Во Струмица отворена мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

Се чита за 0 мин.

„Европска куќа“ – Струмица во следните два месеца ќе биде домаќин на мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата се состои од серија постери, интерактивни апликации и анимации коишто им овозможуваат на посетителите да го преиспитаат нивниот однос со дигиталните технологии и да се соочат со предизвиците и опасностите што постојат во онлајн светот.

На отворањето на изложбата, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Александар Меламед посочи дека изложбата ни овозможува да видиме како се создаваат дезинформации и како одредени корисници се вклучуваат во ширење злонамерна или непроверена содржина на интернет. „Изложбата се осврнува и на приватноста и открива модели на тргување и манипулација со нашите сопствени податоци и различни видови дигитални отпечатоци што ги оставаме зад нас како корисници на интернет“, додаде Меламед.

iz str web 2

„Со својот уникатен пристап изложбата на крајот ќе ни помогне да разбереме дека нашата дигитална и онлајн средина оди многу подалеку од нејзините технолошки граници и дефиниции. Како што ќе видите, тоа е прилично сложено и политичко прашање што ги обликува нашите секојдневни рутини, начини на размислување и разбирање на нашите општества“, истакна Меламед.

„Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“ во земјава ја организираат Македонскиот институт за медиуми и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со организацијата Тактикал Тек (Tactical Tech) од Берлин, којашто го осмисли концептот и дизајнот на изложбата. Досега изложбата беше поставена во „Европска Куќа“ во Скопје и во Крива Паланка.