Неочекувана шанса за подобра положба на новинарите и на медиумските работници

Се чита за 5 мин.

Наспроти ретките и бледи зраци светлина што одвреме-навреме ќе ги огреат нашите медиуми и новинарството, само неискрениот набљудувач денес може да каже дека тие не се во прилично мрачна состојба. Со невидена леснотија и редовност, медиуми ја манипулираат сопствената публика, впрегнувајќи се во срамотни апологии на сомнителни бизнисмени и матни зделки; функционери од државниот врв си дозволуваат отворено и без страв од последици јавно да кудат новинари и да им кажуваат како да си ја работат работата; редовно, обично пред избори и во други времиња чувствителни за моќниците, зачестуваат и заканите, вербалните и физичките напади. Во медиумите, според последната анкета на ИРИ, значителна доверба имаат само 7 (седум) отсто од граѓаните. Трипати повеќе испитаници – 21 отсто, во голема мера не им веруваат.

Моќниците и нивните медиумски партнери (тоа се често и едни исти луѓе) се борат да продолжи оваа грда состојба, одржувајќи ја атмосферата во која новинарите што се бунат против лошите услови и против малигните влијанија и притисоци, се судираат со толку цврсто исповрзани политички и бизнис-интереси, што попрво ќе замолчат или ќе се откажат и ќе одат да работат нешто друго одошто да се впуштаат во нерамната борба со моќните транзициски ветерници од чијашто „валкана“ енергија цело време се напојува македонската информативна сцена.

Низ годините, стотици колеги одбраа да избегаат од нашите медиуми и од новинарството – не оти си најдоа подобра професија што повеќе ја сакаат, туку поради загадениот амбиент во кој мораа да работат, скршените надежи и задушените гласови, поради малите плати и големите неисплатливи стресови.

Старите проблеми опстојуваат

Голем дел од јадовите со кои се сретнал секој што работел во медиумите во изминативе децении, и натаму опстојуваат, потврдија резултатите од обемната анкета на Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена пред околу две години. Главниот заклучок е дека вработените во медиумите се наоѓаат во исклучително неповолна социоекономска положба, а дури половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата.

Новинарството и медиумите на ниту еден начин не се обична или просечна професија, но повеќе од половина од вработените и натаму имаат потпросечни плати (и тоа пониски не од денешната официјална просечна плата во државата (околу 36.000 денари), туку од онаа од пред некоја година, кога изнесуваше нешто над 28.000 ден.). Незадоволни од примањата се 57,7 отсто од испитаниците. Дури 41,6 отсто од анкетираните новинари и медиумски работници се вработени на определено време или се хонорарци.

„Несигурноста на работните места и обезвреднувањето на трудот на новинарите и на медиумските работници негативно влијае врз мотивираноста во нивната работа, но и ја зголемува опасноста од корупција и контрола од различни центри на економска и на политичка моќ“, заклучуваат истражувачите.

Од анкетираните новинари, 37,7 отсто навеле дека добиваат закани, најчесто од сопствениците на медиумите и од уредниците, од публиката (читателите, гледачите), бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и од полицијата. Но, во последните две години, станува сѐ позабележлив еден нов процес, една неочекувана шанса во полза на новинарите и на медиумските работници и на нивниот социоекономски статус.

close up rФото: freepik.com

Бавни промени и шанса со голем потенцијал

Пред 15-20-25 години, кога во Македонија имаше повеќе луѓе, имаше и голема невработеност и многу повеќе новинари, а споредбено мал број медиуми, кои тогаш имаа  влијание посилно од кое било денешно јавно гласило. Нивните сопственици, и поради други причини, имаа значително поголема моќ во однос на работниците и поотворени можности за злоупотреби. Речиси и да нема колега кој во изминатите три децении не се соочил со изживувања на работното место, некогаш и многу брутални. Многу газди долго ги користеа новинарите и медиумите за да стигнат до моќ и влијание во општеството, за потоа, со помош на таа иста моќ, неказнето да ги експлоатираат своите вработени.

