Убиствата што таблоидизираа одредени професионални медиуми

Се чита за 11 мин.

Известувањето на регионалните медиуми за двата сериозни случаја - трагедијата во Цетиње, Црна Гора и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Скопје и Велес, Северна Македонија, посочува на сериозна таблоидизација на Западниот Балкан. Меѓутоа, истражувањето направено од Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје) покажува дека црногорските етаблирани медиуми покажале капацитет за професионална воздржаност, додека, пак, Северна Македонија се борела со сензационалистички тенденции.

Пишуваат: Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје)


ПРЕДИЗВИЦИ ЗА МЕДИУМИТЕ

Најголемата трагедија во поновата црногорска историја се случи во Цетиње на 12 август 2022 година, кога во масовно убиство беа убиени десет лица, а единаесеттиот - убиецот Вук Бориловиќ беше усрмтен од полицијата. Во престрелката која траела околу 40 минути биле ранети шест лица.

Според податоците на медиумските тела и здруженија, етаблираните медиуми во Црна Гора известувале професионално, потпирајќи се на официјални извори и податоци, без да изнесуваат непроверени информации.

Веднаш по првите истрели во престолнината (поранешниот главен град) на Црна Гора, медиумите објавија информација дека пукањето е во тек, а со оглед на тоа дека се случува невидено масовно злосторство, регионалните медиуми ја пренесоа информацијата што ја објавија колегите од Црна Гора. Новинарите и уредниците на медиумите кои известуваа за злосторството имаа голема одговорност бидејќи граѓаните беа многу вознемирени. Ова особено е важно поради тоа што службените лица ѝ се обратија на јавноста само неколку часа подоцна.

Сепак, медиумите не се натпреваруваа за тоа кој прв би објавил некаква информација, дотолку што во првите часови не објавуваа ни вести на нивните Фејсбук-профили, што посочува на тоа дека се грижеле за ширењето контроверзен говор.

Од друга страна, во случајот со двократното убиство во Скопје и Велес, социјалните мрежи беа преплавени со лажни профили кои посочуваа дека ја знаат локацијата на младата жртва, како и политичари кои лажно тврдеа дека имаат инсајдерски сознанија за сторителите.

Во трагичен пресврт на настаните, властите ги открија телата на двете жртви набрзо неколку дена по одекнувањето за трагедијата во јавноста. Жртвите беа идентификувани како 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше пријавена за исчезната и 74-годишниот Панче Жежовски, пензиониран бербер од Велес, кој исчезнал неколку дена пред Ѓорчевска. Главниот осомничен, Љупчо Палевски, бизнисмен и десничарски активист, беше уапсен во Турција. Заедно со Палевски, осомничени беа уште неколкумина други.

Дезинформациите и шпекулативните теории почнаа да кружат речиси веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Ѓорчевска на 27 ноември. Еден политичар од мала македонска политичка партија, објави провокативна порака на социјалните мрежи. Тој тврдеше, еден ден пред да бидат откриени телата, дека осомничените биле ослободени од полициски притвор и им било дозволено да избегаат во Косово. Оваа објава инсинуираше дека виновниците се етнички Албанци, тврдење кое подоцна се покажа како неточно. Тогаш полицијата само потврди приведување на пет лица и извлекување на возило. Ваквото тврдење беше преземено од српски онлајн-медиуми, а чиишто написи веќе не можат да се најдат на нивните веб-страници.

Со оглед на етничкиот состав на Северна Македонија, каде Албанците се втора по големина етничка група, ваквите непроверени тврдења имаа потенцијал да разгорат етнички тензии. Следствено, Министерството за внатрешни работи постапи брзо за да ги отфрли овие неосновани наводи, имајќи на ум дека веднаш ваквите теории беа прифатени и во српските медиуми, кои пак, извршија влијание врз македонските. Српските, а и босанските медиуми имаа опсежни анализи (особено телевизиски емисии), со времетраења и над еден час, со разни експерти, криминолози, психолози и уредници на интернет-портали, од кои повеќето имаа заеднички зборови во насловите: „мистериозни нешта“, „чудни околности“, „несфатливи чекори“ и слично.

