Уредници од Македонија на студиска посета во Словенија

Се чита за 0 мин.

Главни уредници од повеќе влијателните медиуми од земјава, како и претставници на институции од медиумската сфера, беа дел од студиската посета на Словенија, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми на 5 и 6 ноември 2012 година.

Учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со медиумскиот амбиент во Словенија и да разменат искуства со своите колеги од влијателните медиумски куќи и институции со надлежности во медиумската област. Во рамки на програмата беа остварени средби со менаџерскиот кадар на медиумската компанија „ПроПлус“ во чија сопственост е Поп ТВ, една од најпопуларните телевизии, и со директорот на водечкиот весник“Дневник“. Групата се сретна и со претседателот на Антикорупциската комисија на Словенија, а  ги посетија и Јавниот сервис РТВ Словенија, Агенцијата за поштенски и електронски комуникации,  Здружението на  новинарите  и Синдикатот на новинари, како и еден од најпопуларните неделници “Младина“.

На средбите се дискутираше и за програмските и бизнис стратегиите на медиумите, механизмите за регулација на аудиовизуелните сервиси, како и за организираноста на новинарската фела во Словенија.

Студиската посета беше организирана со поддршка на Амбасадата на Германија преку Пактот за стабилност.