Но, подоцна се намножија медиуми – во неколку „бранови“ се отворија повеќе телевизии, за доминацијата на интернетот да изроди и голем број портали. Во исто време, од земјава се иселија стотици илјади луѓе, па освен што се проретчи генералната публика, информативниот, како и многу други економски сектори, запаѓа и во сѐ посериозен проблем со човечките ресурси. Ова се потврдува секојдневно, само со поглед на насловите и написите на порталите, со полуминутно гледање прилог од вестите на телевизиите.

Со секој поминат месец, станува сѐ потешко да најдете не само амбициозни, образовани и писмени, туку и основно пристојни луѓе, кои би работеле како новинари или медиумски работници за актуелните плати и во сегашните услови. Од овој „зорт“ медиумите, принудно, сѐ повеќе се полнат и со луѓе за кои новинарската е привремена и лесна работа на која се нафатиле додека не ја најдат вистинската. Лесна е затоа што тие не го сфаќаат новинарството како свој професионален повик и не ги прифаќаат (а, од нив тоа сѐ помалку и се бара) сериозните предизвици и одговорности што ги содржи таа професија. Би ве зачудило за колкумина тоа е само механичко копирање и лепење некакви текстови од едно на друго место, без никаква одговорност и без воопшто да прочитаат што пишува.

Според сопственото искуство во последните неколку години и според сведоштвата на повеќе колеги, уредници, новинари и медиумски работници со кои разговарам деновиве, на искусните, способни и писмени луѓе што „преживеаја“ во редакциите, цената полека, но стабилно им расте. Сопствениците на медиумите, меѓу нив и сѐ почесто некои нови и поинакви луѓе, веќе стануваат свесни дека мораат повеќе да се потрудат за да ги задржат.

Во исто време, новите генерации, сочинети во голем дел од децата на работници што знаат што е експлоатација, се многу помалку наивни, имаат многу повеќе опции и потешко прифаќаат некој да им го потценува трудот. Мнозинството од бистрите и амбициозните деца, ако веќе не студирале или не нашле работа во странство, немаат намера ниту да останат во земјава, а камоли да работат како новинари во нашите медиуми.  

Новинарите и медиумските работници што веќе се вработени, сега се во малку подобрена позиција наспроти газдите, кои барем повеќе не можат толку лесно да им мавтаат пред очи со откази – ако им замине новинарот или снимателот со десет години искуство, ќе им требаат месеци за да најдат каква било пристојна замена. Новиот работник, дури и да е почетник, ќе бара многу повисока плата и подобри услови одошто би барал пред години.

На новинарите и на медиумските работници што работат во редакциите, ова им отвора нова можност да се изборат за значајно подобрување на положбата на целата професија – сплотени и подослободени од дел од економските притисоци, тие сега, со помош на синдикатот, би можеле не само полесно да „избоксуваат“ подобрување на примањата и на условите, туку и многу посилно да им се спротивстават и на сите други обиди да се наруши или да се омаловажи нивната работа.

Но, овие промени засега се случуваат бавно и во ограничен број медиуми. Таму каде што новинарите и медиумските работници веќе се во подобрената ситуација, тие, за жал, сега ја користат главно за лична „корист“ – да работат помалку за истата (и натаму потпросечна) плата. Свесни дека сопствениците на медиумите се сѐ повеќе зависни од нив и сѐ потешко би се одлучиле да ги казнат и да им дадат отказ, а од друга страна не се еднакво подготвени да ги покачуваат платите и да ги подобруваат условите, многумина од колегите, меѓу нив и најискусните, во овие ситуации засега одат со типично „македонско“ решение: си го „спуштаат“ ангажманот, работното залагање, до последниот прифатлив минимум.

Ќе биде интересно да се гледа како ќе се насочуваат и ќе се развиваат овие процеси во месеците и годините пред нас. Мислам дека тие имаат сериозен позитивен потенцијал, но за тој да се искористи и правилно да се насочи, ќе треба многу да помогнат Синдикатот и еснафските здруженија.

Автор: Жарко Настоски
Насловна фотографија: freepik.com


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.