„ЛАЈКОТ“ - ПОВАЖЕН ОД ПОСЛЕДИЦИТЕ

Експертите како проф. д-р Жанета Трајкоска – директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, укажаа на потребата од основна новинарска етика во образованието и практиката.

Никогаш не може да генерализаме. Тие што се сметаат за професионални медиуми ги почитуваа препораките и ги почитуваа стандардите за известување за ваков тип настани, посебно кога е во прашање малолетно дете. Другите, за жал, се фокусираа на лајкови и кликови не мислејќи на последиците и печатот што го оставаат врз јавноста, но пред сè на блиските роднини и пријатели на двете жртви. – рече таа.

Таа потенцираше дека трендот на таблоидизација не е ограничен само на Македонија, туку дека со воочило како тоа влијаело и на регионот: па дури и ценетион Утрински“ (н.з. „Јутарњи“) кој ги пренесе и „чаршиските“ муабети и теории на заговор и што зборувале луѓето на пазар, таксистите итн... тотално непотребно и некорисно за известување за овој грозоморен случај..

Таа посочува дека за медиумите проблем е молкот на институциите, но, сепак мора да се земе предвид и спецификата на злосторствата - киднапирање, убиство и најстрашното - убиство на малолетно девојче.

Правилата се јасни - не објавуваш непотврдени информации, не креваш паника со своите написи, не дозволуваш родителите прво да дознаат од медиумите, но и ја почитуваш нивната болка и специфичноста на случајот. Сè е напишано и регулирано од професијата - треба само да се применува и почесто да се потсетуваме на правилата. – појасни Трајкоска.

Кога станува збор за трагедијата на Цетиње, главно таблоидите од Србија, но и српски телевизии со национална фреквенција беа тие кои главно објавуваа непроверени и сензационалистички информации.

Поради ова, Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ) на Црна Гора донесе одлука да ја замре ТВ „Пинк“ на шест месеци, поради емисијата која во Србија ја води популарната водителка Јована Јеремиќ, а во која гостин ѝ беше приватниот детектив Браца Здравковиќ, кој зборуваше за наводните причини за трагедијата во Цетиње.

Агенцијата посочи дека со ова емитување е прекршена Конвенцијата за прекугранична телевизија, во делот што се однесува на обврската за почитување на човековото достоинство и основните права на другите. Советот на АЕМ заклучи дека во оваа емисија радиодифузерот „недвосмислено ја потврдува намерата да го привлече вниманието на гледачите на сензационален и провокативен начин, без причина да го загрози достоинството и приватноста на жртвите и членовите на нивните семејства“.

Јеремиќ на 27 август 2022 разговараше со својот гостин за наводните вистински причини за масакрот, кои ги дознале од соседите на жртвите и убиецот од Цетиње.

Водителката изнесуваше заклучоци за мотивите на убиецот, а „приватниот детектив“ детали за семејството на злосторникот и неговите жртви.

Истата водителка, година дена подоцна, на 9 декември 2023 ги шокираше гледачите во Северна Македонија и во Србија, кога во утринската програма ја донесе својата малолетна ќерка во сегментот од емисијата каде тема беше убиството на Вања.

Истражувањето покажа дека најмногу непроверени и сензационалистички информации за случајот со трагедиите во Црна Гора и Македонија објавувале истите таблоиди. Таблоидите ширеле теории на заговор, објавувајќи залажувачки наслови.

