Организирана студиска посета за новинари во Виена

Се чита за 1 мин.

Новинари од повеќе национални медиуми во земјава беа дел од студиската посета во Виена, организирана од Делегацијата на ЕУ и МИМ во периодот од 21 до 23 ноември. Посетата беше организирана во контекст на македонското претседавање со ОБСЕ со цел подобро запознавање на новинарите со аспекти од соработката помеѓу ЕУ и ОБСЕ, вклучително и за теми поврзани со активностите на ОБСЕ за слободата на медиумите, ширењето дезинформации како безбедносна закана, манипулацијата со информации, елементите на надворешни влијанија во регионот и хибридните закани. Се разговараше и за очекувањата од претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје и ефектите од одлуките што треба да бидат донесени, како и за низа актуелни прашања поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја.

sp 4

Новинарите имаа можност да се сретнат и да разговараат со релевантни претставници на повеќе владини, меѓувладини и меѓународни медиумски организации со седиште во Виена. Исклучително корисни и продуктивни дискусии се водеа на средбите со амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите и шефот на Постојаната мисија на С. Македонија во ОБСЕ, Игор Џундев и неговиот тим. Во разговор со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шалемберг и други високи претставници на Министерството беше потенцирана важноста од исполнување на договорените обврски на земјава со цел успешно продолжување на евроинтегративниот процес, а се разговараше и за други актуелни прашања во доменот на регионалната и меѓународната политика.

sp 3

Тимот новинари од С. Македонија имаше средба и со Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Тереза Рибеиро, која беше информирана околу актуелните случувања што ги нарушуваат принципите на слободата на медиумите во земјава, како и за предизвиците со кои се соочува секторот.

sp 2

На средбата со Меѓународниот прес-институт (International Press Institute-IPI), директорот Фране Мароевиќ и неговиот тим ги запознаа новинарите со нивните активности во регионот и пошироко, како и за помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци.

sp 1

Посетата на Јавниот сервис на Австрија - ОРФ, беше одлична можност новинарите да се запознаат со стандардите и условите за работа во оваа куќа, која е водечки медиум и високо релевантен извор на информации за австриските граѓани.