Партнерство за развој на медиумите на Југоисточна Европа

Се чита за 1 мин.

Осум медиумски организации, членки на Мрежата за професионализација на медиумите на Југоисточна Европа започнаа со спроведување на проектот „Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите“, чија цел е поддршка на развојот на независни и отчетни медиуми во земјите од Западен Балкан.

Со проектот ќе раководи Центарот за независно новинарство од Романија, а ќе го имплементира конзорциум од медиумски организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Бугарија. Во него ќе бидат вклучени и медиумски професионалци од Косово и Турција.

Активностите на проектот се фокусирани на oспособување на медиумските организации за унапредување на работните услови и образовното ниво на новинарите, проширување на знаењата и вештините, како и подобрување на нивниот однос кон застапувањето и медиумската писменост. Проектот, исто така, има цел да информира и да поттикнува јавни дебати за слободата на изразувањето и слободата на медиумите, како и да обезбедува поддршка од засегнатите страни и граѓаните за реформските процеси во медиумската сфера.

Проектот адресира три главни теми, и тоа: работните услови за новинарите, медиумското образование на новинарите и на јавноста, и слободата на изразување.

„Како што се развива медиумското опкружување  и се менуваат бизнис моделите, се чини дека ситуацијата со работните услови е еден од најчувствителните и најтешките проблеми. Партнерството е насоченокон вклучување на нови засегнати страни во јавната дебата во врска со слободата и независноста на медиумите и создавање синергии помеѓу медиумските организации и овие чинители (синдикати, групи за слободата на изразување, наставници, родители, преставници на државни институции итн.)“, вели Јоана Авадани, извршен директор на Центарот за независно новинарство и координатор на проектот  „Партнерството за развој на медиумите на Југоисточна Европа “.

Проектните активности вклучуваат: истражување чија цел е да се идентификуваат клучните проблеми што треба да се решат во секоја ИПА земја; обуки кои ќе понудат адекватно знаења и вештини со цел учесниците да се вклучат во понатамошните активности за застапување; анализа, споредба и хомогенизација на активностите меѓу 5-те ИПА земји кои се вклучени во проектот.  Како резултат на активностите, ќе бидат подготвени и издадени публикации со препораки за идни политики, а ќе бидат преземени и повеќе активности поврзани со застапување во Брисел, со цел да се издигнат горливите теми на европско ниво. 

Проектот е ко-финансиран од страна на Европската комисија, преку Програмата за поддршка на граѓанското општество, слободата на медиумите и отчетноста.

Во Партнерството на Југоисточна Европа за развој на медиумите членуваат следните медиумски организации: Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар за развој на медиуми и граѓанско општество (БиХ), Медиумски иницијативи - Здружение за развој на медиуми и промоција на професионално новинарство (БиХ), Македонскиот институт за медиуми, Црногорскиот институт за медиуми, Фондацијата Медиа Центар (Србија), Центарот за медиуми и реформи од Ниш (Србија) и Центарот за развој на медиуми (Бугарија).

Partners Logos

 

 

 

 

Овој документ е произведен со финансиска поддршка на Европската Унија. За неговата содржина единствено одговорен е Центарот за независно новинарство, и тој на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.