ЗЛОСТОРСТВАТА – ХРАНА ЗА ТАБЛОИДИТЕ

Аналитичарот Марко Бановиќ од Центарот за дигитална форензика (ДФЦ) во Подгорица, кој се занимава со дезинформации и лажни наративи, како и со странски влијанија врз медиумите, посочи дека медиумите во Црна Гора интензивно известувале за масовното убиство и за трагедијата во Цетиње, и иако имало одредени пропусти во известувањето, сепак во содржината во најголема мера не бил забележан сензационализам, релативизирање или говор на омраза.

„Повеќето медиуми се обидуваа навремено и објективно да известуваат за сите случувања, пренесувајќи официјални соопштенија од институции и изјави, како и реакции на претставници на институции, политички актери и организации.“ - рече тој.

Забележано е таблоидно и пристрасно известување од одредени медиуми во Србија („Информер“, „Курир“, „Блиц“) - сензационалистички наслови за настанот, описи од местото на настанот, карактеризација на напаѓачите.

„Српските медиуми селективно ги презентираа фактите, односно истакнуваа информации кои поткрепуваат одредени тези кои би предизвикале поголема реакција кај јавноста, а со тоа и поголема читаност и гледаност. Информациите што не ги потврдија нивните тези и наративи, тенденциозно беа изоставени. Тука се воочуваше и емотивен начин на известување, кој може да биде особено опасен во такви ситуации.“ - истакнува Бановиќ.

На прашањето за да го искоментира фактот дека во Црна Гора нема таблоиди и дека нема такви што биле основани за на долг рок, тој одговара дека е точно, но дека е забележливо дека има портали кои известуваат и пласираат содржини кои имаат таблоиден карактер.

„Најочигледни примери за тоа се „Борба“ и „ИН4С“, кои многу често пласираат наративи и известуваат на сензационалистички начин со кликбејт-наслови. „ИН4С“ и „Борба“ се препознаени како портали кои генерираат и дистрибуираат дезинформации, а со тоа го манипулираат јавното мислење во Црна Гора. Тие портали се поврзани со портали од Србија и ги пренесуваат нивните таблоидни содржини. Координирано делување на тие портали има за цел да ја измами јавноста, да создаде поделби и да ги подигне тензиите во општеството.“ - смета Бановиќ.

Тој нагласува дека во Црна Гора често се игнорираат таблоидните и несоодветните содржини кои се објавуваат преку социјалните мрежи и другите онлајн платформи.

Конкретен пример е Утринската програма на Телевизија Пинк, која извесен период доби забрана за емитување поради несоодветно известување за трагедијата во Цетиње. Кабелските оператори ја почитуваа одлуката на регулаторот, но граѓаните на Црна Гора можеа да ја следат утринската програма на Пинк на социјалните мрежи и на ЈуТјуб-каналот на таа телевизија. Дури и емисијата поради којашто беше забранета Пинк сè уште е достапна на ЈуТјуб. Ист е случајот и со ТВ Хепи чија Утринска програма исто така беше забранета шест месеци. Ова е нешто на што мора да се посвети особено внимание, имајќи предвид дека сè поголем број млади ги користат онлајн-платформите како средство за информирање.“ - апелира тој.

Ранко Вујовиќ, извршен секретар на Советот за саморегулација на медиумите од Црна Гора, вели дека големите трагедии и злосторства често се „храна“ за многу таблоиди во светот.

Тој нагласи дека Црна Гора нема класични таблоиди, што не значи дека нема повремено таблоидно известување во медиумите.

Трагедијата во Цетиње во 2022 година е едно од најголемите масовни убиства во Црна Гора. Мониторингот на медиумите не утврди поголемо прекршување на Кодексот на новинарите од страна на медиумите кои известуваа за оваа трагедија. Но, медиумите од Србија, како и обично, се натпреваруваа што побрзо да објават информации за ова злосторство, што доведе до објавување неточни и непроверени информации. Во тоа предводеа Курир, Информер и Блиц“.“ - изјави Вујовиќ.

Вујовиќ рече дека таблоидните медиуми споделуваат најниски човечки страсти и нагони, обидувајќи се да заработат пари од тоа.

