Јавна дебата за правата и одговорностите при комуницирањето на интернет

Се чита за 2 мин.

Новинари, уредници, сопственици на онлајн медиуми, правници, медиумски експерти, претставници на државни институции, граѓански организации, како и на судската власта, учествуваа на јавната дебата посветена на правата и одговорностите при комуницирањето на интернет, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На дебатата се дискутираа повеќе теми поврзани со функционалноста на медиумскиот пазар во онлајн-сферата, политичките влијанија врз медиумите, примената и функционалноста на легислативата и улогата на саморегулаторните механизми.

На настанот беше претставена анализата за институционалната и за правната рамка во која функционираат онлајн-медиумите во земјава. Петрит Сарачини, раководител на истражувањето, истакна дека иако интернет-медиумите не се опфатени со Законот за медиуми, сепак не се точни тврдењата дека во земјата не постои легислатива која се однесува на интернет-сферата. Според него, анализата покажува дека постојат повеќе општи закони која ја опфаќаат j.d3комуникацијата на интернет, како и многу други аспекти на дејствувањето на интернет. „Тоа се законите кои ги допираат човековите права, слободата на изразување, криминалот на интернет, комерцијалното однесување, авторските права, заштита на приватноста итн.“ – истакна Сарачини.

Адвокатот Лазар Сандев, се осврна на правната рамка за функционирање на интернет-медиумите, како и на искуствата од примената на законите кои се однесуваат на онлајн-сферата. Тој посочи дека Кривичниот законик не се применува целосно кога станува збор за интернет-комуникацијата, бидејќи се уште нема случаи на преземени дејствија од страна на овластени државни органи, и покрај тоа што се забележува сè поголемо присуство на говор на омраза на интернет. Исто така, Сандев истакна дека не постои случај на судска постапка поради прекршувања на одредени права кои се загарантирани со Законот за заштита од дискриминација.

Во своето излагање, Андреј Петровски, претставник „SHARE“ Фондација од Белград, ги сподели регионални искуства во однос на регулацијата на онлајн-медиумите и улогата на саморегулаторните механизми. Петровски истакна дека во Србија постои Закон за јавно информирање кој ги опфаќа и интернет-изданијата, како и централен регистар на медиуми во кој доброволно се запишуваат субјектите кои сакаат да бидат медиуми. „Правото на избор останува на самиот медиум, да одлучи дали ќе биде запишан во тој регистар, или не. Но, тоа не значи дека одреден j.d4субјект нема право да врши медиумска дејност доколку не е запишан во регистарот. Меѓутоа, со запишувањето во регистарот медиумот прифаќа одредени обврски, но и добива одредени права и поволности“ – вели Петровски.

Зоран Ричлиев од БИРН Македонија, се фокусираше на најчестите недоразбирања кога станува збор за онлајн-медиумите во Македонија. Меѓудругото, тој се осврна на принципите на фер употреба и споделување на интернет содржини, односно на погрешната перцепција дека сè што е бесплатно понудено на интернет може да се преземе. „Медиумот кога објавува бесплатна содржина на интернет, тој ја објавува за читање, за гледање, за публиката. Медиумот не објавува информацијата за друг медиум да ја преземе и да ја објави како своја“ – истакна Ричлиев. Во продолжение, тој посочи дека меѓусебното преземање на содржини од страна интернет-медиумите треба да се заснова на принципите на фер употреба, кои што се практикуваат во земјите со развиена медиумска култура.

Јавната дебата се организираше како дел од проектот „Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирањето на интернет“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми, со делумна финансиска поддршка од Амбасадата на САД.

Анализата за правата и одговорностите при комуницирањето на интернет може да ја преземете на македонски и албански јазик на следниот линк.