Заедничка изјава на медиумските организации за инцидентот во Собрание

Се чита за 1 мин.

На 24 декември 2012 година, новинарите задолжени за известување за работата на Собранието на Република Македонија беа насилно протерани од галеријата и беа спречени да ја следат и да известуваат за парламентарната седница на која се расправаше за усвојување на државниот буџет за 2013 година. Овој настан (документиран на многу фотографии и видео материјали) претставува брутално прекршување на правото на новинарите да известуваат за прашања од јавен интерес.

Имајќи во предвид дека буџетот предизвика широка и жестока политичка дебата, но и тензии внатре во зградата на парламентот и надвор од неа, сметаме дека однесувањето на собраниското обезбедување претставуваше чин на цензура на протокот на информации до граѓаните.
Би сакале да нагласиме дека насилното отстранување на новинарите од Собранието беше спротивно на Деловникот на Собранието на Република Македонија. Парламентарната седница на која требаше да биде усвоен буџетот беше отворена за јавноста, бидејќи Собранието не одлучи поинаку - да работи без присуство на јавноста (член 2, 225, 227 од Деловникот на Собранието на Република Македонија). Понатаму, одлуката за затворање на парламентарната седница за новинарите е во спротивност на Уставот на Република Македонија, каде што членот 70 предвидува дека "Седниците на Собранието се отворени за јавноста. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници". Овие постапки не беа почитувани во споменатиот случај, ниту пак, новинарите беа информирани зошто беа спречени да ја следат парламентарната седница.
Овој насилен чин, исто така е во спротивност со член 16 од Уставот кој ја гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации, а ја забранува цензурата. Прекршени се и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и членот 19 од Универзалната декларација за човекови права, документи кои се ратификувани од македонскиот парламент со што станаа дел од домашното законодавство.
Уште еднаш сакаме да истакнеме дека вистинските капацитети на демократијата во една земја се мерат преку статусот и безбедноста на новинарите. Информациите кои се важни за јавноста може да бидат пренесени професионално само од новинари кои не се заплашени, ниту обесхрабрени од една одлука да бидат исфрлени или спречени да ја извршуваат нивната работа. Нападот врз новинарите претставува напад врз демократијата. Без слободно новинарство јавноста останува глува, нема и немоќна да реагира на злоупотребата на моќта.
Од овие причини апелираме до сите меѓународни институции и организации посветени на заштита и унапредување на професионалното и слободно новинарство, да реагираат и да бараат одговор и одговорност од институциите кои дозволија да се случи ова срамно дело против новинарите.
Ве молиме погледнете го видео материјалот кој сведочи за настаните во Собранието на Република Македонија на 24 декември 2012 година:

http://www.youtube.com/watch?v=SgtQj3AOUSI&feature=youtu.be
http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=-oTqWdXmZJc

Mедиумските организации:

Здружение на новинарите на Македонија
Самостоeн синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија
Македонски институт за медиуми
Центар за развој на медиуми
Центар за граѓански комуникации
Цивил - Центар за слобода
Медиуми разновидност Македонија
НВО Инфоцентар