„Тие го воведуваат принципот дека во медиумите сè е дозволено, со што се губи основната човечка улога на медиумите. Кога станува збор за конкретна трагедија, тука таблоидите се појавуваат во улога на мршојадци кои се хранат со туѓи несреќи и се обидуваат да заработат од нив. Трагичните приказни се детално искористени и на тој начин ужалените членови на семејството се доведуваат во ситуација повторно да ја преживеат трагедијата на своите најблиски. Идентитетот на жртвите се објавува без резерва, спротивно на принципите на Кодексот на новинарите. - рече Вујовиќ.

На прашањето за тоа зошто таблоидите никогаш не успеале да опстанат во Црна Гора, тој одговори дека тоа е поради тоа што ова е сè уште мала патријархална заедница и фактот што луѓето, скоро и да се познаваат сите меѓусебно.

Етичките принципи во Црна Гора сè уште се силни, така што таблоидното роварење низ животите на жртвите би предизвикал колективен бунт на заедницата. Да се потсетиме дека неодамна во Белград беа организирани неколкудневни протести против одредени таблоиди и нивниот начин на известување.“ - објасни Вујовиќ.

ОНЛАЈН-ПРОСТОРОТ Е ЧЕСТО БЕЗ ИНТЕГРИТЕТ

Новинарот Саше Димовски, кој е и претседател на Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) посочува дека за таблоидизацијата на медиумите треба да се бара внимание и од државата, како и промена на законите за медиумите.

„Мора да се знае кој стои зад онлајн-медиумите. Сега, во морето на нерегулиран простор, за жал, никнуваат секојдневно разни медиуми, без новинари, без сопственици, а кои најчесто се користат за политичка пресметка.“ – вели тој.

Со оглед на напливот на сензационализам и дезинформации во случајот на двократното убиство, Димовски ги проблематизираше неподнесувањета претставки за новинарските написи, посочувајќи конкретни мерки за зајакнување на новинарскиот интегритет и довербата на јавноста.

„Советот на честа при ЗНМ, како саморегулаторно тело веднаш реагираше со соопштение кога забележа дека одредени портали објавија дека „девојчето е живо и се наоѓа во џамија во соседна земја“, без да направат елементарна проверка на информацијата. Одговорноста на медиумите во вакви случаи е голема и не смее да се преземе сè што ќе се објави на Фејсбук без да се провери, и ги повикавме сите граѓани, доколку забележат прекршување на Кодексот во известувањето за овој случај да поднесат претставка.“ – истакнува тој.

За жал, како што додава, Советот не добил претставки, што би значело дека граѓаните или не ги препознаваат сензационализмот и дезинформациите - или се рамнодушни кон сè што се случува или објавува и немаат желба, преку личен пример, со посочување на овие појави да се подобри медиумското известување.

Димовски вели дека шпекулациите и сензационализмот како трка за кликови во вакви случаи се погубни за сите нас и мора да се внимава и на презумпцијата на невиност и на другите законски ограничувања за да не ѝ се наштети на истрагата.

„Имаше многу емоции од страна на новинарите, кои подоцна се извинуваа дека биле понесени од случајот, но, новинарите мора да се свесни дека за да бидат на висина на задачата, мора да ги совладаат своите емоции и да бидат професионални. Не се дозволени испади кон осомничените, ниту плачење пред камера, независно од тежината на случајот. Медиумите на вакви случаи треба да проценат кого испраќаат да известува. Етичката дилема што останува е дали и натаму треба да се објавува фотографијата од Вања, без заштитен лик, дури и откако се утврди дека таа не е жива. Бидејќи жртвата има и семејство, помлада сестра, на која како да заборавија сите.“ – рече Димовски.

ПРОМЕНА НА ЗАКОНСКИТЕ РАМКИ

Ширењето дезинформации во случаите во Цетиње, Скопје и Велес го отвори прашањето за тоа кои промени на законските рамки може да влијаат на зајакнувањето на етичкото новинарство.

