Активизам

Bgtvklan

Билјана Георгиевска: „Новото нормално“ нè научи на поинаква комуникација и дигитализација

„Новинарите го фаќаат чекорот побрзо во споредба со поголем дел од институциите во земјава. Онлајн прес-конференциите помагаат, но тоа не значи и целосна транспарентност, така што новинарите и натаму ќе ѕиркаат зад секоја затворена врата во потрага по одговори“, вели Билјана Георгиевска од ТВ Клан за иницијативата на МИМ „Новинарството не е во карантин“.      
SlobodaMediumi V2

Вонредна слобода на медиумите

Глобалната пандемија на коронавирусот го смени секојдневието и животот на милијарди луѓе ширум светот. Во услови на криза кога приоритет е зачувување на  здравјето на секој човек, на властите им е дозволено, а од нив и се бара да преземат рестриктивни мерки. Сепак, многу влади пандемијата ја искористија како можност за ограничувања кои далеку ги надминуваат стандардите утврдени во меѓународните закони за човекови права во вонредни услови. КОВИД 19 на тест ја стави и слободата на медиумите. Вонредните мерки наметнаа и вонредни услови за работа и на институциите и на новинарите. А, „Репортери без граници“ веднаш алармираа дека „пандемијата на коронавирус дополнително ја загрозува слободата на медиумите ширум светот“. Низ сведоштва на десетина новинари и медиумски работници, невладини активисти и претставници на еснафските здруженија анализираме како коронавирусот влијае врз транспарентноста на државните институции во нашата држава и дали медиумите ја задржаа својата примарна улога да информираат за јавниот интерес. Новинарство или односи со јавност Во отсуство на Парламентот, кој се распушти поради избори, целата власт во моментов е сконцентрирана во Владата. Таа ги носи сите уредби, одлуки, мерки. Одлучува за набавки, полициски час, економска помош. Во услови кога Владата доби огромна моќ, рестрикциите наложија ограничен простор за работа на новинарите како превентивни мерки за да го заштитат сопственото здравје и здравјето на најблиските и колегите. Секојдневните прес-конференции на кои претходно можеа да се постават безброј прашања, се заменија со онлајн комуникација меѓу функционерите и новинарите. Новинарката од НОВА ТВ, Менче Точи, вели дека кога започна кризата со коронавирусот, на првиот брифинг кај министерот за здравство Венко Филипче во неговиот кабинет, тој потенцирал и ги замолил новинарите да внимаваат при известувањето и да објавуваат исклучиво официјални информации. Но, првиот куршлус настанал кога од Министерството за здравство пред да биде објавена официјалната статистика почнале да претекуваат информации до одреден медиум за дневниот биланс на заболени и починати. Тогаш се нарушил „џентлменскиот“ договор меѓу Филипче и новинарите. „Што ќе се случеше ако таму некој вметнеше лажни податоци, измислени и вртоглави бројки, имиња? И сето тоа во време кога паниката и стравот се вгнездија меѓу луѓето“, прашува Точи. Со секоја прес-конференција рејтингот на министерот за здравство во јавноста растеше, а новинарите беа претпазливи во прашањата со цел да бидат кооперативни во борбата со коронавирусот. „Во прво време ми изгледаше во ред што добиваме информации на дневно ниво, но како поминува времето тие јавувања во онлајн прес-конференции ми стануваа бесмислени. Таму министерот одговара кратко, некогаш не одговара зашто не бил информиран, друг пат ги прескокнуваше прашањата, а ние не можевме да се уфрлиме, да потпрашаме затоа што веднаш нè исклучуваа тонски. Потоа, по реакциите почнаа да нè вклучуваат уште еднаш да можеме да допрашаме или да кажеме дали сме задоволни со одговорот. Но, повторно одговорите се непотполни, кратки или поставени  поинаку од суштината на самото прашање“, вели новинарката на НОВА ТВ. И додека целата јавност секој ден ја чекаше прес-конференцијата на Венко Филипче, медиумите се’ повеќе се претвораа во трансмитери на пораките. „Оваа позиција несомнено е токсична за новинарството бидејќи создаде една неприродна комфорна зона, во која, како низ инка поминуваше само она што го пласирале здравствените авторитети. Тој наратив во кој државата секојдневно соопштуваше статистики, мерки и здравствени политики, како да создаде амбиент на некритички пренос на информации без нивно доследно преиспитување“, вели Васко Маглешов - новинар во БИРН. Само како еден пример, вели тој, е веста дека се поднесени десетина кривични пријави за ширење лажни вести во време на корона. „Но никој не отиде чекор подалеку да дознае дека за нив не се постапува и дека тие пријави завршуваат или во фиока или во ѓубре, бидејќи ширењето лажни вести не претставува кривично дело. Од друга страна, некорисно беше да се прашува министерот за здравствената состојба на секој пациент поедничено секој ден, наместо фокусот да биде, да речеме кон преиспитување на проблемите и системските слабости со кои се соочуваат граѓаните и/или институциите. Ретко кој се занимаваше дали некој се обидува низ мала врата да добие тендер, дали докрај се испочитувани