 21 фотографија во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.                                                                      Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. ИЗВЕШТАЈ НА КОМИСИЈАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НОВИНАРСКИТЕ НАГРАДИ „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2023“855.69 K  
Mil Conf 1

МИМ учествуваше на европската конференција за дигитална и медиумска писменост во Брисел

Зошто е важно медиумската писменост да биде застапена во сите нивоа на образованието и што прават државите за нејзино интегрирање во различни сфери од општеството, беше една од темите на дискусија на тридневната конференција „Медиумската писменост е важна: европска конференција за дигитална и медиумска писменост“ која се одржа во Брисел од 27 февруари до 1 март 2024. Конференцијата беше организирана под покровителство на белгиското претседателство со Советот на Европската Унија, со цел да понуди заедничка платформа за споделување знаење, поттикнување дијалог и акција за унапредување на дигиталната и медиумската писменост низ различни сектори и контексти. Како дел од конференцијата се одржа и панел-сесијата „Децата се добро: позитивни практики во основното образование“, на која претставничката од Македонскиот институт за медиуми, Весна Никодиноска, го презентираше моделот на вклучување на медиумската писменост на сите образовни нивоа во државава, што е дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Беа претставени Рамката за медиумска писменост во основното образование, процесот на спроведување обуки на над 10.000 наставници, како и развивањето ресурси за поддршка на наставата, што се реализираат во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.  Во рамки на тридневниот настан, околу 400 експерти од областа на медиумската писменост дискутираа за актуелните трендови, проекти и предизвици на европско и пошироко ниво. Меѓу другото се зборуваше и за тоа какви обуки и ресурси им се потребни на наставниците и на учениците за вклучување во активности поврзани со медиумската писменост, за заканата од дезинформациите за децата и за општествата и за стратегиите што државите ги спроведуваат за справување со нив. На настанот учествуваа истакнати авторитети од областа на медиумската писменост, како Патрик Верние (CSEM / IAME - Belgium), Брајан О’Нил  (Technological University Dublin), Рене Хобс (Media Education Lab, University of Rhode Island - USA), Берт Пиетерс (Mediawijs / EDMO BELUX - Belgium), Соња Ливингстон (London School of Economics/EDMO), Дивина Фрау-Маис (Sorbonne Nouvelle University, UNESCO Chair Savoir Devenir - France) кои ја посочија важноста на образованието за медиумската писменост, а презентираа и ефективни практики и стратегии што можат да им помогнат на граѓаните да се справуваат со предизвиците во медиумско-информациската сфера.
Panel Dis 0702 1

Претставено истражувањето за состојбата со медиумската саморегулација во земјава

Со цел да се унапреди функционирањето и ефективноста на медиумската саморегулација во земјава, потребно е континуирано зајакнување на капацитетите на саморегулаторните тела особено при решавање на етички проблеми што произлегуваат од дигиталното опкружување, редовно ажурирање на етичките рамки и подобрување на механизмите за нивна долгорочна самоодржливост. Дополнително, треба да се иницираат и спроведуваат повеќе иницијативи за подигнување на јавната свест за функционирањето на саморегулативните механизми. Ова беа главните заклучоци што произлегоа од панел-дискусијата „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Иницијатива за унапредување на медиумската писменост, дијалог и активизам“, ко-финансиран од Европската Унија. Во рамки на настанот беа претставени клучните наоди од истражувањето „Медиумската саморегулација во Северна Македонија: Неопходно зајакнување на механизмите и унапредување на ефективноста“, подготвено од истражувачките на МИМ, Марина Тунева и Весна Никодиноска. Анализата се фокусира на клучните етички документи и ги анализира капацитетите, предизвиците и добрите практики што произлегуваат од работењето на релевантните механизми во оваа област, особено во дигиталното опкружување. Настанот го отвори г. Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија кој, меѓу другото, истакна дека Европската Комисија ја поттикнува саморегулацијата на медиумите и македонското законодавство ќе треба да се усогласи со европските правила во оваа област. Воведни обраќање имаа Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Леунора Калиќи, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди, вклучително и во предизборни периоди беше тема на која дискутираа Анета Андонова, одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, Саше Димовски, претседател на Советот на честа при ЗНМ и Драгица Љубевска, раководителка на сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Nagrada NIKOLA MLADENOV 2023 Cover Slika 850x470px 02