Новинарот Васко Маглешов кој е и претседател на Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија вели дека дезинформациите главно беа дисеминирани во т.н. „информациско окружување“, односно во сферата на социјалните мрежи.

„Таму е најголемата „загаденост“. Зад тастатурата секој може да сподели информација, секој може да биде „експерт“ за одредена област. Сметам дека нема потреба од законска интервенција, бидејќи тоа е „лизгав терен“. Но, неопходна е проактивната улога на истражните органи преку редовно информирање за случаите кои ја интересираат јавноста за да се спречи креирање паника кај граѓаните. Во ера на масовно користење на социјалните мрежи, можеби треба да се размисли за тоа институциите од правосудството своите соопштенија да ги пласираат токму таму. Онаму пак, каде што е евидетно дека има намера и некому да се наштети или да се шири говор на омраза, би требало промптно да реагира Министерството за внатрешни работи.“ – подвлекува Маглешов.

Кога станува збор за Црна Гора, ширењето дезинформации и лажни вести кои предизвикуваат паника и неред е кривично дело според Кривичниот законик.

Неодамна усвоената медиумска стратегија предвидува формирање на мрежа, автономна институција, која според замислата треба да се бори против дезинформациите, говорот на омраза и вознемирувањето на интернет. Неѓељко Рудовиќ, директор на Дирекцијата за медиуми во црногорската агенција МИНА, рече дека мрежата ќе следи, ќе ја информира јавноста и ќе презема чекори против оние чии адреси шират дезинформации и дека тие што се занимаваат со тоа ќе бидат јавно посрамотени.

Тој објасни дека мрежата е пробно конципирана така што универзитетите ќе бидат носители на активноста, а заедно со невладиниот сектор, медиумите, медиумските здруженија, обвинителството и судството ќе формираат управен одбор.

Рудовиќ посочи дека традиционалните медиуми кои ја добиле довербата на граѓаните се најчитани и најгледани во Црна Гора.

„Затоа што чесно се однесуваат кон својата работа, го почитуваат новинарскиот Кодекс и не дозволуваат новинарите да бидат злоупотребени. Во Црна Гора највлијателни медиуми се оние кои се придржуваат до Етичкиот кодекс.“ - рече Рудовиќ.

Дополнува дека таблоидите во Црна Гора не создаваат јавно мислење, но дека оние од регионот, како и социјалните мрежи претставуваат голема опасност.

Во Црна Гора одамна не постои единствено тело за саморегулација, а истражувањето на Институтот за медиуми покажа дека саморегулаторната практика е слаба.

Со таблоидизацијата, се согласуваат нашите соговорници, сериозно ни се заканува поткопување на интегритетот на сите медиуми.

Ако ваквите случаи нè не освестат да креираме посериозен пристап во информирањето, не можеме да зборуваме за доверба во медиумите, додава Претседателот на Советот на честа при ЗНМ, Димовски.

„Во иднина, можеби треба да се размисли за покренување постапки по службена должност од саморегулаторните тела, како начин на посочување „со прст“ кон сите кои го прекршиле Кодексот на новинарите, кој забранува сензационалистички пристап при известување за несреќи и судски постапки. Саморегулаторните тела мора да го прошират својот домен на постапување, со формирање на секретаријат во рамки на овие тела, професионално тело што ќе прави мониторинг и ќе посочува на повредите, сè додека не се подобри медиумската писменост генерално, за да можат граѓаните да разликуваат на кого може да му веруваат.“ – сподели тој.

Иднината бара засилена посветеност на етичкото новинарство, силни образовни стратегии и ефективни регулаторни рамки за борба против сензационализмот и таблоидизацијата, како и поддршка на кредибилитетот на медиумите во регионот.

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ). Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на СЕЕНПМ и НЕД.