Новости

Povik Nm

Повик за доставување предлог-проекти: Поддршка на граѓанските организации за медиумска и информациска писменост и медиумски активизам

Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доставување предлог-проекти чија цел е подобрување на капацитетите на граѓанските организации во урбани и рурални средини за промовирање на медиумски активизам и справување со дезинформации и поларизација. Овој повик е дел од регионалниот проект „Нашите медиуми “, што се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, со поддршка од Европската Унија. Повикот е отворен за граѓански организации во Р.С. Македонија кои првенствено делуваат во областа на медиумите, слободата на изразување или дигитални технологии, како и во областа на образованието, човековите права или родовата еднаквост. Повикот е отворен и за поединечни апликанти и за предлози за партнерски проекти на развиени граѓански организации со седиште во урбаните средини (во поголемите центри и во главните градови) и на локалните „грасрут” организации коишто функционираат во помалите заедници и во руралните области. Предност ќе им се даде на партнерствата. Вкупниот буџет предвиден за овој повик изнесува 46.500 евра. Бараниот грант треба да биде во износ помеѓу најмалку 7.000 и најмногу 15.500 евра. Не е неопходно ко-финансирање од страна на апликантот (или од кои било ко-апликанти). Времетраењето на проектот треба да биде од 9 до 18 месеци. Партнерства склучени помеѓу организации од различни држави нема да се земат предвид во овој повик. Поединечна граѓанска организација може да се пријави како апликант само еднаш, а може да дејствува како ко-апликант во други проекти од овој повик. Рокот за доставување на предлог-проекти е 21.02.2024 до 23:59часот. Апликациите треба да се поднесат по електронски пат на следнава адреса: grantovi@mim.org.mk Сите прашања во врска со повикот треба да се испратат исклучиво преку е-пошта на: grantovi@mim.org.mk, најдоцна до 16.02.2024 година, до 17:00 часот. Информативна сесија ќе се одржи онлајн на 26.01.2024 во 14 часот. На следниот линк може да се регистрирате за присуство на информативната сесија: https://us06web.zoom.us/meeting/register/tZEudeutrjMuHtE9olD4s0N14_RUEf-bazAi Формуларите за аплицирање се достапни во продолжение: 1.Опис на проектот.docx88.73 KB2.Буџет.xlsx69.81 KB3.Изјава од апликантот.docx18.59 KB4.Овластување од ко-апликантот.docx18.04 KB5.Упатство за аплицирање.docx160.89 KBОбрнете внимание на листата за проверка во образецот за опис на проектот за други потребни документи што треба да ги достави апликантот или секој од ко-апликантите. Следните документи се од информативна природа и не треба да се поднесуваат како дел од апликацијата:6.Нацрт-договор.docx84.97 KB7.Нацрт-формулар_за_известување.docx74.06 KB8.Нацрт-формулар_за_финансиски_извештај.xlsx86.86 KB Прашања и одговори поврзани со овој повик ќе бидат редовно објавувани овде (линк). ВИДЕО: Информативна сесија
Sp 5 Web

Организирана студиска посета за новинари во Виена

Новинари од повеќе национални медиуми во земјава беа дел од студиската посета во Виена, организирана од Делегацијата на ЕУ и МИМ во периодот од 21 до 23 ноември. Посетата беше организирана во контекст на македонското претседавање со ОБСЕ со цел подобро запознавање на новинарите со аспекти од соработката помеѓу ЕУ и ОБСЕ, вклучително и за теми поврзани со активностите на ОБСЕ за слободата на медиумите, ширењето дезинформации како безбедносна закана, манипулацијата со информации, елементите на надворешни влијанија во регионот и хибридните закани. Се разговараше и за очекувањата од претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје и ефектите од одлуките што треба да бидат донесени, како и за низа актуелни прашања поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја. Новинарите имаа можност да се сретнат и да разговараат со релевантни претставници на повеќе владини, меѓувладини и меѓународни медиумски организации со седиште во Виена. Исклучително корисни и продуктивни дискусии се водеа на средбите со амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите и шефот на Постојаната мисија на С. Македонија во ОБСЕ, Игор Џундев и неговиот тим. Во разговор со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шалемберг и други високи претставници на Министерството беше потенцирана важноста од исполнување на договорените обврски на земјава со цел успешно продолжување на евроинтегративниот процес, а се разговараше и за други актуелни прашања во доменот на регионалната и меѓународната политика. Тимот новинари од С. Македонија имаше средба и со Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Тереза Рибеиро, која беше информирана околу актуелните случувања што ги нарушуваат принципите на слободата на медиумите во земјава, како и за предизвиците со кои се соочува секторот. На средбата со Меѓународниот прес-институт (International Press Institute-IPI), директорот Фране Мароевиќ и неговиот тим ги запознаа новинарите со нивните активности во регионот и пошироко, како и за помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци. Посетата на Јавниот сервис на Австрија - ОРФ, беше одлична можност новинарите да се запознаат со стандардите и условите за работа во оваа куќа, која е водечки медиум и високо релевантен извор на информации за австриските граѓани.
Media Dialogue MK Web

