Доделени наградите за „Најдобра истражувачка сторија на годината 2009“

Се чита за 1 мин.

Новинарот Петре Димитров е добитник на првата награда на конкурсот за избор на „Најдобра истражувачка сторија на годината- 2009“, што Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста годинава ја доделуваат по деветти пат. Димитров ја добива наградата за серијалот текстови објавени во неделникот Форум,  со кои ја  истражува денационализацијата во Македонија. Жири-комисијата и ја додели втората награда на сторијата „Сопот“ на авторот Шкелзен Аќифи, која беше објавена во повеќе продолженија на ТВ Алсат-М, а третата награда ја доби серијалот „Македонска енциклопедија“ на новинарката Евис Халили од дневниот весник Коха. Годинава на конкурсот се пријавија 44 автори со околу 70 истражувачки стории, кај кои жирито констатираше подобрување на професионалните и на етичките стандарди.

Поради големиот избор добри приказни што пристигнаа годинава на конкурсот, беа  доделени и три пофалници за исклучителна новинарска ангажираност и тоа на истражувачкиот проект „Код“ за досието „Даравелски“, на Александра Филиповска за „Набавките на МВР преку Линк Медија“ објавена во весникот Дневник и на нејзиниот колега од истиот медиум Александар Манасиев за сторијата „Набавка на противпожарни авиони“.

Одлуката за наградените приказни и автори ја донесе жири комисијата во состав Мирче Адамчевски, издавач на магазинот Порта 3 и претседател на УО на МИМ, Зоран Бојаровски, уредник во ТВ Алфа, Даниела Каневче, главен уредник на Првиот програмски сервис во Македонското радио, Сефер Тахири, уредник во ТВ Алсат-М и Весна Никодиноска, раководител на програми во МИМ.

Како дел од својата мисија за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава, МИМ и Високата школа за новинарство самостојно ја стипендираат наградата која треба да биде охрабрување за новинарите и редакциите и во иднина да се посветат на истражувачки теми.
Медиумската поддршка за конкурсот ја овозможија дневните весници Дневник, Утрински весник, Нова Македонија, Време, Коха и Лајм.