Медиумска писменост за демократски ангажирани млади генерации

Се чита за 1 мин.

Ова се некои од клучните поенти кои беа истакнати на конференцијата „Медиумска писменост - поттикнување на учеството на младите во демократските процеси “ што се одржа на 11 мај 2010 година во организација на Македонскиот институт за медиуми, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Европскиот центар за новинарство од Холандија. Настанот е дел од Проектот „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“ што овие три организации го спроведуваат во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование.

Потребата од воведување на медиумската писменост во образовниот систем на развиените земји е веќе препознаена, а во Македонија овој современ концепт прв пат се промовира преку овој Проект, како и преку Прирачникот за изучување на медиумската писменост, истакна Ајше Селмани, заменик-директор на Бирото за развој на образованието. Прирачникот, што беше промовиран на конференцијата, треба да им помогне на наставниците да ги унапредат познавањата на учениците за улогата на медиумите во демократските општества.  Оваа книга засега е достапна на македонски, а наскоро и на албански, турски и српски јазик.

Симоне Филипини, амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија истакна дека родителите се меѓу првите кои кај децата треба да развијат критичност, логика, способност да се разговара за проблемите и да се аргументира.

На конференцијата говореа и Ерилин Мекмејн од Светската асоцијација на весници и новински издавачи, која посочи конкретни примери за тоа како медиумската писменост се имплементира во образованието во различни земји, како и претставници на холандските организации Кениснет и Крант ин де клас, кои објаснија како надлежните институции, невладини организации, медиуми и училишта во Холандија заеднички соработуваат за вклучување на медиумската писменост во целокупната наставна програма во училиштата. 

Наставниците кои говореа на конференцијата го поздравија Проектот и истакнаа дека тој ја поттикнува креативноста и вклученоста на учениците на час.

Зоран Андоновски, главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ и Зоран Ричлиев, експерт за нови медиуми од Медиа принт Македонија, посочија на фактот дека медиумите треба да се адаптираат кон новите информациско-комуникациски технологии, како и кон новите генерации публики кои се повеќе ги напуштаат традиционалните и се насочуваат кон новите медиуми.

          Инаку, во рамки на Проектот ќе бидат обучени 1.200 наставници по македонски, албански, турски и српски јазик од сите основни и средни училишта во  земјава. Сите заинтересирани може да најдат повеќе информации и содржини за медиумската писмнеост и на интернет-страницата www.mediumskapismenost.edu.mk, која е дел од овој проект.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Холандија, преку програмата МАТРА.