Виртуелен дијалог со медиумите за известување за имунизација на повозрасната популација

Улогата на новинарите и медиумите во информирањето на повозрасните лица за придобивките од имунизацијата е една од темите на виртуелниот дијалог со медиумите, што го организира Интерњуз (Internews) во соработка со МИМ, на 14 ноември (вторник) 2023 од 15 до 16:30 часот. На оваа онлајн-дискусија ќе учествуваат експерти од областа, здравствени работници и искусни новинари, кои ќе разговараат за подобрување на квалитетот на медиумското известување во однос на имунизацијата на повозрасните лица, со цел тие да можат да донесат вистинска и информирана одлука за вакцинација. Исто така, ќе се отворат и прашањата за сомнежите и стравовите поврзани со вакцинацијата на повозрасните лица кои имаат срцева или белодробна болест, или, пак, дијабетес. Виртуелниот дијалог со медиумите ќе се одржи на платформата „ZOOM“ и сите заинтересирани новинари може да се пријават за учество на следниот линк: https://bit.ly/Macedonia-Media-Dialogue Со цел да им помогне на новинарите подобро да известуваат за имунизацијата на населението, Интерњуз разви бесплатен курс Let’s Talk Vaccines („Ајде да зборуваме за вакцини“), којшто моментално е достапен на 10 јазици.Курсот им овозможува на новинарите да го разберат и да го преведат научниот јазик за вакцините и полесно да ги обработат приказните за вакцини и да ги „исполираат“ своите раскажувачки вештини кога станува збор за оваа тема. Сите заинтересирани новинари може да го посетат курсот на следниот линк: https://internews.teachable.com/p/ltv  
Hand Holding Tv

НЕ за владини кампањи во медиумите и злоупотреба на ЕУ знамето во Собранието

Ние, професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор категорично им се спротивставуваме на скорешните обиди за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите. Нашата позиција доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија. Одлуката, сметаме, дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и, како таква, ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење. Истовремено, изразуваме загриженост за начинот на кој е злоупотребена собраниската процедура за да се усвојат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) по скратена постапка. Употребата на инструментот „Европско знаменце“ е, сметаме, недозволива во овој случај, бидејќи предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската Унија. Конкретно, сметаме дека одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка  е вон-стандардна постапка која има цел да ги задоволи  барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи. Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, а одредбите што во него се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението доставено до Собранието. Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ. Предупредуваме дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во  Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување. Со предложениот систем на распределба на јавните пари се воведува системска корупција во приватниот медиумски сектор, а наместо квалитетни вести и нова продукција на домашни содржини, граѓаните (за сопствените пари) ќе добиваат реклами на државните институции.   За враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава, нагласувајќи дека: „државните рекламни кампањи носат со себе големи ризици за нарушување на уредувачката независност“. Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа. Уште еднаш како и многупати последниве 15 години, нагласуваме дека е избран единствениот неефикасен и неприфатлив начин за подобрување на состојбата во медиумската сфера, и потенцираме дека за подобрување на состојбата во медиумите потребно е низ сеопфатна дебата да се изнајде начин за помош на медиумите насочен единствено преку поддршка на програмската продукција и на социо-економската положба на новинарите и медиумските работници. Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ) Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС) Институт за комуникациски студии (ИКС) Центар за развој на медиумите (ЦРМ)
Glassroom 2

