Новинари од Македонија учествуваа на семинарот “Фокусирање на институциите на ЕУ лоцирани во Луксембург“

Се чита за 0 мин.

Група од 4 новинари од национални и локални медиуми од земјава учествуваа на семинарот “Фокусирање на институциите на ЕУ лоцирани во Луксембург“, што се одржа од 21 до 28 јуни, во Скопје и Луксембург. Семинарот, што по трет пат го организираат Македонскиот институт за медиуми и Европскиот центар за новинарство, има за цел да придонесе кон подобрување на квалитетот на новинарското известување за европските прашања преку подобро запознавање со институциите на ЕУ и процесот на одлучување.

Во првиот дел од семинарот што се одржа во Скопје, учесниците остварија средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, г. Аиво Орав, и имаа можност да проследат излагања на неколку домашни експерти, како и на претставници од државни и меѓународни институции во земјата. Предавањата беа главно фокусирани на напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес, запознавање со правните и финансиските институции на ЕУ, медиумското покривање на прашањата поврзани со ЕУ, како и на економските и политичките аспекти од процесот на приближување кон Европската унија.

Вториот дел од семинарот продолжи со посета на институции на ЕУ лоцирани во Луксембург, како што се Европскиот суд на правдата, Европската инвестициона банка и Еуростат.

Програмата се реализира со поддршка на Министерството за надворешни работи на Луксембург.