Манипулациите со информации и надворешни влијанија во фокусот на студиската посета на новинари и граѓански активисти во Брисел

Се чита за 1 мин.

Новинари, уредници и претставници на граѓански организации беа дел од студиската посета во Брисел што ја организираа Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Македонскиот институт за медиуми во периодот од 20 до 23 март.

Студиската посета беше дизајнирана како интерактивен настан за споделување искуства и знаења во врска со политиките на ЕУ за справување со манипулациите со информации и надворешни влијанија - ФИМИ (Foreign information manipulation and interference - FIMI), вклучително и дезинформациите околу политиките за проширување на ЕУ со фокус на ситуацијата во Северна Македонија и процесот на преговори.

stu p b3

Посетата им овозможи на учесниците да дознаат повеќе за политиките на ЕУ за справување со манипулации со информации и надворешни влијанија против различни општествени групи и реформски иницијативи, за време и пред одржување на претстојните избори, како и за улогата на медиумите во справување со ФИМИ и дезинформации.

Посетата опфати работни сесии со претставници на европските служби за надворешна акција, вклучително и Работната група за Западен Балкан СтратКом и службите на Комисијата (DG NEAR и CNECT).

stu p b5

Во разговорите со претставници на Европскиот парламентарен форум, новинарите и претставниците на граѓанските организации дознаа повеќе за финансиерите на религиозни екстремисти против човековите права поврзани со сексуалноста и репродуктивното здравје во Европа.

За време на посетата на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Генералниот секретар Рикардо Гутиерез ја претстави работата на организацијата и помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци. На средбата се разговараше и за справувањето со дезинформации во медиумите, како и за улогата на етичкото и професионално новинарство во борбата против овој негативен феномен.

stu p b2

Новинарите во Брисел се сретнаа и со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, кој беше информиран за текот на посетата и за важноста на ваквите посети за новинарите и претставниците на граѓанскиот сектор.