Отворена изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“

Во следните два месеци во „Europe House“ Скопје, сите заинтересирани посетители ќе може да ја погледнат мултимедијалната изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет - стапица за вашите лични податоци“. Изложбата се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет. На отворањето на изложбата, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, истакна дека е многу важно корисниците да бидат свесни како ги споделуваат своите податоци онлајн и додека ги користат дигиталните уреди. „Пораката не е дека не треба да ги користиме дигиталните уреди, туку како да бидеме свесни дека треба попаметно да ги користиме“, посочи амбасадорот Гир. Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел - да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн. Посетителите на изложбата ќе можат да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како  нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци. Изложбата ја организираат Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.
Raz Isk 1

Размена на знаење меѓу млади новинари од Македонија и Албанија

Во соработка со Албанскиот институт за медиуми од Тирана, во текот на септември и октомври организиравме програма за размена на знаење меѓу млади новинари и студенти по новинарство од Албанија и Македонија. Во програмата, што се одржа во Тирана, од 18 до 21 септември и во Скопје од 16 до 19 октомври, беа вклучени дваесетина млади новинари од двете земји кои заеднички истражуваа и обработуваа теми поврзани со говорот на омраза, наративите што поттикнуваат поделби и портретирањето на различностите во медиумите. Новинарите од Албанија во Скопје ги посетија и редакциите на јавниот сервис Македонска радиотелевизија и дневниот весник Коха, каде што разговара со искусни новинари и уредници околу предизвиците со кои се среќаваат во секојдневното работење низ призма на инклузивноста и различностите во новинарското известување. Оваа активност  е поддржана преку Регионалната иницијатива на Обединетите Нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни дискусии, да го зајакнат меѓукултурниот дијалог, инклузијата, родовата еднаквост и да создаваат меѓусебно разбирање и доверба во регионот. Иницијативата се спроведува во соработка со УНЕСКО, Албанскиот институт за медиуми и Македонскиот институт за медиуми.
Povik Za Novinari

Повик за учество на работилница за известување на теми поврзани со климатските промени и животната средина

Како да известувате на теми поврзани со климатските промени и животната средина? Како да ги претставите податоците на разбирлив и атрактивен начин за да можете да ја заинтересирате публиката? Што се дезинформации за климата и како да направите проверка на фактите во врска со климатските промени? Какви се глобалните климатски политики наспроти локалната перспектива за климатските промени? Ова се некои од темите за кои ќе зборуваме на работилницата што ќе се одржи во Скопје на 31 октомври и 1 ноември 2023 година. Повикот е отворен за новинари од целата држава. Работилницата ќе ја водат проф. д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и Александар Манасиев, долгогодишен новинар и уредник. Новинарите-учесници на работилницата ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка при изработка на новинарски стории на теми од животната средина и климатските промени. Сите заинтересирани за учество на работилницата можат да аплицираат најдоцна до 25 октомври 2023, со пополнување на формуларот за учество:
Povik Ucilista

ПОВИК за основање новинарски клубови во средни и основни училишта

Младинскиот образовен форум (МОФ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавуваат повик за основање новинарски клубови (секции) во основните и во средните училишта од државава. Новинарските клубови се реализираат во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.  Опис на активностите Новинарските клубови треба да вклучуваат  едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Новинарските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од декември 2023 година до мај 2024 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат однапред подготвена програма, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на новинарските клубови. Програмата ќе ги опфати следните теми:  Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика) Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју) Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини) Дезинформации, погрешни информации и штетни информации Проверка на информациите и фото-форензика Нови медиуми Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи. На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на новинарските клубови од основните и од средните училишта. Услови за аплицирање На повикот може да аплицираат наставници од средните и од основните училишта, кои ќе ги водат новинарските клубови. Тие треба да поднесат формална апликација, со одобрување од училиштето од кое доаѓаат. Апликацијата треба да содржи: – Информации за училиштето и наставникот; – Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате новинарски клуб во вашето училиште; – Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области. Рокот за аплицирање е до 23.10.2023 (понеделник) до 23:59 часот. Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на мејл-адресата mila_ristanovska@mof.org.mk со назнака: Апликација за основање новинарски клуб – Име на училиштето.  На повикот ќе бидат избрани десет средни и десет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање новинарски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 27 октомври 2023 година. Пред почеток на работата на новинарските клубови, МОФ и МИМ ќе организираат обука за наставниците кои ќе раководат со нив.  За сите дополнителни информации и прашања, може да се обратите на Мила Ристановска, на следната маил-адреса: mila_ristanovska@mof.org.mk.
Cov 1