законските процедури“, смета Маглешов. Новинарот на ТВ 24 Владимир Тевчев, кој за коронавирусот секојдневно известува од Велес, вели дека од почетокот се залагал за транспарентност на институциите, за да нема шпекулации и лажни вести. „Но, наместо тоа, поголемиот дел од здравствените институции во Велес, од каде што известувам, решија да се затворат и да не комуницираат со новинари. Дел од директорите на институциите дури и го блокираа мојот број, за да не можам да ги добијам. Во исто време, на своите официјални страници на социјалните мрежи, постојано бевме обвинувани дека шириме лажни вести. Ова се случи откако објавивме дека починал велешанец од коронавирус, чие семејство обвини за лекарска негрижа, а подоцна и Државниот здравствен и санитарен инспекторат констатираше неправилности во тој случај кај дел од здравствените институции од градот“. Според Тевчев, детектирањето на кластерите од каде што се појавуваа заразените во Велес можеше да биде подобро, ако институциите соработуваа со новинарите. „Незнаејќи каде да се обратат, граѓаните своите информации ни ги даваа нам. Но, затворените институции не сакаа да комуницираат со нас и да ги проверуваат овие информации, кои подоцна, во голем дел се потврдија дека се точни. Моите инсистирања дека локалните здравствени инситуции, по примерот на Министерството за здравство, треба да комуницираат со новинарите на дневна основа, за жал, останаа залудни“, додава Тевчев. На нетранспарентни институции се пожали и фоторепортерката Арбнора Мехмети. Таа со недели попусто се обидува да добие дозвола да направи фотографии од Инфективната клиника во Скопје. „Ако министерот мисли дека транспарентност е да одржи на секои три часа прес-конференции за новинарски прашања, а новинарите да подготват прилози со инсерти/слики од светот затоа што од нашите клиники нема никој, тогаш нека не нè канат воопшто на настани кога ќе заврши пандемијата затоа што очигледно ние не им требаме.“, вели револтирано Мехмети. И според новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу, големиот број на прес-конференции од Владата, не значи и голема транспарентност. Министрите, вели тој, ги заменија улогите со портпаролите, во ПР борбата да се докажат пред јавноста и да придобијат политички поени.  „Онлајн конференциите се добра алатка, но има големи можности за манипулации. На прес-конференциите се вклучуваат новинари кои што никогаш не сме ги слушнале, кои повеќе ја фалат работата на министерот, а прашања практично не поставуваат и со тоа се одзема многу време и многу битни теми не добиваат соодветно внимание“, вели Фуркан Салиу. Тој алармира дека и новинарската фела потфрли во одбрана на слободата на медиумите и потсети на едно од првите интервјуа кога почна кризата и кога премиерот Оливер Спасовски беше гостин во емисија на ТВ Телма. „Премиерот очигледно не беше спремен да дебатира за економските мерки и на  инсистирањето да добие одговори, новинарката беше обвинета дека не ѝ мисли добро на државата и граѓаните. Такво обвинување е сериозно, посебно кога тоа ќе го изговори премиерот на државата, но и тоа помина незабележано бидејќи секоја друга тема е небитна во споредба со КОВИД 19“, ни изјави Салиу. Александар Димитријевски новинар во 360 степени, вели дека во изминатите два месеца надлежните покажаа задоволително ниво на транспарентност и проактивност. Редовно и разбирливо беа објавувани статистиките, препораките, уредбите со законска сила. „Здравствените работници и покрај бројните обврски беа на располагање за изјава и интервјуа (колку што дозволува кризата се разбира), а во одредени случаи нашата редакција доби и пристап до здравствени објекти, се разбира со придржување до сите правила за заштита како на нашите новинари, така и на персоналот и на пациентите“, изјави Димитријевски. Но, и тој забележува дека функционерите во корона кризата успешно ги одбегнуваат „незгодните“ прашања на новинарите, особено кога се поврзани со јавните набавки. „Мое лично, негативно искуство, е што не добив одговор од Владата за набавките на ракавици и маски, пред и по владините Уредби со законска сила за таа намена. Да сумирам, мислам дека јавноста беше квалитетно информирана за здравствените аспекти на кризата, но не и кога станува збор за јавните набавки поврзани со ковид-19“, рече Димитријевски. Уредничката во ТВ 24, Анета Додевска, вели дека вонредната состојба се покажа како “меч со две острици“. Таа наведе неколку примери за кои смета дека на директен или индиректен начин задираат во транспарентноста.  „Речиси секој ден се носат Уредби со сила на закон, а дел од нив отворија дилеми и дебати во јавноста, дочекани со критики, особено во делот на финансиите, економските мерки,  дали се оправдани, дали се спроведени врз основа на здрави анализи за потребноста, дали се консултирани засегнатите.“, вели Додевска. Вториот пример на тема (не) транспарентност и (не) отчетност, според неа, се јавните набавки со предзнак „итност“.  „Ова прашање за државните тендери е едно од најчувствителните и веројатно по завршување на оваа состојба овие позиции ќе мора да бидат објаснети, а ако има неправилности – мора да има и одговорност. Клучен тест за тоа колку е транспарентна владата ќе бидат стотиците милиони евра заеми од странство кои ќе легнат на државна сметка. Токму на оваа тема Владата ќе го полага најважниот испит – дали ќе знаеме каде се троши секое евро од заеми во вкупен износ поголем од 1,3 милијарди евра, пари што ќе ги враќаат и нашите деца“, ни изјави Додевска. Сабина Факиќ од „Центарот за граѓански комуникации“ вели дека пандемијата се случува во првите месеци од примената на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и наместо очекуваното зголемување на транспарентноста, сведочиме на обратен процес. „Во текот на март до сите општини и министерства доставивме барање за информации. Во законскиот рок од 20 дена од 98 институции добивме одговори од само 43 институции. Ова е значително послаба респонзивноста од вообичаеното и произлегува дека во законскиот рок побараните информации ги доставија 44% од институциите, наспроти реализација од 75-85% што сме ја имале претходно“, вели Сабина Факиќ. Таа додава дека министерствата во периодот на корона кризата повеќе затаиле во доставување на информациите, отколку општините. „Притоа, Генералниот секретаријат на Владата дури и се повика на состојбите со корона вирусот како причина да не ги достават побараните информации, иако не постои владина уредба која го овозможува тоа. Поради тоа, до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е доставена жалба на одговорот на Владата“, ни изјави Факиќ. Побаравме одговор и од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, колку жалби се доставени до нив во првиот квартал од 2020 година. Вкупно се 152 жалби, од кои во јануари 28, февруари 33, март 45 и април 46 жалби. Најмногу жалби се поднесени од невладиниот сектор односно 91, потоа од физички лица 31 жалба и од правни лица или политички партии стасале 29 жалби. Најголем дел од нив се однесуваат на јавни претпријатија и установи (84), потоа на општините (35), а за нетранспарентноста на државните институции стигнале 17 жалби. Слободата на медиумите не смее да биде загрозена Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека вонредната состојба покажа дека македонските институции во услови на криза, намерно или не, потфрлаат во својата работа за транспарентно информирање. „Имаше бројни забелешки доставени до ЗНМ за работата на поедини институции, па и здравствени домови, кои ја искористија ситуацијата, наместо да остварат добра комуникација со новинарите, да ги затворат вратите за јавноста, затоа што не им се допаѓало како некој новинар известува. Кризата им послужи како добар изговор на одредени директори, па настана едно централизирање на информациите, што се разбира не е добро“, смета Чадиковски. Од Синдикатот на новинари и медиумски работници велат дека од почетокот на кризата до нив стасале повеќе информации дека новинарите се соочуваат со помала транспарентност на државните институции, особено оние кои не се директно поврзани или одговорни со справување со пандемијата. „Дали е тоа поради намалениот капацитет на институциите, поради мерките поврзани со Ковид-19 или нешто друго е во прашање не е важно. Важно е дека државните институции не смеат вонредната состојба да ја користат за ограничување на протокот на информации од јавен интерес. ССНМ ја разбира состојбата и предизвиците со кои се соочуваат државните институции, но апелира дека транспарентноста не смее да биде запоставена без разлика на условите во кои се работи“. Од почетокот на вонредната ситуација во државата, СЕММ редовно добива претставки кои се однесуваат на известувањето за коронавирусот. Во најголем дел од претставките, односно донесените одлуки по тие претставки, станува збор за еднострано, некоректно и сензационалистичко известување, како и за непостоење соодветна дистанца од политичките субјекти за кои што се известува. „ Дел од причините би можеле да ги бараме во стремежот на некои редакции да бидат „први“ во информирањето за определени теми поврзани со кризата, дел во користењето несоодветни извори на информации или, пак, поради недоволната проверка на користените извори на информации и/или селективното користење информации/податоци, а дел е, најверојатно, и поради неможноста новинарите темелно да ги обработат овие теми поради ограничениот пристап до соодветните установи/институции“, вели Марина Тунева директор на Совет за етика во медиумите. Таа вели дека на уредниците им укажуваат дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, а медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните со професионално информирање. „Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање“, рече Тунева.    Автор: Маја Јовановска, новинарка во Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ)   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
Cover Nnvk