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2023“

Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2023“. Ќе бидат доделени награди во следните категории: Најдобра истражувачка сторија – прва, втора и трета награда Најиновативен новинарски производ (една награда) Најдобра репортерска фотографија (една награда) На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2023 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во Република С. Македонија. Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. На конкурсот се прифатливи и фотографии објавени во странски медиуми, но тие треба да се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2023) година во С. Македонија Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. Критериуми за избор А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите што: се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа; откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на организиран криминал, корупција, злоупотреба на моќта и прекршување на човековите права; демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници; ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување; настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции. Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што: се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа; успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.); користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.); користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите. В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои: пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната 2023; објавиле фотографии во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја, или, пак во странски медиуми (не се прифатливи фотографии објавени исклучиво на платформи за споделување и продажба на фотографии); демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз; не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom); доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција; минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна; содржат информации за метадата; фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии. На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари, поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија. Конкурсот е отворен до 26 февруари 2024. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2023“. Пријавата се состои од: Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог) Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија) За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk А-Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија55.58 KBБ-Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ55.62 KBВ-Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија55.32 KB    
Povik Nm

Повик за доставување предлог-проекти: Поддршка на граѓанските организации за медиумска и информациска писменост и медиумски активизам

Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доставување предлог-проекти чија цел е подобрување на капацитетите на граѓанските организации во урбани и рурални средини за промовирање на медиумски активизам и справување со дезинформации и поларизација. Овој повик е дел од регионалниот проект „Нашите медиуми “, што се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, со поддршка од Европската Унија. Повикот е отворен за граѓански организации во Р.С. Македонија кои првенствено делуваат во областа на медиумите, слободата на изразување или дигитални технологии, како и во областа на образованието, човековите права или родовата еднаквост. Повикот е отворен и за поединечни апликанти и за предлози за партнерски проекти на развиени граѓански организации со седиште во урбаните средини (во поголемите центри и во главните градови) и на локалните „грасрут” организации коишто функционираат во помалите заедници и во руралните области. Предност ќе им се даде на партнерствата. Вкупниот буџет предвиден за овој повик изнесува 46.500 евра. Бараниот грант треба да биде во износ помеѓу најмалку 7.000 и најмногу 15.500 евра. Не е неопходно ко-финансирање од страна на апликантот (или од кои било ко-апликанти). Времетраењето на проектот треба да биде од 9 до 18 месеци. Партнерства склучени помеѓу организации од различни држави нема да се земат предвид во овој повик. Поединечна граѓанска организација може да се пријави како апликант само еднаш, а може да дејствува како ко-апликант во други проекти од овој повик. Рокот за доставување на предлог-проекти е 21.02.2024 до 23:59часот. Апликациите треба да се поднесат по електронски пат на следнава адреса: grantovi@mim.org.mk Сите прашања во врска со повикот треба да се испратат исклучиво преку е-пошта на: grantovi@mim.org.mk, најдоцна до 16.02.2024 година, до 17:00 часот. Информативна сесија ќе се одржи онлајн на 26.01.2024 во 14 часот. На следниот линк може да се регистрирате за присуство на информативната сесија: https://us06web.zoom.us/meeting/register/tZEudeutrjMuHtE9olD4s0N14_RUEf-bazAi Формуларите за аплицирање се достапни во продолжение: 1.Опис на проектот.docx88.73 KB2.Буџет.xlsx69.81 KB3.Изјава од апликантот.docx18.59 KB4.Овластување од ко-апликантот.docx18.04 KB5.Упатство за аплицирање.docx160.89 KBОбрнете внимание на листата за проверка во образецот за опис на проектот за други потребни документи што треба да ги достави апликантот или секој од ко-апликантите. Следните документи се од информативна природа и не треба да се поднесуваат како дел од апликацијата:6.Нацрт-договор.docx84.97 KB7.Нацрт-формулар_за_известување.docx74.06 KB8.Нацрт-формулар_за_финансиски_извештај.xlsx86.86 KB Прашања и одговори поврзани со овој повик ќе бидат редовно објавувани овде (линк). ВИДЕО: Информативна сесија
Sp 5 Web

