Експертите оптимисти за одржливоста на онлајн медиумите во Македонија

Се чита за 1 мин.

На денешната тркалезна маса во Скопје посветена на состојбите со онлајн медиумите во Македонија, Македонскиот институт за медиуми го претстави  истражувањето за состојбите во оваа сфера , кое ги опфаќа аспектите на содржината, ресурсите, публиката и финансиската одржливост на онлајн изданијата во земјава. Во вториот дел на средбата истакнати уредници, професионалци и експерти од новинарството, маркетинг агенциите и организации кои го мерат однесувањето на публиката ги изнесоа своите видувања и  дискутираа за клучните предизвици за онлајн медиумите во однос на подобрување на содржината, привлекувањето и задржувањето на публиката и зајакнување на маркетингот онлајн.

Општ заклучок од тркалезната маса е дека сите страни во овој процес треба да ги подобрат своите перформанси: медиумите да ги зајакнат своите онлајн оддели и да понудат квалитетна и оригинална  содржина која е интересна за интернет публиката; маркетинг агенциите да ги зајакнат напорите за анимирање на бизнис заедницата за искористување на предностите на Интернетот и на растечката публика во функција на маркетингот; а пак речиси сите се согласија дека бизнис заедницата се уште не ги разбира овие предности, и дека треба да се работи многу на нејзина едукација за да се зголеми приливот на средства кон редакциите, што ќе резултира со финансиски поодржливи медиуми, кои на тој начин ќе ги добијат финансиските ресурси за да можат да понудат квалитетни содржини.
Сите учесници се свесни дека овој процес нема да запре, туку, напротив, ќе се интензивира, особено во наредните 5-10 години. Тука и го темелат нивниот оптимизам за одржливоста на онлајн медиумите, кои ќе стануваат се позначајни на пазарот на информации.

Овој настан е дел од проектот за зајакнување на онлајн медиумите и онлајн новинарството во Македонија  кој го спроведува МИМ годинава, и вклучува активности насочени кон подобрување на уредувачките, организациските  и техничките аспекти во онлајн медиумите. Освен оваа средба, во рамките на проектот се спроведоа три обуки со истакнати странски експерти, една полудневна работилница за светските трендови во онлајн медиумите, како и обемно истражување на состојбите со онлајн новинарството и онлајн медиумите во Македонија. Проектот се реализира со поддршка од Балканскиот фонд за демократија (БТД), Европскиот центар за новинарство и норвешката фондација Фрит Орд.