Новинарството не е во карантин

Македонскиот институт за медиуми ја покренува иницијативата „Новинарството не е во карантин“ со цел на пошироката јавност да ѝ се претстави како функционираат новинарите и редакциите во време на кризата предизвикана од корона вирусот. Како дел од иницијативата, МИМ во следниот период ќе поддржи и презентира серија содржини за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат новинарите и редакциите при известувањето, за трансформацијата на секојдневните работни рутини со цел да се биде на висина на задачата, како и за трендовите во информирањето за различни општествени сфери во текот на кризата. Иницијативата се спроведува во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада. Медиумските содржини продуцирани во рамки на иницијативата се единствена одговорност на автoрите, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на МИМ, Албани асошиејтс и/или на Британската влада.  
Mjk5

Мирјана Мирчевска Јовановиќ: Пандемијата суштински го промени начинот на известување

Пандемијата со Ковид-19 го промени начинот на комуникација. Новинарството се промени од аспект на начинот на снимање и известување. Во првото видео од серијалот „Новинарството не е во карантин“, Мирјана Мирчевска Јовановиќ од ТВ Канал 5 го објаснува процесот на работа и мерките за заштита во редакцијата за време на пандемијата со коронавирусот.    
Ak

Герила акции – креативно за проблемите

Граѓанските организации постојано бараат нови начини да ги промовираат своите активности. Во изминативе години, организациите кои користеа т.н. „герила“ акции забележаа успех во привлекувањето на вниманието во јавноста. Граѓанските активисти велат дека „герила“ акциите се добар начин да се заинтригира јавноста, да се „освојат“ социјалните мрежи и да се пренесат пораките. Видеото со превод на албански јазик е достапно ТУКА. Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на видеото е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.  
Pravda

Правда, а не милост

Стотици луѓе кои беа осудени во изминатите десетина години сметаат дека се жртви на  полициско - политички монтирани процеси. Осудениците од случаите познати како „Калдрма“, „Детонатор“, „Бачило“, „Метастаза“ и многу други бараат повторно да им се суди со цел да добијат шанса да ја докажат својата вистина и невиност. Тие се приклучија на здружението „Зелена лупа“, предводник на идејата да се донесе законско решение со кое ќе се повторат 30-тина судски случаи. Бараат правда, а не милост.   Видеото со превод на албански јазик е достапно ТУКА. Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на видеото е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.  
Soc

Социјални претпријатија - можност за маргинализираните

Социјалното претприемништво во Македонија ги прави своите пионерски чекори. На почетокот наликуваше на невозможна мисија, но сепак овој концепт за само неколку години се покажа како успешен бизнис модел. Во земјава денес постојат повеќе социјални претпријатија кои ги вработуваат најранливите групи на наши сограѓани. Маргинализираните групи единствено на овој начин можат да станат финансиски независни и да бидат вклучени и на пазарот на трудот и во социјалниот живот. Видеото со превод на албански јазик е достапно ТУКА. Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на видеото е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.  
Izvidnici

Добрината не се мери со пари...

Почнавме и нашата добрина да ја искажуваме во пари. Но, вистинскиот придонес кон нашата заедница, за среќа, сепак се мери колку ние се вложуваме во неа. На крајот, само нашиот личен придонес ја менува реалноста кон подобро за останатите наши сограѓани. Навидум две различни приказни, кои сепак го потврдуваат тоа. Видеото со превод на албански јазик е достапно ТУКА. Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на видеото е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.  
Nez Scena Mk

Независната сцена има цена

Независната културна сцена се повеќе зема замав во исполнување на мисијата за отворање на општествено важни теми. Соочени со низа проблеми на патот кон целта, граѓанските организации за култура и уметност немаат намера лесно да се откажат во промоцијата на алтернативната сцена како пандан на комерцијалната. Оваа видео сторија потврдува дека само со помош на странските фондации културните и уметничките независни работници можат да испливаат на површина, да го изразат својот квалитет и знаење и да влијаат врз општествените процеси. Соговорниците од „Локомотива“, „Таксират“ и МКЦ Битола очекуваат посветли денови за алтернативната културна сцена. Видеото со превод на албански јазик е достапно ТУКА. Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на видеото е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.