Организирана студиска посета за новинари во Виена

Новинари од повеќе национални медиуми во земјава беа дел од студиската посета во Виена, организирана од Делегацијата на ЕУ и МИМ во периодот од 21 до 23 ноември. Посетата беше организирана во контекст на македонското претседавање со ОБСЕ со цел подобро запознавање на новинарите со аспекти од соработката помеѓу ЕУ и ОБСЕ, вклучително и за теми поврзани со активностите на ОБСЕ за слободата на медиумите, ширењето дезинформации како безбедносна закана, манипулацијата со информации, елементите на надворешни влијанија во регионот и хибридните закани. Се разговараше и за очекувањата од претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје и ефектите од одлуките што треба да бидат донесени, како и за низа актуелни прашања поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја. Новинарите имаа можност да се сретнат и да разговараат со релевантни претставници на повеќе владини, меѓувладини и меѓународни медиумски организации со седиште во Виена. Исклучително корисни и продуктивни дискусии се водеа на средбите со амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите и шефот на Постојаната мисија на С. Македонија во ОБСЕ, Игор Џундев и неговиот тим. Во разговор со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шалемберг и други високи претставници на Министерството беше потенцирана важноста од исполнување на договорените обврски на земјава со цел успешно продолжување на евроинтегративниот процес, а се разговараше и за други актуелни прашања во доменот на регионалната и меѓународната политика. Тимот новинари од С. Македонија имаше средба и со Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Тереза Рибеиро, која беше информирана околу актуелните случувања што ги нарушуваат принципите на слободата на медиумите во земјава, како и за предизвиците со кои се соочува секторот. На средбата со Меѓународниот прес-институт (International Press Institute-IPI), директорот Фране Мароевиќ и неговиот тим ги запознаа новинарите со нивните активности во регионот и пошироко, како и за помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци. Посетата на Јавниот сервис на Австрија - ОРФ, беше одлична можност новинарите да се запознаат со стандардите и условите за работа во оваа куќа, која е водечки медиум и високо релевантен извор на информации за австриските граѓани.
Media Dialogue MK Web

Виртуелен дијалог со медиумите за известување за имунизација на повозрасната популација

Улогата на новинарите и медиумите во информирањето на повозрасните лица за придобивките од имунизацијата е една од темите на виртуелниот дијалог со медиумите, што го организира Интерњуз (Internews) во соработка со МИМ, на 14 ноември (вторник) 2023 од 15 до 16:30 часот. На оваа онлајн-дискусија ќе учествуваат експерти од областа, здравствени работници и искусни новинари, кои ќе разговараат за подобрување на квалитетот на медиумското известување во однос на имунизацијата на повозрасните лица, со цел тие да можат да донесат вистинска и информирана одлука за вакцинација. Исто така, ќе се отворат и прашањата за сомнежите и стравовите поврзани со вакцинацијата на повозрасните лица кои имаат срцева или белодробна болест, или, пак, дијабетес. Виртуелниот дијалог со медиумите ќе се одржи на платформата „ZOOM“ и сите заинтересирани новинари може да се пријават за учество на следниот линк: https://bit.ly/Macedonia-Media-Dialogue Со цел да им помогне на новинарите подобро да известуваат за имунизацијата на населението, Интерњуз разви бесплатен курс Let’s Talk Vaccines („Ајде да зборуваме за вакцини“), којшто моментално е достапен на 10 јазици.Курсот им овозможува на новинарите да го разберат и да го преведат научниот јазик за вакцините и полесно да ги обработат приказните за вакцини и да ги „исполираат“ своите раскажувачки вештини кога станува збор за оваа тема. Сите заинтересирани новинари може да го посетат курсот на следниот линк: https://internews.teachable.com/p/ltv