Кога ни 304 милиони евра не нѐ „дразнат“

Се чита за 6 мин.

Јавниот долг на државава се намалил на 55,8% од бруто-домашниот производ. Оваа вест на 31 октомври 2023 година, кога беше објавено соопштението на Министерството за финансии, ја пренесоа само пет онлајн медиуми. И добро, ќе рече некој, зошто би нè интересирало тоа. Секако должиме многу, па дали се намалил долгот за 2,1 процентен поен во однос на вториот квартал, не ни значи ништо. 

gt t4 1

Непренесувањето во повеќето медиуми, се совпадна со моето мислење дека на оваа тема малку се пишува во последно време. Чат-пат некој економист ќе има некоја добра и издржана анализа, но авторски новинарски производи како да нема доволно.

Секако, едно е да се мисли, а друго е дали тоа е точно. Пребарувајќи низ еден од најголемите агрегатори на вести во државава, колку пати јавниот долг е споменат во некој новинарски текст, утврдив дека од 1 јануари годинава до 2 ноември имало 280 текста, од кои 104 или 37,1 отсто биле за домашниот јавен долг.

Најмногу текстови има кога или претставник на власта презентира колкав ќе биде јавниот долг и како планира да се намали, или кога опозицијата алармира дека нивото на задолженост е превисоко и се загрозува економијата, но и економската иднина на државава. Значи, кога политиката ќе земе главен збор, има дузина вести за јавниот долг.

Но, по информацијата за намалување на јавниот долг во третиот квартал, молк. Ем опозицијата молчи, што е и разбирливо бидејќи ѝ оди во прилог на власта, ем и власта нешто не се фали. А ако некој го отвореше сајтот на Министерството за финансии, не верувам дека ќе му побегнеше еден податок. Тоа е дека во третите три месеци од годинава, односно во јули, август и септември, првпат по 2008 година, вратени се пари кон кредиторите. Едноставно, исплатени се 304 милиони евра и долгот е намален за овие реални пари. Значи, последен пат ова се случило пред 15 години кога имавме реално намалување на јавниот долг.

gt t4 5

  • Извор Министерство за финансии (октомври 2023)

Во оваа деценија и пол имало намалување на долгот, но тоа се засноваше на растот на бруто-домашниот производ во однос на задолжувањето. Односно, долгот не паѓаше во апсолутните бројки, напротив се зголемуваше, но БДП во некои од годините растеше и учеството на долгот процентуално се намалуваше. Едноставно, не се враќаа пари, а јавниот долг се намалуваше во 2017, 2022 и во првиот квартал од 2023 година.

gt t4 6

Ова враќање 304 милиони евра е апсолутен рекорд досега. Во периодот кога реално сме враќале пари односно сме се раздолжувале, од 2005 до 2008 година сме вратиле вкупно 434 милиони, но за три години.

Вратен долг по години            

Година                             Износ во милиони евра

2006                                          174

2007                                          248

2008                                          12

                                        -----------------------

                              ВКУПНО: 434     

 
Сево ова ни отвора неколку прашања и проблеми.

Прво. Дали е можно никој од колегите да не го забележал ова?

Можно е. Едноставно, здраво за готово е земено соопштението на Министерството за финансии и е пренесено интегрално. Веројатно добар дел од колегите, преоптоварени од дневни ангажмани и настани, не ни забележале дека некако сме вратиле 304 милиони евра. Можно е и дел од уредниците да процениле дека оваа тема и не е така важна, бидејќи кого таму интересира јавниот долг или бидејќи е добра вест, нешто се намалило, а не се цените на храната, па нема што да се бара дополнителна информација.

А дека требаше да се праша, требаше. Зошто?

Едноставно, од каде толку пари да се вратат. Досега јавниот долг се рефинансираше, односно ако доспева некоја обврзница или треба да се врати рата од кредит, се задолжувавме со истата сума и долгот во апсолутен износ си остануваше. Овде имаме враќање, што значи дека на некоја сметка имало 304 милиони евра. Дали тоа бил некој неискористен кредит, па само сме го вратиле? Односно парите биле земени, непотрошени, па вратени бидејќи немало ништо од проектот? Кој е тој проект? Дали сме платиле камати за нешто што не сме успеале да потрошиме? Има многу прашања за кои од соопштението на Министерството за финансии, не може да се дадат одговори на овие дилеми.

А може сево ова е привремено и повторно ќе се задолжиме со 304 милиони за да се покрие оваа дупка?

gt t4 7

Затоа одговорите требаше да ги побараме ние, новинарите. Тоа го можевме, но не го сторивме. А имавме пенал за шутирање. На 2 ноември министерот за финансии имаше брифинг за новинарите каде што можеше да се постават сите прашања. Но, на тој брифинг беа само шест новинари од пет медиуми.