Промовирана Рамката за вклучување на медиумска писменост во основното образование

ИРЕКС, Бирото за развој на образованието и Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, ја промовираа Рамката за медиумска писменост во основното образование. Документот ги содржи наставните програми за одделни предмети од 1 до 9 одделение во кои медиумската писменост е вклучена како посебна тема со дефинирани резултати од учењето, содржини и стандарди за оценување. Од 2020 година медиумската писменост е дел од наставните програми во наставниот предмет мајчин јазик, а преку разни стандарди и активности, е вклучена и во другите предмети во сите одделенија во основното образование. Целта на овие новини е да се поттикнува и развива критичкото мислење кај учениците преку нови наставни методи кои вклучуваат користење и создавање медиумски содржини. „Од денес имаме конкретна рамка за медиумска писменост во основното образование и посакувам успешна имплементација и постигнување на целите кои таа ги дефинира. Претходно имавме подготвено прирачник за медиумска писменост за родители и старатели, како и речник за медиумска писменост. Како што расте предизвикот да се препознаваат и селектираат точни информации, така ние сме се повеќе и подобро подготвени за да одговориме и да се справиме со лажните информации“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Тој нагласи дека во процесот на вклучување на медиумската писменост во основното образование клучна улога имаат наставниците на кои им се потребни насоки и материјали за успешно да можат да ги пренесат овие содржини на учениците. Директорката на канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин, рече дека американската влада инвестира во унапредување на медиумската писменост затоа што критичкото мислење е суштинско за создавање информирано и ангажирано општество и за зајакнување на демократијата.   „Живееме во време кога има премногу информации, а погрешните и штетните информации коишто циркулираат онлајн и на традиционалните медиуми можат штетно да влијаат врз нашите одлуки во реалноста. Можат да влијаат врз одлуките за тоа која храна ќе ја консумираме, кои лекарства ќе ги користиме или за кој политичар ќе гласаме“, истакна Кармин. Рамката за медиумска писменост во основното образование ја презентираше професорката Виолета Петроска-Бешка, која беше дел од работната група од БРО, ИРЕКС и МИМ за подготовка на овој документ. „Со вклучување на медиумската писменост во образованието, учениците се оспособуваат критички да размислуваат, паметно да ги користат информациите, да креираат содржини на одговорен начин, да ја препознаваат улогата на медиумите во сопствената култура“, посочи Петроска-Бешка. Притоа, и самите наставници треба да бидат медиумски писмени, за што им е потребна обука во текот на нивното образование, но и како дел од нивниот професионален развој, истакна таа. Во рамки на настанот беше организирана панел-дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование - искуства и предизвици“ на која наставници вклучени во проектот како обучувачи, зборуваа за искуствата и предизвиците со кои се соочуваат кога предаваат теми поврзани со медиумската писменост. ИРЕКС и МИМ во соработка со Бирото за развој на образованието и со Министерството за образование и наука од септември 2023 година спроведуваат обуки за медиумска писменост наменети за сите одделенски наставници и за наставниците по мајчин јазик од 6 до 9 одделение од целата држава. Наскоро ќе бидат објавени и прирачници кои се однесуваат на наставната програма од 1 до 5 одделение. Настанот беше организиран во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, со соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Рамка за медиумска писменост во основното образование423.18 KBKornizë për edukim mediatik në arsimin fillor_ALB419.63 KB