Доделување на Годишната медиумска награда на граѓанското општество 2008

Се чита за 2 мин.

На 22 јануари 2009 година (четврток), со почеток во 19:00 часот, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во просториите на ресторанот “Пивница” во Скопје (ул. Максим Горки бр 1 , во непосредна близина на Плоштадот Македонија) ќе ја  одржи церемонијата на доделување на Годишната медиумска награда на граѓанското општество 2008, со која им се оддава признание на медиумите кои, според граѓанските здруженија од Македонија, го дале најголемиот придонес за зајакнувањето и промовирањето на граѓанското општество во Македонија.  

Освен главната награда, се доделуваат и награди во следниве категории:

  • медиум кој дал најголем придонес за промовирање на граѓанскиот сектор на локално ниво,
  • емисија во електронските медиуми или рубрика во печатените медиуми која најмногу придонесува за зајакнувањето и промовирањето на граѓанскиот сектор.

Добитниците на наградите се добиени преку процес на гласање, кој се одвиваше во периодот од 20 октомври до 15 декември 2008 година, а во кој можност за изразување на своето мислење добија сите легално регистрирани здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија.  
  

За подетални информации:

Петрит Сарачини, Проект менаџер, МИМ

(02) 30 90 004 ; saracini@mim.org.mk; www.mim.org.mk 
 

Информации за проектот и наградата 

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ја спроведува оваа иницијатива во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, финансиран од УСАИД, а имплементиран од партнерски конзорциум предводен од Институтот за трајни заедници (ИТЗ), во кој членуваат и МИМ, Конект и Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ).  Мисијата на проектот е да го зголеми граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на политичко и општествено ниво преку проширување и продлабочување на влијанието на граѓанското општество.  

Веќе трета година по ред, добитниците на наградата и признанијата се добиени преку процес на гласање, кој се одвиваше во периодот од 20 октомври до 15 декември 2008 година, а во кој можност за изразување на своето мислење добија сите легално регистрирани здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија. Наградите се во форма на сертификат (диплома) кој им се доделува на добитниците.  
 

Претходни добитници на Годишната медиумска награда на граѓанското општество 

2006

А1 телевизија беше добитник на Годишната медиумска награда на граѓанското општество во 2006 година. Посебни признанија им беа доделени на Сител телевизија за промовирањето на граѓанскиот сектор во утринската програма, на Утрински весник за опширниот и аналитичкиот пристап во третирањето на граѓанските теми, и на МРТВ, за континуираното следење и информирање на јавноста за граѓанските активности.  
 

2007

Телевизијата Канал 5 беше добитник на Годишната медиумска награда на граѓанското општество во 2007 година. Признанија во другите категории им беа доделени на Утрински весник, како медиум кој дал најголем придонес за промовирање на граѓанскиот сектор на национално ниво; неделникот Монитор, како медиум кој дал најголем придонес за промовирање на граѓанскиот сектор на локално ниво; утринската емисија “Рано ден” на А1 телевизија,  добитник на признанието во категоријата програмски појас или емисија во електронските медиуми која најмногу придонесува за зајакнувањето и промовирањето на граѓанскиот сектор; и колумните на дневниот весник “Дневник”, добитник на признанието во категоријата рубрика во печатените медиуми која најмногу придонесува за зајакнувањето и промовирањето на граѓанскиот сектор.