Дебата за медиумите и изборите

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста организираат дебата посветена на медиумите и регулативата за следење на изборните активности. Дебатата ќе се одржи на 10 февруари 2009 (вторник) во хотелот “Холидеј ин” во Скопје, од 10 до 12:30 часот. Цел на овој настан е да иницира дијалог помеѓу сите релевантни фактори во општеството во насока на соодветно разбирање и примена на изборната регулатива за работата на средствата за јавно информирање во периодот пред и за време на кампањата за претстојните избори. 

 

Воведничари во дебатата ќе бидат професорката Весна Шопар, претседателот на Советот за радиодифузија Зоран Стефаноски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Роберт Поповски, членот на ДИК Бедредин Ибрахими, и главниот и одговорен уредник на А1 телевизија Младен Чадиковски.  

Учесници во дебатата ќе бидат главни уредници и директори на релевантните национални и локални електронски и печатени медиуми, надлежните министерства, пратеници од парламентарните групи во Собранието на Република Македонија, медиумски експерти и универзитетски професори со експертиза од областа на комуниколошките науки и изборната регулатива.