Неверојатно. На брифинг на министер за финансии, во време кога се подготвува буџетот за 2024-та, кога имаме борба околу „солидарниот данок“, па околу платите во самото министерство што се оспорени пред Уставниот суд и ред други актуелни прашања, меѓу кои и јавниот долг, да дојдат само шест новинари од две национални телевизии, два портала и од Македонската информативна агенција, до пред пет-шест години беше незамисливо. Но, еве, сега е неверојатно реално.

Второ. Дали целта на новинарството остана да информира?

Сево ова нè носи можеби кон главниот проблем што се детектира, а тоа е дека македонското новинарство во моментов ја напушти својата основна функција, а тоа е да информира. Да обработи и да пренесе основна информација. На публиката да ѝ соопшти што се случува и зошто е тоа така. И ова е сериозен проблем. И не само околу јавниот долг.

Ние трчајќи зад нашата претстава, многу често и непрецизна, што го интересира гледачот, не ја креваме рачната кочница и не си велиме, ало бре, пред да анализираме, дај да информираме. Да прашаме јасно и гласно и одговорот да го пренесеме.

Ова многу добро се виде и на 26 октомври, кога на еден настан на кој беше присутен министерот за економија Крешник Бектеши и многу претставници на фирми што произведуваат, дистрибуираат и продаваат храна, требаше доста време да се утврди дека во маркетите смее да има акции на сите производи, освен на оние на кои им истекува рокот. Сè што беше нејасно речиси цел месец, се разјасни за помалку од еден час. Ама со посветено барање одговори.

Во овие два настана освен ние новинарите, кои во брзањето и дневното толчење од многубројните ангажмани немаме време да ги седнеме министрите и како на мали деца да ни објаснат за сè, потфрлаат и самите институции.

Министерот за финансии Бесими имаше можност пред новинари да објасни за јавниот долг и без да биде прашан, но не го искористи тоа. Но тоа е далеку помал пропуст од тоа што ние новинарите не ги користиме настаните да дојдеме до вистинските одговори.    

Трето. Дали во суштина станува збор за таканаречено „мрзливо“ новинарство?

Пред да го пишувам текстов, мислев дека ова се должи на таканареченото „мрзливо“ новинарство или известување по линија на помал отпор. Но, на брифингот со Бесими, сфатив дека не е до новинарите. Едноставно, прегреани се. Мојот новинарски пример, човекот како кој би сакал да бидам како новинар, беше на настанот. Тој точно знае што значи јавниот долг и од него сум учел што е тоа. Но, кога ми спомна што сè работел дента и колку обврски има, а и кога ги видов и другите многу ценети колешки и многу драг помлад колега што сè треба да сработат и какви обврски и грижи имаат, едноставно нема ништо од „мрзливото“ новинарство.

Денот нè меле. Нè толчи. И затоа имаше само шест новинари. Другите ринтаа други прилози. Поголем дел од нив знаеја колку е важен брифингот, за што зборува колку објави имаше на тема Буџет 2024 година. 28 објави.

gt t4 8

Решение?

Дали може реално да се подобри информирањето во областа на економијата? И да и не. Вистинско решение, формирање економски редакции со цела структура на поделба по ресори, веќе е анахроно. Барем кај нас. Но, може да се најде сурогат решение, што ќе премости дел од слабостите.

Основно е креаторите на уредувачката политика, значи уредниците што решаваат што ќе има во вестите, а кои, за жал, ретко се економски новинари, далеку повеќе да се потпрат врз судот на новинарите што следат економија. И по цена дента да немаат прилог, и по цена во вестите да се нема она што се има кај другите медиуми или она што се појавува на агрегаторот на вести, колегите нека одморат. Тие нека предложат тема. Да не се сосечуваат во корен ако нивното не се поклопува со идејата на уредникот. Нека имаат свој агол на денот, на економијата. Нека добијат порив за да работат. Верувајте, ефектите брзо ќе се почувствуваат.

Исто така, мора да се градат новинари со специфични знаења. По сектори. Тоа мора да се врати.

Ова би биле брзи, какви-такви решенија.

А за крај, одговорот кои се тие 304 милиони евра... Па од буџетот, што значи дека во наредниве два месеци ќе имаме ново задолжување од цирка 200 до 300 милиони евра што значи дека јавниот долг ќе се врати на старото ниво. Но, за ова веќе требаше да информираме.

Автор: Горан Теменугов

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.